Телевизиите Сител и Нова се единствените два медиума кои, и покрај тоа што имаат најмногу прекршочни постапки за известувањето во предизборниот период, ниту еднаш не одговарале пред суд. Последниот извештај на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) покажува дека против телевизијата Сител биле покренати 7 прекршочни постапки, а против телевизијата Нова дури 17 за известувањето од предвремените парламентарни избори.
Сите пријави се однесуваат на тоа дека двата медиума го прекршиле Изборниот законик и не обезбедиле изборно медиумско претставување на правичен, избалансиран и непристрасен начин, а известувањето за редовните активности на државните органи и институции било во функција на изборно медиумско претставување на политичкиот субјект ВМРО-ДПМНЕ. Голем број пријави се однесуваат и на тоа дека двете телевизии емитувале повеќе минути платено политичко рекламирање за политичките партии на власт.
За разлика од другите телевизии, кои, доколку прекршокот се случува првпат, добиваат прекршочна што завршува со опомена, а ако е вторпат се прогласуваат за виновни и се плаќа парична казна, за телевизиите Сител и Нова сите прекршочни пријави се отфрлени од страна на Судот за прекршоци. За двете телевизии досега не е изречена ниту опомена.
На сопственикот на телевизијата Нова, Сеад Кочан, вчера му беше одреден притвор и беше издадена потерница за приведување на барање на Специјалното јавно обвинителство (СЈО).
Судија на претходна постапка претходно го отфрли барањето, но по жалбата на СЈО Кривичниот совет одлучи дека барањата за притвор се исполнети, односно дека Кочан ако остане на слобода може да избега, да влијае врз сведоци и да уништува докази за случајот „Труст”, во кој се сомничи за местење милионски тендери со фалсификувани документи во РЕК Битола, преку неговата втора фирма „Трансмет“.
Инаку, казната за правното лице за овие случаи е 4.000 евра, а за директорот на медиумот 1.200 евра. Ако прекршокот се случува првпат, тогаш се изрекува само опомена.
БИРН, користејќи го Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, од Агенцијата ги побара пресудите за овие медиуми, и она што е најзабележително е дека речиси по секој предмет за телевизијата Сител постапувала судијката Моника Бахчовановска.
Трајчевски: Не се согласуваме со одлуките на Судот
Дел од прекршочните пријави за Сител и за Нова биле отфрлени, затоа што се сметало дека телевизиите можат да одговараат само за прекршоци направени по денот на распишувањето на изборите (18 октомври 2016 година), а не и за периодот претходно.
Кога во мај 2016 година, Агенцијата поднела прекршочна постапка против Сител, од одделот за прекршоци, односно од судијката Бахчовановска, пријавата била вратена, со образложение дека „државните органи се должни да му предложат на сторителот постапка за порамнување, пред да поднесат барање за прекршочна постапка“. Со други зборови, ова значи дека судот им наложува пред да поднесат пријава, најпрво да се обидат по забрзана постапка да го решат случајот, односно ако ја признаат вината, да платат половина од казната. Ако не се договорат, тогаш случајот оди пред суд.
Раководејќи се од овој документ потпишан од судијката Бахчовановска, Агенцијата за време на предизборниот период постапувала на тој начин – прво им давала рок од 7 дена на медиумите кои по вторпат го прекршиле законот да се изјаснат и да платат пониска казна, а ако не се договорат, случаите завршувале на суд.
Но, кога поднеле пријави против Сител за време на предизборието, судијката Бахчовановска им ги отфрла пријавите како ненавремени, бидејќи „барањето за поведување прекршочна постапка треба да се спроведе во рок од 48 часа по утврдувањето на прекршокот“. Истото се случувало и со пријавите за телевизијата Нова.
Ова, со други зборови, би значело дека во рок од 48 часа откако ќе биде констатирано дека медиумот го прекршил законот, треба да спроведе постапка за порамнување, да ги исконтактира надлежните од медиумот, да се обидат да се спогодат и да уплатат половина од казната, а доколку тоа не се случи, да поднесат пријава до судот, нешто што физички е невозможно, ако се земе предвид дека се потребни околу 24 часа за да се испрати и да стигне едно препорачано писмо.
Која е судијката Бахчовановска?
Судијката Моника Бахчовановска, со одлуката на поранешната в.д. претседателка на Кривичниот суд, беше унапредена и распределена да работи на кривични предмети почнувајќи од 1 март годинава. Годишниот распоред на Михајлова, која пред неколку дена поднесе оставка, беше оспорен пред Врховниот суд откако 8 судии кои беа уназадени, поднесоа приговори.
Бахчовановска е сопруга на директорот на Државната лотарија на Македонија, Владимир Бахчовановски.
„Извештаите на Агенцијата, врз основа на кои се покренуваат постапки пред судот, соодветствуваат со извештаите на меѓународните организации (ОБСЕ) и останатите домашни набљудувачи. Оттука, Агенцијата во никој случај не може да се согласи со одлуките на судот кои во најмала рака изгледаат нереални, а не би сакал да помислам дека се пристрасни и тенденциозни. Овие одлуки најголема штета ѝ прават на Република Македонија“, изјави за БИРН директорот на АВМУ, Зоран Трајчевски.
Според сето ова, произлегува дека медиумите кои имаат најголем број пријави за непочитување на правилата за информирање на граѓаните, не одговараат пред суд за своите постапки, а немаат ниту една опомена. За разлика од нив, опомени имаат речиси сите останати медиуми, вклучително и Канал 5 телевизија, Наша ТВ, 24 вести, Телма телевизија, Радио Слободна Македонија, Радио Антена 5 и многу други.
Во текстот се извршени корекции по пристигнувањето на демантот од страна на судијката Моника Бахчовановска, која реагираше дека не постапувала по ниту една прекршочна пријава за телевизијата Нова. Се извинуваме поради ненамерната грешка.