Мало девојче стои покрај прозорецот и гледа во дождот. „Кога ќе дојде тато?, Кога ќе можам да го видам?“ ја прашува мајка си. Жената, која сече зеленчук во кујната, има солза што ѝ се лизга по лицето.
„Се надевам наскоро“, одговара таа со глас што ѝ пука од емоции.
Во следната сцена, војник облечен во униформа, во стилот на Втората светска војна, чекори низ кал. Четворица затвореници со превез на очите клечат, додека војникот застанува зад нив, држејќи пиштол. Потоа се гледа истрел. Таткото на девојчето паѓа мртов.
Видеото генерирано со вештачка интелигенција, произведено од владејачката унгарска партија Фидес, предизвика широка вознемиреност кај јавноста и претставува ново дно во веќе валканата изборна кампања за изборите, кои ќе се одржат на 12 април.
Сепак, ваквите тактики ефикасно поттикнуваат страв кај делови од општеството што се подложни да веруваат на тврдењата дека опозицијата, заедно со ЕУ, ќе ја вовлече Унгарија во војната во Украина.
Со тоа што партијата на премиерот Виктор Орбан, во анкетите заостанува зад опозициската партија Тиса за 5 до 8 отсто, завршната фаза од кампањата се претвори во борба за опстанок на власта, во која секој метод за освојување дополнителни гласови се смета за дозволен.
„Некој да помисли на децата?“

Скриншот од видео генерирано со ВИ од кампањата на Фидес
Видеото со малото девојче беше споделено од будимпештанската организација на владејачката партија со коментар: „Засега ова е само кошмар, но Брисел се подготвува да го претвори во реалност.“
Унгарската асоцијација за правата на децата предупреди на потенцијалното психолошко влијание врз децата и побара политичарите да престанат да ги инструментализираат во своите кампањи.
„Мора да постои граница на политичката кампања“, вели за БИРН, Ерика Пехр, претседателка на Коалицијата за правата на децата, невладина организација.
Таа го опишува видеото генерирано со ВИ како класичен пример на емоционална манипулација.
„Ова дипфејк видео сугерира на тоа дека, дали таткото на девојчето ќе биде застрелан во глава, зависи од вашата одлука на априлските избори. Тоа е апсурдно“, вели таа.
Пехр додава дека повеќе родители веќе пријавиле до нејзината организација дека нивните деца се исплашени, не можат да спијат и го изгубиле чувството на сигурност откако почнала изборната кампања.
„Очигледно постои зголемено ниво на анксиозност“, вели таа.
Лидерот на опозицијата, Петер Маѓар ја повика владата да го повлече видеото.
„Нема изговор, нема објаснување, нема оправдување за користење слики од невини деца и прикажување егзекуција за ширење страв низ цела држава“, изјави тој.
Но, владата не гледа причина да се повлече. „Она што го гледаме таму е реалноста на војната“, објасни Гергељ Гуљаш, министерот што раководи со Кабинетот на премиерот, на владина прес-конференција.
„Војната е ужасна и секојдневно доведува до тоа повеќе од илјада луѓе да загинат или да бидат онеспособени на бојното поле“, додаде тој.
Ваквото заплашување во кампањите не е без преседан во Унгарија. Коалицијата за правата на децата веќе ја критикуваше кампањата на Фидес за изборите за Европскиот парламент во 2024 година, која, исто така, вклучуваше билборди со воена тематика.
А уште во 2019 година, народниот правобранител издаде препорака, во која се наведува дека почитувањето на правата на децата мора да биде дел од политичката и од уставната култура на Унгарија.
„Државата има обврска да ги заштити децата и да им обезбеди пристап до веродостојни информации“, вели Пехр. „Ова видео генерирано со ВИ претставува ново ниво на емоционална манипулација.“
„Ова не е наша војна“

Скриншот од видео генерирано со ВИ од кампањата на Фидес
И покрај бурните реакции што ги предизвика кампањата, вклучително и од високи црковни претставници, Фидес не покажува знаци дека ќе ја намали употребата на содржини генерирани со вештачка интелигенција.
Во серија видеа што ги споделуваат кандидатите на Фидес под наслов „Ова не е наша војна“, прикажани се кратки семејни сцени: среќна брачна двојка што излегува од црква по што следува сцена во која сопругот држи рачна бомба, која експлодира. Во завршната сцена, жената е облечена во црно и стои покрај ковчегот на својот сопруг.
Во друго видео, бремена жена го губи таткото на своето дете во воена битка и плаче на неговиот гроб со бебето во рацете.
Во трето видео, семејство со две деца се смрзнува во куќа што повеќе нема греење.
Сите овие сцени имаат цел да го пренесат она што е „во игра“ на изборите на 12 април: мир со Фидес, војна со опозицијата.
„Овие видеа за заплашување го трауматизираат целото општество, не само децата“, вели Пехр. „Тие ја стеснуваат свеста на луѓето до степен што многу од гласачите повеќе не можат да носат информирани одлуки.“
Политичарите, додава таа, мора да разберат дека она што можеби го сметаат за ефикасна политичка стратегија, може да предизвика вистинска траума кај децата и кај други членови во општеството. Иронично е што кампањата ја води влада, која се претставува како една од најсемејно ориентираните во Европа.
Андреа Сабо, социолог, која е заменик-директор на Унгарскиот институт за политички науки, вели дека владата се надева дека нејзината антиукраинска реторика, во комбинација со силна воена психоза кај јавноста, може да помогне во мобилизирањето на гласачите на владејачката партија.
„Тоа може да има особено силно влијание врз гласачите со пониско ниво на образование. Исто така, може силно да влијае врз жените со семејства, бидејќи тие може да си кажат ‘Не сакам моето дете да биде однесено во војна’“, вели таа.
Војна во студиото

Скриншот од емисијата на М1 „Хоророт на војната“
Јавниот сервис на Унгарија, МТВА, кој од 2010 година служи како една од главните пропагандни алатки на владата, исто така активно придонесува во кампањата за заплашување.
Каналот М1 почна дневна 20-минутна емисија наречена „Хоророт на војната“, снимена во студио, каде што водителот чекори низ урнатини, со тенк и запалена куќа во заднина.
„Распаднати семејства, присилни мобилизации, сиромаштија, безброј жртви – ова е вистинското лице на руско-украинската војна“, кажа водителот со драматичен тон во првата емисија.
Емисијата, исто така, прикажува сцени од фронтовските линии и од украински градови погодени од руски бомби. Прикажани се тешкотиите на секојдневниот живот во соседната земја, но истовремено, во голема мера, ја игнорира одговорноста на Русија за војната и поврзаното уништување.
А во една од последните епизоди, воени заробеници што зборуваат унгарски, ја пофалија руската армија затоа што ги заробила и на тој начин им ги спасила животите.
Дел од видеата изгледаат како да се доработени со вештачка интелигенција, бришејќи ја границата меѓу фактичко известување и фикција, известуваат покритичките унгарски медиуми.
Дел од снимките потекнуваат од нејасни тикток-профили и од лажни фејсбук-страници, објави порталот 444.hu.
Иако владата ја гради изборната кампања на слоганот дека Унгарија мора да остане надвор од војната, јавните медиуми практично ја внесуваат војната во дневните соби на унгарските семејства, иронично коментира 444.hu.
Премиерот Орбан очигледно се надева дека оваа кампања ќе ја зголеми поддршката на гласачите во петте недели пред изборите. Содржините водени од вештачка интелигенција првенствено се насочени кон помалку образованите и руралните гласачи, каде што владата ужива значителна поддршка.
БИРН го посети градот Чорна во северозападна Унгарија, каде што партијата Фидес на претходните избори освојуваше и до 70 отсто од гласовите. Дури и младите таму изгледаа подложни на денешната пропаганда базирана на страв. „Не сакам да одам во војна, затоа ќе гласам за владата“, рече за БИРН, млад маж, кој туркаше детска количка.
Сепак, постар маж, кој сакаше да остане анонимен, изрази загриженост за психолошкото влијание од кампањата, како и за штетата, која тешко ќе се надомести подоцна.
„Ова ја помина границата. Мора да престане сега – и со тоа и оваа власт“, рече тој.

