Истражувањa

Од ридови и планини до дуќани и станови – што сѐ има МПЦ-ОА

Црквата има контрола врз имот два и пол пати поголем од државата Сан Марино

Кога стоиме на пристаништето во Охрид и гледаме на југот кон врвот на Галичица, малкумина ќе знаат дека околу една третина од таа планина над селата Трпејца и Љубаништа, заедно со највисоката точка, врвот Магаро, е во сопственост на Македонската православна црква-Охридска архиепископија.

Тоа не е единствената планина што ја има МПЦ-ОА. Голем дел од падините на Јабланица, западно од патот од Струга кон Дебар, кон границата со Албанија, исто така ѝ припаѓаат на најголемата верска заедница во Македонија.

Од шуми, ливади и пасишта, до ниви и други земјоделски имоти, речни корита и камењари, сѐ до станови и дуќани на атрактивни локации во урбаните центри. Сето тоа е запишано во катастарот како имот со кој располага црквата, најчесто како сопственик или со стекнато право на сопственост, а многу мал дел со право на користење.

Црквата поголема од три општини заедно

Скопски општини имаат помала територија од црковниот имот | Фото: БИРН

Базата „Верски имоти под лупа“, што ја изработи БИРН врз основа на податоците достапни на интернет-страницата на Агенцијата за катастар, покажуваат дека има вкупно 14.757 поединечни парчиња имот кај кои фигурира името на Македонската православна црква-Охридска архиепископија. Од нив, 789 се во мешана сопственост, односно, освен црквата, како сосопственици се јавуваат граѓани, компании или државата. Некаде уделот на МПЦ во тие имоти е минорен, а на други места е доминантен. Тоа значи дека има 13.968 посебни парчиња имот каде што таа се јавува како единствена институција што има права врз нив.

Сите тие не се посебни имоти на различни локации. Има случаи каде што една парцела е поделена на две или повеќе парчиња што имаат посебни катастарски броеви и се внесени како посебни имоти, а на сателитските мапи се гледа дека тоа е еден компактен имот (на пример нива, лозје или овоштарник).

На местата каде што се изградени објекти, пак, како посебни имоти се впишува секој кат, секоја помошна просторија, скали, балкони и други елементи, како и земјиштето под зградата и околниот простор. Тоа значи дека за една куќа може да има и пет-шест посебни точки впишани во катастарот, но тоа сѐ уште е еден имот.

Вкупно, црквата располага со имот на околу девет илјади локации во градовите, селата, полињата и планините низ Македонија. Кај дел од нив како носител на правото врз имотот е впишана МПЦ-ОА, кај други тоа е една од епархиите, а кај трети стои некоја поединечна локална црква или манастир.

Колкава е површината на тој имот? Сѐ на сѐ, црквата има целосни или делумни права врз површина од речиси 143 милиони квадратни метри, или 143 квадратни километри. Тоа е два и пол пати повеќе територија од државата Сан Марино.

Од нив, околу 95 милиони се имот во кој фигурира исклучиво МПЦ-ОА како сопственик или корисник, а околу 48 милиони се во заедничка сопственост. Вкупниот удел на црквата во заедничките имоти е околу 12 отсто, што значи дека кога тие идеално би се поделиле според математичка формула, таа би си додала уште околу шест милиони квадрати во свој посед.

Ако се собере вкупниот имот на МПЦ-ОА на едно место, би се создала територија малку поголема од скопските општини Карпош, Аеродром и Кисела Вода заедно.

Планини и реки во црковна сопственост

Голем дел од планините покрај македонско-албанската граница се на МПЦ-ОА | Фото: БИРН

Над 80 отсто од имотот на МПЦ-ОА се шуми, ливади и пасишта, околу 81 милион квадратни метри. Во оваа категорија спаѓаат и најголемите поединечни парчиња што ги поседува црквата, оние на планината Галичица, впишани во сопственост на манастирот „Свети Наум.“ Големи шумски подрачја, таа има и на северната страна од Скопска Црна Гора, на Јабланица, како и кај манастирот „Свети Јован Бигорски“, каде што шумскиот посед се простира сѐ до пасиштата во горниот дел на Бистра. Помали шуми, пасишта и ливади има на околу три илјади локации низ земјата.

Со 13 милиони квадратни метри, земјоделскиот имот е втор по големина што го има МПЦ-ОА. Црквата поседува ниви што се простираат и до 20 хектари, односно 200 илјади квадратни метри. Од сателитските мапи може да се види дека голем дел од овие површини се обработуваат. Освен ниви, таа има и лозја и овоштарници. Во катастарските податоци пишува дека е сопственик и на два рибника, но реално на местата каде што тие треба да се наоѓаат нема такви објекти и не се одгледуваат риби.

Пресушени речни корита, долови и камењари се, исто така, дел од имотот на МПЦ-ОА. Такво речно корито, таа поседува во скопско Сопиште, на место опкружено со градби. Од имотите катастарски обележани како камењари, најголемите се наоѓаат кај манастирот „Трескавец“ и кај селата Горно и Долно Лакочереј во Охридско.

Станови низ Скопје, Битола и Охрид

Дел станови во 20-катницата покрај Вардар се на црквата | Фото: БИРН

Бројот на поединечни станови што ги поседува Македонската православна црква-Охридска архиепископија е тешко да се утврди според начинот на кој податоците за овој имот се впишуваат во катастарот. Но, оттаму може да се види дека таа поседува вкупна површина од 140 илјади квадратни метри обележана како некаков вид станбен простор.

Како простори за домување во катастарот најчесто се обележувани делови од конаците на црквите и на манастирите, кои црквата ги користи за свои потреби, односно тоа не се комерцијални имоти од кои таа заработува пари.

Но, МПЦ-ОА поседува станови и што не се дел од некој поврзан црковен имот. На пример, речиси една десеттина од вкупниот станбен простор впишан на нејзино име, околу 11 илјади квадрати, е впишан во новите висококатници што се градат спроти хотелот „Холидеј ин“ во центарот на Скопје, каде што таа поседуваше дел од земјиштето. Таа има и околу три и пол илјади квадратни метри во зграда, во населбата Стрчин во Битола. Околу 2.700 квадрати се впишани и во објект во градба во скопско Сопиште.

Во главниот град, црквата има еден стан во центарот, во една од кулите на Градски ѕид, како и два во Капиштец, близу трговскиот центар „Беверли Хилс“. Тие не ѝ припаѓаат на Скопската епархија, туку на Дебарско-кичевската. Потоа, Повардарската епархија има два стана во Кисела Вода и во близина на Католичката црква. МПЦ-ОА има станбен простор од околу 600 квадрати во зграда во Ново Лисиче зад трговскиот центар „Лиса“, уште два стана во тој дел од градот, како и станбени единици спроти Соборниот храм, кај Цветниот пазар, кај основното училиште „Јохан Хајнрих Песталоци“, во Чаир, во Ѓорче Петров спроти терминалот на ЈСП Скопје, два стана во Стар Аеродром спроти црквата „Свети Илија“ и на други места.

Друг град каде што црквата има поголем простор за домување е Битола, каде што може да се најдат нејзини куќи и станови на дваесетина локации – во чаршијата, во центарот, во Јени маале, на влезот од градот откај Прилеп и на други места. Во Охрид има два стана во стариот дел, два покрај булеварот Туристичка и еден во близина на Биљанини извори. Има и стан во центарот на Струга.

Куќи и станови што не се поврзани со друг црковен имот има и во Кочани, Радовиш, Штип, Тетово и на други места.

Освен со станови и згради, МПЦ-ОА располага и со градежни неизградени земјишта, од кои најатрактивен е еден плац од околу осум илјади евра во скопско Ново Лисиче, на булеварот Србија.

Газда на голем дел од крушевската чаршија

Крушево е град каде што црквата поседува повеќе имоти | Фото: БИРН

И деловните простори со кои располага Македонската православна црква-Охридска архиепископија се најчесто делови од црковни или манастирски комплекси, каде што одреден простор се користи како канцеларии за локалното свештенство или како продавници за свеќи и други црковни производи. Вкупно 243 имоти се впишани како деловни, со 120 илјади квадрати.

Но, слично и како кај становите, црквата поседува објекти и простори што се користат за комерцијални цели. Еден од најголемите такви објекти е една стара куќа во центарот на Битола, заведена како деловен простор, со вкупна површина од 836 квадрати. Во овој град, црквата има повеќе дуќани – два во чаршијата, барем пет во безистенот, еден на кејот на Драгор, еден на плоштадот Магнолија и на други места.

Во центарот на Скопје, МПЦ-ОА има дуќан на улицата Македонија, деловен простор спроти Министерството за правда, простор во комплексот „Порта Буњаковец“, над 100 квадрати простор на улицата Даме Груев зад Министерството за финансии, како и неколку дуќани во чаршијата, од кои најголем е еден објект од околу 300 квадрати на влезот, близу стоковната куќа „Мост“.

Крушево е, исто така, град каде што црквата има повеќе дуќани и деловни простори. Поголем број продажни и угостителски објекти во крушевската чаршија околу централната црква „Свети Никола“ се во сопственост на МПЦ-ОА. Има и мал дуќан во прилепската чаршија.

Црквата поседува и туристички и спортски објекти, од кои најпознати се хотелите „Изгрев“ и „Бисер“ кај струшко Калишта, на брегот на Охридско Езеро.

Соборниот храм најголем

Соборниот храм „Св. Климент Охридски“ во Скопје | Фото: БИРН

МПЦ-ОА располага и со голем верски имот, односно цркви и манастири, објекти што служат за таа да ја извршува својата основна функција – одржување богослужби и организирање на верскиот живот на православните христијани во Македонија. Има над 2.100 такви имоти според катастарските податоци. МПЦ-ОА, според сопствените податоци, има над 2.000 цркви.

Сепак, поради начинот на кој се впишуваат овие имоти, невозможно е од катастарските податоци да се изведе точниот број цркви и нивните димензии. Особено затоа што во катастарот има случаи каде што гробишта се впишани како црква, па дури и на празни плацови пишува дека има таков објект.

Според податоците што може да се пресметаат, најголем поединечен верски имот на МПЦ-ОА е Соборниот храм „Свети Климент Охридски“, кој се простира на над пет илјади квадрати.

Црквата поседува и гробишта на околу 250 локации во земјава, со вкупна површина од речиси 900 илјади квадрати.