Биле 77 во 2011. На почетокот на годинава се 44. Вкупно 33 телевизии згаснале во Македонија за десет години. Важат за скапа „бизнис-играчка“, а ги „снемува“ административно или со стечај.
Причината за тоа, во најголем дел е пазарот, во кој важат суровите закони на природата – опстануваат само најсилните.
Но, не само што има помалку телевизии, туку сè помалку има и реклами. Познавачите велат дека тоа е врзан круг. За споредба наведуваат дека само една епизода на последната сезона од мегапопуларната серија „Игра на престолите“ чини речиси колку што вреди вкупниот рекламен колач на сите македонските телевизии.
Токму поради сè посиромашниот пазар, телевизиите претежно емитуваат евтина програма, како политички дебати и контактни емисии.
„Колку пари, толку музика“
Само во 2020 година престанале да важат дозволите на пет телевизии, а била доделена само една дозвола за емитување телевизиска програма. Згаснуваат претежно локалните телевизии, кои се исклучително важна алка во информирањето на граѓаните за локални теми.
АВМУ таа година им ги одзеде дозволите на локалните телевизии Кисс и Аниса поради тоа што престанале да емитуваат програма 30 дена, а на Канал Визија, поради тоа што не го платил надоместокот за дозволата. Кратовската Сител 2 и охридската ТВ Морис, самите ја известиле Агенцијата дека престануваат со работа.
Медиумскиот пејзаж во земјава, во најголем дел го чинат петте националните телевизии, судејќи по рекламниот колач и по гледаноста. А рекламите кај нив едвај достигнале 16 милиони евра во 2020.
Ова е за двапати преполовена сума од 2013 година, кога се „свртеле“ над 50 милиони евра. Тие пари од година во година постојано се „десеткувале“.
БИРН разговараше со познавачи на медиумскиот бизнис. Велат дека пазарот со реклами станува сè потесен.
За тоа во каква состојба се нашите телевизии објаснија преку случка кога пред неколку години дошол претставник на бугарски медиум за заедничко учество во регионално лиценцирано шоу. Од три дена колку што требало да остане во земјава, останал само еден.
Причината била едноставна.
Дознал дека македонските телевизии функционираат едвај со по неколку милиони евра годишно, а за проектот била потребна заедничка инвестиција од десетици милиони евра.
Податоците на Агенцијата за приходите на телевизиите не се оптимистички. Во 2020 година се забележани најниските приходи во последните пет години за сите телевизии. Едвај 20 милиони евра.
Во Анализата на пазарот на АВМУ за 2020 година пишува дека намалувањето на приходите ќе било уште поголемо без различните видови финансиска помош што ја добија радиодифузерите во 2020 година за справување со кризата предизвикана од корона вирусот.
Ниту петте национални телевизии, во кои влегуваат над 80 отсто пари од реклами, не можат да се пофалат со нагорни трендови во работењето.
Сите пет прикажале помали приходи во 2020, во споредба со претходната година.
Во секоја од последните пет години (2016-2020), единствено Алсат-М постојано работела со добивка, а Телма постојано со загуба.
Канал 5 и Сител, пак, за првпат во 2020 година работеле со загуба.
Директорот на Агенцијата за медиуми, Зоран Трајчевски вели дека пазарната логика е најзначајната причина за намалување на бројот на телевизии, иако влијание за тоа има и развојот на новите технологии и социјалните мрежи.
„Автоматска“ обнова на дозволи
Најголем дел од дозволите на радиодифузерите им се издадени во 2007 година, кога се менувал системот од концесии во дозволи за рок од девет години. Во 2016 година, Агенцијата требало да одлучува за обновувањето на дозволите. Но, со законот од 2013 година, практично ѝ била одземена таа можност. Наместо тоа, АВМУ има обврска само автоматски да ги обнови дозволите.
Слабите финансиски резултати на телевизиите, смета Трајчевски, придонесуваат телевизиите да не можат да продуцираат квалитетна програма, а тоа се одразува и на гледаноста.
Вели, неблагодарно е да се лицитира со бројки за тоа колку телевизии би биле оптимални за нашиот пазар, но „сегашниот број на медиуми е преголем и на долг рок неодржлив“.
Деновиве, пак, во јавноста е актуелно новото барање на ТВ24, која по петти пат се обидува да стане национална. Досега такви барања имале и Канал 77 и ТВ21. Барањето се разгледува и за таа цел ќе биде нарачана анализа за утврдување на оправданоста за конкурс за национална телевизија.
Во последната Студија од 2018 година пишува дека тоа не се препорачува за телевизии од општ формат бидејќи тоа би ги загрозило постојните телевизии. Според тогашната студија, прагот на рентабилност што треба да го достигне кој било нов учесник на пазарот за да работи без загуба е 10,4 отсто од постојниот пазар.
Епизода на „Игра на престолите“ колку сите реклами на телевизиите
Сè се врти околу регулацијата и пазарот. Државата се определи на либерален пристап, односно за опцијата секој што има желба и пари да може да отвори телевизија. Но, тоа на долг рок се покажа како проблематично, вели Дејан Георгиевски од Центарот за развој на медиумите.
Тоа, смета тој, сега ги прави зависни телевизиите од јавни фондови на финансирање, бидејќи едвај „крпат“ крај со крај.
„Нивниот став изгледа дека е ‘јас сакам да имам телевизија и вие (даночните обврзници) треба да ја платите’. Таквиот став, сметам, е неприфатлив. Место за јавни пари има, ама само за финансирање квалитетна играна програма, како дел од културната или креативната индустрија во земјата“.
Последната сезона од серијата „Игра на престолите“ на HBO, како што вели, трошела „безмалку по еден наш достапен годишен рекламен телевизиски колач, 15-тина милиони долари, за секоја од седумте епизоди“.
„Да не спомнуваме дека „Нетфликс“ инвестира најмалку по еден наш годишен БДП (најмалку 10 милијарди долари, иако сумата расте од година во година) во нова продукција годишно“.
Георгиевски додава дека во Западна Европа, просечната цена на продукција на висококвалитетна (high-end) драмска продукција е околу милион евра за час програма, а во регионот околу 100 илјади евра.
Тоа е главната причина поради која, како што вели, публиката нашите телевизии ги гледа само како извор на вести и политичка програма, а сите други програмски потреби – драмска, документарна, спортска програма – ги задоволува на странски телевизии.
И директорот на АВМУ, Трајчевски е дециден во оценката дека „слабите финансиски резултати на телевизиите придонесуваат да не можат да обезбедат/продуцираат квалитетна програма, што секако се одразува и на гледаноста“.
Евтина и неатрактивна програма
Турски серии, секојдневни политички дебатни емисии, хајд-парк контактна програма… Ова во најголем дел го емитуваат македонските телевизии.
Во Регулаторната стратегија на АВМУ пишува дека и самата публика проценила оти не се подобрил квалитетот на телевизиските производи во споредба со претходната година. Над 57,4 отсто оцениле дека квалитетот на програмата е ист.
Георгиевски вели дека домашните телевизии се речиси целосно фокусирани на дневната политика и на информативната програма. Блоковите забава се пополнуваат со, како што вели, „што е можно поевтина играна програма“.
Нема интерес за специјализирани телевизии
Очигледен е недостигот од специјализирани програмски сервиси. Ставот на Агенцијата е дека се потребни посебни мерки со кои ќе се стимулираат ваквите телевизии, и тоа преку намалување на надоместокот за дозволата.
„Да не зборувам за феноменот на преземање чисто радиски формати (контактни емисии, политички ток шоу програми и слично) со просто додавање камера и некаква кулиса зад водителот. Тоа, или турска продукција (и самата барем со две-три сезони задоцнување) или многу децении постара американска или европска продукција“.
Слично како и стриминг-сервисите, кои се во подем, Георгиевски ја гледа иднината на телевизијата во „услугите по барање“ (play on demand) и „платена телевизија“ (pay TV).
„Постојат истражувања, на пример, што покажуваат дека младите гледаат повеќе телевизија од кога било, но не гледаат стандардна линеарна телевизија (и не гледаат вести и политички разговорни емисии)“.
И иднината на спортот на телевизија, смета тој, секако е на платените платформи.