Лепиња, нарезок во конзерва, сокче и тортичка – тоа е ручекот што минатата среда го добија луѓето што јадат во т.н. народни кујни, во Скопје. Вкупно 978 вакви оброци беа разнесени до деветте пунктови на кои се дели храната низ главниот град. Секој оброк, државата го плаќа по 239 денари – толку е договорено во тендерот со кој тие се подготвуваат и дистрибуираат до луѓето во социјален ризик, кој инаку предвидува готвена храна преку неделата и ланч пакети во петок – за деновите од викендот.
Додека од фирмата што го спроведува тендерот тврдат дека дале сува храна сред недела поради неочекуван инцидент и дека во детали го почитуваат договорот, посетите на пунктовите за делење храна низ Скопје покажуваат дека она што стои на хартија не е исто со храната што реално ја добиваат социјално загрозените граѓани.
Има отстапувања во менијата, храната е ладна, честопати преплатена и практично се дели на улица – концепт различен од идејата за народните кујни, со кој најсиромашните граѓани треба да добијат еден пристоен, топол оброк во денот и чувство дека некој се грижи и за нив.

Ручекот од 19.12.2025. Според менито, во него недостигаат јогурт и колач | Фото: ЦГК
Тоа го покажа и посетата на БИРН дел од пунктовите каде што се дели храна, но и истражувањето на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК), каде што во детали проверувале како се спроведуваат неколку тендери, меѓу кои и тој за народната кујна.
„Станува збор за тендер, кој е многу вреден од аспект на финансиите, 1,5 милион евра годишен договор и ова е набавка која засега една навистина чувствителна група граѓани. Оттука произлезе нашиот интерес да видиме колку навистина ефикасно се спроведува и како се доставува храната до луѓето во социјален ризик“, појаснува Сабина Факиќ од ЦГК.
Имало што да видат – наместо во народни кујни, храната за најранливите групи обично се дели на улица. Анализата на тендерските документи, пак, покажала дека спроведувањето на договорот сериозно отстапува од она што е предвидено во тендерската документација и дадената понуда.
Заглавениот тендер ги оставил луѓето со месеци без храна

Од распишувањето на првиот тендер до склучување на договорот минале 7,5 месеци | Фото: БИРН
БИРН посети две од деветте локации, определени од Министерството за социјална политика, на кои се дели храната за народните кујни. Едната во Центар, во Маџир Маало, каде што комбето застанува на тротоар, втората, во населбата Ченто, каде што стариот натпис „Народна кујна“, закачен над влезот на руинирана барака со потпис на Министерството за социјална политика, е единственото нешто што покажува дека ова е пункт за храна.
Некаде до пред пандемијата, како што раскажуваат луѓето што живеат во близина, оброците се земале во бараката, која била реновирана за таа намена, но во последниве години се делат директно од комбе, во прашината на импровизираниот паркинг пред неа.
Околу 10.30 часот се собраа 15-тина лица, кои го чекаа комбето кое се задржува 10-15 минути. Доаѓаат порано, за да не го испуштат терминот, бидејќи стравуваат дека така може да го изгубат и правото на овој оброк, кој знае да им биде единствен во денот.
„Така ни кажаа, така правиме“, појаснуваат присутните.
За квалитетот на храната немаа многу пофални зборови, но се благодарни што ја добиваат. Лани, на пример, без овој оброк биле со месеци.
Тоа е периодот во кој се кроеше новиот тендер. Беа потребни седум и пол месеци, два поништени тендери, шест жалби, за по третото распишување на огласот да биде избран сегашниот снабдувач, кетеринг-компанијата „Парти сервис Лео“, откако претходно, шест години со ред, победуваше друга фирма, „Унимеркант-кетеринг“. Главната разлика што ја забележале луѓето што подолго време се хранат со оваа мерка, е дека претходно јадењето било топло бидејќи од казаните во комбето директно им се турало во тенџерињата што ги носеле. Сега велат сè е спакувано, ама често е „мраз ладно.“
Никој од нив не знае дека постои тендер, мени во него, ниту им било соопштено што треба да испорачува фирмата.

Мајка ја покажа храната останата од претходниот ден која децата не можеле да ја јадат | Фото: БИРН
Мајка на мало дете ја покажуваше храната што ѝ останала од претходниот ден. Децата не можеле да ја јадат. Се пожалија на леќата, спанаќот и сувата храна за викендите, а го пофалија гравот кога е тазе, стекот со ориз и грашокот со плескавица.
„Убаво е да се даде како што треба, па луѓе сме и ние, не сме стока“, револтирано коментираше повозрасна жена, дојдена да земе оброк за себе и за сопругот.
Според менито, за втората среда во месецот, следуваше ослиќ, со печен ориз, салата и леб. Наместо тоа, комбето им донесе сува храна.
Во разговорот со БИРН, од раководството на „Парти сервис Лео“ се правдаа дека се работело за инцидентен случај и негираа дека прават отстапки од менито предвидено со тендерот. Тврдеа дека баш тој ден имале проблем со струјата и не им работела кујната додека чекале сервис.
„Тоа беше единствен ваков случај во шест месеци. Беа известени институциите дека ќе се дели ланч пакет. Ние сме општественo одговорна компанија и не сакавме да ги оставиме луѓето гладни“, посочија оттаму.
Раскажаа дека редовно донираат храна за сиромашните, меѓу другото и на пунктот за бездомници во Скопје, како и дека и самите јадат од истите оброци, кои, според нив се вкусни, и направени по сите стандарди.

Сепак, сувиот оброк во средата не бил инцидентна отстапка од менито. Ден пред нашата посета, на пример, на менито имаше мусака, но на луѓето им се делело спанаќ.
Истражувањето на ЦГК, во кое тие ја документирале поделената храна при теренските посети, откри уште поголеми отстапки. Не само што не бил следен редоследот на давање на оброците, туку имало недоследности во количествата, комбинациите, а повеќепати недостигале производи. Од јогурт и сирење, до супа и овошје. Еден од сувите оброци што ги документирале се состоел од месен нарезок, четвртина кромид и лепиња. Друг, од готвените, пак, содржел само макарони и леб.
Големи разлики во цената по оброк

Ручекот доставен минатата среда со тендерот за т.н. народни кујни | Фото: БИРН
Истиот оброк, според менито и составот за кој во Скопје се плаќа по 239 денари, во Тетово, на пример, чини 105 денари, ама таму храната ја приготвува една од детските градинки. Од друга страна, пак, тендерот во Куманово, годинава го доби фирмата која до лани готвеше во Скопје, со цена од дури 313 денари по оброк.
Од „Парти Сервис Лео“ појаснуваат дека во вакви тендери има многу трошоци и морало да ги вкалкулираат претпоставените ризици за цела година. Затоа и ја понудиле сегашната цена по оброк, за која не сметаат дека е висока.
Сепак, токму овој податок беше она што најмногу ги изненади луѓето што добиваат оброк. Тендерите ним не им значат ништо. Нивниот впечаток е дека некој им ја подарува храната.
Затоа и останаа подзинати на информацијата дека државата за секој корисник месечно плаќа по околу 7.200 денари, независно дали е возрасен или дете, бидејќи оброкот е ист за сите и обично го земаат повеќе членови во семејството.
„Толку пари, а пак сме гладни. Барем лепче повеќе да ни даваат“, коментираа во хор луѓето од редот за храна.
Пресметката на БИРН покажа дека ако од продавница, по малопродажна цена, ги купат производите што ги добија дента за ручек, за нив би платиле 111 денари.
Осличот со ориз и леб, кој стоеше на менито за среда, купен во истиот ден од продавниците за готвена храна, на фирмата што ја прави храната и за народните кујни, БИРН го чинеше 109 денари, без сезонската салата.
Од ЦГК, дел од причината за ова ја гледаат и во високите стандарди што ги има поставено Министерството за социјална политика во самиот тендер. Ако се чита тендерот, во него стои сервирање на храната во простории, што би подразбирало и нивно одржување.
„Но, во вакви услови, кога вршите проста дистрибуција од 15 минути на спакувани јадења, цената е непазарно висока“, укажува Факиќ.
Од компанијата велат дека биле изненадени кога виделе дека храната треба да се дели директно од комбе, бидејќи не било предвидено место каде да ја остават, со исклучок на две од локациите. Првиот месец, комбето стоело по два часа на локација како што е наведено во тендерот, ама бидејќи сите земале храна штом дојдат на локација, продолжиле да функционираат како сега, со кратки задржувања. Тврдат дека за сите работи, редовно ги известуваат институциите, дека поплаки досега не добиле, туку само пофалби.
На иста линија е и Министерството за социјална политика. Велат дека секојдневно го контролираат спроведувањето на тендерот и сè тече под конец.
„Досега нема утврдено нерегуларности, ниту се пристигнати поплаки од корисниците“, стои во одговорот до БИРН.
Од друга страна, иако ЦГК побарале, и ваквите податоци се јавни, од Министерството не им ги дале документите за спроведената тендерска постапка, ниту, пак, за следењето на реализацијата на овој тендер.

Некогашната народна кујна во Ченто, пред која се дели храната | Фото: БИРН
На луѓето што живеат во сиромаштија, пак, не им прави разлика како се прават договорите. Ниту дали има тендер. Би сакале храната да биде подобра, посебно кога знаат дека добро се плаќа.
„Ама, кога нема друго, и ова е добро“, велат луѓето од пунктот во Ченто.

