Регион

„Новото нормално“ во онлајн-состаноците – ризик за жените во Србија

Значителен дел од жените се соочуваат со непријатни искуства во реалниот живот, а малку од нив бараат помош

Го сретнала на Баду, популарна апликација за запознавање. Но, наместо момче, добила демнач, кој речиси еден месец постојано ѝ се јавувал, ѝ праќал пораки и физички ја вознемирувал.

„Ме чекаше во ходникот на зградата каде што живеам“, напиша жената во одговор на прашалникот на БИРН за искуствата на жените со онлајн-состаноците. „По само четири дена рече дека ме сака, ме фати за вратот кога реков дека не сакам да имам ништо со него“.

Искуството на оваа жена е едно од над  стотината што беа споделени со БИРН во Србија, како дел од истражувањето на мрачната страна на онлајн-состаноците. А нејзината приказна воопшто не е невообичаена.

Една четвртина од испитаничките пријавија демнење, насилство или сексуално вознемирување; две третини пријавија некакво непријатно искуство; а најголемиот број не сакале да кажат на друг што им се случило, а камоли да ги пријават инцидентите во полиција. Речиси половина рекоа дека се чувствувале недоволно заштитени кога користеле апликации за запознавање.

Србија не е исклучок. Генерално, за жените има двојно поголема веројатност дека ќе имаат негативно искуство на страниците и на апликациите за запознавање партнери во однос на мажите.

Во САД, три од пет жени имаат некакво непријатно искуство кога бараат партнер онлајн.

И покрај овие бројки, компаниите, како Тиндер и Баду, немаат никаква обврска да ги откријат податоците за бројот и зачестеноста на поплаките, како и за мерките што ги презеле во таквите случаи. Жените велат дека имаат многу малку или воопшто немаат доверба во тие што имаат задача да ги заштитат.

Главните наоди на истражувањето на БИРН се:

– Тиндер и Баду се најпопуларните платформи за состаноци меѓу оние што одговориле на прашалникот, како и социјалните мрежи Инстаграм, Фејсбук и Твитер

– Две од три жени пријавиле некакво непријатно искуство

– Две од пет жени се соочиле со лажно претставување – односно лицето со кое контактирале се преправало дека е некој друг, а секоја четврта рекла дека била цел на говор на омраза

– Секоја четврта жена што отишла да го запознае лицето со кое стапила во контакт онлајн се соочила со демнење, насилство или со сексуално вознемирување, и тоа од присилно бакнување, до присилен сексуален однос

– Девет од десет жени рекле дека не би кажале никому што им се случило

– Речиси половина од жените (44 отсто) не се чувствуваат доволно заштитени и безбедни додека запознаваат луѓе онлајн

– Платформите за запознавање немаат никаква обврска со јавноста да ги споделат податоците за тоа колку корисници пријавиле прекршување на сигурноста или злоставување, ниту какви активности презеле во врска со тоа

Прашана зошто не го пријавила инцидентот со кој се соочила, една жена одговори: „Срам“. Друга рече „Бев засрамена, и сѐ уште сум“. Трета рече „Мислев дека ќе бидам исмевана или неразбрана“.

Скратен пат до љубовта?

Графика: БИРН/Игор Вујчиќ

Идејата дека алгоритам може да ви помогне да го најдете совршениот партнер не е  феномен од овој век.

Првиот современ сајт за состаноци, Kiss.com, почна да работи во 1994 година, токму кога интернетот беше роден. Денес низ светот најпопуларна платформа за онлајн-состаноци е Тиндер, кој до февруари минатата година достигна 500 милиони даунлодирања.

Во последните четири години, популарноста на овој тип запознавање се удвои на светско ниво; сѐ повеќе и повеќе време сме онлајн, работиме, се дружиме и купуваме, а пандемијата со ковид 19 само ја забрза оваа промена. Во 2020 година, кога почна пандемијата, Тиндер регистрирал рекордни три милијарди прегледи на профили за еден ден.

„Онлајн-запознавањето ти овозможува на некој начин да го скратиш патот во целиот процес, можеш да видиш што се случува таму и дали вреди да се троши повеќе време на одредена личност или не“, вели Селена Спица, асистент на Институтот за социолошки истражувања на Универзитетот во Белград и докторанд на Лабораторијата за студии за родот и сексуалноста во Париз.

Една 32-годишна соговорничка од рурална област во Србија рече дека онлајн-запознавањето ѝ било единствената шанса да се запознае со нови луѓе. За некои миленијалци, луѓе родени меѓу 1981 и 1996 година, онлајн-запознавањето е новото нормално.

„Сѐ што правиме е онлајн“, вели еден. „Зошто да не запознаваме и партнери онлајн?“

„Тоа е добар начин да ја запознаете личноста пред да се видите во живо“, рече една 22-годишна соговорничка. Но, дали тој филтер секогаш функционира?

Обвинување на жртвата

Графика: БИРН/Игор Вујчиќ

„Погодок и промашување“. Вака една од жените што го пополнила прашалникот на БИРН го опиша онлајн-запознавањето. Навистина, некои ги запознале сегашните партнери преку овие апликации, а други доживеале тотални промашувања.

„Не е најдобро, но не е ни најстрашно. Не, избриши го тоа. Најстрашно е“, рече една 37-годишна жена.

Друга жена, на 23 години, запознала маж на Инстаграм. Од нивниот онлајн-разговор се чинело дека е „навистина пријатен“, па решила да го запознае во живо.

Се сретнале на јавно место, но тоа не го спречило да проба да ја бакне и да ѝ се нафрли. Жената рекла дека се обидела да се тргне од местото, но дека ја следел до нејзиниот автомобил. Седнала зад воланот и ја заклучила вратата, но мажот удирал по прозорецот и се обидувал да се пробие внатре.

Две третини од испитаничките пријавиле некакво непријатно искуство. Ова се протега од добивање непобарани експлицитни фотографии и видеа или непобарани експлицитни описи на сексуалните фантазии, до уцени, нарекување со погрдни имиња или закани. Средбите во живо може да доведат до демнење, сексуални напади и до физичко насилство.

Две од пет испитанички доживеале лажно претставување, кога лицето со кое контактирале користело име и/или фотографија и лични податоци од друго лице; секоја четврта се соочила со говор на омраза; секоја петта со закани или со уцени, 15 проценти биле сексуално вознемирувани онлајн, а кога онлајн-состанокот бил префрлен во живо, секоја четврта била малтретирана, демнета или сексуално вознемирувана, што се движи од присилно бакнување до присилен сексуален однос.

Спица вели дека инцидентите со насилство ја отсликуваат „српската реалност“, што се потпира на мачоизам во кој мажите се гледаат како суштества со неконтролирани сексуални желби, а жените како предмети што им се на располагање.

„Во зависност од тоа колку силно е претставен мачоизмот, имаме различни инциденти – присилен бакнеж, непобарани фотографии и видеа, обиди за силување или некои вознемирувачки коментари“, вели таа за БИРН. „Зависи колку длабоко мачо принципот е вкоренет во перцепцијата на конкретниот маж“.

Онлајн-запознавањето, вели Спица, се гледа како „машка сфера, бидејќи мажите се тие што природно имаат неконтролирани сексуални желби“.

Така, кога некоја жена ќе се соочи со некакво насилно однесување, општеството прашува „што си барала на таа апликација? Тоа не е твое место, што очекуваше? Тоа не е за жени, не е природно.“

Андријана Радоичиќ Недељковиќ, програмска координаторка на невладината организација Атина, која работи со жртви на трговија со луѓе и на родово базирано насилство, вели дека општеството ги гледа жените што се вклучуваат во онлајн-запознавањето како некои што сами си ја бараат бељата.

„Се вели дека тоа се случува зашто не внимавала доволно, не го запознала партнерот на конвенционален начин, не била доволно паметна и се смета дека сето тоа на некој начин би го спречило насилството, што, секако, не е вистина. Одговорноста за насилството е секогаш кај извршителот“, вели Радоичиќ Недељковиќ.

Тиндер: Податоците не се достапни

Графика: БИРН/Игор Вујчиќ

Над една третина од жените што учествуваа во истражувањето на БИРН рекоа дека користат Тиндер. Сепак, од Тиндер за БИРН изјавија дека „немаат пристап“ до податокот колку жени во Србија ја користат апликацијата. Истиот одговор го добивме и кога прашавме за податоците на светско ниво.

„Моите проверки се подобри и од тие на ЦИА!“

Кога станува збор за безбедноста, Мета и Тиндер ги потсетуваат корисниците за потребата да ги заштитат своите лични информации и да го пријават секое сомнително или напаѓачко однесување. За средбите во живо да се користат јавни места, да се извести пријател за планот и да не се остава пијалакот или други лични предмети без контрола.

Сепак, многу жени развиле пософистицирани мерки за претпазливост, од пребарување на онлајн-идентитетот на човекот со кого ќе се сретнат, до психоанализа на онлајн-разговорот. Една од соговорничките ни рече дека нејзините проверки биле „подобри и од тие на ЦИА“.

За средбите во живо, жените избираат добро осветлени места со многу луѓе и ја споделуваат својата локација во живо со пријателите. Тие се, исто така, задолжени и да прават проверки додека трае состанокот. Солзавецот е вообичаен додаток, и без разлика како ќе помине состанокот, задолжително е двајцата да влезат во посебни такси-возила, а жените да бидат внимателни да не ја откријат својата домашна адреса.

БИРН, исто така, постави прашање до Тиндер за тоа колку жалби добиваат од женски корисници и колку барања за информации од јавни институции. „За жал, немаме достапни податоци“, се вели во одговорот.

Филип Милошевиќ, продуцент во Шер фондацијата, која го следи дигиталниот екосистем во Србија, е скептичен за ова. „Речиси е сигурно дека Тиндер ги има овие податоци, но нема обврска да ги објави“, вели тој.

Освен Тиндер, социјалните мрежи на Мета, Фејсбук и Инстаграм, се најпопуларни кога станува збор за онлајн-запознавањето. Иако тие не се првенствено платформи што служат за тоа, 43 проценти од испитаничките рекоа дека ги користеле за да најдат партнери.

И Тиндер и Мета нудат одредени безбедносни алатки и опции во случај на насилство или измама при онлајн-запознавањето.

Мета, исто така, ја ангажираше Организацијата за глобална женска безбедност, која се состои од „12 лидери од непрофитни организации, активисти и академски експерти што биле консултирани при развој на нови политики производи и програми“, за да ја зачува безбедноста на своите женски корисници, рекоа од компанијата за БИРН.

Тиндер, во меѓувреме, има свој водич за безбедно запознавање и е во партнерство со Гарбо, „непрофитна платформа за проверки основана од жени“, што ѝ овозможува на секоја членка на Тиндер да искористи две бесплатни проверки на лица, но само во САД.

„Тиндер е дефинитивно свесен дека лажното претставување е голем проблем, па затоа воведе механизми за верификација“, рече Милошевиќ од Шер. „Недостигот од транспарентност во врска со споменатите податоци покажува колку е голем проблемот навистина“.

Да пријавиме? Кому?

И покрај зачестеното злоставување, девет од 10 жени со такви искуства рекоа дека не размислувале некому да кажат. Шеесет и пет проценти од тие што решиле да зборуваат им се довериле само на блиски пријатели.

„Речиси сите претпоставуваат дека апликациите за онлајн-запознавање се користат само за секс и според тоа ако кажете „да“ за средба, мажот претпоставува дека сте кажале „да“ за секс“, вели една 40-годишна жена.

Податоците на БИРН го потврдуваат ова: преку 40 отсто од испитаничките пријавиле дека доживеале некаков вид малтретирање со сексуална конотација, или онлајн, или за време на средбите во живо.

„Ако сте жена на таква платформа, тоа значи дека таму сте отишле за тоа (силување или сексуално насилство) и дури и ако се согласите да излезете со нив, вие сте 100-проценти проститутка“, вели 21-годишна жена, опишувајќи какви предрасуди кружат околу онлајн-запознавањето.

„Сѐ додека одите онлајн, ве сметаат како средство. Сепак, ако истите луѓе ве запознаат на пример на матурска забава кај пријател, може да се вљубат во вас доживотно“.

Таквите предрасуди ги обесхрабруваат жените да пријават вознемирување, вели Спица.

„Тоа создава ситуација во која жртвата не може да зборува за тоа ако сака или кога сака, без осуда од општеството, бидејќи системот за заштита на жртвите од насилство едноставно не функционира во нашата земја“.

На хартија, Србија има правна рамка за да се справи со такви злоупотреби, дури и без да се стави онлајн-запознавањето како посебна категорија. Но, во реалноста, премалку сторители се казнети.

Контекстот во кој контактот е воспоставен, во овој случај, преку онлајн-апликација за запознавање, не може да биде изговор за „непреземање процедури за кривичните дела измама, домашно насилство, сексуално вознемирување, демнење или други дела што се случиле на тој начин“, велат за БИРН од Автономниот женски центар.

Но, жртвите не одат во полиција.

„Во реалноста, ако жената отиде кај властите и рече дека била измамена или излажана, или дека доживеала некаква форма на насилство што потпаѓа под некаков прекршок, или дека нејзините податоци биле употребувани без нејзина согласност, веројатноста дека навистина ќе добие соодветна поддршка и дека сторителот навистина ќе биде гонет е многу мала“, вели Радоичиќ Недељковиќ.

Од српското Министерство за внатрешни работи, за БИРН, рекоа дека од 2017 до 2021 година не побарале ниедна информација од некоја специјализирана веб-страница или апликација за онлајн-запознавање во врска со жалби за родово базирано насилство.

Министерството не ги коментираше критиките изнесени од соговорничките на БИРН во врска со немањето институционална поддршка за жртвите.

Христина Цветинчанин Кнежевиќ