Регион

Албански суд конфискува ТВ станица преку антимафијашки закон

Или Ндроќи во својата канцеларија во Тирана | Фото: принтскрин, Ора Њуз

Албански суд нареди конфискација и префрлување во државна сопственост на Ора њуз, телевизиски канал со седиште во Тирана, кој, во изминативе неколку години, бил критички настроен кон владата, откако обвинители излегоа со тврдење дека неговиот сопственик Или Ндроќи, не може да го објасни легитимното потекло на најголемиот дел од неговото богатство вредно повеќе милиони евра.

Антимафијашкиот закон на Албанија им дозволува на властите да одземаат имоти за кои не може да се потврди дека доаѓаат од легитимни извори, без разлика дали има директен доказ дека тие имоти се стекнати со нелегални активности.

Брахим Шима, генералниот директор на телевизијата, тврди дека одлуката била политички мотивирана и поврзана со критичкиот однос на ТВ-станицата кон премиерот Еди Рама, посочувајќи го како пример конфликтот меѓу Ндроќи и градоначалникот на Тирана, Ерјон Велиај.

Ндроќи го обвини Велиај дека му вршел притисок да ги спречи своите новинари критички да известуваат за него. Тој објави смс-пораки во кои Велиај ги напаѓа новинарите за начинот на кој известувале за контроверзното уривање на Националниот театар во 2020 година. Велиај за возврат го обвини Ндроќи дека го уценувал.

Одбраната на Ндроќи соопшти дека ќе поднесе жалба на одлуката.

Бесник Мучи, адвокатот на Ндроќи, вели дека одлуката на судот не била заснована на докази и дека бил донесен различен заклучок од тој што произлегол од финансиската форензичка истрага направена по барање на судот.

„Судот ги отфрли доказите што ги собра за време на постапката. По мое мислење, ова е сериозно прекршување“, рече тој.

Ндроќи, кој ѝ е познат на полицијата и под името Џемал Пасмачиу, бил осомничен и за вклученост во трговија со хероин, но никогаш не бил обвинет за тоа.

Тој наводно бил уапсен во Турција, во 1998 година, во меѓународна операција за сузбивање на трговијата со дрога што се водела под кодното име ЕСАС, во која се запленија 30,5 килограми хероин. Не се познати околностите за тоа како бил ослободен. Во 2004 година, италијанските власти ѝ дојавиле на албанската полиција дека Ндроќи бил осомничен за организиран шверц на дрога.

Ндроќи никогаш не ги коментирал овие случаи. Тој тврди дека неговото богатство е легитимно.

Ндроќи ја купил телевизијата Ора њуз во 2007 година и стана позната личност во Албанија поради опкружувањето со силен тим телохранители, како и поради раскошните вечери што ги организирал за локалните политичари и за амбасадорите.

Заедно со телевизиската станица, од Ндроќи се запленети неколку луксузни автомобили, вклучително и „ролс ројс“, неколку станови и други недвижнини, како и шума во близина на Тирана од 100 илјади квадратни метри.

Канцеларијата за контрола на странските имоти (ОФАК) на американското Министерство за финансии го има обвинето дека ги користел медиумите што биле под негова контрола да „врши уцени и изнуди од албански државјани, барајќи им пари и закуп на рекламен простор за да не им објавува негативни медиумски приказни“.

Ѓерѓи Еребара