Анализи

По црногорското и албанското, Грција ќе го штити и македонското небо

Вкупно осум НАТО земји им дале на други да им го штитат небото | Фото: nato.int

Изненадување и негодување предизвика информацијата дека Грција ќе го надгледува македонскиот воздушен простор, според меморандумот што го потпишаа двете министерства за одбрана за време на меѓувладината средба. Коментарите на социјалните мрежи се движеа до таму дека тоа би претставувало окупација, па сѐ до тоа дека „Грците би си ја довршиле работата од 1948“.

Не се познати детали од документот што го потпишаа министрите Радмила Шекеринска и Евангелос Апостолакис. Но, тој би значел дека грчкото воено воздухопловство ќе добие уште еден, четврти воздушен простор под своја одговорност. Авијацијата на Грција веќе е задолжена да го штити небото и над Албанија и над Црна Гора.

Заедничката воздушна одбрана е стандардна пракса во НАТО алијансата, со која земјите-членки се обврзани да го штитат, не само својот воздушен простор, туку и тој на партнерите. Во мирновременски услови, тоа значи дека земјите што имаат своја авијација ќе бидат одговорни за патролирање и за заштита на небото над оние што немаат воено воздухопловство. Од 29-те членки, осум користат услуги од други во чувањето на воздушниот простор.

Постојат различни начини на кои се обезбедува штитењето на воздушниот простор кај оние членки што немаат авијација и сите се опишани на интернет-страниците на НАТО.

Земјите со авијација ги покриваат тие што немаат свои воени авиони

Најпознат пример е тој со балтичките земји – Естонија, Летонија и Литванија, кои НАТО ги покрива уште од нивното зачленување во 2004 година. Авиони од различни држави на НАТО редовно се распоредуваат во базата Шиаулиај во Литванија, а од 2014 се користи и воздушната база Амари во Естонија. Има ротација со која на секои четири месеци различна држава распоредува свои авиони, вообичаено по четири летала, за кои е потребен персонал меѓу 50 и 100 луѓе.

Во моментов, полската авијација е одговорна за балтичкото небо, а претходно беа Белгија, Германија, Франција, Португалија, САД, Турција и другите држави со воздухопловни сили. Балтичките земји плаќале по два до три милиони евра годишно за оваа услуга, со што покривале дел од трошоците.  Воздушното патролирање на Балтикот се смета за една од најважните мисии на НАТО бидејќи тие држави граничат со Русија, а готовноста се зголемувала кога се заострувала украинската криза.

Сличен е и примерот со Исланд, каде што исто така различни земји се менуваат на секои четири месеци. Но, за разлика од Балтикот, во Исланд авионите се распоредуваат на неколку недели, бидејќи е проценето дека воздушниот простор над овој остров на северот од Атлантски Океан не е под голем ризик од загрозување.

Ако некое непознато летало го наруши словенечкиот воздушен простор, ќе го пресретнат авиони од италијанската или од унгарската авијација, а ако тоа се случи во Црна Гора или во Албанија, ќе полетаат италијански или грчки воздухоплови

Белгија, Холандија и Луксембург имаат договор со кој шест месеци белгиското воздухопловство патролира над трите држави, па шест месеци холандското, а Луксембург бидејќи нема авијација, им го препушта тоа на поголемите партнери.

На Балканот има три држави-членки на НАТО што ги користат услугите на соседите за да го штитат своето небо. Словенија за тоа има склучено договори со Унгарија и со Италија, а одговорноста за црногорскиот и за албанскиот воздушен простор ја делат Италија и Грција. Но, за разлика од балтичкиот пример, овде не станува збор за постојано распоредување воени авиони во воздухопловни бази, бидејќи земјите се блиску и можат да го опслужат соседот и од својата територија. Така, ако некое непознато летало го наруши словенечкиот воздушен простор, ќе го пресретнат авиони од италијанската или од унгарската авијација, а ако тоа се случи во Црна Гора или во Албанија, ќе полетаат италијански или грчки воздухоплови.

Заедничката воздушна одбрана на НАТО се координира од базата Рамштајн во Германија.