Анализи

Новинарството пред егзистенцијална криза: Кој ќе плаќа за него?

Без нов модел на финансирање, новинарската професија – темелот на демократијата – е под ризик да исчезне

Во повеќе од 30 години како новинар поминав речиси низ сè што оваа професија може да понуди – од известување од војни и покривање на политичките случувања, до водење на централниот дневник на јавниот сервис.

Имало успеси и признанија, но и цензура, притисоци, откази и напади. Крилата повеќапати ми биле потскратувани, но никогаш не сум зажалила што го избрав овој пат. За мене, новинарството секогаш било повеќе од работа; тоа е начин на живот, мисија и постојана борба за јавниот интерес.

Денес овие редови ги пишувам како претседателка на Европската федерација на новинари, уште подлабоко нурната во проблемите со кои се соочува новинарството во Европа, а особено во нашиот регион. Политичките притисоци, нападите и цензурата одамна се дел од нашата професија. Но, се плашам дека денес се соочуваме со проблем, кој храброста и смелоста сами по себе нема да го решат, а тоа е прашањето – кој ќе го плаќа новинарството?

Некогаш работите беа поедноставни: луѓето купуваа весници на киосците, а со приходите од продажбата и од рекламите, медиумите имаа стабилна финансиска структура. Денес, огласувачите заминуваат кај глобалните дигитални платформи, а само мал дел од публиката плаќа претплата. Одржлив модел на финансирање не е пронајден и новинарството западна во егзистенцијална криза.

Без решение за проблемот со финансирањето, новинарството станува професија што полека исчезнува – а со него и правото на граѓаните да бидат информирани

Во пракса, само малку медиуми успеваат да преживеат од претплати додека повеќето локални и регионални редакции ја губат битката, бидејќи јавноста не е подготвена да плати за нешто што на интернет се нуди бесплатно. Големите технолошки компании го проголтаа рекламниот колач, ослабнувајќи ги темелите врз кои некогаш се потпираше независното новинарство.

Затоа слободата на изразување, борбата против цензурата и критиката на политичката моќ се неразделни од прашањето на финансиската одржливост. Без решение за проблемот со финансирањето, новинарството станува професија што полека исчезнува – а со него и правото на граѓаните да бидат информирани и правото на новинарите да ги истражуваат моќниците и да ја вршат својата работа.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во обраќањето за состојбата на Унијата, најави нова „Програма за медиумска отпорност“, нагласувајќи ја важноста на независното новинарство, локалните медиуми и борбата против „информативните пустини“ низ Европа.

Европската федерација на новинари ја поздравува оваа иницијатива, но потсетува дека поддршката мора да ги вклучи и синдикалните права на новинарите – бидејќи без достоинствени работни услови, не може да има квалитетно новинарство.

Истовремено, мора да се прашаме дали новата програма за финансирање, наречена Agora EU, е доволно јасна и безбедна за новинарството. На хартија, звучи ветувачки. Но, проблемот е што става сè во ист кош – од филмови и театар до поткасти и новинарство.

Постои ризик, вестите и новинарите да ја изгубат јасно дефинираната поддршка што ја имаа досега. Затоа се залагаме за посебна и издвоена буџетска линија за новинарството, за полесен пристап до средства за локалните редакции и слободните новинари, и за финансирање условено со фер договори и уредничка независност.

Со други зборови, новинарството не смее да биде потиснато или сведено само уште на една форма на „културна содржина“. Новинарството е темел на демократијата.

Медиумското заробување на Балканот

„И покрај сè, јас сè уште верувам во новинарството. Верувам во луѓето што ја избраа оваа професија“ | Фото: БИРН

Кај нас, во овој дел од Европа, со години сме сведоци на совршено изведени модели на медиумско заробување. Политичките елити ги злоупотребуваат јавните сервиси, додека критичките медиуми се задушуваат преку економски притисоци и регулаторни манипулации.

Во Србија, по невидените напади врз независните медиуми, низа SLAPP тужби (стратешките тужби против јавното учество) и таргетирање на помали, независни редакции, притисокот денес стигна и до N1 – една од последните мејнстрим телевизии што се обидуваат професионално да ја информираат јавноста. Во исто време, затворањето на Ал Џазира Балкан и повлекувањето на американската поддршка за регионалните медиуми дополнително ги разнишуваат веќе кревките системи во овие земји.

Сево ова ни покажува колку лесно целата структура на независното известување може да се урне, понекогаш и само со една одлука на некој што е на власт. Тоа нè прави ранливи и покажува колку е тенка линијата меѓу слободни и контролирани медиуми.

Насилството врз новинарите, не само што ги загрозува поединците; тоа испраќа порака до целата професија: побезбедно е да молчиш отколку да зборуваш. А молкот е најголемиот непријател на слободното општество

Проблемот не се сведува само на финансии и притисоци. Физичката и вербалната безбедност на новинарите е под постојана закана. Според последниот извештај на Media Freedom Rapid Response – MFRR (Механизам за брза реакција за медиумски слободи), само во првите шест месеци од 2025 година имало 709 напади врз медиумската слобода низ Европа. Тие вклучуваат закани, заплашувања, тужби, онлајн-вознемирувања и физички напади. Бројките се алармантни, а, за жал, Балканот останува една од жешките точки.

Насилството врз новинарите, не само што ги загрозува поединците; тоа испраќа порака до целата професија: побезбедно е да молчиш отколку да зборуваш. А молкот е најголемиот непријател на слободното општество.

Додека нашиот регион тоне сè подлабоко во проблеми, вестите од Данска покажуваат дека не се имуни ни стабилните демократии. Најавата на данската влада за државно назначен медиумски омбудсман предизвика загриженост, бидејќи отвора врата за политичко влијание врз новинарството. Партнерите на MFRR веднаш реагираа, предупредувајќи дека дури и добронамерните реформи не смеат да доведат до ограничување на медиумската слобода. Тоа е потсетник дека борбата е универзална – од Балканот до Скандинавија.

И покрај сè, јас сè уште верувам во новинарството. Верувам во луѓето што ја избраа оваа професија, знаејќи дека таа не е ниту лесна, ниту лукративна, но е благородна и суштинска. Новинарите сè уште се тука – храбри, упорни и обединети во солидарност. Ние нема да бидеме исплашени, затоа што знаеме дека нашата работа е суштинска за демократијата и за слободата.

Затоа, на Светскиот ден на вестите, кога глобалната кампања нè потсетува на значењето на новинарството засновано врз факти, можеме да испратиме само една едноставна порака: не грижете се, ние сè уште сме тука и нема да се откажеме.

Нашата мисија останува иста – да го браниме јавниот интерес, да ја кажуваме вистината и да се бориме против оние што би сакале да молчиме. Медиумските слободи можеби се под постојан напад, но сè додека има луѓе подготвени да се борат за нив, постои надеж дека ќе ги одбраниме.

Маја Север е новинарка и претседателка на Европската федерација на новинари. Коментарот е преземен од Балкан инсајт

Мислењата и ставовите изнесени се на авторот и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија