Регион

Планот на босанските Срби за нови полициски сили, ги оживеа воените стравувања

Властите на босанскиот ентитет, Република Српска, каде во 1990-тите, полицајци резервисти вршеа воени злосторства, планираат да формираат нов резервен состав на полицијата

За време на војната во Босна и Херцеговина, во 1992 година, Азмир Шабановиќ, кој тогаш имал 14 години, бил една од илјадниците жртви на полицајците резервисти, одговорни за прогон, убиства, малтретирање и силување во ентитетот Република Српска (РС), во кој живее мнозинско српско население.

Во Вишеград, пред војната, имало 400 полициски резервисти и овие сили биле мултиетнички. Меѓутоа, по започнувањето на конфликтот, уште 183 полицајци биле рапоредени во полициската станица во градот, која ја воделе Србите.

Голем број од нив имале криминална евиденција, вели Хусо Курспахиќ, поранешен командант на полициската станица во Меѓеѓа, место во близина на Вишеград.

„Сите криминалци од Србија, почнувајќи од (обвинетиот за воени злосторства од страна на Хашкиот трибунал) Милан Лукиќ, и многу други, тука се довлекоа. Тие тука се испрофилираа, оние без карактер, и тие ја злоупотребија резервата”, нагласува Курспахиќ.

Воената практика на босанските Срби да ангажираат криминалци како полицајци резервисти, беше потврдена со неколку пресуди на Хашкиот трибунал, вклучувајќи ја и онаа со која беа осудени Лукиќ, потоа поранешниот министер за внатрешни работи на РС, Миќо Станишиќ, и поранешниот претседател на парламентот на РС, Момчило Краишник.

Марко Атила Хоаре, историчар кој сведочеше како вештак во Хашкиот трибунал, за БИРН нагласува оти регрутирањето на лица со криминални досиеја, било намерно.

„Полициските сили на Република Српска биле претворени во инструмент за водење војна против цивилите. Затоа било многу важно да се имаат криминални елементи, подготвени да се однесуваат на брутален криминален начин кон цивилите, кон нивните поранешни соседи”, вели  Хоаре.

Миле Матијевиќ, професор по безбедносни прашања на Универзитетот во Бања Лука и на Универзитетот во Источна Сараево, истакнува оти постоела „голема нерегуларност” во регрутирањето на резервистите, на почетокот на вооружениот конфликт.

„Нерегуларностите се рефлектираа во неконтролираното регрутирање на полицајци резервисти (во овие сили), почнувајќи од нивните квалификации и нивната подобност, така што некои лица со криминални досиеја, со криминално минато, им се приклучиле на овие сили”, објаснува Матијевиќ.

Овие необучени регрути продолжиле да вршат разни злосторства, вклучително и воени, додава тој.

Хоаре нагласува оти резервистите биле вклучени во прогонот и незаконското апсење на Бошњаците и на Хрватите.

„Тоа беше етничко чистење. Тогаш полициските сили беа во суштина многу важни во тој процес, но тие мораа да бидат сили кои навистина беа подготвени да извршат злосторства над цивилите, не да дејствуваат како професионални полицајци, туку на криминален начин”, додаде тој.

Покрај пресудите изречени од страна на Хашкиот трибунал, и Судот на БиХ донесе 13 конечни пресуди, со кои, за воени злосторства, беа осудени поранешни полициски резервисти.

Поголемиот дел од осудените се од градот Приедор, а беа осудени за убиства извршени во селата лоцирани во околината на овој град, потоа за злосторства извршени во логорите Омарска, Кератерм и Трнопоље, како и за масовни убиства на локалитетот Коричанске Стијене.

Един Рамулиќ, активист од Приедор, ги опишува полициските резервистите како „примарна политичка војска, што се користела за преземање на власта”.

„Во пролетта 1992 година, тие имаа 1.700 полицајци (во Приедор), од кои повеќе од три четвртини беа полициски резервисти. Како што можевме да видиме за време на судењата и од утврдените факти, овие полициски резервисти буквално учествуваа во сите злосторства”, вели Рамулиќ.

„Негативна спирала на недоверба”

Азмир Шабановиќ, во војната во БиХ, бил злоставуван од резервната полиција. Фото: БИРН

Мухарем и Суада Елезовиќ имале двајца синови, Един и Емир, кои биле убиени на Коричанске Стијене, откако на овој локалитет биле транспортирани со конвој на затвореници, на кои, од страна на Србите што ги уапсиле, им било речено дека ќе бидат ослободени со размена на затвореници.

„Во Коричани, мажите беа одвоени од жените, во два автобуса, кои никогаш повеќе не беа видени. Во тајност се зборуваше дека се убиени, но ние живеевме во надеж, сѐ додека не ги пронајдовме нивните коски”, раскажува Суада Елезовиќ.

За убиствата на околу 200 цивили на Коричанске Стијене, беа осудени припадници на резервниот полициски состав.

„Резервните полицајци го сторија тоа … Сите злосторства во Приедор, најголемите злосторства во војната и на Коричанске Стијене, тие го сторија сето тоа, истите тие луѓе”, вели Мухарем Елезовиќ.

„Ги имав само овие два сина. Живеев и работев за нив, а сега … сега немам ништо”.

Министерството за внатрешни работи на РС, соопшти дека новиот полициски резервен состав е потребен, бидејќи овој ентитет нема доволен број на полицајци, за справување со безбедносните предизвици и тековната мигрантска криза. Во овие сили се очекува да бидат ангажирани над 1.000 вооружени и униформирани полицајци.

Министерот за внатрешни работи на РС, Драган Лукач, во понеделникот, пред планираната дискусија за нацрт-законот за формирање на резервен полициски состав во Народното собрание на РС, на медиумите им изјави оти тој смета дека нивното воспоставување е „важно за безбедноста”.

„Со новиот бран мигранти (кои влегуваат во Босна и Херцеговина), веруваме дека ова е вистинскиот потег”, рече Лукач.

Неговото министерство одби да разговара со БИРН за воените злосторства извршени од страна на припадниците на резервниот полициски состав.

Министерот за внатрешни работи на кантонот Сараево, Адмир Катица, вели дека верува оти иницијативата на властите на РС, е политички мотивирана.

„Во БиХ има над 430 полицајци на 100.000 граѓани. Треба да се има предвид оти во Европската Унија бројката се движи од 210 до 220 (на 100.000 граѓани). Значи, нашиот број е двојно поголем од просекот”, додава Катица.

Министерот за безбедност на БиХ, Драган Мектиќ, нагласува оти иницијативата претставува „непотребно преточување на воено хушкачката реторика” и дека ќе ги зголеми тензиите.

Како одговор на иницијативата на РС, и вториот ентитет во БиХ, Федерацијата БиХ, најави закон за формирање на свои резервни полициски сили, во кои би можеле да бидат ангажирани дополнителни 4.500 полицајци.

Во април, Канцеларијата на високиот претставник (ОХР) на меѓународната заедница, изрази загриженост оти разговорите за формирање резервен полициски состав во двата ентитета „не придонесуваат за мирот и стабилноста во Босна и Херцеговина”.

„Покрената е негативна спирала на недоверба и меѓусебен натпревар, па дури и страв. Таквата динамика е загрижувачка бидејќи ја загрозува стабилноста, со создавање на тензии и поделби во земјата”, соопшти ОХР.

Експертите тврдат дека формирањето на нов полициски резервен состав е скапо и непотребно.

„Ние примарно треба да ги зајакнеме професионалните сили на сите безбедносни служби. Факт е дека има голем број на полицајци, што значи дека државата има инвестирано и сè уште инвестира значајни ресурси во образованието, обуката, опремувањето и функционирањето на овие сили”, истакнува Матијевиќ.

„Сега се поставува прашањето за тоа, кои би биле придобивките од активирање на одреден помал број резервни единици, кои ќе се состојат, пред сѐ, од лица без никакво полициско знаење”, додаде тој.

Катица смета оти приоритет треба да има подобрувањето на способностите на актуелните полициски сили.

„Ние треба да тргнеме со неопходните работи, како што се екипирањето на активната полиција и подобрувањето на нивното образование. Треба да работиме на подобро поврзување на нашиот систем и навистина да ја реформираме полицијата, за да немаме повеќе полициски агенции кои не се меѓусебно поврзани”, нагласува тој.

„Имаме толку многу полициски агенции кои не ги разменуваат податоците на најдобриот можен начин или не можат да се согласат кој е надлежниот орган за одреден инцидент. Тоа се работите што треба да ги решаваме”, додаде тој.

Страв од „политичка полиција”

Жртвите на воените злосторства, велат дека ја изгубиле довербата во полицијата на РС, уште во 1992 година, во текот на првата година од војната.

Суада Елезовиќ го опишува формирањето на новиот резервен состав на полицијата, како „враќање во 1990-тите”.

Експертите веруваат дека постои опасност резервните полицајци повторно да станат алатка што ќе ја користат политичките партии, како што беше тоа случај во 1992 година.

„Се плашам дека … на луди поединци утре може да им текне ова да го искористат за нешто сосема друго. Некој може сето тоа да го злоупотреби“, нагласи Мектиќ.

Азмир Шабановиќ, кој во 1992 година настрадал од рацете на полицајците, резервисти, вели дека траумата што ја преживеал како момче, сѐ уште го прогонува.

„Кога ќе ме сопре полиција на улица, тоа веднаш ме враќа во 1992 година”, објаснува тој.

Неговите стравувања дека формирањето на нови полициски резервни сили би можело да биде предвесник на повторен прогон, ги споделуваат многу бошњачки жртви на војната.

„Мислам дека создавањето на полициски резервен состав претставува повторно создавање на  воени злосторства, на изживување и на прогон на сите несрпски жители кои живеат во овие области”, нагласува тој.

Пратениците во Собранието на босанските Срби, оваа недела треба да гласаат за нацрт-законот за формирање на нов резервен состав на полицијата, при што набљудувачите сугерираат оти е многу веројатно дека тој ќе биде изгласан.