Српските сили влегоа во селото Захаќ на 14 мај 1999 година. Тој ден се случи еден од најкрвавите масакри во војната во Косово.
Тие им наредија на албанските селани, кои броеја над 200, да им ги предадат своите пари, накит и документи, а потоа да влезат во нивните автомобили или трактори и да си заминат.
Меѓу нив била и Хајрије Демаку, нејзината ќерка Есма и нејзиниот син Фатон. „Во (селото) Ќушка, ја киднапираа ќерка ми, ѝ рекоа да се симне од тракторот, мислев дека ќе ја прашаат нешто, но тие ја ставија во автомобил и заминаа. Што се случи со неа, не знам“, изјави, Хајрије Демаку, пред Вишиот суд во Белград, во јуни 2019 година.
Есма Демаку сè уште се води како исчезната.
На дванаесет поранешни припадници на 177-от интервенциски вод на Војската на Југославија (ВЈ), им се суди за воени злосторства извршени на 14 мај 1999 година во селата Захаќ, Ќушка, Павлан и Љубениќ. Во обвинението се тврди дека тие учествувале во убиствата на најмалку 118 Албанци.
Членовите на семејството Демаку се меѓу последните сведоци на нивното судење. Рочиштето, кое требаше да се одржи по она на кое тие сведочеа, беше закажано за септември 2019, но беше одложено. Новото се одржа во ноември истата година, кога обвинителството додаде уште еден осомничен во овој предмет. Меѓутоа, во 2020 година, не беше одржано ниту едно рочиште.
Одложувањата во судските процеси за воени злосторства, станаа вообичаени во Србија, на незадоволство на жртвите и на активистите за човекови права. Во изминатите две години, беа одложени 30 одсто од рочиштата во предметите на воени злосторства пред Вишиот суд во Белград, единствениот суд во Србија што се занимава со овој вид на судски процеси.
Освен судењето на 12-те поранешни припадници на ВЈ, одложувањето на рочиштата ги забави и единственото судење во Србија, за масакрите во Сребреница извршени во 1995 година и судењето на обвинетите за киднапирање патници од воз на железничката станица Штрпци, Босна и Херцеговина, во 1993 години и нивно убиство.
Континуираниот образец на одложувања, покрена прашања во врска со посветеноста на Србија, да ги гони ваквите случаи, вели Енди Хоџај, професор на Универзитетот Ворвик во Велика Британија, експерт за политиката на проширување на ЕУ на Западен Балкан, за антикорупциската политика на ЕУ и владеење на правото.
„Понатамошното одложување на водечките случаи и (негонењето) на високо рангирани осомничени лица, укажуваат на недостиг на судска и политичка волја, како и на соодветни ресурси за продолжување на истрагите и обвиненијата“, вели Хоџај за БИРН, одговарајќи на нашите прашања преку е-маил.
„Во светло на новооткриените посмртни останки, за кои постои сомневање дека им припаѓаат на косовски Албанци, пронајдени (во масовна гробница) во близина на Рашка, во 2020 година, треба да се изврши поголем притисок за да се забрзаат истрагите и обвиненијата против високо позиционирани осомничени лица, бидејќи одложената правда е негирана правда!“, додава тој.
„Несоодветно долгите судски постапки се обележје на Србија“
Постојат различни причини за одложување на рочиштата пред Вишиот суд: здравствени проблеми на обвинетите или неможноста тие да се појават во судница, технички потешкотии при обидот да им се дозволи на сведоците да сведочат преку видео врска или недоаѓањето на сведоците.
Пандемијата на корона вирусот, исто така, го намали бројот на рочиштата, бидејќи од 15 март до 6 мај 2020 година, во Србија беше прогласена вонредна состојба, а кривичниот суд работеше само на итни случаи и гонеше лица обвинети за кршење на ограничувањата поврзани со пандемијата.
Но, кога судењата продолжија, започнаа и нови одложувања; од сите закажани рочишта минатата година, беа одложени 32 одсто. Сослушувањата во случаите со косовските села, со Сребреница и со Штрпци, беа одложувани неколку пати.
Во случајот Штрпци, обвинителството тврди дека петмина поранешни припадници на силите на босанските Срби, учествувале во киднапирање и убиство на 20 цивили од несрпска националност, кои биле симнати од воз кој сообраќал на релација Белград-Бар на железничката станица во Штрпци. Патниците биле однесени во училиштето во селото Прелово, каде биле тепани, а потоа погубени во изгорена куќа во селото Мусиќи.
Судењето за овој случај започна во март 2019 година. Во првата година беа одржани 13 рочишта, а 2 беа одложени. Во 2020 беа одржани само 5 рочишта и 4 беа одложени, а главната причина беше непојавувањето на сведоците.
Во својот годишен извештај за судењата за воени злосторства за 2017 и 2018 година, Фондот за хуманитарно право (ФХП) со седиште во Белград, посочи дека „несоодветно долгите“ судски постапки „со текот на годините, станаа обележје на гонењата на воените злосторства во Србија“.
Ова, нагласува ФХП, „има негативни последици врз процесот на воспоставување на владеењето на правото и на ставањето крај на културата на неказнивост за сериозните злосторства извршени во текот на 90-тите години“.
Друг предмет во кој се бележат одложувања, е оној на Рајко Козлина, поранешен припадник на ВЈ, кого Вишиот суд во Белград го осуди на 15 години затвор, прогласувајќи го за виновен дека на 25 март 1999 година, својата единица ја повел во косовското село Трње и при тоа пукал во двајца цивили, кои преживеале, и оти им наредил на своите војници да пукаат во други цивили во селото, при што биле убиени 15 лица. Обвинетиот на кого му се судеше заедно со Козлина, беше ослободен од обвинението.
Во својот извештај од 2020 година, ФХП забележува дека „за време на главниот претрес биле одложени 15 дена судења, како и повеќе подготвителни рочишта, најчесто поради наводни здравствени проблеми на обвинетите“.
„За овие отсуства, обвинетите редовно доставуваа лекарски уверенија на воено-медицински установи. По правило, обвинетите беа хоспитализирани еден ден пред или на денот на главниот претрес, што беше забележано и од претседателот на судскиот совет“, се наведува во извештајот.
Уште во 2017 година, ФХП соопшти дека медицинските службеници на Воено-медицинската академија (ВМА) во Белград и на Воената болница во Ниш, намерно ги попречуваат судењата на Србите обвинети за воени злосторства, посочувајќи го случајот Трње, како пример.
Во март 2019 година, поради отсуство на Козлина, беше одложено уште едно рочиште во случајот Трње, а судијката изрази сомнеж дека обвинетите намерно ги избегнуваат рочиштата, тврдејќи дека имаат здравствени проблеми.
Првостепената пресуда со која беше осуден Козлина, беше донесена во 2019 година, кога беа одржани три рочишта, а две беа одложени. Пресудата беше потврдена следната година, но Козлина не се појави на издржување на казната.
Како што истакна ФХП во својот извештај од 2019 година, последиците од долгогодишните постапки се „далекусежни и сериозни“.
„Од година во година, обвинетите умираат, а сведоците ја губат довербата во српското судство и не се согласуваат да сведочат во повторните процеси … Покрај тоа, долгото траење на постапките, односно нивното повторување, испраќа негативна и обесхрабрувачка порака до идните сведоци и жртви – дека пред српските институции тешко ќе дојдат до правда“, се вели во извештајот.
Одложувањата имаат импликации и по амбициите на Србија да стане членка на Европската унија. Процесирањето на воените злосторства е едно од низата судски прашања и прашање на владеење на правото, што државата мора да ги унапреди, за да напредува кон членството.
Судството е дел од Поглавје 23 во рамките на европските закони, со кои Србија треба да го усогласи своето законодавство ,за време на процесот на преговори за членство и се смета за едно од трите најважни од вкупниот број на 35 поглавја.
Во 2015 година, Србија го објави својот акциски план за Поглавјето 23, а во јули минатата година ја усвои и неговата ревидирана верзија. Но, Србија треба да вложи допонителни напори кога станува збор за воспоставувањето на независно и транспарентно судство, сметаат претставниците на невладините организации, вклучени во процесот на реформа на судството во Србија.
Во последниот извештај на ЕУ за напредокот на Србија, објавен во октомври 2020 година, се вели дека решавањето на воените злосторства во оваа земја останува проблем и дека „некои случаи траат пет години, па и повеќе“.
Хоџај нагласува дека ЕУ „од Западен Балкан бара сѐ повеќе, во однос на неговиот напредок во зајакнувањето и одржувањето на владеењето на правото“.
„Затоа, исполнувањето на основниот минимум веќе не е доволно и, што е за жал на Србија, таа не си помага себеси со тоа што сè уште не создала силна и јасна евиденција за високо рангираните лица, осомничени за воени злосторства – што е клучен услов и најважно за нејзиниот напредок во исполнувањето на барањата од Поглавјето 23, заедно со борбата против корупцијата и организираниот криминал“, објаснува тој.
Но, Марко Кмезиќ, предавач и виш истражувач на Центарот за југоисточно европски студии на Универзитетот во Грац во Австрија, вели дека му се чини оти „Европската комисија повеќе не придава толку многу важност“ на прашањата за воените злосторства.
„Ова, се разбира, им се заканува како посебна тема, но јас не забележав дека во некоја од препораките што им се дадени, се вели дека Србија треба да биде разгледувана и од гледна точка на гонењето на воените злосторства пред домашните судови“, вели Кмезиќ за БИРН.
„Потоа, голем дел од тие преговори се одвиваат некаде зад затворени врати и ние не знаеме што точно се очекува од Србија, во однос на исполнувањето на стандардите кога станува збор за судењата за воени злосторства“, додава тој.
Одложувањето на судењата има последици и во самата Србија, бидејќи во случаите кога обвинетите лица со правосилна пресуда се ослободени од обвиненијата, тие имаат право на надомест на сопствените и на адвокатските трошоци. Адвокатите, исто така, наплаќаат за рочиштата кои се закажани, но не се одржани, односно не се претходно откажани.
До јули 2019 година, Србија им исплатила околу 941.000 евра надомест за правните трошоци на обвинетите кои биле ослободени од обвиненијата.