Истражувањa

Од олтар до хотел: Црковниот имот како деловна стратегија

БИРН го квантифицираше имотот на МПЦ-ОА што не служи за верски обреди

Македонската православна црква (МПЦ-ОА), освен храмови и манастири, поседува и завидна бројка станови, деловни простории, обработливи површини и туристички капацитети.

Некои од нив ѝ носат заработувачка од закуп.

Меѓутоа, државата нема увид во парите од киријата зашто црквата со години не поднесува завршни сметки до надлежните институции. Поточно, од 2010 до 2023 година поднела само една завршна сметка и во неа не пријавила приход од закуп или од каква било стопанска дејност.

Ова се наодите на истражувањето на БИРН што се потпира врз податоците од новата база „Верски имоти под лупа.“

Акумулирањето недвижен капитал надвор од храмовите и можноста тој економски да се експлоатира, да се издава или да се продава, го храни митот за богатите црковни великодостојници што уживаат привилегии и возат скапи џипови. Oвoj претприемачки имиџ на црквата дополнително го засилуваат повремените бизнис-излети на МПЦ-ОА во градежништвото, енергетиката и во туризмот.

Црквата вели дека реалноста е поинаква.

Синодот, за БИРН, аргументира дека единствената цел на црковната економска активност е нормалното функционирање на верската заедница, без разлика дали станува збор за работењето на нејзини фирми или, пак, за закуп на имот.

Бизнис-активностите на црквата и во Уставот на МПЦ-ОА се претставени како нужност.

„Средствата што се прибираат служат за издршка на МПЦ“, стои во најважниот црковен документ.

Хотели и атрактивни станови

Хотелите на МПЦ на охридското крајбрежје | Фото: Google Maps

Закупот е формата преку која црквата одржува и стопанисува дел од своите туристички објекти. Во портфолиото на Македонската православна црква има и имот што е запишан како туристички и спортски објекти и под таа категорија, црквата поседува 26 имоти на 25 локации.

Најпознати туристички објекти се хотелите „Изгрев“ и „Бисер“ во близина на струшкото село Калишта, лоцирани на самиот брег на Охридско Езеро.

Пред повеќе од една деценија, туристичката агенција „Фибула травел“ го зеде под наем „Изгрев“, кој се простира на нешто повеќе од 37.000 квадрати и целиот комплекс го реновираше во луксузен хотел со пет ѕвездички, конференциска сала, ресторан и спа-центар.

Од деталите на договорот беше објавен само оној дека туристичката агенција и црквата се договориле закупот да трае половина век.

Соседниот хотел „Бисер“ менуваше кираџии низ годините, а од лани под закуп го зел познатиот угостител од Струга, Крсте Блажески-Крис, кој е еден од сопствениците на хотелот „Дрим.“

За сега ништо од енергетскиот бизнис на МПЦ

Во последниве неколку години, медиумите објавуваа дека МПЦ, заедно со партнери, се впушта во енергетскиот бизнис со плановите за изградба на мала хидроцентрала и на соларна плантажа.

Од Дебарско-кичевската епархија, на чија територија беа замислени овие објекти, за БИРН само кусо информираат дека проектите, сè уште, не се ниту во почетна фаза.

Тој во разговор со БИРН информираше дека целосно го реновирал хотелот, меѓутоа не откри детали од договорот, иако потенцираше дека времетраењето на закупот е далеку помал од оние 50 години на „Изгрев.“

Овој угостителски објект се простира на 25.000 квадрати.

Исто така, еден од храмовите на МПЦ-ОА на охридското крајбрежје, со години издава и дел од плажа на локален угостител, според една од одлуките објавени на јавниот судски портал.

Што се однесува до станбениот простор, него МПЦ го има на точно 195 локации катастарски поделен на 225 имоти.

Деталната анализа за десетте општини од главниот град, каде што е најатрактивен станбениот простор, покажува дека во Скопје, црквата поседува 20 станови со површини  меѓу 40 и 90 квадрати. Два се наоѓаат во Аеродром, седум во Кисела Вода и 11 на разни локации низ Општина Центар.

Далеку најатрактивен имот на црквата ќе биде оној во трите висококатници што се градат спроти „Холидеј ин“, каде што црквата се јавува како партнер на градежниот инвеститор „МГ Фешн.“

Околу 11.000 квадрати се впишани во новите висококатници, меѓутоа не се знае колку од нив ќе ѝ припаднат на црквата, зашто зградите сè уште не се завршени, а МПЦ-ОА и инвеститорот не зборуваат за деталите од нивниот договор.

Сепак, базата „Верски имоти под лупа“ открива дека засега МПЦ поседува три стана од 92, 110 и од 250 квадрати во комплексот од три висококатници што се гради спроти „Холидеј ин“, за чија изведба граѓаните жестоко негодуваа.

17.500 квадрати деловен простор

Станбениот комплекс спроти скопски Холидеј ин | Фото: БИРН

Анализата на базата „Верски имоти под лупа“ покажа дека само во категоријата деловен простор, МПЦ-ОА поседува вкупно 129 имоти на 121 поединечна локација низ државава. Со други зборови, Црквата има околу 17.500 квадрати под катастарската категорија што обединува канцеларии, дуќани и сличен комерцијален простор.

Детали за тоа како МПЦ-ОА го експлоатира својот деловен простор даваат јавните судски одлуки во случаите кога зделките на црквата не се одвивале според договореното.

Еден таков судски процес открива дека, на пример, соборниот храм во Битола, „Св. Великомаченик Димитриј“, уште во 2001 година се договорил со локален угостител да му го изнајмува комерцијалниот објект што се наоѓа веднаш до црквата на битолскиот плоштад Магнолија.

Црквата е голем земјопоседник

Кога зборуваме за црковниот имот, кој не е во директна служба на религиските потреби, податоците од базата говорат дека МПЦ-ОА е и релативно голем земјопоседник.

Таа има близу 5.500 поседи, односно ниви, овоштарници, шуми, пасишта и ливади што се простираат низ нешто повеќе од 9.000 хектари низ цела Македонија.

Деценија подоцна, Преспанско-пелагониската епархија, во име на храмот го тужела угостителот зашто со години не плаќал кирија за 200-те квадрати што ги користел како ресторан, за нив на црквата требало да ѝ плаќа 1.200 германски марки месечно (600 евра).

Пребарувајќи ја судската архива, дојдовме до податоци дека МПЦ давала под наем свој простор во Битола и на политичка партија, и на државна институција, а со ваква стопанска дејност се занимавала и во Скопје, во најмалку два случаи.

Често ваквите договори за закуп, црквите ги склучувале откако МПЦ, преку денационализација, го добивала имотот што веќе некој го користел или имал закупец. Впрочем, верските заедници во Македонија, голем дел од имотот го добиле преку денационализација.

Проверката што ја направи БИРН, вкрстувајќи ги податоците од Катастарот на недвижнини и од интернет-мапите, сепак, покажува дека не сите имоти што се заведени како деловен простор се продавници или канцеларии, туку дел од нив се придружни објекти на локални храмови или гробишта.

Оваа недоследност на Агенцијата за катастар на недвижности се пресликува и врз другите категории на имот.

Државата без увид

Црквата не крие дека заработува од својот имот, меѓутоа, и покрај тоа, даночниците велат дека МПЦ-ОА нема пријавено приходи од стопанска дејност, а истото важи и за Исламската верска заедница (ИВЗ).

„Според податоците пријавени до УЈП, двете верски заедници не остваруваат приходи од стопанска дејност, како што се приходи од кирии по основ на договори за закуп на недвижности“, се вели во писмениот одговор на УЈП на нашите прашања.

Управата, овој одговор го темели исклучиво од едната завршна сметка што ја доставила МПЦ-ОА во 2011 година и во која не пријавила стопанска дејност.

Црквата е непрофитна организација и затоа е ослободена од многу давачки, меѓутоа не е ослободена и од обврската да ги пријавува приходите и расходите, без разлика дали тие се од стопанска дејност или, пак, легнале на сметката на МПЦ на поинаков начин – донации, продавање свеќи или од нешто друго.

Суштината на овој систем на пријавување, кој МПЦ-ОА не го почитува, е државната контрола што во овој и во случајот на МПЦ изостанува.