Бошњачките жртви на војната во Босна и Херцеговина, соопштија дека претседателката на Хрватска, Колинда Грабар-Китаровиќ, ѝ нанесува штета на БиХ, со своите неосновани изјави, дека оваа земја се претвора во центар на исламските терористи.
Игор Спаиќ, Сараево
Неколку здруженија на бошњачки жртви на војната, испратија во среда отворено писмо до претседателката на Хрватска, Колинда Грабар-Китаровиќ, во кое ги осудуваат нејзините сугестии, дека БиХ е закана за регионалната стабилност, поради исламскиот радикализам.
Здруженијата на жртви, предводени од „Мајките на Сребреница“, организација на жени кои ги изгубиле своите деца во геноцидот во Сребреница во 1995 година, потенцираат дека Грабар-Китаровиќ „ѝ нанесува штета на БиХ”.
Имено, во декември, Грабар-Китаровиќ изјави дека илјадници борци на ИДИЛ, се вратиле од Блискиот Исток во Босна, повикувајќи се на извештај на Државната агенција за истраги и заштита на БиХ.
Ова беше оспорено од министерот за безбедност на БиХ, кој рече оти не знае од каде Грабар-Китаровиќ ги добила тие бројки.
Оттогаш, наводните терористи во Босна станаа редовна тема во хрватските медиуми.
Така, хрватскиот Глобус, објави текст во кој се вели дека хрватската разузнавачка служба, до претседателката Грабар-Китаровиќ, испратила предупредување, дека дошло до пораст на радикални исламски групи, кои се наоѓаат на границата меѓу Хрватска и БиХ и дека има меѓу 5.000 и 10.000 муслимански радикали.
Здруженијата на жртви ѝ порачаа на Грабар-Китаровиќ дека ова тврдење може негативно да влијае на кандидатурата на БиХ за членство во ЕУ.
„Не знаеме дали сте свесни за тоа колкава штета ѝ нанесувате на Босна и Херцеговина и на нејзиниот европски пат, со вашите невистинити изјави, бидејќи што ќе и е на Европа ‘земја со десет илјади потенцијални терористи?!”, се вели во отвореното писмо.
Се додава дека ваквите изјави ги обесхрабруваат инвестициите во оваа земја, создаваат недоверба меѓу туристите, но најголемата штета им нанесуваат на односите меѓу Хрватите и Бошњаците во БиХ.
Здруженијата, исто така, нагласуваат оти хрватската претседателка ги разочарала.
„Во вас видовме надеж за некакви подобри времиња и односи на овој простор. За жал, многу се излажавме“, пишува во писмото.
И други европски политичари истакнаа дека БиХ сé повеќе се исламизира.
Чешкиот претседател, Милош Земан, за чешкиот портал Блеск, минатата недела изјави дека војниците на таканаречената Исламска држава, веројатно ќе се засолнат во БиХ, бидејќи таа е, повеќе или помалку, муслиманска земја.
Една недела предходно, австрискиот министер за надворешни работи, Себастијан Курц, рече дека на жените во Сараево и во Приштина им се плаќа за да бидат целосно покриени.
Босанските официјални претставници и локалните исламски верски водачи, остро ги негираа овие изјави.
Министерот за безбедност, Драган Мектиќ, за порталот кlix.ba изјави оти не ја исклучува можноста „параразузнавачки структури”, поврзани со одредени политичари на власт, да исценираат некој вид на тероризам, со цел да го оправдаат тврдењето дека БиХ е радикализирана земја.
Сепак, Мектиќ не именува кои се овие структури, ниту пак даде подетални информации.