„Ќе дојдеме пак“, оваа порака стои на ѕидовите на детското одморалиште „Малешево“, заедно со имињата на Саша, Дино, Петар, Павел и други.
Тие уживале во деновите поминати во овој беровски објект пред многу години зашто вратите за нови посетители се затворени речиси дваесет години. Молкот што владее денес е погласен од детскиот џагор што некогаш одекнувал таму.
Меѓу испуканите ѕидови и скршените прозорци може да се видат остатоци од кревети и столчиња, ’рѓосана кујна, мувлосани теписи и валкани душеци…
Наредени на изветвениот мебел, вниманието го привлекуваат и предметите што останале како замрзнати во времето – стари шишиња од пијалаци со избледени етикети на пиво „скопско“ и сок „газоза“, како и заборавена козметика со дизајн од минатото.
Овие детали сведочат за дводецениското двоумење на државата за комплексот – дали да го продава или да го реновира и да остане во државна сопственост?
Секоја владејачка гарнитура имала своја идеја, но ниту една не се реализирала докрај. Во меѓувреме, атрактивниот планински предел, кој се наоѓа веднаш над Беровско езеро, станува сѐ поинтересен за други инвеститори. Некои од нив, од неодамна почнале и да преземаат мали парчиња од парцелите на големиот државен комплекс, кој е распространет на околу десет хектари.
Комплексот се состои од дваесетина згради, распоредени на три нивоа и со различна намена – за сместување, за исхрана и за спорт. Изградени се во препознатливиот стил, во кој се градеа сместувачките капацитети во 1980-тите-пространа внатрешност, бели фасади и дрвена дограма.
Неговата запуштена убавина е во спротивност со објектите што се наоѓаат до него. Тие се понови, одржувани и често полни со луѓе.
Во целиот предел е забележлива тивката трансформација – меѓу боровата шума никнуваат нови викендички и модерни апартмани, знаци дека просторот е атрактивен за туристи.
Неуспешни напори на државата да го оживее „Малешево“

Одморалиштето не работи од 2006 | Фото: Иван Стојановски
Последните работни денови за „Малешево“ беа во 2006 година. Осум години подоцна беше направен првиот и последен обид да се продаде одморалиштето.
Тогашната влада предводена од Никола Груевски огласи повеќе детски одморалишта. Но, за беровското немаше многу заинтересирани. Сумата што ја одреди државата беше 600.000 евра, а највисоката добиена понуда помала од 100.000 евра. Веќе следната година, владата одлучи воопшто да не го продава.

Запуштено и заборавено | Фото: Иван Стојановски
Иако владата ја носи конечната одлука што ќе се прави со овие државни имоти, сепак раководењето со нив му е доверено на Министерството за социјална политика, демографија и млади.
Во последните десет години, со него раководеа 11 министри од пет партии, но никој не најде решение.
Актуелниот градоначалник на Берово, Звонко Пекевски, кој на позицијата е веќе втор мандат, сведочи за различните концепти што ги имале министрите со кои соработувал низ годините. Едни сакале да го продаваат, па дури нашле и купувачи.
Тој план во 2018 година јавно го обелодени поранешниот министер без ресор, Зоран Шапуриќ, кој соопшти дека нашле и купувачи.
„Многу нѐ израдува најавата дека за него има заинтересиран странски инвеститор. Тоа е од стратегиско значење за беровскиот туризам“, рече тогаш Ѓорѓи Пеовски, раководител во општината.
Шест детски одморалишта се распаѓаат
Во моментов, сѐ уште во државна сопственост се одморалиштата „Пелистер“ во Битола, „Мајски цвет“ во Струга, „Илинден“ во Гостивар, „Малешево“ во Берово, „Николиќ“ во Дојран и „Суви Лаки“ во Струмица. Ниту едно не функционира и на сите им е потребна реконструкција.
Но, планот се изјаловил поради недостиг од сите потребни документи. Години подоцна, во 2023 година, општината се обидела да ги преземе работите во свои раце, па поднеле барање за да ѝ се отстапи сопственоста.
Идејата била тие да го реконструираат и да го стават во функција целиот комплекс. Но, наишле на поинаков план од тогашната министерка Јована Тренчевска.
„Барањето беше одбиено со образложение дека државата сака да останат во нејзино сопствеништво и да ги врати во функција одморалиштата“, вели Пекевски.
Сегашното раководство на Министерството засега нема конкретен план. Од таму, за БИРН, велат дека е „потребна реконструкција и санирање на дотраените капацитети во комплексот.“
Нагласуваат и дека за „понатамошните планови за евентуално реновирање, обнова, јавно-приватно партнерство или продажба, одлука носи Владата на Република Северна Македонија.“
Пропаднат комплекс во регион во развој

Атрактивна локација со познати соседи | Фото: Иван Стојановски
Во меѓувреме, додека државата нема план, планови имаат приватните инвеститори во регионот. Атрактивниот плац на кој се наоѓа одморалиштето е опколен со имоти на познати и јавни личности.
Од две страни се граничи со познатото фармацевтско семејство Механџиски, а до скоро тука имот имаше и член на семејството на поранешниот градоначалник на скопската општина Карпош, Стефан Богоев.

Во одморалиштето времето застанало | Фото: Иван Стојановски
Од другата страна, пак, е долгогодишниот пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, познатиот беровски лекар Миле Пачемски.
Во меѓувреме, некои од нив веќе почнале да си докупуваат мали парчиња од земјиштето што му припаѓа на одморалиштето.
Пачемски, минатата година, по принципот дооформување парцела, си купил од општината околу 680 квадратни метри земја, која му припаѓала на одморалиштето.
Според Деталниот урбанистички план, на неговиот плац е предвидено да има хотел, но тој, за БИРН, вели нема намера да го гради.
„Тоа ќе биде мала викендичка, која веројатно ќе биде за приватно користење. Сега за сега немаме намера да градиме ништо друго, но во иднина можеби би граделе поголема вила или соби за издавање“, вели Пачемски.
Лани и од хотелот „Аурора“ докупиле околу 600 квадратни метри, на кои, како што вели сопственичката Роза Сирачевска, ќе направат паркинг за својот сместувачки капацитет.
Затворено одморалиште сѐ уште има директор
Детското одморалиште „Илинден“ во Гостивар или попознато како Бунец не работи веќе 12 години. Тоа е во релативна добра состојба, но потребно е реконструкција и санирање на дотраените капацитети во комплексот. Од Министерството велат дека „со него управува директор, има вработени и ангажирани чувари.“
Тоа не бил прв нивни обид да докупат дел од земјиштето на „Малешево.“ Пред четири години не успеале оти Деталниот урбанистички план не дозволувал, но подоцна од „Аурора“ платиле да се смени и им се отворила можноста да се прошират и на државниот плац.
И додека приватните инвеститори наоѓаат начини како да се пробијат низ административниот лавиринт за да ги реализираат своите идеи, државата го остава овој капацитет да гние без да му најде намена.
Саша, Дино, Петар и Павел, пак, кои пред децении биле во „Малешево“, сега не може да ги донесат своите потомци тука на одмор зашто ќе наидат само на урнатини, кои ги „произведе“ дводецениската негрижа на државата. Мирисот на боровите, пак, тешко дека ќе го почувствуваат зашто е покриен од друг, многу поостар и понепријатен, составен од влага и мрши од животни.
И додека се чека планот на државата за тоа како „Малешево“ повторно да стане детско одморалиште, можно е да дојде уште некој друг со проект на ПДФ и желба да го дооформи својот плац со парче од државната земја.
Овој текст е изработен како дел од „Едногодишната БИРН обука за истражувачкo новинарство” наменета за млади новинари и за студенти, 2024-25 година