Брус Бертон, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Босна и Херцеговина, на презентацијата на извештајот „Управување со предметите на воени злосторства, во постапка пред Обвинителството на БиХ”, изјави дека стапката на осудителни пресуди во предметите на воени злосторства во Судот на БиХ, се намалува со алармантна стапка и дека најсложените случаи не се соодветно истражени.
„Во извештајот се наведува дека Обвинителството на БиХ, не го насочува своето време и ресурси исклучиво на најсложените предмети на воени злосторства”, истакна Бертон.
„Извештајот покажува дека Обвинителството на БиХ, случаите на воени злосторства ги процесира со многу споро темпо и покрај ресурсите што му се на располагање. Ако продолжат да ги решава предметите со оваа брзина, на Обвинителството на БиХ ќе му требаат десет години за да ги заврши сите предмети на воени злосторства, што ги има во моментов“, додаде тој.
Бертон нагласи дека ОБСЕ ги идентификувал главните причини, кои го пролонгираат постоењето на проблемот, кои се поделени во четири категории – внатрешна структура на специјалниот оддел за воени злосторства, раководење со обвинителите кои работат на тие предмети, соработка меѓу надлежните институции и квалитетот на обвинителните акти.
„Ги повикувам претставниците на сите институции – Високиот судски и обвинителски совет, Судот на БиХ – сериозно да го разгледаат овој извештај, последиците за жртвите и правното наследство”, додаде Бартон.
Ларс-Гунар Вигемарк, шеф на делегацијата на ЕУ во БиХ, истакна дека Европската унија има инвестирано значителни финансиски средства за зајакнување на човечките ресурси, со цел да се забрза решавањето на најсложените случаи пред државното обвинителство.
Тој истака дека многу е направено, но дека темпото на решавање на случаите на воени злосторства е забавено.
„Го повикувам Советот на министри да ја усвои ревидираната стратегија за воени злосторства, на чие усвојување се чека една година”, рече тој.
Високиот судски и обвинителски совет (ВСОС) на Босна и Херцеговина, во февруари минатата година, ја одобри ревидираната стратегија за работа на случаите на воени злосторства, но таа досега не се најде на дневен ред пред Советот на министри на БиХ.
Како што стои во ревидираната стратегија, во Обвинителството на БиХ има повеќе од 550 нерешени случаи на воени злосторства, во кои се именувани повеќе од 4.500 познати сторители и ист број на случаи во кои не е познат сторителот.
Вигемарк истакна дека Европската унија планира да продолжи со финансирање на судството, но услов за тоа е навремен и ефикасен трансфер на предметите на пониските нивоа на судството, како што е предвидено во самата стратегија. Во спротивно, како што рече, може да дојде до доцнење во финансирањето.
Лилиан Лангфорд од Мисијата на ОБСЕ, забележа дека голем број ослободувања се резултат на неконзистентните изјави на сведоците во истрагата и на судењата.
На презентацијата на извештајот, главната обвинителка на БиХ, Гордана Тадиќ, праша зошто не го добиле овој извештај, иако некои од неговите делови се појавиле на порталите ден претходно.
Тадиќ нагласи дека имала серија состаноци со ОБСЕ, на кои било речено дека обвинителството не може да пренесе 150 помалку сложени случаи на пониски нивоа, бидејќи ревидираната стратегија не е усвоена.
„Сакаме да работиме на најсложените случаи, бидејќи сакаме да работиме во интерес на граѓаните и на жртвите. Имаме добра соработка со претставниците на жртвите. Оваа работа требаше да биде препознаена. Не разбирам кои се причините за ваквиот извештај“, истакна таа.
„Обвинителите не можат да се обвинат за фактот дека сведоците ги менуваат изјавите. Не можеме да знаеме дали сведоците ќе ги променат своите изјави“, додаде Тадиќ.
Како што рече, не се само обвиненијата мерка за работата на обвинителите.
„За жал, не го посочивте она доброто што го направи Обвинителството на БиХ”, заклучи Тадиќ.