Радоша Милутиновиќ | БИРН | Белград
На судењето на поранешниот шеф на Службата за државна безбедност (СДБ) на Србија, Јовица Станишиќ, се изнесуваа аргументи околу тоа, дали единиците на оваа служба, ѝ помагале на Војската на Република Српска (ВРС), во етничкото чистење на источна Босна.
Одбраната на Јовица Станишиќ, пред Механизмот за меѓународни кривични трибунали (MМКТ) во Хаг, тврдеше дека „Црвените беретки”, во есента 1993 година, биле лоцирани во источна Босна и дека биле под команда на Војската на Југославија (ВЈ).Воениот вештак, Рејно Туненс, негираше дека, според документите што ги анализирал, ВЈ, цело време и во целост имала контрола над „Црвените беретки”.
Вештакот наведе дека дејствата за заштита на државната граница, би морале да бидат спроведени само на територијата на Србија, а не и во Босна и Херцеговина.
Воениот вештак остана при својата изјава, дека специјалците на СДБ на Србија, во тоа време ѝ помагале на Војската на Република Српска (ВРС), за да ја оствари третата стратешка воена цел – отстранување на границите помеѓу Србите на реката Дрина.
Според обвинението, кое ги товари поранешниот шеф на СДБ на Србија, Станишиќ, и неговиот помошник, Франко Симатовиќ Френки, за злосторства над муслиманите во Босна и Херцеговина, „Црвените беретки” биле вклучени во присилното преместување на муслиманското население во источна Босна.
Бранителот на Станишиќ, Вејн Џордаш, рече дека „не оспорува оти босанските Срби спроведувале присилно преместување” на муслиманското население од источна Босна, но негираше дека во тоа учествувале специјалните сили на СДБ на Србија.
Според одбраната на Станишиќ, во Баина Башта, во Србија, поради заштита на државната граница, во есента 1993 година, била формирана „заедничка команда” на ВЈ и на МВР на Србија.
На чело на таа команда бил командантот на специјалните воени сили, Миле Мркшиќ, а негов заменик бил командантот на специјалната единица на ресорот за јавна безбедност на МВР на Србија, генералот Обрад Стевановиќ, рече адвокатот Џордаш.
Како доказ, тој цитираше изјава на тогашниот водач на доброволците на Српската радикална партија (СРП), Бранислав Вакиќ, кој рекол дека во Баина Башта контактирал со Френки, кого го нарекувал „заменикот на Стевановиќ”.
Бранителот на Станишиќ, ја цитираше писмената согласност на Мркшиќ, дадена на припадниците на силите за специјална намена на МВР на Србија, „воениот плен” од Скелани, источна Босна, да го пренесат во Србија.
Вештакот потврди дека за време на операцијата „Удар”, која во есента 1993 година ја спровела ВРС во источна Босна, припадниците на МВР и на СДБ Србија биле под заедничка команда на ВЈ.
Воениот експерт сведочеше дека офицерите на СДБ на Србија, како што се Радојица Божовиќ и Василије Мијовиќ, на теренот во источна Босна останале долго време по операцијата.
Мијовиќ, според документите што ги проучил вештакот, од април 1992 година, во Подриња, ја обучувал воената полиција на ВРС, но неговото делување не било ограничено само на ова.
Од документите на ВРС презентирани во судницата, вклучувајќи ги и наредбите на Ратко Младиќ, произлегува дека војската не била задоволна поради проблемите кои ѝ ги предизвикувале луѓето на Мијовиќ и дека безуспешно се обидувала да ги стави под своја команда.
Врз основа на писмото испратено од страна на ВРС до командата на специјалните сили на МВР на Србија, вештакот заклучи дека Мијовиќ примал наредби од Белград.
Одбрана на Станишиќ не негираше дека има докази врз основа на кои Станишиќ, од есента 1994 година, играл „важна и видлива улога” во операцијата „Пајак”, во западна Босна.
Операцијата „Пајак” имала „отпечаток на прстите на Станишиќ”, потврди неговиот адвокат Џордаш.
Со оваа операција, српските сили, вклучувајќи ги и специјалците на СДБ на Србија, го вратиле Фикрет Абдиќ на власт во Велика Кладуша, по меѓумуслиманскиот судир на неговата единица со Армијата на Босна и Херцеговина.
Одбрана на Станишиќ, сепак, сугерираше дека целта на операцијата „Пајак” била да се олесни враќањето на илјадниците муслимански бегалци, кои избегале во Хрватска, пред офанзивата на Армијата на БиХ.
Вештакот одговори дека „не нашол докази оти операцијата ‘Пајак’ била спроведена од хуманитарни причини”.
Тој, сепак, ја прифати сугестијата на одбраната, дека за време на оваа операција, припадниците на СДБ на Србија, не го префрлале населението насилно, туку дека им помогнале на муслиманите кои избегале, да се вратат во Цазинска краина.
Џордаш се обиде да ја релативизира тезата на вештакот дека Станишиќ ги испратил своите луѓе во операцијата „Пајак“.
Во својот извештај, вештакот цитираше белешка на Младиќ, за состанокот на кој во октомври 1994 година, тогашниот српски претседател, Слободан Милошевиќ, изјавил дека „Јовица може да ангажира 300-400 луѓе да му помогнат на Абдиќ да ја земе Кладуша”, а самиот Станишиќ дека „можеме да формираме убиствен баталјон од 700-800 луѓе“.
Бранителот на Станишиќ посочи дека, сепак, шефот на СДБ Србија, подоцна изјавил оти „ќе земе неколку луѓе од Бања Лука”, а останатите „ќе ги собере околу”, што за Џордаш значеше оти „тој не се согласил да испрати 400 свои луѓе”.
Вештакот одговори дека со оглед на „високото ниво на команда”, било малку веројатно дека Станишиќ „ќе се вози наоколу барајќи доброволци”.
Тоа, според воениот вештак, било потврдено на теренот во Цазинска краина, каде што, меѓу другите, биле и офицерите на Единицата за специјални операции како Милорад Улемек Легија и припадниците на „Скорпионите”, формации под контрола на СДБ Србија.
Повтореното судење на Станишиќ и Симатовиќ ќе продолжи во вторник, на 19 март.
Злосторствата за кои се обвинети Станишиќ и Симатовиќ, биле извршени, како што велат обвинителите, како дел од спроведувањето на заеднички злосторнички потфат.
Тој имал за цел трајно и присилно отстранување на Хрватите и муслиманите од поголемите делови на територијата на Хрватска и на БиХ, со цел да се постигне српска доминација. На чело на злосторничкиот потфат, според обвинителите, бил тогашниот српски претседател, Слободан Милошевиќ.