Вести

Патот на Илиевски до Стразбур полн со пречки

jovan-ilievski-foto-p-stojanovski

Парламентарците од 47-те земји членки на Советот на Европа одлучуваа меѓу судиите Наташа Габер–Дамјановска, Јован Илиевски и Звонимир Јанкуловски | Фото: П. Стојановски

Од февруари 2017 година, па во наредните 9 години, односно до 2025 година, Јован Илиевски ќе биде новиот судија од Македонија во Европскиот суд за човекови права. Тој би требало да одлучува по секоја тужба што, меѓу другите и од Македонија, ќе стигне до Стразбур, во која тужителите ги исцрпиле сите правни средства во матичните држави и незадоволни од одлуките, се жалат до Европскиот суд.

Илиевски беше избран од Парламентарното собрание на Советот на Европа со тајно гласање. Парламентарците од 47-те земји членки на Советот на Европа одлучуваа меѓу судиите Наташа Габер–Дамјановска, Јован Илиевски и Звонимир Јанкуловски.

Илиевски беше избран со 106 гласа наспроти Габер–Дамјановска која од парламентарците доби 86 гласа.

Претходно, Комисијата за избор на судии предност ѝ даде на Габер–Дамјановска како најквалификуван кадар од Македонија.

Експертите коментираат дека на гласањето претходела силна лоби активност на десничарските партии во Советот на Европа.

„Иако мала предност ѝ се даваше на Габер–Дамјановска, лобирањето од страна на парламентарците доаѓа подоцна, па оттаму не е исклучена борбата помеѓу левицата и десницата“, коментираат тие.

И тука, според познавачите, доаѓа првата сопка со која што ќе се соочи Илиевски, бидејќи самиот учествувал при носењето на обвиненијата во Македонија, во делот на организираниот криминал. Со оглед на тоа што Илиевски речиси две децении, директно или индиректно, бил вклучен во предметите од областа на организираниот криминал, се поставува прашањето дали тој ќе смее да се стави „од другата страна“ и да одлучува по тужбите на граѓаните во однос на неговите обвиненија и пресудите донесени по нив?

Колку за пример, Велија Рамковски и неговата ќерка Емел Рамковски, кои се жалеа на должината на притворот, на необразложените решенија и на нарушената пресумпција на невиност, беше прифатена од Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Илиевски во тоа време како шеф на обвинителството за организиран криминал го предложи притворот за Рамковски.

„Тој најверојатно ќе биде изземан по овие предмети , доколку се јавува како потписник или пак, доколку на кој било начин бил вклучен во постапките. Сè зависи од конкретниот предмет, но сметам дека ќе има реакции и од странките кои ќе бараат изземање, а можеби и самиот тој ќе бара да биде изземен“, вели поранешната судијка од Стразбур, Маргарита Цаца Николовска.

Таа пренесува искуство од амбасадори кои подоцна биле избрани за судии во Стразбур, па морале да се изземаат од одлучување само затоа што тие ги пренесувале писмата и актите за извесни предмети.

„Тие фактички биле само курири, па сепак мораа да се изземат од одлучување“, вели Николовска.

Ова не важи за граѓанските предмети што ќе стигнуваат до Стразбур, со оглед на тоа што Илиевски во земјава беше вклучен само во однос на кривични предмети.

Врските со Мијалков ќе се носат и во Стразбур

Фото: Shutterstock

Европскиот суд за човекови права во Стразбур / Фото: Shutterstock

Иако Илиевски во изјавите што ги дава по изборот, вели дека не сака да биде препознаван по тоа што е баџанак на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, во јавноста неговото име повеќе се поврзува со овој факт, отколку со неговото искуство на обвинителската позиција.

Тој речиси две декади работи во обвинителството. Првично работел како адвокат, подоцна како заменик во Основното обвинителство, а во времето кога Александар Прчевски беше јавен обвинител, Илиевски стана раководител на одделението за борба против организираниот криминал.

Кога на местото на Прчевски дојде Љупчо Шврговски, Илиевски стана шеф на новото обвинителство за борба против организиран криминал и корупција. Минатата година, Илиевски беше избран за претседател на Комисијата што се грижи за воедначување на казнената политика во изрекувањето на казните.

Како што напредуваше неговата кариера, така напредуваше и кариерата на неговата сопруга Емилија Илиевска, која работеше како судија во Основниот суд Скопје 1, потоа, со доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт, стана судијка во Управниот суд, а пред извесно време беше избрана за судија во Врховниот суд.

Социјалдемократите во повеќе наврати го обвинија за недоследност во одлуките, а како причина за тоа ја поврзуваа роднинската врска со поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.

Освен критиките за поврзаноста со Мијалков на кои Илиевски досега не одговараше, за него јавноста беше многу малку запознаена. Тој ретко, речиси никогаш не излегуваше пред телевизиските камери, а исто така и ретко се одлучуваше да дава интервјуа. Запаметено ќе остане и неговото „бегство“ од камерите во 2010 година на церемонијата за помош од Американската влада на секторот за организиран криминал, кога слушна дека новинарите сакаат да го прашаат зошто често паѓаат обвиненијата од неговиот оддел.

„Додека министерката и донаторот американскиот амбасадор Филип Рикер даваа изјави, силуети се гледаа на скалите во реновираната зграда. Но, Илиевски не излезе. Ја заклучија вратата од зградата. Новинарите чекаа и на крај полицајците од касарната ‘Ѓорче Петров’ ги замолија да излезат надвор. Чекањето на обвинителот Илиевски продолжи и надвор. И тогаш помина автомобилот шкода  октавија со која тој дојде на церемонијата, следена од полициски крајслер. Каде бил – дали зад заклучени врати или во службената лимузина, чекајќи новинарите да си заминат?“, прашуваа медиумите во 2010 година.

Во тие неколку интервјуа од медиумските архиви, Илиевски често знаеше дa каже дека Македонија нема организирана мафија.

„Во Македонија нема организирано подземје и тоа е наша среќа. Мала земја сме и полесно се контролира територијата. Во Обвинителството работат правници кадарни да одговорат на обврските и да се соочат со такви предизвици. Не се плашат да постапуваат по ваквите предмети и тоа е за поздравување“, изјави тој за интервју во „Време“ во 2009 година.

Поврзаноста со одредена политичка опција, рече тој во истото интервју, ја покажува единствено и само на избори.

„Јавните обвинители не смеат да членуваат во политички партии. Јасно е дека секој од нас, како граѓанин, независно на која позиција е, може да има одредени симпатии кон една или друга политичка опција, но тоа никако не смее да се одразува врз работењето. Своите симпатии ги покажувам само на денот на изборите, и тоа е тоа.“

Сепак, со оглед на тоа што Македонија последниве децении не покажува завидна борба против корупцијата и криминалот, а и со самиот факт што мораше да биде формирано Специјално јавно обвинителство за да се почнат постапки во однос на прислушуваните материјали, само по себе доволно говори за работата на обвинителите кои се должни да се борат со корупцијата.