Регион

По обвинението за Тачи во прашање е иднината на косовската комисија за вистина

Се поставува прашањето, дали некој друг политички водач има волја да ја реализира оваа идеја откако самиот иницијатор е обвинет

Уште во 2017 година, Хашим Тачи, иницираше формирање на комисија за вистина и помирување, нагласувајќи дека земјата мора да се соочи со вистината за она што се случувало во војната 1998-1999, за народот да не остане заложник на минатото.

Тачи, кој за време на војната беше политички директор на Ослободителната војска на Косово (ОВК), изјави дека се надева оти Комисијата ќе обезбеди основа за дијалог меѓу поделените заедници во Косово.

„Косовското општество и Балканот воопшто, сè уште се заложници на овие стари наративи и генерациите кои се родени по војната, сè уште ги гледаат своите врсници од другата заедница како непријатели, а не како општество за соработка и соживот“, истакна тој на состанокот за планирање на комисијата.

Во 2018 година беше формиран подготвителен тим, со задача да подготви закон за формирање на комисијата. Мандатот на тимот истече на крајот на октомври оваа година и тој побара уште шест месеци да ја заврши својата работа, која се пролонгира поради пандемијата на корона вирусот.

Но, претседателот Тачи поднесе оставка во ноември, откако беше обвинет за воени злосторства и злосторства против човештвото, од страна на Специјализираните совети на Косово, со седиште во Хаг, поради што се поставува прашање, дали другите ќе продолжат со спроведувањето на оваа иницијатива.

Артан Мурати, советник на вршителката на должноста претседател на Косово, Вјоса Османи, вели дека за ова прашање сè уште не било разговарано.

„Мора да се направи евалуација на работата и мандатот на подготвителниот тим, пред да се продолжи понатаму“, нагласува Мурати за БИРН.

Сè уште не е јасно кои се целите на комисијата, а се поставува и прашањето за учеството во овој процес на косовските Срби, кои имаат поинаков поглед на конфликтот од косовските Албанци.

Куштрим Колиќи, еден од членовите на подготвителниот тим, за БИРН изјави дека работата на тимот сè уште не е завршена и оти е потребна средба со вршителката на должноста претседател, за да се утврди како понатаму.

„Додека работиме на подготовките, паралелно треба да започне поширок политички дијалог, бидејќи на овој процес му треба политичка поддршка. Политичкиот консензус е неопходен (ако сакаме) да продолжиме“, вели Колиќи.

„Не може да доведе до помирување“

Зенун Џемајли, кој ги загуби своите четири сина во војната, пред својата куќа во селото Рацај. Фото: Сербезе Хаџијај/БИРН.

Зенун Џемајли, 78, кој живее во селото Рачај, во косовската општина Ѓаковица, вели дека изгубил надеж оти некогаш ќе се утврди вистината за судбината на неговите четири сина.

Во август 1998 година, во близина на нивното село, патрола на српската полиција ги запрела и ги одвела неговите двајца синови, Мухарем, кој тогаш имал 27 години, и Илир, кој имал 25 години.

Нецела година подоцна, на 27 април 1999 година, неговите двајца помлади синови, 21-годишниот Шкелзен и 19-годишниот Албан, биле убиени заедно со уште 375 Албанци, во масакрот во селото Меја.

Посмртните останки на Албан биле пронајдени во масовна гробница во белградското предградие Батајница во 2004 година. Но, останатите сè уште се водат за исчезнати.

Џемајли никогаш не слушнал за иницијативата за формирање комисија за вистина и помирување.

„Ако им е посветено на жртвите и не за политички цели, за тоа треба да се разговара со жртвите и нивните семејства“, вели тој за БИРН.

„Моите синови, како и многу други кои се водат за исчезнати, сè уште немаат гроб. Тие можат да ја нарекуваат (комисијата) како што сакаат, но таа не може да доведе до помирување. Не може“, нагласува тој.

Слични иницијативи за комисии, покренати во други постконфликтни земји, пропаднаа, затоа што не создадоа солидна основа за идно меѓуетничко помирување.

Јасна Драговиќ Сосо, професор по меѓународни политики и историја на Универзитетoт Голдсмит во Лондон, изрази сомнеж дека проектот на Тачи ќе се покаже како успешен.

„Се плашам дека во моментов не сум голем оптимист. Mислам дека на многу граѓани на Косово, им е тешко да поверуваат во автентичноста на гестот на поранешниот претседател“, изјави Драговиќ Сосо за БИРН.

Таа смета дека повеќе јасниот став на власта, за иницијативите на граѓанското општество, кои имаат за цел откривање на фактите за минатото во Косово и во постјугословенскиот регион, би бил чекор напред.

„Инклузивното разгледување на неодамнешното минато, кое се обидува да ги опфати и препознае искуствата на различни луѓе, е поветувачки начин за пристап кон тешките и поделбени теми“, објаснува таа.

„Погрешно е да се оптоваруваат судовите со помирување. Тие треба да се фокусираат на утврдување на вината или невиноста на поединците и тоа да го прават добро, без политичко мешање“, додава таа.

„Вклучувањето на етничките Срби би било пресудно“

Рада Шабиќ држи фотографија на нејзини роднини, коишто исчезнале во Косово. Фото: Сербезе Хаџиај/БИРН

Доколку се формира комисија за вистина, Косово ќе биде првата земја од поранешна Југославија, што ќе има такво тело.

Босна и Херцеговина со години се обидуваше да воспостави слична институција без никаков успех, додека иницијативите во Хрватска и Србија пропаднаа.

„Во Србија и Хрватска, комисиите за вистината беа предодредени да пропаднат, бидејќи беа политички водени, осмислени истовремено да ја прекројуваат историјата“, нагласува, Брајан Гродски, професор по политички науки на Универзитетот во Мериленд, во округот Балтимор.

„И во двата случаи, комисиите беа половичен обид за намалување на меѓународните притисоци за кривично гонење на воени злосторства“, додава Гродски.

Политиката, исто така, може да претставува пречка за напредокот на иницијативата на Косово.

Тачи изјави оти целта на комисијата ќе биде да се постигне помирување преку внатрешен дијалог меѓу заедниците и дека искуствата на жртвите од војната ќе бидат во преден план на иницијативата.

Но, опозициските политичари тврдат дека Тачи ја покренал иницијативата за свои политички цели, а не од искрена желба за помирување.

Гродски смета дека за да се зголеми нејзиниот легитимитет, комисијата треба да биде формирана од широко, репрезентативно тело.

„Во него треба да бидат вклучени членови, кои до одреден степен го претставуваат спектарот на актери вклучени во конфликтот. Вклучувањето на етничките Срби би било пресудно, за таа да има влијание“, наведува тој.

„Тие треба да бидат максимално транспарентни и да бидат подготвени да слушнат и да слушнале различни перспективи, вклучително и жртви од обете страни“, додава тој, истакнувајќи: „давањето можност некои наводни сторители да проговорат, може, исто така, да му помогне на општеството, но тоа вклучува и обврска за заштита (како програмата за амнестија во Јужна Африка)“.

Јужноафриканската комисија за вистина и помирување, тело за обновување на правдата формирано после апартхејдот, имаше овластување да им даде амнестија на сторителите на кршења на човековите права.

Таа беше фокусирана на воспоставување на историски запис за злосторствата извршени под владеењето на белото малцинство и на формулирање предлози за репарации наместо на гонење на одговорните.

Со злосторствата извршени за време на војната во Косово, се занимаваа, иако досега без поголем успех,  судските органи во Косово и во Србија, како и Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија во Хаг, кој им изрече пресуди на одредени високи српски функционери.

Сега Специјалниот суд со седиште во Хаг ќе им суди на поранешни припадници на Ослободителната војска на Косово, за наводни воени и повоени злосторства.

Но, Гродски тврди дека предложената комисија за вистината во Косово, не треба да има за цел собирање докази за кривично гонење.

„Таа треба да ја надополнува работата на судот за воени злосторства (во Хаг), наместо да се натпреварува со него“, заклучува тој.