Регион

Одлука на Врховниот суд на САД во спротивност со имиграциската политиката на Трамп

Пресудата на Врховниот суд на САД, во случајот на Дивна Маслењак, босанска Србинка, депортирана поради улогата на нејзиниот сопруг во војната во Босна и Херцеговина, на администрацијата на Трамп ќе ѝ го отежне во иднина одземањето на државјанства на имигрантите.

Филип Рудиќ, Белград

Врховниот суд на САД. Фото: Пиксабеј

Врховниот суд на САД во четврток пресуди дека американското државјанство на Дивна Маслењак, кое ѝ беше одземено, бидејќи дала лажни информации за воената служба на нејзиниот сопруг во војната во БиХ, треба да ѝ се врати. Оваа одлука е удар за имиграциската политика на претседателот Доналд Трамп и ќе претставува пречка во понатамошните случаи на одземање на државјанство.

Официјалниот став на администрацијата на Трамп е дека натурализираните Американци, можат поради каква било лага да го изгубат државјанството.

Сепак, судиите на Врховниот суд едногласно пресудија дека државјанството не може да се одземе, ако лагата или изоставените информации во имиграциските формурали, биле ирелевантни при донесувањето на одлуката на Владата да му одобри на тоа лице влез во САД.

„За да се донесе осудителна одлука, владата мора да утврди дали нелегалната постапка на клиентот играла улога во стекнувањето на државјанство“, рече судијата на Врховниот суд, Елена Каган, која во името на судот ја образложи одлуката.

„Да се доби државјанство нелегално, тоа значи да се добие со нелегални средства, односно, дека незаконитоста имала улога во неговото стекнување“, додаде таа.

Дивна Маслењак и нејзиниот сопруг, Ратко, во 1999 година добиле статус на бегалци, а во 2007 година Дивна станала американска државјанка.

Таа првично на имиграциските власти им изјави дека нејзиниот сопруг, во војната во БиХ во 90-тите години, не бил припадник на Војската на Република Српска.

Сепак, се покажа дека Ратко Маслењак бил припадник на бригада која учествувала во геноцидот на Бошњаците од Сребреница во 1995 година, објави Ројтерс.

Таа подоцна призна дека дала лажна изјава и беше осудена за давање на лажни информации при аплицирањето за државјанство. Во октомври 2016 година, таа и нејзиното семејство беа депортирани во Србија.

Според Ројтерс, правното прашање е дали лажната изјава имала значително влијание врз одлуката на САД да ѝ се додели статус на бегалец.

Според администрацијата на Трамп, она што е важно е тоа што таа дала лажен исказ, а не дали тоа имало некакво влијание на одлуката за доделување на статус на бегалец, што судиите на Врховниот суд го одбија.