Регион

ОOН носи дел од одговорноста за сегрегацијата во образованието во Косово

Етничката сегрегација во образовниот систем на Косово има длабоки корени, а повоените активности на Обединетите нации, само ја продлабочија оваа ситуација

Кога Мисијата на ООН во Косово, УНМИК, во јуни 1999 година ја презеде обновата на институциите на Косово, во согласност со резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ООН, ја утврди и клучна цел во областа на образованието: да се постават темелите на сеопфатен и интегриран систем. Полесно е да се каже, отколку да се направи.

Две децении подоцна, институционалната сегрегација, а не интеграцијата, сè уште е карактеристика на косовскиот образовен систем. Мултикултурализмот, термин кој често се користи од страна на меѓународната заедница, како работен модел за хетерогените општества, само го докажа еуфемизмот во продлабочувањето на институционализираната сегрегација.

Ова особено се потврди во високото образование.

По војната, 1998-1999, Универзитетот во Приштина беше поделен на две етнички сегрегациски структури: Универзитет во Приштина привремено префрлен во северниот, главно српски дел на поделена Митровица (УПКМ – Универзитет во Приштина – Косовска Митровица), кој продолжи да работи според српските закони и српската наставна програма, и Универзитетот во Приштина кој функционира во согласност со законите на Косово и често служи како „тврдина” на албанските национални наративи.

Двете структури се на став дека сопственоста над универзитетските објекти и имотот е нивна, но ниту една од нив нема доволно простор да ги смести другите. Во ова соучесник е и меѓународната заедница.

Длабоки корени на поделбата

Реалната – ако не и правна – сегрегација на Србите и на Албанците во високото образование, има длабоки историски корени.

Во времето на Југославија, кога владееја социјалистичките принципи на „братство и единство” и децентрализација, Албанците и Србите имаа исти образовни институции, но, во многу аспекти постоеше нееднаквост.

Српскохрватскиот јазик беше главен јазик на кој се одвиваше наставата во високото образование, барем до 1968 година. Формирањето на Универзитетот во Приштина, што беше долгогодишно барање на Албанците, овозможи зголемување на паритетот на албанскиот јазик и култура, со српскиот јазик, нудејќи настава на двата јазика.

Овој тешко стекнат паритет стана обратен процес, кога на власт дојде српскиот моќник, Слободан Милошевиќ. Образованието беше област во рамките на која тој ја започна својата борба за србизација на Косово.

Сузбивањето на автономијата на Косово кон крајот на 1980-тите ги поткопа сите можности за интеграција.

Во тоа време, српскохрватскиот јазик стана задолжителен предмет во средните училишта и во сите училишта во Косово беше воведен нов српски наставен план, вклучително и на Универзитетот во Приштина.

Ова резултираше со пренесување на многу надлежности на високото образование во Белград.

Во овој процес, 6.000 наставници и професори, Албанци, ги изгубија своите работни места, често бидејќи одбиваа да се откажат од албанскиот наставен план и да потпишат заклетва за лојалност кон српските власти.

Дукаѓин Пуповци, извршен директор на Косовскиот образовен центар со седиште во Приштина, вели: „Во текот на деведесеттите години, ние, Албанците, бевме лишени од сѐ што е нормално. Бевме исфрлени од Универзитетот во 1991 година. Всушност, уште кон крајот на осумдесеттите години, ние немавме единствен образовен систем. … Тогаш српските академици … сакаа да имаат одделни академски совети, бидејќи сакаа сами да донесуваат одлуки “.

Албанците одговорија со создавање на „паралелен” образовен систем.

Ученици, Албанци, на средното училиште „Џевад Дода“, на час во приватна куќа во Приштина. Фотографија на Шиќери Обртинца

Паралелно образование

Овој систем првично се сметаше за привремена мерка, но тој траеше скоро една деценија, до крајот на конфликтот во 1999 година.

Овој образовен систем, финансиран главно од албанската дијаспора, со настава што се одвиваше по приватни куќи, имаше годишен буџет од околу 45 милиони долари.

Најмалку 267.000 косовски Албанци поминаа низ овој систем на образование. Се учеше според наставниот план на албански јазик кој постоеше пред 1989 година. Дипломите беа со печат на Република Косово и не беа признати надвор од Косово.

Сепак, овој систем стана главно средство на отпор на косовските Албанци, што ја продлабочи поделбата со Србите. Според Едита Тахири, поранешен министер за дијалог и шеф на косовскиот преговарачки тим, „Србија, преку образованието, се обиде да наметне окупација на Косово, а ние одбивме. … Во рамките на ова, родителите и ние, како лидери на движењето за независност … создадовме паралелен образовен систем. За нас тоа беше државна институција”.

Војната и институционалниот вакуум што следеа ја продолжија поделбата. Како што наведува Пуповци: „Во јули 1999 година … Србите се иселија  од Приштина, многумина беа протерани од градот и тие воспоставија своја институција во северниот дел на Митровица. Сѐ уште го викаат Универзитетот во Приштина, привремено префрлен во Митровица”.

На почетокот имаше обиди да се најде решение. Според Пуповци, кој беше продекан на Факултетот за природни и математички науки од 1996 до 2000, како и координатор за реконструкција на Универзитетот во Приштина по војната: „Ние, локалците и меѓународните претставници, прошетавме по зградите, за да видиме дали постои решение Србите да се вратат и ние работевме под ист покрив. Сепак, создавањето на еден и единствен образовен систем е нешто за што е многу полесно да се зборува, отколку да се направи”.

Признавање на поделбата

Меѓународната заедница, под водство на УНМИК, зазеде попрагматичен и благ пристап и ја призна постојната поделба, наместо процесот да го преиначи.

„Беше многу тешко да се има единствен образовен систем”, вели експертот за образование, Џавит Реџај. „Мислам дека Србија ова немаше да го дозволи, а и Косоварите не беа отворени за тоа. Подоцна, нешто можеше да се направи. Меѓутоа, во 2002, 2003, 2004, 2005 година, УНМИК тука не ги имаше најдобрите луѓе, кои беа многу среќни да служат како посредници, за да ги заработат своите плати помеѓу двата поделени системи. Не се потрудија многу за да ги поврзат овие два системи“.

Со придонес на меѓународната заедница, паралелниот универзитетски систем не се смени, туку се стабилизира и се консолидира. Законот за високо образование од 2003 година, кој УНМИК го промовираше, придонесе за формализирање на формирањето на посебен универзитет за Србите во северниот дел на Митровица, кој првично беше замислен само како привремена мерка на безбедност.

Албанците овој чекор го сметаа за отворање на нови канали за Србија, со цел да се попречат напорите за интеграција.

„Се сеќавам дека Михаел Штајнер, тогаш специјален претставник на генералниот секретар на ООН, отиде во Белград и постигна договор за посебни права на Србија, според кои таа можеше да се меша во внатрешните работи на Косово, особено во северниот дел, вклучувајќи го, се рабира, и образование”, нагласи Реџај. „УПКМ беше договор на УНМИК и Косоварите не можеа да сторат ништо во врска со тоа”.

Поранешниот проректор на Универзитетот во Приштина, Арсим Бајрами, вели дека универзитетот „бил подготвен да ги прифати назад српски студентите, да учат заедно со нивните албански колеги. Сепак, со поддршка на меѓународната заедница, Белград го опструираше овој план“.

Тахири истакна дека УНМИК ја компромитирал својата неутралност.

„Тој на некој начин – можеби не сам и зад политичката сцена што не сме ја виделе – ѝ овозможи на Србија да се меша во внатрешните работи на Косово и да се создадат паралелни системи во многу области, вклучувајќи го и образованието”, истакна Тахири.

„Покрај тоа, до 2001 година, УНМИК дури и не прифаќаше дека српските паралелни структури постојат и функционираат. Кога во 2003 година ОБСЕ објави извештај за паралелните структури, на УНМИК му остана само да го признае постоењето на овој паралелизам“, додаде тој.

За други, пак, УНМИК не може да се обвинува за проблемот со сегрегацијата.

Секако, тој имаше само ограничен простор за маневрирање во длабоко вкоренетите поделби што постоеја на теренот.

Како што вели Пуповци, „ниту Албанците, ниту Србите, не беа заинтересирани да најдат заеднички јазик врзано за постоењето на еден универзитет, и јас целосно го разбирам тоа. Во деведесеттите години бевме лишени од сè нормално“.

Меѓутоа, изборот на меѓународната заедница да ги легализира поделените образовни системи со цел да се заштити „мултикултурализмот”, исто така, не успеа да ја олесни интеграцијата во ова етнички поделено, постконфликтно општество.

Никазија Пиќано докторирала на Универзитетот во Фленсбург во Германија на тема Европско управување со конфликти во Косово. Нејзините истражувачки интереси се градењето на мирот и државата, етничките конфликти и проширувањето на ЕУ во Западен Балкан. Аролда Елбасани е визитинг професор во Центарот за европски и медитерански студии на Универзитетот во Њујорк. Овој текст е дел од едно пошироко истражување поддржано од Косовската фондација за отворено општество, во контекст на проектот „Градење на знаења за Косово (v.2.0)”, чии резултати наскоро ќе бидат објавени.
Мислењата изразени во овој коментар се мислења на авторите и не ги одразуваат нужно ставовите на БИРН.