Три со три

Илиевска: Нема отстапување имот на штета на Агенцијата

Разговор со директорката на Агенцијата за управување со одземен имот

Законот не ѝ дозволува на Агенцијата за управување со одземен имот да се откаже од конфискуваните плацови на Водно за таму да остане зеленилото. Ова е заклучокот од разговорот со нејзината директорка Ирена Илиевска, која вели дека мора да работат согласно законите.

Затоа, само ако плацовите не се продадат по три обиди едноподруго, би можеле да бараат алтернативни решенија за овој имот и да се разгледува идејата на Општина Центар таму да остане зеленилото.

Плацовите на Водно беа одземени од поранешниот премиер Никола Груевски и неговиот братучед, директорот на УБК, Сашо Мијалков, во судските постапки против нив.

Покрај земјиште, беа конфискувани и станови, апартмани и земјиште во повеќе градови, но продажбата на сиот конфискуван имот е стопирана речиси една година, бидејќи Агенцијата требаше да ја усогласи својата работа со законските измени донесени лани во март.

Според оптимистичките процени на Илиевска, првата аукција за недвижен имот би можела да се случи за месец и половина.

Во меѓувреме, таа и Агенцијата се затечени и од последните измени на Законот за конфискуван имот, кои месецов поминаа во Собранието, за кои Илиевска смета дека директно задираат во буџетот на Агенцијата.

БИРН: Повеќе од една година, агенцијата нема организирано јавна аукција за продажба на одземен имот. Која е причината за овој застој и кога ќе стартуваат овие аукции, меѓу кои и тие  за продажба на имотите конфискувани од поранешниот премиер Никола Груевски и поранешниот шеф на разузнавањето, Сашо Мијалков?

Илиевска: Од март минатата година, Агенцијата нема распишано нов оглас поради тоа што по донесувањето на новиот закон има предуслови што треба да се исполнат, за да се почне со продажба. До моето доаѓање како в.д. директор во агенцијата во септември, овие предуслови не беа исполнети.

Требаше да се конституира новиот управен одбор, да се донесе нов статут, деловник за работа на управниот одбор, да се креира нова веб-страница и да се донесат сите правилници што се основен предуслов за отпочнување нови продажби. Сега останува само уште правилниците да се објават во Службен весник и да се побара согласност од владата.

Така што, продажбата на недвижностите, реално, би требало да почне по околу месец и половина. Имаме многу заостанати имоти што не се продадени, па ќе ставиме повеќе имоти во една одлука и ќе видиме за кои ќе добиеме согласност од страна на владата.

За сите имоти, за кои имаме добиено проценка од Бирото за проценка, ќе постапиме во следниот период и ќе ги ставиме на продажба.

БИРН: Веќе најавивте дека за продажба се планирани и плацовите на Водно, каде што има маркички за градби во ДУП, кој во моментов се ревидира. Од Општина Центар разговарале со вашиот претходник за отстранување на градежните маркички, во полза на зеленилото, но и вие како директорка, инсистирате на останување на овие маркички. Зошто?

Илиевска: Согласно законот, ние не смееме ништо да отстапуваме. Не смееме да отстапуваме имот, а ова е еден вид отстапување имот, во интерес на општината.

Нашиот интерес, согласно законот по кој работиме, е дека ние не смееме да преотстапиме ниту еден имот, дури и сега, со измената за потреби за одбраната и безбедноста. И за автопатот Кичево – Охрид, Јавното претпријатие за државни патишта побара отстапување парцела во корист на државата, и ние се изјаснивме дека како агенција, согласно законските одредби, не треба да отстапуваме, туку да продаваме.

Така што, со одлука, владата може да ни наложи да го направиме тоа. Истото важи и за овие плацови. Наше е да ги понудиме на продажба, трипати последователно. Е дури тогаш, ако останат непродадени, може да разговараме со општината и да видиме да менуваме или нешто да отстапуваме.

Инаку, тие три последователни продажби, според законот, ние мора да ги испочитуваме.

БИРН: Месецов беа донесени уште едни измени во Законот за управување со конфискуван имот, по скратена постапка, кои овозможија имот од Агенцијата да се отстапува без надомест на државните органи, кога се работи за безбедноста и одбраната. Како ова ќе влијае врз вашата тековна работа?

Илиевска: Измената е поднесена до Собранието од група пратеници, без да се побара мислење од Агенцијата за управување со одземен имот. Овие измени ќе се одразат на тековното работење и ќе имаат финансиски импликации врз буџетот на Агенцијата, бидеќи согласно законот, доколку Агенцијата продаде имот, средства во висина од 7 отсто од вкупната вредност на продажбата остануваат за неа, а 93 отсто се префрлуваат во државниот буџет.

И со овие измени, директорот на Агенцијата е тој што одлучува кој движен и недвижен имот ќе го отстапи, а кој ќе го продава. Ако ни обезбедат поголем буџет од Министерството за финансии, тогаш може дел од возилата да ги преотстапиме согласно овие законски измени. Доколку буџетот остане ваков како што ни е креиран за 2025 година, Агенцијата е принудена, за да постапува според законот, да го продава имотот, да може да ги остварува тие 7 отсто и да може да го реализира буџетот што ни е креиран од страна на Министерството за финансии.

Веќе имавме некои преговори од Министерството за внатрешни работи и барање од нивна страна, па кога им образложивме какви се реално состојбите, увидоа дека прво требало да се седне на заедничка маса. Ние немаме ништо против како агенција да отстапуваме, меѓутоа согласно новиот закон (измените во март 2024 година н.з.) сме доведени во ситуација да мора да продаваме за да можеме да опстанеме и да ги покриеме трошоците за одржување на тој движен и недвижен имот.

Сепак, сметам дека ќе најдеме заедничко решение за спроведување на овие измени со надлежните институции, со цел да ги надминеме овие финансиски проблеми со кои се соочува Агенцијата и ќе бидат задоволени интересите на двете страни.