Белград, Загреб, Сараево
|Кога во 2016 година беше номиниран за вицегувернер на Централната банка на БиХ, Миленко Станиќ, политичар од босанскиот ентитет, Република Српска, РС, се соочи со бурни реакции против неговата номинација.
Имено, здружението „Движење на мајките од енклавите Сребреница и Жепа“, здружение на семејствата на жртвите од војната, соопшти дека Станиќ се наоѓа на списокот на лица осомничени за воени злосторства, што Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија, МКТЈ, неколку години претходно, ѝ го предал на БиХ.
Хашкиот суд се надева дека ќе ги прикаже архивите низ цел Балкан
Од ММКТ за БИРН велат оти се надеваат дека на Балканот ќе се отворат неколку документациски и информативни центри, кои ќе обезбедат дигитален пристап до нивните архиви.
„Информативниот центар во Сараево ќе биде прв од овој вид кој ќе се отвори во регионот и се надеваме дека такви центри ќе бидат отворени и во Хрватска, Србија и во другите места (во БиХ)“, велат од ММКТ.
Оригиналната архива, која е сопственост на ООН, се наоѓа во Хаг, а архивата на Меѓународниот кривичен трибунал за Руанда се наоѓа во Аруша, Танзанија.
Сепак, повеќето јавни судски списи на МКТЈ содржани во архивите се веќе достапни онлајн.
Судската евиденција вклучува поднесоци, материјали признати како докази, транскрипти и аудиовизуелни снимки на судските сослушувања и може да се пребаруваат во онлајн базата на податоци позната како МКСЈ судска евиденција (МСЕ) која е достапна овде. (http://icr.icty.org/default.aspx)
Во документот на Хашкиот трибунал, до кој БИРН дојде, стои дека обвинителите на МКТЈ, уште во 1997 година, го сомничеле Станиќ, за вмешаност во воени злосторства.
„Доказите, според меѓународните стандарди, се доволна основа за да се заклучи дека Миленко Станиќ сериозно го прекршил меѓународното хуманитарно право“, се вели во белешката од обвинителството на Хашкиот трибунал.
Поради растечкиот притисок, Станиќ беше принуден да се откаже од трката за вицегувернер на Централната банка на БиХ. Сепак, босанското обвинителство за воени злосторства, никогаш не го обвини.
Хашкиот трибунал, на обвинителствата во поранешните југословенски земји, им префрли 25 специфични предмети и поголем број дополнителни докази, но, сепак, многу истраги не беа продолжени, а судењата често завршуваа со ослободителни пресуди.
Од Механизмот за меѓународни кривични трибунали, ММКТ, кој е наследник на МКТЈ, за БИРН велат дека според проценките, само во БиХ се наоѓаат 3.000 лица осомничени за воени злосторства, додека уште стотици предмети чекаат на процесирање во Хрватска и во Србија.
Новата стратегија на БиХ за процесирање на воените злосторства, до која БИРН дојде, покажува дека овие бројки се уште поголеми. Само во БиХ, се работи за 550 нерешени предмети за воени злосторства, во кои се именувани повеќе од 4.500 познати осомничени лица, како и многу случаи во кои сторителите се непознати.
Истовремено, пред судовите во двата ентитета во БиХ и во Дистриктот Брчко, на решавање чекаат околу 200 предмети на воени злосторства.
Уште во 2005 година МКТЈ префрлил некои предмети во земјите од регионот. Станува збор за осум, таканаречени „Правило 11 бис предмети“ (префрлање на обвинението во друг суд), во кои МКТЈ ги потврдил обвиненијата. Шест беа префрлени во БиХ, и по еден предмет во Хрватска и во Србија.
Обвинителството на МКТЈ, исто така, префрлило голем број предмети,во кои била поведена истрага, а која не била завршена, поради Стратегијата за комплетирање на работата на Трибуналот, план со кој се предвидуваше завршување на работата на Трибуналот до 2010 година. Овие предмети се нарекуваат „предмети од втора категорија“ .
Од јуни 2004 година до крајот на 2009 година, обвинителството на МКТЈ им префрлило на БиХ , на Хрватска и на Србија, 17 предмети од втора категорија, со кои биле опфатени 66 осомничени лица. Тринаесет од нив биле префрлени во БиХ и по два предмети добиле Хрватска и Србија.
Судењата, во сите предмети кои потпаѓале под „Правилото 11 бис“, се завршени, освен едно кое беше прекинато поради неспособноста на обвинетиот да му се суди, додека предметите од втора категорија се наоѓаат во различни фази на судскиот процес.
Но, локалните обвинители за воени злосторства, во поголемиот број случаи, не покренаа обвиненија врз основа на доказите на Трибуналот, а повеќето од оние кои беа гонети беа сторители од низок, до среден ранг, и тие добија мали затворски казни.
Локалните обвинители за воени злосторства не ја користат можноста за пристап до широката архива на Хашкиот трибунал, за да поднесат обвиненија против високо рангирани официјални лица. Во исто време, тие ги игнорираат наодите на медиумите и на активистите за човекови права, базирани на документите добиени од Хаг.
Од ММКТ велат дека архивата, сепак, им нуди „широка суштинска поддршка“ на националните обвинители.
„Обвинителите во Белград и во Сараево веќе побараа од високото обвинителство на ММКТ не само да продолжи, туку и да ја зајакне својата поддршка, особено кога се работи за градење на капацитетите и за пружање на стручна помош во сложените предмети“, велат во ММКТ.
Обвинителството на ММКТ , исто така, ќе продолжи со проектот за назначување на обвинители за соработка со Трибуналот, во земјите од поранешна Југославија, кои ќе продолжат да работат на нивните предмети и кои ќе имаат пристап до базата на податоци на Хаг, која содржи повеќе од девет милиони страници документи.
„Досега обвинителите за соработка добија повеќе од 1,2 милиони страници докази, за употреба во предметите на воени злосторства пред националните судови“, велат од ММКТ.
Иван Јовановиќ, експерт за меѓународно право од Србија и поранешен правен советник на ОБСЕ за воени злосторства, за БИРН изјави дека е тешко да се процени колку биле користени материјалите од незавршените истраги или некои пренесени докази, бидејќи никој не може да има целосен увид во обемот и квалитетот на овие докази.
Јовановиќ нагласува дека пристапот до квалитетните докази на МКТЈ често е комплициран и наидува на пречки, како што е потребата да се добие согласност од сведоците или да се отстранат заштитните мерки, доколку идентитетот на засегнатиот сведок е заштитен.
„Сепак, имајќи ги предвид информациите и доказите кои се достапни на веб-страницата на Трибуналот, може да се види дека (доказите) во врска со злосторствата во Косово или со операцијата (на хрватската војска) ’Бура’ … досега не биле доволно искористени, за пред националните судови, да се подигнат нови обвиненија“, вели Јовановиќ за БИРН.
Тој додава дека што повеќе доказите укажуваат на високи извршители, толку е помала веројатноста дека обвинителите од регионот ќе ги искористат тие докази за да поднесат обвиненија.
Поради различните законски рамки и различната судска практика во БиХ , Хрватска и во Србија, доказите од Хаг, исто така, имаат различни нивоа на прифатливост пред судовите во трети земји.
БиХ: Хашките предмети од „А-листата“ собираат прав
Офицерот за врски на БиХ за соработка со Хашкиот трибунал, Амир Ахмиќ, потврди дека постои список на предмети што МКТЈ им ги предал на обвинителите во Сараево, со кои се опфатени дури 850 лица, осомничени за воени злосторства.
„Не можам да сфатам зошто обвинителството не може да каже, поднесовме толку обвиненија, отфрливме толку (истраги). Зошто не ги изнесат овие информации отворено, кога јавноста има право да знае?“, вели Ахмиќ.
Босански адвокат, кој сакаше да остане анонимен, за БИРН вели дека оваа група предмети, наречена „А-листа“, содржи информации за наводни сторители и жртви на воени злосторства, кои требале да бидат проверени и потврдени.
„А-листата“ е развиена помеѓу 1996 и 2005 година, кога Хашкиот трибунал собрал информации за можни воени злосторства од бошњачки, хрватски и српски извори, а потоа овие информации им ги префрлил на босанските обвинители.
„Мое мислење е дека обвинителството во Босна и Херцеговина малку работи, и оти тоа е причината што не знаеме ништо (за предметите)“, потенцира овој адвокат.
Претседателот на босанското Здружение на жртви и сведоци на геноцидот, Мурат Тахировиќ, нагласува дека обвинителството во неколку наврати одбило да открие до каде се стигнало со овие предмети.
„Милион пати сме прашале во обвинителството што направиле со овие случаи и никогаш не сме добиле одговор“, изјави Тахировиќ за БИРН.
Тој нагласува дека „А-листата“ содржи имиња на лица кои во БиХ, но и во другите земји од поранешна Југославија, станале високи функционери.
Извор близок до МКТЈ за БИРН изјави дека многу предмети, вклучувајќи ги и оние против високи повоени функционери, најверојатно се префрлени во Република Српска, каде што многу истраги се затворени, поради, како што образложи власта, недостиг на докази.
Еден таков предмет, вели нашиот извор, е предметот на Милован Станковиќ, поранешен мајор на Југословенската народна армија, ЈНА, и командант на српските сили во босанскиот град Добој, кој по војната стана министер за одбрана на Република Српска.
БИРН побара коментар од обвинителството за воени злосторства на БиХ, при што нивниот одговор, за прашањето за „А-листата“, беше изоставен.
„Обвинителството, до крајот на 2015 година, донесе одлуки за сите предмети од втора категорија, оние што ни беа испратени од Хаг пред истрагите да бидат завршени“, одговорија од обвинителството.
Сепак, во нив не се вклучени и предметите од „А-листа“. Откако повторно побаравме одговор, од обвинителството ни рекоа дека сите информации ги испратиле во својот претходен одговор до БИРН.
Хрватска го искористи случајот „Атлантис“ против Мерчеп
МКСЈ, една година откако на БиХ ѝ ги предаде предметите од „А-листата“, на хрватското обвинителство му го достави досието со кодно име „Атлантис“.
Ова досие, предадено во 2006 година, содржеше докази што Хашкиот трибунал ги собрал во текот на истрагата за воените злосторства извршени од хрватските сили над српските цивили во Славонија, во близина на градот Пакрац.
Тие беа искористени за покренување на еден од најголемите судски процеси за воени злосторства во Хрватска – судењето на Томислав Мерчеп, поранешен советник на министерот за внатрешни работи на Хрватска и неофицијален командант на баталјонот на полициски резервисти, наречен „Мерчеповци“.
Улогата на Мерчеп во воените злосторства во Пакрачка Пољана, градот Кутина и во објектот на сајмиштето во Загреб, е предмет на дебата уште од 1997 година, кога хрватскиот неделник „Ферал трибјун“ интервјуираше поранешен член на баталјонот, кој проговори за убиствата на српските цивили што ги извршиле „Мерчеповци“.
Мерчеп беше уапсен под сомневање дека извршил воени злосторства и во јуни 2011 година беше обвинет дека дал наредба за нелегални апсења, притвор, тортура и убиства на српски цивили, што резултирало со 43 потврдени убиства и изчезнување на четири лица.
Неговото судење започна во февруари 2012 година пред Окружниот суд во Загреб и тој се изјасни за невин.
Тогаш обвинителството направи пресврт во случајот. Имено, во јуни 2015 година, обвинителството го измени обвинението против Мерчеп и наводите дека дал наредба ги смени во обвинение дека не презел неопходни мерки за да ги спречи своите подредени во извршувањето на воените злосторства.
Судот во Загреб, во мај 2016 година, го прогласи Мерчеп за виновен, но промената на обвинението значеше и помала казна од онаа која што можеше да ја добие доколку беше осуден дека самиот дал наредба за извршување на воените злосторства.
Во февруари 2017 година, Врховниот суд на Хрватска му ја изрече конечната казна од седум години затвор.
Во декласифициран извештај на ЦИА од 1995 година, исто така, се спомнуваат „бројни злосторства“, наводно извршени или раководени од Мерчеп, дел од нив извршени во градот Вуковар.
Хрватските медиуми во 2004 година објавија дека Хашкиот трибунал спровел истрага за улогата на Мерчеп во злосторствата извршени во Вуковар, но никогаш не беше покренато никакво обвинение.
Според извори блиски до обвинителството на МКТЈ, иследниците на Трибуналот, исто така, помогнале во формирање на предмет против командантот на Хрватските одбранбени сили, ХОС, во Осиек, Бранимир Главаш и неговите потчинети.
Во една деценија долгиот правен процес, кој сѐ уште трае, Главаш, пратеник и некогашен влијателен политичар на Хрватската демократска заедница, ХДЗ, е обвинет за убиство на седум српски цивили во Осиек, извршено помеѓу октомври и декември 1991 година.
Тој, во 2010 година, беше осуден на осум години затвор, но хрватскиот Уставен суд во 2015 година наложи повторно судење на случајот. Следната година, првостепенаta пресуда беше поништена и во октомври 2017 година судењето повторно почна од почеток.
Единствениот предмет во кој на хрватското судство МКТЈ му префрли обвинение, беше случајот против генералите Рахим Адеми и Мирко Норац, за злосторства над српски цивили и воени затвореници во Медачки џеб, село во близина на хрватскиот град Госпиќ, извршени во септември 1993 година.
Адеми, во 2008 година, беше ослободен од обвинението, додека Норац, во 2009 година, беше осуден на шест години затвор.
За злосторства во Медачки џеб, првично, во 2002 година, Трибуналот покрeна обвинение и против началникот на Генералштабот на Хрватската војска, ХВ, Јанко Бобетко. Но, тогашната хрватска левичарска влада не се согласи со барањето на МКТЈ за екстрадиција на Бобетко во Хаг.
Бобетко почина во април 2003 година и МКТЈ ја прекина постапката против него.
Долгогодишниот адвокат, Анто Нобило, кој бранел обвинетите за воени злосторства и во Хаг, и во Хрватска, вели дека хрватските судови се многу поблаги кон обвинетите Хрвати, отколку кон обвинетите Срби.
Нобило нагласува дека главната разлика меѓу МКТЈ и хрватските судови е тоа што сведоците пред хрватските судови даваат „парцијални“ сведоштва.
„Општо земено, Хрватите секогаш ќе сведочат за доброто на Хрватите и против Србите, и обратно“, објаснува Нобило, истакнувајќи дека таквите сведоштва се „многу несигурни“.
Тој тврди дека хрватските, но и српските судови, не ја утврдуваат командната одговорноста, туку само ги судат директните сторители, што значи дека високо рангираните офицери не се повикуваат на одговорност за воените злосторства што ги извршиле нивните сили.
„Во никој случај судовите нема да ја утврдат одговорноста на командантите според стандардите на меѓународното хуманитарно право. Заборавете на тоа“, вели тој.
Според Иван Јовановиќ, потенцијалната употреба на доказите достапни во МКТЈ, е практично ограничена и поради ставовите на српските, хрватските и ентитетските судови во БиХ.
Судовите сметаат дека не можат да се процесуираат злосторствата против човештвото извршени во 90-тите години, бидејќи во тоа време не постоел закон за тие злосторства, за што Јовановиќ вели оти верува дека е ова „силен аргумент“.
Истата причина е доминантен став и во Србија кога се образложува зошто не можат да се подигнат обвиненија за командна одговорност, истакнува Јовановиќ.
Србија ги игнорира доказите во архивите на судот на ООН
МКТЈ на Србија ѝ префрли само три предмети. Еден во кој Трибуналот го имаше потврдено обвинението и два предмети од „втора категорија“ во кои истрагата била започната, но не и завршена.
Првиот предмет, се однесуваше на поранешниот офицер на Војската на Југославија, Владимир Ковачевиќ, кој беше обвинет за незаконско артилериско гранатирање на стариот дел на Дубровник. Србија, во 2007 година, го прогласи за психички неспособен за судење.
Во вториот предмет, во 2018 година, осум поранешни борци беа осудени на вкупно 101 година затвор, за масакр извршен над околу 200 лица во Овчара, по падот на Вуковар во 1991 година.
Во врска со третиот предмет, помеѓу 2009 и 2012 година, седум српски борци беа осудени за злосторства извршени над бошњачки цивили во Зворник, од мај до јули 1992 година.
Сепак, можат да се подигнат уште многу обвиненија, дури и против осомничени на повисоки позиции во командниот синџир, доколку српското обвинителство за воени злосторства го искористи, на подобар начин, пристапот што го има до архивата на Хашкиот трибунал, тврдат одредени невладини организации.
„Хаг има многу докази за улогата во воените злосторства на полициски и воени официјални лица од висок и среден ранг, што може да се види и од неговите пресуди, но нашето обвинителство не ги користи овие докази за да покрене нови обвиненија“, вели Немања Стјепановиќ, истражувач на Фондот за хуманитарно право.
Врз основа на овие докази, додава Стјепановиќ, Хашкиот трибунал ги судеше највисоките официјални лица, додека Србија ги обвини само директните сторители, а оние од среден ранг се извлекоа.
Од ММКТ велат дека доказите што ги собрал Хашкиот трибунал се „суштински за прогон на воените злосторства во сите три држави (Србија, Хрватска и БиХ)“.
„Само во 2017 година, обвинителството предаде 4.600 документи, кои содржат повеќе од 84.000 страници доказен материјал, како и 92 аудио и видео записи“, велат во ММКТ.
Не е познато колку од овој доказен материјал добила Србија, а колку другите земји. Од српското обвинителство за воени злосторства за БИРН изјавија дека оваа информација е доверлива, бидејќи претставува дел од истражните или предистражните постапки.
Откако во мај 2017 година функцијата главен обвинител за воени злосторства на Србија ја презеде Снежана Станојковиќ, поднесени се четири нови обвиненија против борци од понизок ранг, за злосторства извршени во БиХ и во Хрватска.
Сепак, документацијата што упатува на вмешаност на повисоките функционери, обично се игнорира.
Во документарниот филм на БИРН „Неидентификувани“, во кој детално се опишуваат бруталните злосторства извршени во косовските села Ќушка, Пављан, Захач и Љубениќ во 1999 година, снимени се интервјуа со жртви, со поранешни војници и експерти, а документарецот содржи и документација од МКТЈ.
Сепак, од српското обвинителство за воени злосторства, за БИРН, во 2017 година изјавија дека ја завршиле истрагата за пензионираниот генерал на ВЈ, Драган Живановиќ, командант на 125-тата моторизирана бригада, која била одговорна во регионот во кој биле нападнати четирите села.
ФХП спроведе своја сопствена истрага и со користење на документи од Хашкиот трибунал, направи досие и документарен филм во кој сегашниот началник на Генералштабот на вооружените сили на Србија, генералот Љубиша Диковиќ, се доведува во врска со воените злосторства во Косово.
ФХП наведе дека во 1999 година околу 1. 400 албански цивили биле убиени во Косово во областа која била под контрола на 37-та бригада на ВЈ, која во тоа време била под команда на Диковиќ.
„Немаше да ги добиеме тие документи, ако не беше Хашкиот трибунал“, рече Стјепанновиќ.
Меѓутоа, Диковиќ не се соочи со обвиненија. Наместо тоа, тој го тужеше ФХП поради наводите, а првостепениот суд во Белград донесе одлука во негова корист и му наложи на ФХП, да му исплати отштета на Диковиќ.
Во тек е жалбена постапка.