Balkan Insight

По победничката забава, новиот романски претседател се соочува со „три итни ситуации“

Од растечкиот буџетски дефицит до Трамповата Америка, Никушор Дан ќе има многу краток меден месец

Само што беше прогласен за победник на неделните претседателски избори, Никушор Дан излезе пред јавноста со предупредување дека Романија се соочува со три итни кризни ситуации што мора да се решат.

Неговата порака звучеше невообичаено трезвено, особено ако се има предвид еуфоријата кај проевропските граѓани, кои масовно излегоа да го спречат победничкиот поход на ултрадесничарот Џорџ Симион и да му ја доверат функцијата на либералниот градоначалник на Букурешт.

Првиот итен предизвик, според Дан, е буџетскиот дефицит на Романија и „тешката“ фискална состојба, вториот е потребата од формирање влада способна да спроведе реформи, а третиот е заканата од Русија за регионот, во контекст на војната во Украина, која сѐ уште е во тек.

Иако во првиот круг, Симион го победи со убедлива разлика, во вториот круг Дан успеа да се врати и да освои над 53 отсто од гласовите. Сепак, по победата, неговата порака беше отрезнувачка.

„Ќе почнам разговори со сите четири прозападни партии и со претставниците на националните малцинства“, изјави Дан за телевизијата Диги24.

„Станува збор за технички разговори што, според мене, ќе траат неколку недели.“

Новинарот и економски аналитичар од Профит.ро, Мариус Онку укажа на уште еден четврти клучен предизвик: добри односи со Европската комисија, извршнoто тело на Европската Унија.

„Прво и основно, Романија мора да има стабилна влада. Потоа, таа влада треба да преземе мерки за стабилизирање на јавните финансии“, рече Онку за БИРН.

„И на крај, но не помалку важно – новата власт ќе мора да ја одржи добрата комуникација со Европската комисија. Тоа е клучно, не само за реализирање на Националниот план за закрепнување, туку и за зачувување на кредитниот рејтинг на земјата.“

Романија блиску до статус на „непосакувана за инвестиции“

Новoизбраниот претседател со своите поддржувачи | Фото: Facebook на Никушор Дан

Добриот резултат на Симион во првиот круг од претседателските избори отвори можност за драматичен пресврт во надворешната политика на Романија, што би можело дополнително да ја наруши европската поддршка за Украина и да поттикне загриженост за состојбата со демократијата во самата земја.  Но, Романија сè уште не е излезена од кризата – особено не на економски план.

Властите се надеваат дека буџетскиот дефицит ќе остане под 7 отсто од БДП во текот на оваа година, откако лани достигна 8,65 отсто. Но, само во првите три месеци од 2025 година, дефицитот веќе е 2,3 отсто – што е повеќе од истиот период лани. Големите кредитни агенции немаат оптимистичка прогноза за блиската економска иднина на Романија и укажуваат токму на дефицитот како главен ризик.

Бидејќи земјата се наоѓа опасно блиску до статусот на „непосакувана за инвестиции“, од новата влада ќе се очекува да спроведе непопуларни мерки за штедење и зголемување на даноците – сето тоа додека се обидува да го смири длабоко поларизираното општеството.

„Имавме дефицит од 8 до 9 отсто од БДП три години по ред“, рече Дан на прес-конференција со странски новинари по објавата на резултатите.

„Затоа, моментално сме во тешка фискална состојба.“

Непознаници кај социјалдемократите

Кога станува збор за идната влада, Дан рече дека разговорите за формирање широка коалиција веќе се почнати. Иако не ја исклучува можноста за малцинска влада, тој потенцира дека би претпочитал кабинет составен или поддржан од сите четири проевропски партии – во интерес на стабилноста.

Политичкиот аналитичар Михај Исак објаснува дека целта е да се создаде заштитен бедем против „суверенистичките“ партии во парламентот. Партиите од центар-десно – Унијата за спас на Романија, Националната либерална партија  и Демократската унија на Унгарците во Романија  изразиле подготвеност да преговараат со Дан, кој треба да го предложи идниот премиер.

Но, Дан укажа и на проблеми внатре во најголемата партија во земјата – Социјалдемократската партија,  која треба да избере нов лидер откако премиерот Марсел Чолаку поднесе оставка по лошиот изборен резултат на кандидатот на владејачката коалиција.

„Социјалдемократската партија сè уште нема изградено јасна позиција во поглед на преговорите за идната коалиција“, вели Исак и додава дека Дан сака да избегне предвремени парламентарни избори.

„Таквите избори би можеле да бидат искористени од таканаречените суверенистички партии за политичка одмазда и за обид да создадат парламент во кој тие би доминирале “, рече тој за БИРН.

Тешка мисија за обединување на сите партии

Знамињата на Романија и Европската унија пред владината зграда. Фото: Владата на Романија/Facebook.

Анџела Грамада, директорка на букурешкиот тинк-тенк „Експерти за безбедност и глобални прашања“,  вели дека нема да биде лесно сите партии да се седнат на преговарачка маса.

„Проблемот не е нужно кај Никушор Дан, туку кај овие политички формации, кои имаат долга историја во политичкиот живот на Букурешт, но кои сега се чини дека влегуваат во надолен циклус – во смисла дека веќе не можат да ја задржат врската со гласачите, со оние што им го доверуваат својот глас или дел од својата индивидуална сувереност на политичките претставници“, вели Грамада за БИРН.

Освен политичката и економската стабилност, додава таа, Дан ќе мора да биде посредник и во спроведувањето на реформите во правосудството, безбедносниот сектор и јавната администрација – токму реформите што ги најавуваше во својата изборна кампања.

Трампова Америка – нов предизвик

Американскиот претседател Доналд Трамп | Фото: Facebook на Доналд Трамп

Новиот претседател ќе мора да плива и во неизвесни меѓународни води – особено во односите со САД предводени од Доналд Трамп, со кој се сојузници во НАТО.

Администрацијата на Трамп, во минатата година ја критикуваше одлуката на Романија да ги поништи изборите, откако ултранационалистот Калин Георгеску победи во првиот круг, но беше обвинет од разузнавачките служби за корист од руска интервенција. Георгеску потоа беше спречен да учествува во повтореното гласање.

„Романија и САД имаат стратешко партнерство, кое сакам да го зацврстам на безбедносен и на економски план“, рече Дан, повикувајќи се на значајното американско воено присуство во земјата.

„Мислам дека одлуката на романските власти да ги поништат изборите беше исправна, но лошо објаснета. Затоа, една од моите главни задачи ќе биде да ѝ објаснам на Америка што точно се случи во ноември.“

Аналитичарот Исак ја опишува победата на Дан како истовремен пораз за Русија „во долгиот хибриден конфликт што таа го води против демократиите во ЕУ и нивните партнери“.

Но, тој предупредува дека резултатот од романските избори не треба да ја зајакне самодовербата на владејачката, проевропска партија во Молдавија „ Акција и солидарност“ дека ќе постигне сличен успех на парламентарните избори во септември.

„Потребно е политичката елита во Кишињев конечно да ја закопа секирата и навистина да преземе чекори за создавање проевропски блок на овие избори“, изјави Исак за БИРН.

За разлика од Симион, кој се спротивставуваше на дополнителна помош за Киев, Дан порача дека политиката на Романија кон Украина останува непроменета.

Букурешт, рече тој, ќе продолжи „на избалансиран начин да придонесува во пошироките напори на Европа за поддршка на Украина“.