Портрет

Од Кисела Вода до Градски парк: Мисијата на еден кандидат

Портрет на претендентот за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски

Пред гласањето в недела, се наметнува прашањето каква личност може да го избави Скопје од проблемите својствени за некои дамнешни и заборавени времиња: тротоари окупирани од ѓубре, сообраќаен колапс и воздух што го дишеме со страв.

Во вакви услови, Орце Ѓорѓиевски, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, влегува во вториот круг како јасен фаворит, со предност од 61.000 гласови.

Ѓорѓиевски е познат на политичката сцена, а неговите бројни интервјуа и поткаст-гостувања цртаат прв впечаток за тоа каков градски татко би бил.

Носи искуство од локалната самоуправа, каде што се афирмираше како енергичен лидер на советничка група, а потоа и како популарен градоначалник на скопска Кисела Вода.

Амбициозен е и самоуверен, на моменти до самобендисаност непријатна за гледање.

„Не сум самобендисан, пререален сум“, знае да каже.

Тој е практичар од форматот на Коце Трајановски, кој попрво би ги засукал ракавите отколку да заседнува на бескрајни разговори за стратегии и планови.

„За мене, црното е црно и белото е бело“, често ја повторува фразава, потенцирајќи го директниот пристап.

Пораснал во ВМРО-ДПМНЕ. Од средношколските денови е во партиското опкружување, кое обликува политичари со изразен традиционален профил и со нагласена национална реторика.

Беспоговорно е лојален на партискиот лидер, а манифестацијата на таа преданост повремено се граничи со слепа верба.

„Го почитувам како родител“, вели за деценија постариот Мицкоски.

„Бранови во политиката“

2025_Orce_Georgievski_Hristijan_Mickoski_VMRO_Foto:VMRO-DPMNE

Ѓорѓиевски и премиерот Христијан Мицкоски | Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Кариерата на Ѓорѓиевски е пример за трпеливо искачување по скалилата на политичката моќ. Од најниско ниво во општината, сега се кандидира за прв човек на Скопје – функција што тој ја гледа како втора по важност во државата.

За неговата популарност, критичарите ќе речат дека имал среќа да го замени ненаметливиот Филип Темелковски како градоначалник на Кисела Вода, а тој во одбрана возвраќа со проценти:

„Сработив 90 отсто од ветеното и уште двојно повеќе проекти што не ги ветив.“

Oтворен e за разговор со новинарите и за изјави, а без проблем одговара и на невкусните прашања за својот изглед.

„Не се кандидирам за мис“, кусо коментира.

Во кампањата, како главен адут го користи стопирањето на проектот за стотина нови згради во населбата Расадник, кој силно го промовира како удар врз урбаната мафија и бетонизацијата.

Кисела Вода беше далеку од најпопуларната скопска населба, меѓутоа и денес има бројни специфични проблеми што ги дели со остатокот на градот.

На Ѓорѓиевски може да му се замери за одредена канализација, улица или водовод што доцнат, заглавиле во процедурата или почнале да се прават баш пред изборите. Опонентите за кусур му ги земаат крупните ветувања што не ги исполни, како дислоцирањето на Центарот за наркозависници и изградбата на населба за млади брачни двојки.

На вакви прозивки за (не)сработеното, на површина излегува неговата надменост.

Зајадливо вели оти „нема време да ги учи СДСМ“ зашто портфолиото на партијата било „празен лист хартија“.

А, кога, сепак, се занимава со опозицијата, инсистира на еден предлог:

„Нека се соберат 15 души од Бихаќка, ќе им отидам да дебатираме. Еден на еден не може да се мериме“, вели човекот што влегол во политиката да „прави бранови.“

Се однесува како микро-менаџер, кој тврди дека ја знае секоја дупка во општината и посветено си ги бележи постигнувањата. Ги чува лопатите со кои почнува градежни проекти и ги врамува лентите од свечените отворања.

Штом ќе влезе во бараките кај Градскиот парк, ветува дека ќе ја тргне рампата, најавувајќи мандат близок до граѓаните. Во следните 72 часа ќе го чисти Скопје, а потоа, како што пречесто повторува, ќе влегува во „костец“ со проблемите.

„Градоначалникот е на некој начин хаус-мајстор.“

Одбил пратеничко место бидејќи сакал да испорачува во локалната самоуправа, каде што ја гледа шансата да остави конкретни дела зад себе по кои ќе биде запаметен.

„Тоа е смислата на животот“, ќе рече на еден од поткастите.

Меѓутоа, на теренот на незгодни теми, овој дипломиран политиколог демонстрира дека научил по нешто и од политичката демагогија.

За да го одбегне одговорот зошто ВМРО-ДПМНЕ четири години блокира нови автобуси, новинарите ги пренасочува кај градските советници од неговата партија.

Тивко го вметна БРТ-проектот во програмата, наводно никогаш не бил против брзиот автобуски превоз, иако со алатките за онлајн-археологија не можевме да најдеме доказ дека можеби некогаш бил „за.“

По прашањето за дивоградбите во Чаир, горката тема за коалиционерите од ВЛЕН, дава прилично општ одговор:

„Секој треба да понесе одговорност, меѓутоа јас не сум ниту судија, ниту кадија.“

Асоцијациите со старите грешки на ВМРО-ДПМНЕ ги одбива, со објаснување дека пред 2017 година сè уште не бил во служба на граѓаните.

Дел од постгруевистичката екипа

Ѓорѓиевски со поглаварот на МПЦ-ОА | Фото: Општина Кисела Вода

Орце Ѓорѓиевски е дел од екипата во ВМРО-ДПМНЕ што се промовираше како партиско освежување по драматичното заминување на Никола Груевски од лидерската позиција. До партискиот врв се искачи преку бројните пресови од Белата палата, плочниците пред МВР и пред СЈО.

Најблиски партиски другари му се министрите за спорт и за надворешни, Борко Ристовски и Тимчо Муцунски, и шефот на премиерскиот кабинет, Владимир Нелоски, со кој, како што тврди, е и фамилијарен пријател.

Меѓу другарите го вбројува и премиерот. Се дружеле 15-тина години и смета дека е исклучително искрен човек.

И кога не го прашуваат Ѓорѓиевски, нагласува дека е израснат во скромно семејство и во средина каде што преовладувале традиционалните вредности и верата. Повеќепати кажал дека само од Бог се плаши.

Често зборува за сопругата и за малолетниот син и признава дека од домашните обврски негово е само пазарењето.

Милува историски теми во книгите и во документарците, а најчесто слуша македонски хип-хоп. Омилен му е „Сенки“ на Милчо Манчевски, филмот низ кој провејува темата за егзодусот на Егејците и чиј поднаслов е „Врати го она што не е твое.“

Се чини дека она што никој не може да му го земе е предноста по првиот круг, затоа само политичко чудо може да ја попречи неговата победа.

А, по четири години, успешноста на Ѓорѓиевски ќе се мери по тоа како и колку брзо ќе ги решава базичните проблеми, како што е собирањето на сметот, но и посложените и скапи проекти што бараат време, план и трпение – смогот, минимум достоинствен јавен превоз и санирањето на депониите од типот на Вардариште.