Истражувањa

Од скандал во Ерменија до надзор на Бехтел и Енка во Македонија

БИРН истражува кој ќе ја контролира изградбата на коридорите 8 и 10 Д

Во септември 2021 година, медиумите беа полни со вести за таканаречената ерменска дипломатска афера. Речиси немаше медиум што не извести дека тројца македонски дипломати со приватен авион, од Ерменија го извлекле македонскиот државјанин Бранислав Димитријевиќ

Аферата се сведе, пред сѐ, на улогата на македонските дипломати, а малку внимание се посвети на причината поради која македонскиот државјанин Димитријевиќ одлучил да избега од Ерменија. 

Самото бегство се случило две години пред да дознае македонската јавност за него, а причината што го натерала Димитријевиќ на таков чекор е истрагата на ерменското обвинителство, која, пак, почнала една година претходно, во 2018 година. 

Истражните органи во таа кавкаска земја отвораат истрага за „развојот и спроведувањето на проектот патен коридор Север – југ во периодот од 2009 до 2018 година“.

Димитријевиќ тогаш работел како тим лидер за француско-шпанскиот конзорциум Савеж-Ептиса*. Портпаролката на ерменското обвинителство, Лусин Мартиросијан, за БИРН, вели дека на шести декември 2018 година „врз основа на доволно докази прибавени во кривичниот предмет“ , Димитријевиќ, во улога на „тим лидер на француското заедничко вложување „Савеж-Ептиса“, се товари по член 178, став 3, точка 1 од Кривичниот законик“. 

Овој член од ерменскиот Кривичен законик, што го цитира обвинителството, се однесува на „извршена измама од голем обем“. Тогаш за Димитријевиќ имало превентивна мерка дека не смее да ја напушти државата. 

Но, месеци подоцна, тој одлучува да не ја почитува одлуката на државните органи. Во септември 2019 година ја напушта земјата со помош на македонски дипломати и три други лица и оттогаш му се губи трагa. Ерменија го бара за измама, а во отсуство му е одредена мерка притвор. 

Во Македонија, пак, фирмата на која Димитријевиќ е еден од сопствениците е Евро консалтинг ДОО, како и фирмата за која работел во Ерменија, шпанската Ептиса, се дел од конзорциумот компании што го добија тендерот за надзор на изградбата на коридорите 8 и 10 Д што ќе ги гради американско-турскиот конзорциум, Бехтел и Енка. 

Сѐ е според законот

Паоло Орсини и Ејуп Рустеми во зградата на Владата го потпишаа договорот за надзор | фото: Влада на РСМ

На втори февруари годинава, Ејуп Рустеми, како директор на Јавното претпријатие за државни патишта, и Паоло Орсини, во име на италијанската компанија ИРД инженеринг, во зградата на Владата го потпишаа договорот вреден нешто повеќе од 22 милиони евра. 

Во соопштенијата што подоцна ги испрати владата, на снимките и фотографиите зад потписниците се: премиерот Димитар Ковачевски, неговиот заменик Артан Груби и министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски. Toгаш се зборува само за ИРД. Оваа италијанска фирма од 2003 година работи на повеќе проекти во Македонија, но тазе потпишаниот се смета за најзначаен договор што ИРД го добила во земјава. 

Покрај ИРД, Ептиса и Евро консалтинг, во конзорциумот е и Електра солушн на Андон Ампов

Јавното претпријатие за државни патишта, огласот го распишало на 15 септември лани. Се пријавиле три конзорциуми предводени од странски компании, а, како што ни одговорија од таму, изборот на конзорциумот на ИРД паднал поради „најдобриот понуден квалитет и понудената цена“. 

БИРН, наведувајќи ги наодите од истражувањето поврзани со истрагата за Димитријевиќ во Ерменија и со неговата позиција во конзорциумот „Савеж – Ептиса“, побара коментар од Јавното претпријатие. 

Од таму добивме одговор поврзан со техничките детали. Појаснија дека изборот поминал и на Управна контрола, а до Државната комисија за жалби по јавни набавки биле поднесени две жалби, кои биле отфрлени.

„Постапката и изборот беа согласно сите законски и подзаконски акти за јавни набавки и транспарентни од самиот почеток“, велат од претпријатието. 

Истрагите си течат, тендерите се редат

Јавно претпријатие за државни патишта | Фото: БИРН/В. М.

Евро консалтинг е основана во 2002 година. Нејзин сопственик и управител многу години е самиот Бранислав. Во јуни 2021 година се случуваат промени, па за управител е назначен син му Зоран Димитријевиќ, а една година подоцна, како сопственик се јавува и Елисавета Иванова. Бранислав останува еден од сопствениците, па сега скопската надзорна компанија има двајца газди.

Неговата фирма, и додека работи во Ерменија, и додека за него тече истрагата пред Обвинителството во Ереван, судејќи според податоците од системот за јавни набавки, добро работи во Македонија. 

Без тендер, ама по закон

Парламентот во јули 2021 изгласа Закон за изградба на автопатишта без објава на меѓународен тендер. Со тоа практично им се овозможи на „Бехтел и Енка“ да ги градат коридорите 8 и 10 Д. Македонија веќе има искуство со договарање изградба на автопатишта без тендер. Собранието во 2013 година изгласа закон за изградба на автопатиштата Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид.

Државата и општините склучиле над 270 договори со Евро консалтинг, кои заедно „тежат“ над 4,5 милиони евра. Само лани биле потпишани 11 договори со државни институции вредни околу 650 илјади евра. Меѓу најскапите проекти на кои работеле се оние на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони и изградбата на нов клинички центар во Скопје и во Штип.

Евро консалтинг е фирма што е мошне застапена и во надзорот на изградбата на објектите од проектот Скопје 2014. Впрочем ова е податок со кој и самата компанија се фали на нејзината интернет-страница. 

Во договорите што се потпишани за сегашниот тендер, во име на македонските фирми кои се дел од конзорциумот, потпишани се новиот управител на „Евро консалтинг“, Зоран Димитријевиќ, и управителот на „Електра солушн“, Андон Ампов.

Ерменија го бара Димитријевиќ за три кривични дела

БИРН се обиде да стапи во контакт со Бранислав Димитријевиќ преку неговата скопска фирма „Евро консалтинг“, но, и покрај пратената електронска порака и телефонскиот разговор со претставници на фирмата, не добивме повратен одговор.

Димитријевиќ, всушност, ниту еднаш не се појави во македонската јавност од кога се дозна за организираното бегство, кое, пак, во Ереван му донесе уште две други обвиненија: за „противправно стекнување или продавање службена исправа“ и за „нелегално поминување на државната граница“.

Само за едно од трите дела, за нелегално поминување на ерменската граница, на Димитријевиќ му се заканува казна затвор од 3 до 7 години.

Ерменското обвинителство, за БИРН, објаснува дека тој е обвинет оти „создал организирана група со македонските државјани Владимир Сарафов, Миле Миленкоски, Стево Симски, Зоран Спирев, бугарскиот државјанин Филип Спирев и украинскиот државјанин Володимир Столјарчук“.

Многу афери за ерменскиот коридор

За коридорот Север – југ во Ерменија е обвинет и Левон Саркасјан, брат на поранешниот претседател Серж Сарксјан. Обвинителството смета дека како тогашен вработен во Министерството за надворешни работи влијаел врз изборот на ерменските фирми подизведувачи и со нив делел профит со што го оштетил буџетот. И тој е во бегство.

Со помош на таа група, тој, на први октомври 2019, ја поминал „граничната контрола преку ВИП салонот на меѓународниот аеродром… користејќи пасош нелегално добиен од македонскиот државјанин Зоран Спирев“.

За оваа акција, која ја спровеле во тој момент двајца активни дипломати, Сарафов и Миленковски и еден во пензија, Симски, се дозна во август 2021 година. Тогаш Миленковски беше уапсен на границата меѓу Србија и Македонија, кога како вработен во македонската мисија во ОБСЕ, во Виена се враќал накај дома. Тој беше уапсен по меѓународната потерница издадена од Ерменија. 

Пет месеци Миленковски беше во екстрадициски притвор во Врање, а потоа Апелацискиот суд во Ниш, во целост ги отфрли наводите што беа наведени во потерницата од Ереван и тој беше ослободен од натамошно задржување во Србија.

Српскиот суд оценил дека Ерменија не приложила ниту еден доказ во замолницата, односно наведените одлуки што би потврдиле основано сомневање. 

„Се докажа дека правдата е достапна, иако неразумно бавна“, оцени тогаш Миленковски, кој тврдеше и дека бил во хуманитарна посета на Ерменија, а дека „тој човек (Димитријевиќ) ниту пред тоа, ниту потоа, ниту го видел, ниту на кој било начин имал комуникација со него“. 

Двајцата дипломати веќе не се во МНР, Сарафов заминал во пензија, а Миленкоски е суспендиран. Тој поведе постапка пред македонското обвинителство за целиот случај, кој сѐ уште е во тек. 

Фирмата на таткото не може, ама затоа може фирмата на синот

Делницата Кичево-Охрид која е дел од коридорот 8 | Фото: ЈПДП

И другата македонска фирма, која е дел од конзорциумот, за тендерот има своја приказна. Потписникот на „Електра солушн“, Андон Ампов е син на Сотир Ампов, сопственик на Институтот за патишта од Велес, формиран како мала фирма со скромен паричен влог во 2021. 

Токму Институтот за патишта од Велес, заедно со хрватскиот институт ИГХ беа првоизбраните на тендерот за надзор над автопатиштата, кој пропадна бидејќи не доставиле банкарска гаранција. Подоцна, вицепремиерот Артан Груби рече дека фирмата водела до „руски пари“ и дека е добро што пропаднал првиот тендер.

Дополнително и Алијанса за Албанците се повика на податоци на американскиот тинк-тенк Атлантски совет за тоа дека фирмата на рускиот олигарх Сергеј Глијаделкин, Aвенју груп, е главен акционер во ИГХ и е меѓу главните „играчи“ на руската влада. 

Во периодот на вториот распишан тендер за надзор, фирмата на Сотир Ампов и хрватскиот институт ИГХ „заработија“ негативна референца од системот за јавни набавки и поради тоа не можеле да учествуваат на повикот.

Но, тоа што не можел да го направи таткото, му успеало на синот Андон. Неговата фирма „Електра солушн“ е дел од конзорциумот за надзор, предводен од ИРД, заедно со „Евро консалтинг“ на Димитријевиќ и шпанската Ептиса.*

**** 

*По објавувањето на истражувањето се огласи компанијата Ептиса со барање за демант на информациите за ангажираност на Бранислав Димитријевиќ.

„Ве информираме дека Ептиса на проектот во Ерменија беше членка на Конзорциумот (воден од друга меѓународна компанија). Ептиса имаше минорна улога во спроведувањето на проектот и г-дин Димитријевиќ не беше ангажиран или вработен во Ептиса. Исто така, ве известуваме дека г. Димитријевиќ никогаш не бил ангажиран или вработен во Ептиса на ниту една позиција“, се наведува во демантот на Ептиса.

Во врска со ова, БИРН нагласува дека податокот за ангажираноста на Димитријевиќ во Ерменија како „тим лидер на француското заедничко вложување ‘Савеж-Ептиса’“, е директен цитат на официјалниот одговор на Јавното обвинителство на Ерменија даден за БИРН.

Дополнително, укажуваме дека нашето истражување дојде до јавен податок од 29 декември 2015 постиран на фејсбук страницата на Фондот за патишта на Ерменија. На тој високопрофилиран настан на кој присуствуваат претседателот на земјата , повеќе министри, претставници на меѓународни банки и компании кои учествуваат во проектот , меѓу другите, свое обраќање имал и Бранислав Димитријевиќ во име на „Савеж -Ептиса“.