Интервјуа

Петар Гошев: „Да не ѝ подигаме споменик на амнезијата“

Неподносливата ЕУ-врева не ги покрива будалштините во внатрешната политика, вели, во интервју за БИРН, поранешниот политичар и искусен аналитичар

  • 20
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Реалноста во Македонија се атомизира под разорното влијание на ритамот на социјалните мрежи, засилен или едноставно испровоциран од партиски или од други центри на моќ. Неснаоѓајќи се во хаосот, медиумите безглаво се тркаат со конкуренцијата од Фејсбук и од Твитер, па така сите заедно во секоја следна наносекунда ни сервираат по микрофрагмент од големата слика.

Резултатот од оваа информациска ентропија е сеопшта хистерија.

И доколку некој успее да се издигне над тој колективен шум, нема да чуе ниту целосно формулирани зборови, а уште помалку аргументирана дебата. Ќе слушне само меѓусебно ‘ржење.

Секој разговор со Петар Гошев е обид да се толкува таа врева. Да се извади суштината на површина и да се препознаат вистинските проблеми што ни го прават животот неподнослив на многу рамништа.

Станува збор за човек што ја искусил политиката одблиску, ја разбира економијата, но и ден-денеска обдукциски посветено го опсервира општествениот живот. Тоа што го нема на социјалните мрежи само му ја олеснува и дава дополнителна вредност на неговата опсервација.

Колку луѓе умреа, а не мораа?

Фото: МИА

Како и секоја голема криза, така и пандемијата предизвикана од корона вирусот ги потенцираше и ги извади на површина недостатоците и несовршеностите на нашиот државен систем, од здравството, преку економијата, па сè до образованието.

Петар Гошев е економист по вокација, со долго искуство на исклучително важни функции, беше министер за финансии и гувернер на Народна банка, меѓутоа важи и за аналитичар, кој критички ги опсервира и другите сегменти од општеството. Токму затоа го прашавме дали ја очекуваше сликата што пандемијата ја откри за нашата држава.

Мене, лично, не ми откри ништо непознато, го почнува Гошев својот подолг одговор.

„Верувам и на многумина други. Но, не знам што, колку и дали, таа му откри нешто на одлучувачкото мнозинство што како ‘судбина’ ги прифаќа и ги толерира ограбувачите на среќата, спокојството и на пристојниот живот.“

Тој смета дека еуфемизмите „несовршености“ и „недостатоци“, што ги употребивме за „нашиот државен систем“ во прашањето, не се соодветни, по сѐ што се случува, дури и за најразвиените држави во светот.

„Јас нема да бидам толку учтив, па ќе кажам дека за нашата стварност посоодветни се термините: ‘неред’, ‘огромна некомпетентност’, ‘неодговорност’, ‘нефункционалност’ во поголемиот број општествени потсистеми, а со тоа и во целина на она што го нарекуваме ‘наш државен систем’.“

Имаме два паралелни система: првиот, главно на хартија, деклариран со Уставот – што се потпира на каква-таква философско-идеолошка подлога (наводно ‘општоприфатена’ дома и ‘во согласност’ со основните вредности на т.н. западна цивилизација); и вториот – што како поројница тече во реалниот живот – што олицетворува некоја социјалдарвинистичка варијанта со спектакуларни примитивизми

„Зошто? Зашто секому, што следи барем со мала непристрасност, му е јасно дека имаме два паралелни система: првиот, главно на хартија, деклариран со Уставот – што се потпира на каква-таква философско-идеолошка подлога (наводно ‘општоприфатена’ дома и ‘во согласност’ со основните вредности на т.н. западна цивилизација); и вториот – што како поројница тече во реалниот живот – што олицетворува некоја социјалдарвинистичка варијанта со спектакуларни примитивизми.“

За да поентира, Гошев црпи метафора од фудбалот – пасија што заеднички ја делиме.

Метафорички, вели тој, во Македонија натпреварите се играат без судија.

„Или, во уште полошата варијанта, судијата е однапред купен. Така што, имаме натпревар(и) без оној таканаречен Impartial Spectator (непристрасен набљудувач) за кого Адам Смит пишувал пред речиси 250 години.“

„Во такви услови, лактите, ѓоновите, сопките и уште пострашни нешта одредуваат кој и што ќе ‘заплени’ во ‘играта за живот’, а не што ќе заработи. Во таков амбиент, амбиент поблизок на џунгла отколку на уредено општество, не може да стане збор за јавни институции што испорачуваат социјална правда, институции способни да одговорат на потребите на мнозинството, туку може да се говори само за ‘мои/наши’ институции (за владите на ВМРО, на СДСМ и на ДУИ, на пример).“

„Во таков амбиент не може да се зборува за правда што ја испорачува системот, туку за правда на едикојси. Затоа во политичкиот дискурс малку или воопшто не се зборува за пари на даночните обврзници, туку за пари што ги дели СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ итн.; за пензии што не си ги обезбедиле вработените, туку ‘милоста’ на спомнатите партии. Такви, приватни и/или корпорациски институции, ниту знаат, ниту сакаат да знаат што значи управување со макроекономски ризици, а оваа несреќа е уште еден таков доказ.“

Гошев потсетува дека откако еднаш се извлековме (со понижувања и условувања) од неспособноста за отплата на странските долгови (по распадот на Југославија), од 2007 година наваму повторно јурнаа да ја задолжуваат земјата над нејзиниот капацитет, оставајќи ја без доволен фискален простор, „ете за вакви и слични времиња“.

„Да потсетам: гарнитурата на Груевски за десетина години го зголеми јавниот долг од 23 на близу 50 проценти од БДП – главно за да крадат, да купуваат гласови, на земјата да ѝ дадат лик постар од Библијата; оваа ‘старо-нова’ влада на долгот веќе му додаде нови десетина процентни поени од БДП (овојпат изнудено). Тоа нема да биде без последици врз условите за работа на економијата и очекуваното подобрување на животниот стандард на луѓето во периодот што следува. Доколку, пак, продолжи здравствената криза и потребата од ново вонредно задолжување, дури тогаш ќе ги видиме последиците од одлуките на аналфабетите и арамиите.“

Доколку продолжи здравствената криза и потребата од ново вонредно задолжување, дури тогаш ќе ги видиме последиците од одлуките на аналфабетите и арамиите

Уште поконкретно, потенцира тој, наспроти секојдневните приказни дека „добро се справуваме“ со здравствената криза (со сета почит кон огромните напори и ризици на поголемиот дел од здравствениот персонал во земјата), евидентно е дека системот е зарибан.

„Но, тоа е така одамна.“

„Ваквите кризи само докрај го разголуваат тоа исфрлајќи ја на површина целата скрама. Неолибералниот, односно либертаријанскиот вирус, партизираните институции и некомпетентните кадри во нив, заедно со гангренозната корупција, го изедоа јавното здравство, исто како и јавното образование. А тоа се двата клучни сегмента што го демонстрираат капацитетот на една социјална држава, каква што Македонија, покрај другото, треба да биде. И затоа, не е прашањето дали Владата, заедно со Министерството за здравство и девастираниот систем ја држат пандемијата под контрола, туку централното прашање е: колку луѓе умреа, а не мораа, ако не беше овој руиниран ‘систем’. Ако не беа приватно стокмените трансфери на јавното во приватно здравство, под наметката ‘јавно-приватно партнерство’, де-факто давајќи му на здравјето ист третман како на која било стока на пазарот. Ако не беа прелеани во приватни џебови огромни износи јавни пари. Ако (во голем број случаи) најслабите доктори не им се директори на најдобрите; ако студирањето и докторирањето беше вистинско, а вработувањето и наградувањето според вистински вредносни критериуми.“

Суштинско прашање е, вели Гошев, зошто кај некои земји во регионот смртноста на пациентите што „стигнале“ до респиратор е 40 проценти, во други меѓу 60-70, а кај нас застрашувачки само малку под 100 проценти.

„Неподносливата ЕУ-врева не ги покрива будалштините“

Фото: Роберт Атанасовски

Откако веќе стана јасно дека Бугарија нема да попушти и ќе го задржи ветото за отпочнување на преговорите со Европската Унија, македонската влада, поточно премиерот Зоран Заев излезе со акциски план за следната 2021 година наречен „Европски стандарди дома“.

Сличен мотив „да ја донесеме Европа дома“ провејуваше низ постапките и политиката на Никола Груевски. Како заврши тоа, видовме, таа суверенистичка приказна полека се претопуваше во клептократија од најсофистициран вид, која, за да ги заштити своите интереси, максимално ја зароби државата.
Го прашавме Гошев дали ова општество има капацитет и волја, само и на свои плеќи да ги спроведе потребните реформи и да изнајде „свој пат“. Tој, пак, се подбива со максимата на Заев за која вели дека звучи како плановите до сега да му биле „за подобрување на членките на ЕУ“.

Комично и трагично, вели тој и прашува:

Што стана со предизборните програми, со агендите 7, 9, 19, 99, точки за исполнување на домашните обврски? Ги загубиле ли некаде по пат, па нивната полиција не може да ги најде, како што го загубија Груевски и некои други

„Што стана со предизборните програми, со агендите 7, 9, 19, 99, точки за исполнување на домашните обврски? Ги загубиле ли некаде по пат, па нивната полиција не може да ги најде, како што го загубија Груевски и некои други.“

Нашиот соговорник детектира неусогласености и контрадикторни ставови што доаѓаат од двете највисоки адреси, од премиерот Заев и од претседателот Стево Пендаровски.

Тој алудира на последното интервју на Пендаровски за Сител телевизија, каде што претседателот вели дека „сами ќе ни требаат 100 години и никој нема да нѐ чека“.

„Значи, едниот вели: е сега, кога веќе нѐ терате (вие, од Европа) ние ќе си ја сработиме задачата сами, дома; другиот, пак, претседателот, вели сами не можеме. Шири дефетизам, соопштува дека не сме способни за никаков напредок. Да се надеваме дека вториов е ‘неискусен’, па не знае што можеме, а што не можеме, а првиот ‘искусен, знае.“

Ако вака размислуваат нашите државни раководители, Гошев се прашува зошто ги држат тие места – зошто не се повлечат од функциите и не побараат, како во БиХ, меѓународната заедница да ни одреди „Висок претставник“ за Македонија, кој ќе одлучува, во крајна инстанца, наместо нашиве.

„Државен ентитет, неспособен за самоодржување не го спасува никаков сојуз, никаква интеграција – порано или подоцна, ќе го снема“, дециден е Гошев.

Тој се потсетува дека во период од околу четири децении се има изнаслушано разни тврди констатации, на некои и самиот бил жртва, за многу „визии без визии“ што „нема(ат) алтернатива“.

„Некаде прочитав дека некои социолози овој пристап духовито го нарекуваат ТИНА-политика, ТИНА-визија. Имено, ако синтагмава, ‘нема алтернатива’ се напише на англиски јазик, ‘There Is No Alternative’, акроним од ‘големава’ мисла е зборот ТИНА. Како дете слушав дека политиката на ‘неврзување на Југославија’ нема алтернатива. Потоа, како студент, и како новопечен во политиката, слушав дека ‘социјалистичкото самоуправување нема алтернатива’; па дека ‘СФРЈ нема алтернатива’, па дека ‘чистата/слободна пазарна економија нема алтернатива’ итн.“

Упорно да зборувате дека нема алтернатива (со други зборови: готови сме, без тоа сме мртви), а истовремено сте раководство на самостојна држава, најблаго речено е многу, многу проблематично, за малку ќе кажев подло кон сопствениот народ

Се разбира, јасно му е на Гошев, дека има поблиско и подалечно гео-опкружување; има констелација на политички и воени сили во светот; има поповолни и помалку поволни економски калкулации за егзистенција итн., и дека треба да се води сметка за сето тоа.

„И дека, тргнувајќи од тоа, сега и не знам до кога, најдобра алтернатива е евроатлантската, која, пред сѐ, ја вклучува соработката со соседите. Со сите, ако може и колку што може.“

„Но, упорно да зборувате дека нема алтернатива (со други зборови: готови сме, без тоа сме мртви), а истовремено сте раководство на самостојна држава, најблаго речено е многу, многу проблематично, за малку ќе кажев подло кон сопствениот народ. Неподносливата врева во врска со ЕУ нема да ги покрие будалштините и проблемите од нив во внатрешната политика. Само ќе произведат гадење кон ‘единствената алтернатива’.“

„Трици за добиток“

Фото: МИА

Четири години по доаѓањето на власт со паролата „Нема правда нема мир“, владата на СДСМ, дури сега нè убедува дека ќе пристигне правдата. Го прашавме Петар Гошев каде е проблемот. Во тоа што фокусот на првиот човек, премиерот Зоран Заев беше решавањето на споровите со соседите или, пак, во прашање е незнаење?

Гошев потсетува дека во период од 10 години, ВМРО-ДПМНЕ заедно со ДУИ и ситните сателити, успеаја да ја доведат земјата до статус на „заробена држава“ или како што вели тој, ја претворија државата во приватно акционерско друштво.“

„’Шарената револуција’ и ‘меѓународниот фактор’ го донесоа Заев на власт, заедно со едниот акционер од спомнатото акционерско друштво (н.з. ДУИ)“, почнува да образложува Гошев.

Некои од пљачкашите на македонскиот народ беа благо опоменати, најголемиот дел и најголемите арамии станаа партнери (политички и трговски) на старо-новата акционерска структура на „АД-Македонија

„Старо-новите акционери ветија ‘едно општество за сите’ и влезница во НАТО и ЕУ. Вистина е, влеговме во НАТО и се подотвори патот кон ЕУ, по цена неприфатлива за голем дел од општеството; олабави прогонот кон неистомислениците, што доведе до промена на етикетата од ‘заробена држава’ во ‘хибриден систем’, но сѐ остана исто во структурата на акционерската сопственост на државата.“

Според нашиот соговорник, судовите од аколити (термин со кој во православната црква се означуваат оние што, иако не се ракоположени, сепак, извршуваат литургиски должности) на врхушката на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, станаа аколити на врхушката на СДСМ и ДУИ.

„Некои од пљачкашите на македонскиот народ беа благо опоменати, најголемиот дел и најголемите арамии станаа партнери (политички и трговски) на старо-новата акционерска структура на „АД-Македонија“, со продолжена регистрација за неограничена неодговорност.“

Според Гошев, прокламацијата ‘едно општество за сите’ остана да виси како политичка флоскула еднаква на ветената комунистичка нирвана.

„Замената на дил-ориентираните братучеди со дил-ориентирани браќа и братучеди, продлабочената негативна селекција во јавната администрација, секојдневните пазари со криминалци од подземјето, нивното инфилтрирање во системот, нивното испраќање во дипломатски мисии, смената на господарот на судството, а не судството како непристрасен господар на раздавањето правда, итн., не може да произведат ‘еднакво општество за сите’.“

Нема еднакви политички права, без пристојна, релативно правична партиципација на сите граѓани во доходот и богатството на едно општество. И точка!

Без ракавици, Гошев сумира дека приказните за зафатеноста со надворешно-политички прашања, како изговор за запоставување на внатрешните прашања се „трици за добиток“.

„Економска политика што ги цементира дури и ги влошува економските нееднаквости не може да произведе ‘еднакво општество за сите’. Никаде и никогаш во светот не се случила реформа на некое општество, никаде и никогаш не била изведена некоја крупна промена, да не кажам револуција, без редистрибуција на доходот и богатството, без менување на моќта меѓу одделните социјални групи во вкупната социјална ткаенина на општеството. Нема еднакви политички права, без пристојна, релативно правична партиципација на сите граѓани во доходот и богатството на едно општество. И точка! А, во Македонија има бројни примери на неостварување права, дури и од т.н. прва генерација на човековите права.“

„Да не ја спалуваме историјата“

Фото: Роберт Атанасовски

Свртевме цел круг, почнувајќи од еквидистанцата на првиот претседател Киро Глигоров, преку девизата „времето работи за нас“ на Бранко Црвенковски, па обидите на Љубчо Георгиевски со Грција и со Бугарија, тајната или непостојната дипломатија на Никола Груевски, сè до јуродивото вртење на вториот образ на Заев кон Атина и кон Софија, кое заврши со нова траума.

Згреши ли Заев, и ако згреши, каде?

Гошев смета дека за почит се сите напори за средување на односите со соседите.

„Сопките од соседите ни нанесоа и сѐ уште ни нанесуваат големи штети и со и без аспирациите кон евроатлантските интеграции. Соседи што не соработуваат со полн капацитет трпат непроценлива заемна штета. Логично, и емпириски докажливо, помалите меѓу нив сносат поголема штета.“

Секое прескокнување на бариерите на таа релација, вели Гошев, се успех што треба да се поздрави.

Договорот со Грција ја отклучи вратата за влез во НАТО. Но, со ‘усул’ треба да се зборува за вредноста на самиот чин, зашто во него се вградени многу понижувања, негирање историски вистини, газење на т.н. европски вредности

„Договорот со Грција ја отклучи вратата за влез во НАТО. Но, со ‘усул’ треба да се зборува за вредноста на самиот чин, зашто во него се вградени многу понижувања, негирање историски вистини, газење на т.н. европски вредности и права запишани во бројни конвенции за човековите права. Најболно, тоа не е фер кон жртвите од прогоните и геноцидот, не е фер кон живите потомци на жртвите. Едно е да се каже ‘тоа што било, било’, ајде да гледаме кон иднината, друго е да се каже ‘тоа што било, не било’.“

Затоа Гошев предупредува на внимателност.

„Да не ѝ подигаме споменик на амнезијата; да не ја спалуваме историјата, да не ги палиме во коледарски огнови делата на многу македонски автори (писатели, режисери, уметници) што чесно и оправдано се обиделе да не се заборави, на пример, симболиката на ‘одраниот црвен коњ’ ставена на филмско платно од режисерот Столе Попов. Со други зборови, да не се правиме поголеми мајмуни од тоа што објективно сме, зашто актуелниот/акутниот политички диктат тоа го бара од нас.“

Тој смета дека истото се однесува и на односите со Бугарија и дека охрабрени од Преспанскиот договор, Бугарите си помислија: „Сега ве начекавме“.

„Откако се израдуваа на првиот чекор (одвојување на Македонија од Србија – тие така го доживеаја распадот на Југославија и осамостојувањето на Македонија), сега сакаат да го остварат вториот чекор – целосно да признаеме дека сме ‘ист народ во две држави’, за потоа да го чекаат, во којзнае кој дел од идната историја, третиот чин, ‘среќното обединување на браќата по род’. Ама, дали тоа е реално или не, не е важно, ако не друго, носи дневно-политички поени. (Иако не мислам дека е тоа само поради дневно-политички поени).“

На прашањето добро, што треба сега да правиме, го добивме одговорот:

Да не ѝ подигаме споменик на амнезијата; да не ја спалуваме историјата, да не ги палиме во коледарски огнови делата на многу македонски автори (писатели, режисери, уметници) што чесно и оправдано се обиделе да не се заборави, на пример, симболиката на ‘одраниот црвен коњ’ ставена на филмско платно од режисерот Столе Попов

„Да продолжиме да соработуваме, но да ја оставиме хистеријата во нивниот двор. Нашите раководители да не ‘зборуваат глупости’. Да не пишуваат секој ден нова историја, лично или со државно-политички комисии. Да одржуваат елементарно достоинство зашто тие се должни да го чуваат достоинството на својот народ и, без оглед што ние сакаме да влеземе во ЕУ, тоа не може и не смее да биде по секоја цена.“

А, за вечната дилема дали може(ло), на тој план, да се постигне повеќе, Гошев одговара:

„Да, јас за тоа зборувам три децении, а тоа е: да не ја распаѓа(в)ме земјата однатре; наместо тоа, да емитираме сигнали за нашата самоодржливост – во истите услови на поврзаност и меѓузависност на нациите – држави. Да не работевме спротивно од ова (и да не измислувавме „наша“ историја со подалечни корени и од пред Библијата) и Договорот со Грција ќе беше со помалку несакани одредби, а ‘окуражувањето’ на Бугарите немаше да биде такво какво што е сега.“

„Нема кој да го растресе политичкото мочуриште“

Фото: Роберт Атанасовски

Петар Гошев бил дел од власта и од опозицијата. Веројатно подобро од многумина може да го насетите моментот кога одредена владејачка гарнитура го достигнува зенитот и нема што повеќе да понуди.

Во еден момент немаше потег на Груевски што не беше проценуван низ призмата на корупцијата. Денес, пак, чувство е дека речиси секоја политика на Заев се гледа преку таканаречената „предавничка“ призма.

При вака поставена сцена, и за искусен човек во политиката предизвик е да се одговори какви четири години нè очекуваат и по завршувањето на овој парламентарен циклус.

Гошев смета дека Зоран Заев и СДСМ низ ‘предавничка’ призма ги гледаат или сакаат така да ги претстават пред народот, пред сѐ, несанкционираните бандити од ВМРО-ДПМНЕ и нивните клиенти и бездруго дел од обичните луѓе што го голтаат, делумно или целосно, на овој начин сервираниот профил.

Тим што нема видлива концепција речиси за ништо, а ставовите ги менува и по неколкупати дневно. И, мислам дека на следните избори, оценките на граѓаните за овие прашања ќе го чинат СДСМ повеќе отколку мислењето за тоа дали се ‘патриоти’ или ‘предавници’

„Но, јас мислам дека најголемиот број граѓани на Заев и на СДСМ гледаат како на тим што ги изневери барањата на малата политичка ‘револуција’ од 2015 и 2016, која се одвиваше, пред сѐ, низ улиците на карневализираното Скопје, каде што секојдневно одекнуваше слоганот ‘Нема правда – нема мир!’. Тим што, наместо да ги казни арамиите, се усојузи со нив и го дополни списокот. Тим што не ја намали ужасната неефикасност и пристрасност на институциите на државно и на локално ниво; што не ја намали социјалната неправда, согласно ветувањата, поточно не покажа позитивен тренд во таа насока. Тим што нема видлива концепција речиси за ништо, а ставовите ги менува и по неколкупати дневно. И, мислам дека на следните избори, оценките на граѓаните за овие прашања ќе го чинат СДСМ повеќе отколку мислењето за тоа дали се ‘патриоти’ или ‘предавници’.“

Околу „предавничката“ мантра, Гошев вели дека, се разбира, не постои народ што сака да му ‘буричкаш’ во идентитетот, таков како што му се врежал во свеста, независно колку е тоа врз факти, колку врз митологија. И на ова додава дека во политиката може да се погреши и ако го преценуваш народот, но уште повеќе може да се погреши ако премногу го потценуваш.

„Заев и СДСМ во овој период се движат по вторава патека. Секако, тие ги следат социјалните мрежи, па белки можат да утврдат кога другпат имало толку мајтапења со одлуки, изјави и постапки на некоја власт или на некои раководители. И по сѐ и со сѐ, разбирливо е што народот не може да поверува дека таканаречената реформа во образованието не е обланда сугерирана од суфлери во пакетот за спогодба со Бугарија. А оние, пак, што повеќе разбираат, знаат дека крупни реформи не можат да се прават преку ноќ, дека тоа ич не бидува без поширок стручен и политички консензус, дека сѐ што е направено на сличен начин во минатото било промашено и дека така ќе биде и овојпат. Дека на страната на трошоците ќе има голем куп, а на страната на ќарот една голема нула.“

Тој смета дека Заев, уште пред изборите, највисоко ги крена очекувањата и дека тоа без престанок го прави досега.

„Колку продолжува, толку помалку му се верува.“

„Хиперинфлација од неодмерености, неточности, очигледни лаги. Исто како и претходната власт, сегашната опозиција. Нема никој околу него да му каже ‘запри човеку’, ‘земи малку воздух’, ‘размисли што зборуваш’.“

Идеолошки, оваа партија одамна е испразнета, продолжува Гошев со анализата.

„Со кадарот што го врти околу себе и го регрутира, не може да биде поинаку. И кога меѓу нив ќе залута некоја подобра идеја, тие веднаш ја упропастуваат со недоследноста, со пишманлукот изнуден од клиентите, со преферирањето на личните и групните интереси и со некадарните реализатори.“

Да, тие имаат уште цел мандат, вели нашиот соговорник и додава – но, нема да има ништо ново.

Разбирливо е што народот не може да поверува дека таканаречената реформа во образованието не е обланда сугерирана од суфлери во пакетот за спогодба со Бугарија. А оние, пак, што повеќе разбираат, знаат дека крупни реформи не можат да се прават преку ноќ, дека тоа ич не бидува без поширок стручен и политички консензус, дека сѐ што е направено на сличен начин во минатото било промашено и дека така ќе биде и овојпат. Дека на страната на трошоците ќе има голем куп, а на страната на ќарот една голема нула

„Ќе кажат дека ќе ја намалат јавната администрација за 20 проценти, ете ги распишуваат конкурси за нови стотици вработувања; ќе кажат дека ќе именуваат компетентни, чесни и некорумпирани кадри, ете ги како именуваат дунстери, разни деликвенти, познати фаци и соработници на судовите и полицијата. Ќе кажат дека ќе ја департизираат администрацијата, а истовремено им даваат наредба на општинските комитети да подготват партиски списоци за вработување преку однапред наместени конкурси. Ќе кажат почнуваме борба против корупцијата и, ете, рој нови корупциски скандали и ‘генијално’ решение: именуваат политички комесар за борба против неа, кој не смее да погледне околу себе, кој нема никакви овластувања и може да дава само ‘усогласени’ изјави што не ѝ штетат на Владата.“

Реплицирајќи на нашата забелешка дека ВМРО-ДПМНЕ како да работи само да го врати Груевски, Гошев е дециден: „Тој нема да се врати на власт“.

„Ако пандемијата заврши, економијата за една или за две години ќе се врати на нивото од 2019. Под притисок на хаосот и изневерените очекувања, полека се крчка амбиент за некој друг, надвор од СДСМ, ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ, да им откине повеќе гласови отколку што некому досега му успеваше. Но, сѐ уште, на повидок нема нешто посериозно што може да го растресе политичкото мочуриште во Македонија.“

„Во општото осиромашување се богати фармацевтската дејност“

Фото: Роберт Атанасовски

Целата јавност е фокусирана на вестите околу вакцината за корона, што е и разбирливо, бидејќи ништо не е поважно од здравјето. Економијата е во втор план.

За многумина сè уште се свежи сеќавањата од транзицијата и поимот криза секогаш го врзуваат за мрачните 1990-ти. Луѓето најмногу ги плаши да не се вратиме во некоја и најмалку слична ситуација на таа – очајна безработица и празните рафтови во продавниците.

Досегашните штети од пандемијата главно се познати, вели Гошев, и потенцира дека големиот број починати се најголемата трагедија.

„Директната материјална штета може приближно да се пресмета. Само две ставки што најлесно се пресметуваат – износот на намалениот БДП и износот на неостварениот планиран раст на истиот за 2020, изнесуваат над 800 милиони евра. Тука се и загубените работни места, негативните ефекти од загубениот чекор на растот, вонредните расходи итн. Познат е и износот на дополнително зголемениот јавен долг (како што претходно реков, за околу 10 процентни поени од БДП), кој во следниот период негативно ќе притиска врз потенцијалот за раст на економијата.“

Засега никој не очекува празни рафтови и трауми на какви што потсетувате во прашањето, зашто никој не прогнозира натамошно одржување на истиот интензитет на пандемијата. Но, се разбира, во општества со поголема сиромаштија и навредлива нееднаквост, за многу луѓе и полните рафтови во продавниците, де факто, се празни

И покрај сите овие загуби, Гошев сака да потенцира дека сите релевантни меѓународни институции, исто како и одделните земји, за 2021 година планираат раст на светската економија.

„Се разбира, тој раст прво ќе биде само делумно или целосно компензирање на загубеното од 2020. Тоа значи, прогнозата е дека пандемијата ќе се стави под контрола. Но, како и секогаш, секоја земја е со своја тежина, во зависност од достигнатото ниво на развиеност/неразвиеност, функционалноста на институциите и колективниот ум.“

Тој, вонредноста на ситуацијата, ја споредува со војна, во која некои сегменти од општеството се богатат, додека мнозинството осиромашува.

„Така е и во овој случај.“

„Покрај генералната трагедија, се случува вонредна дополнителна редистрибуција на доходот. Во општото осиромашување се богатат луѓето од фармацевтската дејност и некои други дејности, што се покажаа соодветни во услови на крајно забавена подвижност на луѓето. Но, во целина, мнозинството осиромашува. Од политиките на владите зависеше и зависи ‘усулот’ во таа ‘берба’ на фармацевтите и бројните ‘крлежи’ залепени за нив и нивниот придонес во осиромашувањето на другите.“

За крај, Петар Гошев смирува, но и предупредува.

„Засега никој не очекува празни рафтови и трауми на какви што потсетувате во прашањето, зашто никој не прогнозира натамошно одржување на истиот интензитет на пандемијата. Но, се разбира, во општества со поголема сиромаштија и навредлива нееднаквост, за многу луѓе и полните рафтови во продавниците, де факто, се празни.“