Регион

Оптоварена со минатото, Сребреница со претпазливост гледа кон иднината

Неколку илјади Бошњаци, дваесет и пет години по геноцидот, се вратија да живеат во Сребрениц

Исмаил Манџиќ, последен пат го видел својот татко, Ибрахим, кога илјадници бошњачки мажи и момчиња од Сребреница, се подготвувале да избегаат, откако Војската на Република Српска (ВРС), на 11 јули 1995 година, го зазела овој град во источна Босна, кој бил „заштитена зона“ на ООН, но и повеќе од три години, под опсада на ВРС.

Манџиќ, кој во тоа време имал 17 години, го игнорирал предлогот на својот татко, да побара заштита во холандската мировна база на ООН во селото Поточари, мислејќи дека на српските војници, доколку го приведат, не би им се допаднало тоа што тој има исто презиме, како и некои познати борци на Армијата на БиХ (АБиХ).

Затоа, тој, заедно со другите, побрзал преку ридот Удрч, кон запад, кон територијата што била под контрола на АБиХ, додека неговиот 50-годишен татко останал зад него.

Манџиќ и неговото семејство, за она што му се случило на неговиот татко, знаат само од приказните на оние што го виделе како бега.

„Тие ни рекоа дека го виделе дезориентиран, дека се однесувал чудно, веројатно заради отровниот гас што го користеа Србите“, вели, Манџиќ, тивко за БИРН.

Телото на Ибрахим Манџиќ до денес не е пронајдено. Тој е еден од околу 1.200 од повеќе од 7.000 жртви на геноцидот, кои, 25 години по масакрите, сè уште се водат како исченати.

Неговиот син, Исмаил Манџиќ, се вратил во Сребреница во 2002 година. Две години подоцна, тој се оженил со својата сопруга, Мерса, која е, исто така, од Сребреница, со која започнал врска во Лукавац кај Тузла, додека двајцата биле бегалци. И нејзиниот татко бил убиен во 1995 година, а таа изгубила и тројца чичковци.

Имаат пет деца, три момчиња и две девојчиња, на возраст од 4 до 15 години. Тие живеат во стан во една од четирите општински станбени згради, кои се дел од проектот за одржливо враќање, финансиран од холандската влада, ентитетот и локалните власти, на само неколку стотици метри од патот што води кон Меморијалниот центар, лоциран во поранешната мировна база на ООН.

Тој вели дека живее добро со платата од околу 700-800 конвертибилни марки (околу 350-400 евра) што ги заработува работејќи на машина во еден од двата погони во сопственост на групацијата „Превент“, која произведува делови за поголемите производители на автомобили како Фолксваген, Мерцедес, Пежо и други, сопственост на босанскиот бизнисмен,  Нијаз Хастор.

„Луѓето не ми веруваат, но јас сум задоволен, а тоа кај другите не го гледам. Дури и да не ја работев оваа работа, ќе останевме тука, ќе се снајдевме некако. Не знам каде на друго место би можеле да живееме, ова е нашиот дом“, истакнува Манџиќ додека момчињата, облечени во дресови, играат игри на комјутер, помладата ќерка чита стрип, а постарата ѝ помага на нејзината мајка да послужи кафе и сок.

Тој посочува дека неговото семејство се чувствува безбедно и дека неговите деца немаат проблеми на училиште, освен ситуацијата со таканаречената „национална група на предмети“ – која вклучува мајчин јазик и историја – кои се изучуваат во согласност со наставната програма на Република Српска.

Исмаил Манџиќ, неговата сопруга Мерса и четирите од пет нивни деца (Есма, Сумеја, Алија и Хакија) во нивниот стан во Поточари кај Сребреница, на 30 јуни. Фото: Недим Дервишбеговиќ

Преродбата во сенка на политиката

Ситуацијата во Сребреница, лоцирана во Република Српска, се сменила во однос на онаа од раните 2000-ти, кога првиот бран на Бошњаци се вратил меѓу непријателски расположените локални Срби, при што наишле на повремено насилство, административни и други пречки.

Оттогаш, многу куќи се санирани и асфалтирани се патиштата кон околните села. Реновирани се сите 23 џамии во регионот на Сребреница (од кои пет се наоѓаат во самиот град). Минатата година 40 бошњачки деца, или околу три четвртини нови ученици, се запишале во основно училиште.

Според пописот од 2013 година, во општината Сребреница има околу 13.000 жители, од кои околу 7.000 се Бошњаци, иако реалната бројка на население е помеѓу 3.500 и 4.000, од ​​кои околу половина се Бошњаци. Пред војната, Бошњаците сочинувале 75% од 37.000 жители во оваа област.

Но, Ќамил Дураковиќ, кој ги преживеал настаните во Сребреница како 16-годишно момче и во 2005 година се вратил во градот од Соединетите Американски Држави, вели дека работите се влошиле откако тој ги загубил изборите од сегашниот градоначалник, Младен Грујичиќ, првиот небошњачки градоначалник на Сребреница по војната.

Грујичиќ се кандидираше како независен кандидат на тие избори, но за реизбор ќе се кандидира како кандидат на националистичкиот Сојуз на независни социјалдемократи (СНСД), предводен од Милорад Додик, српски член на Претседателството на БиХ.

Градоначалникот на Сребреница, кој, како и Додик, негира дека убиствата во Сребреница се геноцид, честопати дава националистички и потпалувачки изјави, што Бошњаците го сметаат за провокација, која има за цел да ги заплаши. Дураковиќ ја споменува одлуката на градоначалникот да претвори партизански споменик, во српски спомен во село кое традиционално било населено со претежно бошњачко население.

Тој вели дека, кога станува збор за проектите за ревитализација и обнова, особено во врска со економската активност и реинтеграција, создаден е амбиент во кој многу Бошњаци си заминале или размислуваат да заминат. Особено младите размислуваат за тоа, затоа што речиси и да нема социјален живот, а да најдат работа во општинските институции е многу тешко, бидејќи ваквите позиции најчесто ги пополнуваат Србите.

„Демографската слика се влошува, а политичкото опкружување е уништено. Ако не направиме нешто сега, тогаш сè ќе биде изгубено“, истакнува Дураковиќ, додека пиеме сок на терасата на скоро празниот ресторан во празниот центар на градот.

 

Центарот на Сребреница. Општинската зграда е од десна страна. Фото: Недим Дервишбегови

Потребни се работни места за да се спречи заминувањето на младите 

Партиите за кои гласаат Бошњаците, оваа година се договорија, на следните локални избори во Сребреница, да кандидираат заеднички кандидат, личност од редовите на најголемата бошњачка партија, Партијата за демократска акција (СДА).

Сепак, Дураковиќ смета дека ќе биде тешко да се порази Грујичиќ заради гласовите на Србите кои живеат во Србија, а се регистрирани како жители на Сребреница.

„На последните избори, од 4.700 гласови за Грујичиќ, околу 2.000 беа од оние што живеат во Србија, но се регистрирани и како жители на Сребреница. Тие имаат две лични карти и можат да гласаат во обете држави, додека Бошњаците од Сребреница кои живеат во Федерацијата БиХ, можат да гласаат само таму“, истакнува тој.

Сепак, неодамна, уште двајца кандидати од српска националност објавија дека ќе се кандидираат за функцијата градоначалник, што, според некои проценки, ќе им даде подобра шанса на Бошњаците за победа, затоа што ќе земат гласовите од Грујичиќ.

Дураковиќ и другите бошњачки водачи велат дека една работа може да ја подобри ситуацијата, а тоа се приватни економски инвестиции, како што е онаа на „Превент“, во која се вработени околу 200 лица, или фабриката за долна облека „Алма Рас“, во која се вработени повеќе од 70 работници.

„Превент, Алма Рас и БИОС (компанија која се занимава со одгледување на пилиња) се навистина позитивни примери и ни требаат повеќе такви“, истакнува тој.

Емир Суjагиќ, кој, минатиот септември, беше назначен за директор на Меморијалниот центар Поточари и ги оживеа неговите активности преку бројни проекти и иницијативи со нов, млад тим на добро образовани лица од Сребреница, се согласува дека економскиот фактор е клучен за задржување на младите луѓе во ова место.

„Уште 100 работни места како оние во „Превент“, би ја свртиле работата наопаку“, вели Суљагиќ, седејќи во својата канцеларија во зградата во која некогаш се наоѓал холандскиот баталјон на ООН, за кој тој,  за време на опсадата, работел како преведувач.

Суљагиќ, чиј татко бил убиен во 1992 година во гранатирањето на Братунац, каде неговото семејство живеело пред да избега во Сребреница, ги опишал своите искуства од војната во веќе добро познатата книга „Разгледници од гробот“.

„Како некој што секојдневно го води Меморијалниот центар, морам да се погрижам некои деца да најдат работа овде, за да можат барем да имаат релативна безбедност и доволно приходи за да можат да живеат тука“, вели тој.

После кариерата како новинар, кој ги следел судските процеси за Сребреница и другите случаи на воени злосторства, а потоа и политичар, министер и предавач на Универзитетот во Сараево, 45-годишниот Суљагиќ се вратил таму каде што, како што објаснува, го наоѓа својот мир.

„Никому не можам да кажам: ‘Остани тука, дете, и работиво Меморијалниот центар, не оди во Германија, затоа што ниту јас не го сторив тоа. Отидов таму, се стекнав со образование, а потоа се вратив и сега ќе сторам апсолутно сè за да ја задржам таа генерација овде, да ги обучам и да им овозможам да се стекнат со знаење и вештини потребни за да го преземат пламенот на сеќавањата на она што се случи тука“, нагласува Суљагиќ.

„Мојата цел и мојот план е Центарот да не биде мртов споменик на мртвите, туку да живее како институција“.

„Верувам дека има надеж“

Суљагиќ истакнува дека негова и задача на новата генерација на жители на Сребреница, е да ја победат „културата на негирање на геноцидот“, што ја пропагираат Грујичиќ, Додик и многу други во Република Српска и Србија, што им служи за собирање гласови и националистички поени.

„Како можеме да се бориме против ова? Мојот став е дека не можеме да се фокусираме на поединци или групи кои го негираат геноцидот, но дека мора да работиме на создавање на контракултура, која е инклузивна и ги вклучува сите, која е заснована на фактите за овдешните случувања помеѓу мај 1992 и јуни 1995 година“, вели тој, додавајќи дека тоа вклучува едукативни и културни активности.

Сепак, тој посочува оти останува оптимист во врска со Сребреница, затоа што 25 години по војната, луѓето од различни етнички групи мораат да комуницираат, понекогаш да работат заедно, децата треба да одат на училиште заедно, иако некои не можат да го изучуваат јазикот што го сметаат за свој мајчин јазик.

Јас не би го гледал тоа како раѓање на нова идила, луѓето повеќе живеат едни покрај други, отколку заедно, но сè додека се занимаваат едни со други, тие ќе продолжат да комуницираат без насилство“, нагласува тој, додавајќи: „Се надевам и верувам дека има надеж“.

Визијата на Суљагиќ изгледа многу реална, ако го погледнете тренингот на најмладата група момчиња на фудбалскиот клуб Губер, кој, откако беше обновен во 2004 година, се бори да напредува во лигата, со играчи од различни националности од Сребреница и од Братунац.

Минатата зима ФК Губер го презеде нова управа, составена од ветераните на овој клуб и ентузијасти од различни националности, а има поддршка и од општината, и пријателите во БиХ и во странство, кои го поддржуваат клубот и финансиски, и со опрема.

Според претседателот на клубот, Зијад Салимовиќ, Бошњак, клубот е решен  да застане на здрави нозе откако ќе ги реши наследените финансиски и кадровски проблеми, со намера, од втората да стигнат во првата лига на Република Српска, една од двете второстепени лиги во фудбалските натпревари во Босна и Херцеговина.

„Губер е најдоброто нешто во Сребреница, тој секогаш ќе биде тука“, вели Салимовиќ, додека десетина момчиња, скоро тинејџери, трчаат по топката на мал терен, донација на словачката влада. Тие внимателно ги слушаат упатствата на нивниот тренер, Србин, кој спорадично изговара и муслимански, и српски имиња.

Славиша Ќирковиќ (26), роден во Сребреница и врзен играч на сениорската екипа на Губер, оваа година започна да тренира деца во фудбалската школа на клубот, во рамките на кои се одржуваат тренинзи за околу 60 момчиња во различни категории, неколку пати неделно.

„Задоволство е да се работи со овие деца. Ние работиме напорно, тука нема предрасуди, поделби или разлики“, вели Ќирковиќ.

„Она што се обидуваме да го направиме овде е да им помогнеме на овие деца да станат добри луѓе. Ако успееме во тоа, тоа ќе биде нешто што тука го нема многу, а ќе го постигнеме сите заедно“, заклучува тој.