Регион

Од Вучиќ побарано да помогне во откривање на воените гробници

Семејството Битиќи. Фото: bytyqibrothers.org

Семејството на браќата Битиќи, американски државјани од албанско потекло, кои беа убиени во Србија, го повика српскиот претседател, Александар Вучиќ, да изврши притисок врз Властимир Ѓорѓевиќ, поранешен српски полициски функционер, обвинет за воени злосторства во Косово, да открие локации на масовни гробници од војната

Во писмото упатено до Вучиќ, семејството Битиќи нагласува дека е убедено оти Властимир Ѓорѓевиќ има витални информации кои можат да помогнат во лоцирањето на воените масовни гробници и ги повика претседателот и Владата на Србија, да извршат притисок врз него, да ги открие тие  информации.

„Ако не соработува во пронаоѓањето на другите масовните гробници и во расчистувањето на случајот Битиќи, Ве повикуваме отворено да се спротивставите на предвременото ослободување на Властимир Ѓорѓевиќ од затвор“, се вели во писмото на семејството Битиќи.

Ѓорѓевиќ, поранешен висок официјален претставник на Министерството за внатрешни работи на Србија, кого Хашкиот трибунал го осуди на 18 години затвор за воени злосторства во Косово, би можел на 17-ти јуни, по издржани две третини од казната, да биде пуштен.

Семејството на Илија, Агрон и Мехмет Битиќи, тројца американски државјани од албанско потекло, кои беа убиени во Србија во 1999 година, на 20 мај најави дека започнува кампања против можното предвремено ослободување на Ѓорѓевиќ, за кого се сомневаат дека е вмешан во убиството на браќата.

Досега, речиси две илјади потписи се собрани против предвременото ослободување на Ѓорѓевиќ, соопшти семејството, додавајќи оти во петокот, 34 невладини организации од Србија и од Косово, во знак на поддршка на нивната кампања, потпишале писмо испратено до претседателот на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (ММКТ) во Хаг.

Тоа, исто така, испратило писмо и до претседателот на Косово, Хашим Тачи, барајќи од него да се спротивстави на предвременото ослободување на Ѓорѓевиќ.

Во писмата, двата претседатели се потсетуваат дека и натаму за исчезнати во војната се водат 1.654 лица, од кои 1.092 Албанци и 562 Срби и Роми. „Нема сомнение дека има и други масовни гробници“, пишува семејството Битиќи.

Илија, Агрон и Мехмет Битиќи, се бореле во редовите на Ослободителната војска на Косово (ОВК), против српските сили. По војната биле уапсени од српската полиција, кога залутале на необележаната гранична линија меѓу Србија и Косово.

Кога ја одлежале казната, додека ја напуштале зградата на затворот во Прокупље, повторно биле уапсени, а потоа однесени во полицискиот центар за обука во Петрово Село и затворени во складиште.

Во вечерните часови на 9 јули 1999 година, непознати лица им ги врзале со жица рацете на браќата Битиќи и ги однеле до јама за фрлање отпад, каде биле убиени со истрели во тилот.

За време на судењето на двајца српски полицајци, кои на крајот беа ослободени од обвинението дека ги одвеле браќата во полицискиот центар за обука, сведоци изјавија дека Ѓорѓевиќ ја дал наредбата браќата да бидат одведени во Петрово Село.