Освен што го раководи духовниот живот на луѓето со муслиманска вероисповед во Македонија, Исламската верска заедница во земјава е и значаен дел од економијата во некои градови, посебно во трговијата.
ИВЗ има дуќани и трговски простории во десетина општини во земјава, најчесто во чаршиите и во старите градски јадра. Тие се дел од вкупниот имот што го поседува заедницата, кој изнесува вкупно 13 милиони квадратни метри, или 13 квадратни километри, покажува базата „Верски имоти под лупа“ што ја изработи БИРН врз основа на податоците на интернет-страницата на Агенцијата за катастар.
Станува збор за вкупно 5.363 поединечни парчиња имот што се впишани како имот на заедницата, на некое од нејзините 13 муфтиства или на локалните џамии. Во нив има верски објекти, гробишта, но и станови, деловни простории, шуми, пасишта, ниви, земјоделско земјиште, спортски објекти и градежно земјиште.
Од нив, 209 имоти се во мешана сопственост на ИВЗ со државата, компании или граѓани, а на 5.154, сопственик е исклучиво Исламската заедница.
Поради методологијата со која Катастарот ги впишува податоците за недвижностите, овие парчиња имот не се, всушност, посебни имоти на различни локации. На пример, има ниви што се поделени на два или на повеќе дела и се бројат како посебни имоти, иако заедно се обработуваат. Кај зградите, пак, секој дел како кат, балкон, подрум и слично се впишува како посебно парче имот, иако функционира заедно. Ако се брои според местоположбата, Исламската верска заедница има имот на 2.931 локација низ земјава.
Од градски пазар до женски пазар

Џамијата во Дебар има голем деловен простор до неа | Фото: БИРН
Градскиот пазар во Дебар, заедно со објект што го користи синџир супермаркети, е најголемиот деловен објект на ИВЗ, од 2.339 квадратни метри. Таа поседува и комплекс од триесетина дуќани во Гостивар, со вкупна површина од 668 квадрати, а во нејзина сопственост е и безистенот во Скопската чаршија, од 545 квадрати. Дуќани има и во Тетово, Струга, како и во битолската чаршија.
Вкупно 215 имоти има заедницата регистрирани како деловен простор. Така се впишани и делови од просториите покрај џамиите, од кои некои се користат за административните потреби на ИВЗ, а други за трговија или за други стопански дејности.
Поради недоследности во начинот на кој се впишувани имотите во Катастар, сите имоти на ИВЗ што се користат за деловни активности не може да се видат од катастарските податоци. На пример, познатиот женски пазар во Тетово, во близина на муслиманските гробишта и на почетната станица од жичницата, е впишан како „други вештачки неплодни земјишта“, а таму не само што се врши трговија, туку локалното муфтиство собирало и пари од трговците за изнајмување на просторот, а бил повикан и Државниот пазарен инспекторат, како што информираа медиумите на албански јазик.
Од друга страна, поради слични недоследности, како деловни објекти, наместо како верски, се впишани и џамиите во скопски Бутел, Дебреште, Зајас и на други места. ИВЗ, според катастарските податоци, има и два имоти заведени како трговски центри, но едниот е дуќан од 27 квадрати во охридската чаршија, а другиот е парче земја во делчевско село, на кое се израснати неколку стебла, но објект нема.
ИВЗ има и угостителско-туристички објекти – ресторан во Дебар и апартмани во хотелот „Лејксајд“ во Охрид.
Згради во Тетово и во Куманово

Станови во новоградба во Тетово припаѓаат на Исламската заедница | Фото: БИРН
Над 37 илјади квадратни метри станбен простор може да се најдат меѓу имотот на ИВЗ. Тешко може да се определи точната бројка на поединечни станбени единици бидејќи еден стан обично се впишува како две или три посебни единици имот (станот, терасата, подрумот), а тука влегуваат и заедничките простории и скалите
Но, дел од нив не се станови во згради, туку се делови од комплекси во џамиите и други објекти впишани како станбен простор.
Еден од позначајните имоти од оваа категорија што ѝ припаѓаат на оваа верска заедница се наоѓа во центарот на Тетово, на околу 300 метри од градскиот плоштад. Тука, во нова зграда, ИВЗ има простор од 1.339 квадрати, или 14 стана.
Таа има и зграда во центарот на Куманово, стара десетина години, на четири ката, со вкупна површина од 1.275 квадрати. Целиот објект е на кумановското муфтиство. Долу има дуќани.
Во струшкото село Лабуништа, ИВЗ има плац со пет објекти што се протегаат на вкупно 1.288 квадратни метри. Заедницата има по две куќи во скопските населби Драчево и Гази Баба, како и објект впишан за домување до џамијата во Липково.
И во оваа категорија има имоти што се катастарски заведени како станбен простор, иако не се тоа. Такви се џамиите во Голема Речица, Мала Речица, Лопате, Чајле и на други места, како и административниот објект на тетовското муфтиство.
Падина на Водно е петтина од имотот

ИВЗ има имот на јужната страна од Водно | Фото: БИРН
Најголемата парцела на ИВЗ надвор од градовите, но и најголем имот воопшто, е падина на јужната страна од планината Водно (онаа што не се гледа од Скопје), со вкупна површина од два и пол милиони квадратни метри. Тоа се речиси 20 отсто од вкупниот имот на заедницата. Падината се наоѓа во близина на селото Чифлик и се протега речиси до сртот на врвот на Водно.
Исламската верска заедница има шуми во Скопско, Гостиварско, Дебарско, Кичевско и во други краишта, со вкупна површина е околу 3,2 квадратни километри или 0,1 површина на шуми во државата.
Пасиштата на ИВЗ се простираат на околу четири квадратни километри, а може да се најдат низ целата земја – од Малешевијата на исток до Маврово, Дебар и Струга на запад.
Најголемата поединечна нива на заедницата, од 69 илјади квадрати, се наоѓа во Преспанското поле. Вкупно земјоделските имоти – ниви, овоштарници, лозја и градини, се протегаат на 1,7 квадратни километри. Ги има во повеќето општини, во западниот дел од земјата, како и во неколку источни општини, како Берово, Пехчево, Радовиш и Струмица.
Најголем дел од имотот се џамии

Мустафапашината џамија во Скопје | Фото: БИРН
Она што ИВЗ има најмногу, секако, се верските објекти и нивниот придружен имот. Вкупно има 1.090 парчиња имот впишани како џамии или други градби за извршување верски обреди, на 511 локации, кои се простираат на речиси 470 илјади квадрати. Тука не се сите џамии, бидејќи дел се изградени на државно земјиште и не се регистрирани како имот на верската заедница. Таа, пак, во своја сопственост има и една црква во Битола.
Според сопствените податоци на ИВЗ, заедницата има околу 700 џамии.
Повеќе од два милиони квадратни метри, или 15 отсто од имотот на верската заедница се површини впишани како гробишта. Дополнително има големи парцели што се користат како гробишта, но во катастарот се заведени како природни неплодни земјишта, градежни изградени земјишта или друга категорија. Иако поединечно некои од овие имоти се протегаат до 50 илјади квадратни метри, од сателитските мапи може да се види дека кај голем дел од нив, само мали делови се користат за погребување, а другите се празни ливади или земјишта.
Во сопственост на оваа верска заедница се и дел од ридот кај почетната станица на жичницата во Тетово од речиси 26 илјади квадрати, како и земјиштето кај воспитно-поправниот дом за малолетници во овој град, каде што објектите припаѓаат на Министерството за правда. Во непосредна близина на домот е и познатиот објект Арабати баба теќе, чиј сопственик е исто така ИВЗ.
Верската заедница има и свое училиште и факултет во скопското село Кондово.