Анализи

Новинарите – први жртви на придонесите за хонорари

Додека сè уште не се одвоени првите 35 отсто од еден хонорар за придонеси во новата 2015 година, а и не е исплатен ниту еден хонорар според новите измени на законите, дел од медиумите во земјава изнаоѓаат начини да се ослободат од обврската на сметка на новинарите-хонорарци.

Наместо дополнителните давачки кон државата да ги плаќаат фирмите, оние кои имаат две или повеќе регистрирани фирми им нудат на хонорарците повеќе договори под минималната плата и на тој начин ги присилуваат самите да ги платат придонесите | Фото: clasesdeperiodismo / Foter / CC BY-SA

Наместо дополнителните давачки кон државата да ги плаќаат фирмите, оние кои имаат две или повеќе регистрирани фирми им нудат на хонорарците повеќе договори под минималната плата и на тој начин ги присилуваат самите да ги платат придонесите | Фото: clasesdeperiodismo / Foter / CC BY-SA

Нецела седмица откако стапија во сила законите кои налагаат да се наплаќаат придонеси на хонорарите, во дел од медиумите веќе се чувствуваат ефектите на измените. Наместо дополнителните давачки кон државата да ги плаќаат фирмите, оние кои имаат две или повеќе регистрирани фирми им нудат на хонорарците повеќе договори под минималната плата и на тој начин ги присилуваат самите да ги платат придонесите и да ги пријават договорите на дело или авторските договори во Фондот за ПИОМ.

Бојан Шашевски, донеодамна хонорарен соработник во дневен весник, каде што работел веќе пет години, вели дека најнапред го повикале на разговор во секторот за човечки ресурси на компанијата и му понудиле два договора, едниот на 8.500 денари, а другиот на 2.500 денари. „Двата заедно правеа 11.000 денари колку што и ми беше хонорарот претходно. Во првиот договор договорна страна беше еден медиум, а во вториот друг, но и двата со ист сопственик“, вели тој.

Ако ги прифател договорите кои му ги понудиле, Бојан ќе морал сам да ги плати придонесите од оние вкупно 11.000 кои ги зема. Тоа го предвидува Процедурата која Министерството за труд и социјална политика ја достави до БИРН уште во октомври, а потоа на својата веб-страница ја објави и Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.

Според информациите на БИРН, во редакциите во внатрешноста веќе се најавува дека хонорарите ќе бидат помали за дополнителниот процент за придонеси | Фото: Yan Arief / Foter / CC BY-SA

Според информациите на БИРН, во редакциите во внатрешноста веќе се најавува дека хонорарите ќе бидат помали за дополнителниот процент за придонеси | Фото: Yan Arief / Foter / CC BY-SA

Процедурата предвидува дека „физичкото лице примател на приходот за извршена физичка и/или интелектуална работа по основ на склучени повеќе договори за дело, авторски договор и/или други договор кои поединечно се во износ понизок од минималната плата, а збирно го надминуваат износот на минималната плата утврдена со закон, има обврска договорите да ги достави до Фондот за пензиско и инвалидско осигурување“. Исто така, во овој случај обврзник за исплата на придонесите е физичкото лице, односно осигуреникот.

„Но, јас не прифатив. Кога видов дека е расцепкана сумата, веднаш ми беше јасно што сакаат. Објаснувањето дека имало превработеност во компанијата не држи, бидејќи во нашата редакција во некои рубрики нема доволно луѓе за да ги покријат дневните настани, а не нешто повеќе“, вели Шашевски за БИРН.

Според него, од истата редакција заминале уште најмалку четворица хонорарци, на кои на сличен начин им биле понудени по два договорa под минималната плата. Од вкупно неколку десетици хонорарци во целата компанија, на овој начин си заминале околу половината. Сепак, ваквата судбина ја немале сите, па некои хонорарци добиле договори за работа.

Слична судбина како Бојан имаат уште десетици новинари-хонорарци во Македонија. Според информациите на БИРН, во редакциите во внатрешноста веќе се најавува дека хонорарите ќе бидат помали за дополнителниот процент за придонеси. Оние што ги прашавме ни потврдија дека се отпуштени или сами си заминале или чекаат крај на месецот за да видат колкав ќе им биде надоместок, но не сакаат да зборуваат јавно.

Од синдикатот на новинарите велат дека во медиумите се случува она на што тие предупредуваа дека ќе се случи – овие мерки најпрвин и најмногу врз свој грб ќе ги почувствуваат токму оние за чиј бенефит се, наводно, наменети – хонорарците!

Сепак, Бојан реши да зборува јавно за својот случај на социјалната мрежа „Фејсбук“ каде што напиша: „ До балчак и назад, за поголема пензиска и здравствена сигурност! Служба си е служба, но арач си е арач! Ајде бе!? Достоинствено си ја браниш професијата, секое зборче е лична одговорност, но да си ги плаќаш превозот, храната, алатките, па и престојот на работното место? Сум работел и сум почнал и за помалку пари, не се проблем кога живееш сам за себе, но не можам да останам рамнодушен кога некој тенденциозно ми става окови на мисли, практично, ми ја краде душата, а не се ни обидува да ме слушне и да се поистоветува со моите потреби и квалитети. Пука филм! Тик-так, БУМ!“.

Од синдикатот на новинарите велат дека во медиумите се случува она на што тие предупредуваа дека ќе се случи – овие мерки најпрвин и најмногу врз свој грб ќе ги почувствуваат токму оние за чиј бенефит се, наводно, наменети – хонорарците!

Се потврдува предвидувањето дека законските измени само ќе ги доосиромашат и онака веќе дебело осиромашените хонорарци, вели Ѕвездан Георгиевски од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ)

Се потврдува предвидувањето дека законските измени само ќе ги доосиромашат и онака веќе дебело осиромашените хонорарци, вели Ѕвездан Георгиевски од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ)

„Газдите и работодавците, предвидливо, почнаа да манипуираат со висината на хонорарот, односно да го намалуваат неговиот износ под износот на минималната плата за да бидат ослободени од обврската за плаќање придонеси. За жал, се потврдува предвидувањето дека законските измени само ќе ги доосиромашат и онака веќе дебело осиромашените хонорарци“ вели Ѕвездан Георгиевски од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ).

Миле Бошков, претседател на Конфедерација на работодавци, вели оти сè уште немаат информации за вакви или слични случаи со хонорарци во други професии. Тој вели дека измените на законите се применуваат не подолго од една седмица и уште не се исплатени првите хонорари со придонеси.

„Факт е дека фирмите ќе бараат начини и можности да избегнат тие да плаќаат давачки, бидејќи ќе сакаат да ги намалат трошоците и да ги зголемат профитите. Ако делење на хонорарот на два дела значи намалување на трошокот, тогаш очекувајте дека ќе се случува токму тоа“, вели Бошков, иако, како што додава, измените на законите требаше да бидат во насока на сузбивање на сивата економија и нелојалната конкуренција.

Сепак, тој смета дека компаниите се одговорни, па најпрвин ќе ги бараат сите правни можности да ги намалат трошоците на други начини. „Мислам дека фирмите ќе имаат доблест да ги остават поголемиот дел од вработените. Не смеат да си дозволат да си играат со судбините на луѓето. Искрено се надевам дека ќе реагираат етички и квалитетните ќе ги остават вработени“, додава тој.

Во меѓувреме Управата за јавни приходи објави формулар кој ќе треба да се пополни за пријава и наплата на придонесите од хонорари. Тој се нарекува Месечен извештај за износот на бруто надоместокот утврден во договорот за дело, авторскиот договор или друг договор, исплатениот нето-надоместок, пресметаниот придонес за пензиско и инвалидско осигурување и пресметаниот придонес за задолжително здравствено осигурување.

Бојан сега е без работа и со 5-месечно бебе и сопруга која исто така е со хонорарен статус. Но, знае дека не е единствен. Вели нема да престане да пишува, учи, открива, критикува, инспирира, да дава ветер во грб на креативни и искрени луѓе. „Среќна Нова 2015 година за над 200.000 хонорарци! Ако не ви се допаѓа професијата, купете си нова душичка, превез околу очите, затка за устата, а со интелектот – правец на штанд во Тобако“, порача Бојан.