Седум поранешни полицајци беа ослободени од обвиненијата дека во конфликт во 90-тите години, во селото Ступари, кај Кладањ, централна Босна и Херцеговина, нечовечно постапувале со цивилни затвореници од српска националност.
Албина Соргуч, Сараево
Судот на БиХ ги ослободи Сафет Мујчиновиќ, Селман Буснов, Нусрет Мухиќ, Зијад Хамзиќ, Рамиз Халиловиќ, Неџад Хоџиќ и Осман Гогиќ, од обвинението дека во периодот од мај 1992 до јули 1993 година, извршиле воени злосторства во Кладањ.
Претседателката на судскиот совет, Весна Јасенковиќ, рече дека обвинителството не успеало да ја докаже вината на обвинетите, за затворање и нехуман третман на цивилното население од српска националност во селото Ступари.
Како што е наведено во обвинението, Мујчиновиќ бил командир на полицијата во Ступари, а подоцна во Кладањ, додека Буснов бил началник на станицата за јавна безбедност во Кладањ.
Мухиќ, пак, бил на чело на единицата за превенција на криминалот во полициската станица во Ступари, додека Хамзиќ командант на територијалната одбрана на селото, а подоцна и командант на баталјон на територијалната одбрана.
Според обвинението, Халиловиќ бил активен полицаец и командир на оделението на воената полиција во Ступари, Хоџиќ и Хабибовиќ биле резервни полицајци во Ступари, а Гогиќ, воен полицаец во Кладањ.
Јасенковиќ изјави дека вината на обвинетите не е докажана, со оглед дека за некои точки од обвинението е сослушан само еден сведок, и во однос на другите точки на обвинението, изјавите на сослушаните сведоци биле контрадикторни и нејасни.
„По оценката на презентираните докази, советот не најде дека Мујчиновиќ бил надлежен за сместување на цивилите во основното училиште во Ступари, ниту пак ја донел одлуката тие да се сместат во зградата на просветните работници. Тоа не произлегува ниту од изјавите на сведоците, ниту пак од материјалната документација“, рече Јасенковиќ.
Обвинителство на БиХ, како што рече Јасенковиќ, не докажало оти Мујчиновиќ давал наредби за статусот на цивилите, ниту пак дало докази дека Мујчиновиќ знаел или можел да знае за незаконските испрашувања на неговите подредени.
„Сведоците рекоа дека имале струја, вода, хуманитарна помош, некои добивале и пензијата, а парите никој не им ги земал”, објасни Јасенковиќ.
Обвинителството не успеало да докаже, како што рече Јасенковиќ, дека Буснов „знаел оти незаконски се постапува со тие лица”.
За обвинетиот Халиловиќ, судскиот совет утврди дека тој не презел никакви дејствија што би претставувале повреда на нормите на меѓународното право или дека бил одговорен за статусот на цивилите.
„Изјавите на сведоците не се согласуваат околу суштинските факти во врска со идентификацијата на обвинетите Гогиќ и Хоџиќ. Немаше доволно докази и немаше поткрепа со сведоштва на други сведоци“, рече претседателката на судскиот совет.
Оваа пресуда може да биде обжалена.