Извештај

Општините градат, Град Скопје преживува

Најбогатата локална самоуправа е шеста по јавните набавки

Без големи проекти, само со сервисирање на елементарните обврски, како осветлување или дезинсекција, Град Скопје падна на шестото место според вредноста на јавните набавки што ги извршил, покажува новото истражување на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) за набавките на општините во 2024 година. Откако ЦГК ги спроведува овие годишни истражувања, ова е прв случај во кој најбогатата единица на локалната самоуправа во Македонија не е на првото место според тендерите што ги спровела или парите што ги потрошила, односно ги договорила со компании за стоки, услуги или за работи.

Гази Баба е општината со најголема вредност на јавните набавки минатата година, вкупно 11,7 милиони евра, покажува истражувањето. Потоа следуваат Битола, Аеродром, Штип и Струмица, па Град Скопје со 7,3 милиони. Првата десетка ја комплетираат Кисела Вода, Кавадарци, Куманово и Охрид.

Едни градат училишта, други плаќаат струја

Ново основно училиште во Општина Аеродром | Фото: БИРН

Од прегледот на најголемите договори што ги имале овие општини во 2024 година, може да се види дека сите имаат по еден или по повеќе големи проекти. Така, најголемите тендери во Гази Баба се за изградба на основно училиште од три милиони евра, систем за јавно осветлување од 1,4 милиони и фекална канализација од еден милион. Битола има проект за градинка, Аеродром за училиште и за градинка, Куманово за спортска сала, Кисела Вода за училиште, а Штип за булевар и за спортски објект. Овие проекти чинат меѓу еден и три милиони евра.

Најголемиот поединечен тендер што го склучила некоја од овие општини е на Струмица, за градски пазар, од 4,5 милиони евра со „Џови компани“.

Од друга страна, најголемите тендери на Град Скопје во истиот период биле за набавка на струја од 3,2 милиони евра и за тековно одржување на средните училишта од 1,1 милион. Другите поголеми набавки се за поштенски услуги, за прскање против комарци, одржување компјутерски системи и друго. Единствен поголем договор за проект во 2024 година бил тој за реконструкција на дел од булеварот Македонија, од 780 илјади евра.

Со проектиран буџет од 127 милиони евра за 2024 година, Град Скопје располага со четири до петпати повеќе пари од другите општини во првата десетка. Сепак, јавните набавки не ја отсликуваат таа разлика.

Рекордна вкупна сума

Податоците на ЦГК покажуваат дека во 2024 година, 80-те општини во Македонија и Град Скопје склучиле договори со вредност од 190 милиони евра, што е рекордна сума во последниве седум години. Таа е за 16 отсто, односно за 26 милиони евра поголема од претходната година, 2023. Во 2018 година, вкупниот износ на набавките бил 97 милиони евра, или речиси двојно помалку.

Раст на вредноста на набавките има во 52 од 80 општини, а најмногу во Гази Баба, Аеродром и во Кисела Вода, чии договори вредат двојно во споредба со претходната година. Најголем пад во вредноста на тендерите е забележан кај Град Скопје, од 19 милиони евра во 2023, на нешто над седум милиони во 2024 година, што е и апсолутно најмал износ за главниот град во изминативе седум години.

Во Општина Центар, падот на вредноста на договорите изнесува 2,2 милиони евра, во Радовиш два милиони, а во Тетово еден и пол милион.

Најдолу на табелата, според вредноста на склучените договори во 2024 година, се општините Зелениково, Демир Хисар и Лозово – меѓу 150 и 300 илјади евра. Од прегледот во електронскиот систем за јавни набавки, може да се види дека тие трошеле пари само за одржување и за помали реконструкции на локалната инфраструктура.

Доминација на поединечни фирми

Пиши нешто тука | Фото: БИРН

Од десетте фирми што добиле најмногу тендери, осум се градежни | Фото: БИРН

Вкупно биле склучени 4.006 договори со 1.210 фирми. На десетте фирми со најголеми договори им припаднала една четвртина од вкупните пари, што е речиси на исто ниво како и претходната година, пишува во анализата на ЦГК.

Компанијата што добила договори со најголема вредност од општините е „Енерџи деливери солушнс“, вкупно 8,1 милиони евра за продажба на струја. По неа следуваат „Фабрика Карпош“, „Џови компани“, „Пирамид билдинг“, „Стентон градба“ и „Жикол“, чии договори тежат меѓу четири и шест милиони евра, за градежни работи и градежни материјали. Во првата десетка има уште една фирма за струја (ЕСМ Продажба) и уште три градежни.

Кога е во прашање конкуренцијата, истражувањето на јавните набавки во локалната самоуправа покажало и дека кај 13 општини има доминација на една фирма. Тие дале над половина од своите пари за тендери на една фирма. Иако повеќето од нив се мали општини, како Дојран, Виница и Старо Нагоричане, на оваа листа има и поголеми места, како Струмица и Бутел.