Регион

Одбележана годишнина од битката кај Сутјеска

Антифашистите од поранешна Југославија, се собраа во меморијалниот комплекс Тјентиште за да ја одбележат годишнината од битката кај Сутјеска

Илјадници антифашисти од земјите на поранешна Југославија, се собраа во неделата во меморијалниот комплекс Тјентиште, БиХ, за да им оддадат почит на загинатите, во клучната битка од Втората светска војна.

Културно-уметничката програма ја организираа организациите на антифашистите од Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија и од Црна Гора, со цел да ја истакнат важноста на оваа битка, што во мај и јуни 1943 година, се одигра меѓу нацистичките сили и партизаните, предводени од Јосип Броз Тито.

Таа беше пресвртна точка во војната на територијата на Југославија.

Околу 16.000 партизани се судриле со околу 120.000 припадници на силите на Оската. Тие успеале да ги пробијат нивните линии, но со големи загуби – животот го загубиле над 7.000 партизани.

„Ова е свето место за сите нас, без разлика од кој дел од нашата поранешна татковина доаѓаме“, изјави Сеад Ѓулиќ, од Сојузот на антифашисти и борци од Втората светска војна (САБНОР) на БиХ.

Ѓулиќ, сепак, предупреди: „Фашизмот не е поразен во ниту една од нашите држави“.

„Неофашизмот расте, цвета, се развива“, истакна тој.

На споменикот на Тјентиште, беа положени венци, а во име на хрватската Влада присутен беше поранешниот министер на бранителите, Томислав Ивиќ, кој положи венец со порака: „Претседател на Владата на Република Хрватска, Андреј Пленковиќ, во спомен на хероите на Сутјеска“.

Антифашист од Хрватска, во близина на споменикот на Тјентиште. Фото: Антифа Плоче

Антифашисти во меморијалниот комплекс Тјентиште. Фото: Антифа Плоче

Венци положени во чест на загинатите партизани. Фото: Антифа Плоче

нтифашисти во меморијалниот комплекс Тјентиште. Фото: Антифа Плоче