Истражувањa

Оружје во погрешни раце: дозвола за поседување или за убивање

За десет години, МВР издало 24.529 дозволи за поседување оружје на физички лица. Наместо за лична заштита, некои од нив оружјето го вперија во своите сопруги, љубовници, должници и го повлекоа чкрапецот

„Три години барав помош!“ Овие зборови беа испишани под некрологот на трите жртви на кавадаречкиот убиец Тони Станоев. Но, за жал, стасаа доцна – откако се случи трагедијата. Дури тогаш институциите си ги бараа грешките во минатото, но, за жал, изгубените животи не можат да се вратат.

Станоев (40) годинава на 9 ноември ги уби родителите на сопругата – Илија и Билјана Леови и нејзината сестра – Снежана Леова. Смртно ги застрела во нивната семејна куќа со пиштол што го поседувал со дозвола. Според информациите до кои дојде БИРН, дозволата за поседување оружје на Тони Станоев од МВР му била издадена на 9 јули во 2002 година, иако само 7 месеци претходно, во јануари истата година, Станоев добил кривична пријава за насилство. Тој учествувал во инцидент во кавадаречката гимназија „Кирил и Методиј“ кога се степале две групи луѓе. Кривичната пријава за насилство веќе била напишана во неговото досие што полицијата го има на увид во секое време, но тоа не било причина за МВР да не му издаде дозвола за поседување оружје. И оттогаш Станоев бил вооружен со пиштол марка „Црвена застава“. По 12 години, со легалното оружје со тапија од МВР, Тони Станоев зацрни едно цело семејство.

За десет години, Министерството за внатрешни работи (МВР) издало 24.529 дозволи за поседување оружје на физички лица. Толкав арсенал за една деценија добил назнака – се поседува со дозвола и се наоѓа во домовите на граѓаните низ Македонија. Но, некои од сопствениците на легалното оружје, наместо за лична заштита, го вперија во своите сопруги, љубовници, должници и го повлекоа чкрапецот. Наместо дозвола за поседување, легално добија „дозвола за убивање“.

Годинава се извршени 23 убиства, има 29 жртви, а 10 лица се застрелани со оружје за кое имало дозвола за поседување издадена од МВР и 3 лица со службено оружје на АРМ.

Истражувањето на БИРН покажа дека во Македонија има многу нелегално оружје, а за легалното треба „цврста рака“.

Легално оружје во погрешни раце

Најмногу дозволи за поседување оружје се издадени во 2004 година кога 7.147 македонски граѓани добиле документ од МВР дека оружјето го поседуваат легално. Во текот на годините бројките варираат. Во 2005 година драстично се намалува бројот на регистрираните парчиња оружје и се издадени 1.698 дозволи. Најмалку дозволи за поседување оружје се издадени во 2008 година, кога во архивата на МВР се регистрирани само 140 парчиња. Оттогаш бројката постојано се зголемува. Минатата година се издадени 2.469 дозволи, а за првите девет месеци од годинава, вкупно 1.415.

Џабир Дерала: Легалното оружје не е под сериозна контрола

Џабир Дерала: Легалното оружје не е под сериозна контрола

„Легалното оружје не е под сериозна контрола. Постапката за добивање дозвола не е комплицирана, а може да се каже и дека е недозволиво лесна. Воедно, се забележува и извесна селективност во постапките која не е во потполност соодветна на стандардите туку е повеќе заснована на своевидно дискреционо право да се даде или не дозвола за оружје на некое лице. Притоа, самите дозволи не се почитуваат, односно, ако е дозвола за поседување, таа се користи и како дозвола за носење“, вели за БИРН, Џабир Дерала, претседател на невладината организација „Цивил“.

Ова тврдење на Дерала го докажаа трагедиите што се случија во најголем дел поради невозвратена љубов.

Професорот од Факултетот за безбедност во Скопје, Марјан Николовски, објаснува дека според сегашниот закон, ако добиете дозвола за поседување оружје точно е пропишано што значи тоа, но, за жал, легалното оружје сѐ повеќе се злоупотребува.

„Сега, со новиот закон, дозволата не е за носење и за поседување туку исклучително за поседување. Оружје со дозвола не можете да носите никаде. Освен во вашата куќа, вашата тераса, во вашето возило. И мора да биде расклопено“, објаснува Николовски.

Молк за злоупотребите кај агенциите за обезбедување

Голем дел од легалното оружје е во рацете на вработените во агенциите за обезбедување. Од Комората за приватно обезбедување не кажуваат колку пати била злоупотребена лиценцата и оружјето во сопственост на некоја агенција за обезбедување во последните 5 години.

Нерешени убиства во 2013 година
На 08.08.2013 година во Скопје на ул. „Џон Кенеди“ непознат сторител со автоматско оружје извршил убиство над Никола Мандаровски (65) од Скопје.
На 11.08.2013 година во Скопје на обиколницата Бутел – с. Мирковци е убиен Џемајледин Мустафи (26) од Скопје. Убиецот не е пронајден.
На 12.10.2013 година на автопатот Тетово – Гостивар непознат сторител со автоматска пушка извршил убиство над Мухамед Асани (32) од Тетово.
На 09.11.2013 година во Скопје зад киното „Бутел“ непознат сторител со пиштол извршил убиство над Зекир Зеќири (46) од Гостивар.
На 29.11.2013 година во Скопје во с. Сингелиќ непознат сторител со автоматска пушка извршил убиство над Џелал Ајети (46) од Скопје.

Молчат и за тоа колку кривични дела биле извршени со тоа оружје.

„Нема евиденција за оваа проблематика“, изјавија од Комората.

Она што остана енигма е дали убиецот на двете сестри во Аеродром, Игор Спасовски, оружјето со кое ги изврши убиствата и самоубиството го поседувал по службена должност или дозволата од МВР му била издадена по друга основа. Од МВР не добивме детални информации. Единствено Комората одговори:

„Според евиденциите на Комората за издадени легитимации, лицето Игор Спасовски било вработено во Агенцијата за обезбедување ‘Бастион’ од Струмица од 26 ноември во 2010 година“.

Вкупниот број на регистрирани парчиња оружје кај правни лица, односно, кај агенции за обезбедување имоти и лица, стрелачки и ловечки организации во периодот од 2003 до 2013 е 1.255.

Од Комората велат дека во агенциите за обезбедување има 590 парчиња оружје. Според евиденциите, моментно се важечки вкупно 3.560 легитимации што значи дека ова е вкупниот број на вработени работници за приватно обезбедување во правните субјекти што вршат обезбедување во вид на давање услуги т.е. агенции за обезбедување кои се усогласиле со Законот за приватно обезбедување.


Вкупниот број на убиства е во пад, но за 2014 година, земени се во вид само податоците кои се одстапни, а тоа е периодот од јануари до август

„Според официјални информации од Министерството за внатрешни работи што е надлежен орган за издавање дозволи за набавка на оружје за правните лица, како и за дозволи за носење оружје, кај легалните агенции за обезбедување има вкупно 590 парчиња оружје. Ова е јасен показател дека за агенциите за приватно обезбедување набавката и носењето на огнено оружје не претставува приоритет при извршувањето на работните задачи“, изјавија за БИРН од Комората на РМ за приватно обезбедување.

Таинствени се и во Министерството за одбрана. Кога ги прашавме колку пати досега е злупотребено армиското оружје и во кои случаи, се повикаа на воена тајна.

„Согласно нашите податоци, во изминатите 5 години постојат два случаи на злоупотреба на службено оружје. Имајќи предвид дека документите во Министерството за одбрана кои се однесуваат на овие случаи се класифицирани со соодветен степен на доверливост, Министерството за одбрана не може детално да ве информира за каков тип случаи станува збор“, е одговорот од Министерството за одбрана.

И функционерите молчат

Висок функционер од владејачката ВМРО ДПМНЕ во својот имотен лист навел дека поседува полуавтоматска пушка од марката „Ремингтон“, карабин-маузер и бокерица бајкал, сите стекнати со купопродажен договор во вредност од 4.000 евра. Ни изјави дека е ловџија и дека за сите поседува дозвола. Но, кога го прашавме да ни ја објасни процедурата како добил дозвола, рече дека не сака да коментира, ниту да му го објавиме името. Оти по неколкуте убиства, луѓето ќе добиеле лоша слика за него дека е потенцијален убиец.

Нерешени убиства во 2014 година
На 26.02.2014 година во Скопје на ул. „Алија Авдовиќ“ непознат сторител со огнено оружје извршил убиство над Ибраим Исмаили (46) од Скопје.
На 16.05.2014 година во Скопје на бул. „Јане Сандански“ непознат сторител со огнено оружје извршил убиство над Димитарчо Јовановски (52) од Штип со место на живеење во Скопје.

И поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов не сака да открие дали дома чува некое парче оружје со дозвола, но не поради етикети туку заради зачувување на безбедноста во домот од арамии.

„Поседувањето оружје е сепак некакво право и јавното објавување на лицата кои имаат оружје може да биде сигнал за крадците. Така, еден висок функционер во анкетниот прашалник го објавил неговиот имот и уметничките слики. По две недели неговиот дом бил ‘посетен’ и сликите биле однесени“, објаснува за БИРН, екс-министерот Трајанов.

БИРН побара податоци од МВР за имињата на фирмите кои се најголеми увозници на оружје, како и за тоа кои фирми имаат дозвола за продажба на оружје и муниција. Но, освен бројки, други податоци од МВР не добивме.

„Дејноста промет со оружје, муниција и делови за оружје во текот на 2014 година ја извршуваат дваесет и осум трговски друштва. Дваесет од нив имаат добиено одобрение за увоз на оружје, муниција и делови за оружје. Трговските друштва можат да продаваат оружје и муниција само на физички и на правни лица кои поседуваат одобрение за набавување на оружје“, пишува во дописот од МВР.

Скопје на врвот, Тетово втор град на црната листа

Според статистиките на МВР, од 2003 година досега се случиле 550 убиства. Гледано според местото, најголем дел од убиствата се извршени на територијата на град Скопје или 192 убиства. На второ место според стапката на убиства е Тетово со 120 убиства и на трето – Куманово со 64 кривични дела убиства за една деценија. Од нив сѐ уште нерасветлени се 74 убиства, односно, убијците не се познати.

Ако се направи анализа по години, убиствата според бројките се во опаѓање. Во 2003 година се извршени 75 убиства, во 2008 година – 36 убиства, а годинава се сторени 23 убиства. Извршители на убиствата, најчесто, се мажи, а оваа година во вкупната статистика како извршители на убиства се заведени и 4 жени. Според старосната статистика, најбројни се убијците на возраст од 18 до 45 години. Криминолозите направиле анализа на профилот на македонските убијци, за нивниот емоционален и социолошки статус.

„Тие имаат низок праг на толеранција, емотивно се незрели, нестабилни се, како и анксиозни. Самиот факт дека над 90 проценти се необразовани, укажува за каков профил на луѓе станува збор“, вели професорот Марјан Николовски.

Најголем дел од убиствата се извршени со огнено оружје, потоа со ладно оружје, на трето место се убиствата сторени со употреба на физичка сила и на крај – убиствата извршени со тврд предмет.

„Пиштол е употребен во 60 отсто од случаите, а пушка во 15 до 20 отсто. Значи 70-80 отсто од извршителите употребиле огнено оружје. Е сега, зошто? Па, во Македонија на лесен начин може да се дојде до оружје на црниот пазар. Македонија, за жал, спаѓа во група на држави во кои на лесен начин може да се дојде до нелегално оружје“, изјави Николовски.

Милитантна нација

Од 2002 година до август во 2014 година сѐ уште стојат отворени случаи за 74 убиства што не се разрешени, а убијците не се пронајдени. Гледано по години, најмногу нерасветлени убиства на лица останаа во 2002 година – 13, минатата година од 20 извршени убиства нерасветлени се 5, а во тековната година не се пронајдени извршителите на две убиства во Скопје.

Николовски: Пиштол е употребен во 60 отсто од случаите, а пушка во 15 до 20 отсто. Значи 70-80 отсто од извршителите употребиле огнено оружје

Николовски: Пиштол е употребен во 60 отсто од случаите, а пушка во 15 до 20 отсто. Значи 70-80 отсто од извршителите употребиле огнено оружје

Во проценти, тоа значи дека најголем дел од убиствата или 85 проценти, се расветлени. Но, иако е мал процентот на неразрешени убиства, тоа не значи дека и загриженоста на институциите треба да биде минимална.

„За жал, еден мал процент што отпаѓа на неоткриени убиства укажува на една индиција дека извршителите професионално ја завршиле својата работа“, вели професорот Николовски. Такво професионално убиство на 29 ноември во минатата година беше извршено врз Џелал Ајети кој беше ликвидиран во својата чајџилница во Ченто. Убиецот зад себе го остави оружјето, но тоа не ги однесе истражните органи до убиецот. Досието Ајети и натаму е отворено во МВР со назнака НН убиец.

Последната година ја одбележаа убиства извршени со легално оружје, но криминолозите предупредуваат дека поголем проблем е нелегалното оружје. Да купиш пиштол денеска е полесно отколку да купиш мобилен телефон. Не ти требаат ни документи, ниту пак, да го чекаш посакуваниот модел. Има и голем избор и голема понуда.

„Дилерите се фалат дека бизнисот им оди добро. На црниот пазар се продаваат пиштоли за 180 евра (најскап е познатиот „ТТ“ пиштол кој на црно чини и по 400 евра), калашникови за 500 евра, бомби за 15 до 20 евра, муниција за пола евро. Во лето, кога е сезона на свадби, нивната цена двојно се зголемува“, објаснува Благоја Марковски, претседател на Балканскиот форум за безбедност.

Фрапантни податоци покажува истражувањето на невладината организација „Цивил“ направено во 2011 година. Анализите упатуваат дека првите контакти со оружје, голем дел од младите ги имаат пред да станат полнолетни.

„Дури 38 отсто од испитаниците на возраст од 16 до 22 години потврдија дека најмалку еднаш биле во физички допир со огнено оружје. Понатаму, од истражувањето се констатира одлично познавање на огненото оружје кај децата и младите што доаѓа од медиумската и интернет култура, но и од достапноста на оружјето и култот кон него што се негува во општеството. Само еден од четири испитаници би пријавиле во полиција или кај друг авторитет, доколку знаат дека некој од нивните соученици носи оружје во училиште, што упатува на недоверба кон институциите, а воедно и страв од поседувачите на оружјето“, вели Дерала, пренесувајќи дел од истражувањето.

Колку нелегално оружје има во Македонија?

За бројките може само да се претпоставува, да се шпекулира, но сите соговорници на БИРН се согласуваат дека има многу. Повикувајќи се на странски извори, Марковски вели дека во зeмјава бројот на нелегалното оружје се движи од 90.000 до 170.000 парчиња. Домашните истражувања, вели тој, зборуваат за бројка што се движи меѓу 80.000 и 120.000 нелегални парчиња, главно војничко оружје.

Според Марковски, од 2003 година до денес полицијата заплени и уништи околу 20.000 парчиња оружје што е мала утеха во однос на актуелната состојба со нелегалното оружје.

„Ако на тоа ги додадеме и легалните 170.000 парчиња, најчесто ловечко оружје, излегува дека сме милитантна нација“, објаснува Благоја Марковски.

Ако во последната деценија од минатиот век Албанија важеше за земја од која се шверцуваше оружјето кај нас, сега соговорниците на БИРН велат дека оружјето стигнува од другите земји од соседството.

„Албанија веќе не е главен извор на нелегалното оружје“, вели Дерала.

На црниот пазар, според него, може да се најдат и далеку пософистицирани видови оружје што не се дел од арсеналот кој излезе на улиците по распадот на системот во Албанија во 1997 година. „Оружјето доаѓа практично од сите страни, но мора да се има предвид дека и Македонија е извор на нелегално оружје во регионот. Ако имаме предвид дека во 2001 година и МВР делеше оружје на етничките Македонци во земјава (над 100.000 калашникови), а за тоа не постојат никакви податоци како списоци на поседувачи, време на враќање на оружјето, ако воопшто било вратено. Оружјето на црниот пазар доаѓа и од Косово и од Србија“, вели Дерала.

И според Марковски најмногу се тргува со оружје од 2001 година. Има отворена шверцерска линија од Косово, преку илегални премини од Прешево и Витина од косовска страна, преку Лојане, Радуша, Брест и Танушевци во Македонија. Станува збор за села што се тешко пристапни за контрола. Населението добро ги познава козјите патеки преку кои лесно се шверцува оружје од една територија на друга.

Дел од оружјето излезе на виделина во 2001 година за време на воениот конфликт, дел сѐ уште се крие. Професорот Злате Димовски од Факултетот за безбедност во Скопје е уверен дека огромни количини оружје сѐ уште се некаде складирани. Акциите за разоружување, според него, биле направени про-форма. Бидејќи бројноста не значи и квалитет на самото оружје. Тогаш се предало старо оружје, надвор од употреба, без никаква моќ.

„Денес имаме големо количество оружје, не би тврдел со сигурност, но претпоставувам дека нема фамилија во Македонија која не чува барем едно парче оружје и одредена количина муниција за ‘не дај боже’ или за одбрана од некого“, вели Димовски.

Според нашите соговорници, најмногу нелегално оружје има во поранешните кризни региони, има војничко оружје, пред сѐ, калашникови и пиштоли. Жителите од тие краишта не го легализираат ни оружјето за кое можат да добијат дозвола, бидејќи, според нивните искази, немаат доверба во државата и мислат дека сами најдобро можат да се заштитат.

Загрижени за безбедноста

Од 2003 година досега се случиле 550 убиства | Фото: Радован Вујовиќ

Од 2003 година досега се случиле 550 убиства | Фото: Радован Вујовиќ

Како да де дојде до поголема безбедност во услови кога преголемо количество легално и нелегално оружје се наоѓа во рацете на граѓаните? Последните убиства уште еднаш ја отворија темата за разоружување.

Експертите оценуваат дека Законот и строгите казни не се доволни за надминување на овој проблем. Институциите требат да воспостават ред во поглед на издавање на дозволите за поседување оружје, а истовремено да создадат амбиент за нова акција за собирање на оружјето.

Сепак, не секогаш се води сметка кој, кога и како го користи легалното оружје. Скопјанец на возраст од 35 години кој не сака да го открие идентитетот, за БИРН раскажа дека дозвола за поседување оружје добил во 2001 година како резервист во воениот конфликт. Оттогаш досега МВР никогаш не му ја ревидирало дозволата.

„Во 2001 година во МВР поднесов барање за дозвола за поседување оружје. Ги доставив потребните документи, меѓу кои и потврда од суд дека не сум осудуван. Меѓутоа, МВР прави и сопствени проценки, па така полицијата побарала мислење за мене од тројца мои соседи. Кога ги поминав сите филтри, ја добив дозволата и сѐ уште ја поседувам. Пиштолот никогаш не сум го злоупотребил“, вели скопјанецот за БИРН.

Според Законот за оружје, дозволата се издава со рок на важење од десет години, а на лица постари од 65 години со двојно покус рок на траење. Дозволата за оружје може да биде продолжена по писмено барање на имателот, поднесено до надлежниот орган најдоцна два месеца пред истекот на рокот. Соговорникот на БИРН не ја продолжил дозволата, а пиштолот е сѐ уште во негови раце. Останува дилемата, дали сега тоа оружје е легално или нелегално.

„Три години молев за помош!“ – Овие зборови по кавадаречкото тројно убиство остануваат како аманет за полицијата и за институциите – да не се повтори.