Анализи

Потпалувачите се судат за „општа опасност“, а не за „предизвикување пожар“

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Извор: Судска архива

Ниту една пресуда не може да се најде во онлајн-архивата на судски одлуки за кривичното дело „предизвикување шумски пожар“, според членот 227 од Кривичниот законик. Дел од оние што биле фатени како потпалуваат биле осудени за „предизвикување општа опасност“, според членот 288 од законикот. За ова дело доби кривична пријава и 19-годишното момче од крушевското село Врбоец, кое било фатено како подметнува пожар во дабова и во букова шума.

Меѓу двете кривични дела има голема разлика во затворските казни. За предизвикувањето општа опасност, казната е од шест месеци до пет години, а ако потпалувањето било од небрежност, можно е да се помине и само со парична казна. За делото „предизвикување шумски пожар“, пак, е предвидено дека се добива затворска казна од најмалку осум години, а дури и ако сторителот се извлече со небрежност, би добил најмалку три години.

Најмногу површина изгорела во 2012 година | Извор: Макстат база

И меѓу пресудите за општа опасност има мал број што се однесуваат на предизвикување пожари на отворен простор. За опожарување еден хектар шума гостиварскиот суд доделил условна осуда, судот во Велес казнил човек што палел сува трева со 100 евра, а судот во Берово и доделил казна од 200 евра на жена што палела суви лисја на нивата од што се запалиле и околните ниви и дел од шумата.

За осум години изгореле два отсто од територијата | Извор: Макстат база

Опожарувањето на шумите стана една од главните теми откако во изминатиов месец имаше невообичаено голем број пожари на отворен простор за овој период од годината. Според последното соопштение на Центарот за управување со кризи, активни се повеќе од 20 пожари низ целата земја, од кои дел се веќе локализирани, а дел и натаму се надвор од контрола. Човечкиот фактор е идентификуван како главна причина за пожарите, поради палењето стрништа и пасишта од земјоделците и од сточарите, како и поради намерното потпалување.

Преглед на пожарите по региони. Најмногу горело во пелагониско | Извор: Макстат база

Пресметките за тоа колку шуми биле опожарени оваа и минатата година допрва ќе се прават. Во претходниот период, меѓу 2010 и 2017 година, изгореле над 54 илјади хектари шума, според податоците на Државниот завод за статистика. Тоа е колку два отсто  од целата територија на земјата, или речиси колку целото подрачје на општината Штип, на пример. Ако се пресметува само шумскиот фонд, тогаш опожарени биле шест отсто од површините под шуми.

Најмногу горело во 2012 година – 19 илјади хектари, а најмалку во 2014 – нешто над илјада. Најмногу настрадал Пелагонискиот регион со изгорени над девет илјади хектари шума, а најмалку југозападниот, со 4,3 илјади. Во другите региони биле опожарени површини меѓу пет и седум илјади хектари.

Активни се над 20 пожари | Извор: ЦУК