Невладината организација, Фонд за хуманитарно право (ФХП), кој ги претставува жртвите во некои предмети на воени злосторства во Србија, во Белград го претстави својот документ, предлог за практична политика, во кој ги повикува српските судски власти, подобро да ги заштитат жртвите на сексуално насилство, во текот на судењата и истрагите, за воените злосторства во поранешна Југославија.
„Со оглед на тоа што повеќето жртви на сексуално насилство, и денес доживуваат длабоки емотивни трауми како резултат на злоупотребата, судот треба, секогаш кога е можно, на овие жртви да им даде статус на особено чувствителни сведоци“, се вели во документот.
Овој статус им дава можност на сведоците, да сведочат преку видео-врска, така што сведокот не мора да се соочи со обвинетиот или да биде сослушуван во придружба на социјален работник или психолог.
Но, како што се вели во предлогот за практична политика, откако била воведена оваа можност, само една жена, жртва на воено силување, сведок во предметот за воени злосторства извршени во косовското село Ќушка, доби статус на особено чувствителен сведок, во 2013 година.
Меѓутоа, иако медицинскиот експерт навел дека сведочењето може да доведе до „емоционален крах“ кај овој сведок, бидејќи таа била силувана кога имала 13 години, статусот ѝ бил даден само на судењето.
„Ставот на ФХП е дека на овие жртви треба да им се даде овој статус веднаш во текот на истражната фаза на кривичната постапка и дека тие треба да бидат испитувани од лица од ист пол, преку психолог, со присуство на доверлива личност (член на семејството, пријател, итн.)“, стои во документот на ФХП.
Сведоците во Србија добиваат заштитен статус, ако со сведочењето или одговарањето на прашањата, можат да се загрозат себеси или најблиските. ФХП смета дека оваа класификација треба да се прошири.
„Ставот на ФХП е дека кога со сведочењето, на жртвата на сексуално насилство ѝ е загрозен животот или безбедноста, судот секогаш мора да ѝ даде статус на заштитен сведок. Исто така, ставот на ФХП е дека за емоционалната стабилност на оваа категорија жртви, во нивен интерес е тие да сведочат секогаш од посебна просторија и со исклучување на јавноста“, се наведува во документот.
ФХП, исто така, ја повика Србија да ги промени стандардите за докажување на военото сексуално насилство, во согласност со Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија.
Ова би значело дека, како што се наведува во документот, „при сведочењето на жртвата на сексуален напад, нема да биде потребно сведочењето да се поткрепува со други докази; дека согласноста на жртвата не е основа за ослободување од одговорноста, како и ако жртвата била подложена на насилство или заплашување, или ако се плашела за себе или за блиска личност; и дека претходното сексуалното однесување на жртвата не е прифатлив доказ“.
ФХП го повтори своето барање, судовите, секогаш кога е можно, да донесат одлука за обештетување на жртвите како дел од истиот судски процес, наместо да ги насочуваат да поведат граѓанска постапка, како што досега беше случај.