Анализи

Подароци во образованието – економска гранка вредна два милиони евра

Има многу поводи за подарување – од 8 Март во основно, до одбрана на магистерските работи

Шести март, понеделничка квечерина во Скопје. Две цвеќарки го подготвуваат дуќанот за следните два дена – најпрометни во годината, по повод 8 Март, Меѓународниот ден на жената. Некој купува во претпоследен момент, некој во последен, велат.

Дел од нивните цвеќиња завршуваат во рацете на наставничките во локалното училиште, слично како и во речиси сите места во земјава. Заедно со тоа, многу од нив ќе добијат и чанти, марами, накит, комплети книги, слики, часовници или сѐ почесто вредносни ваучери од козметички продавници, бутици и друго.

Економијата на подароци во образованието, само за 8 Март вреди околу 400 до 500 илјади евра, ако секој од 186-те илјади ученици во основното и 70-те илјади во средното образование даде барем по 100 денари за групен подарок. Ако се земат предвид и одделенијата што собираат по повеќе пари, како и индивидуалните подароци што некои ги даваат, тогаш оваа сума станува многу повисока.

„Една година имаше предлог да собираме по 500 денари. Тоа се 12.500 денари од 25 деца. Се шегувавме дека ќе уплатиме рата за автомобил. Знаевме дека таа сума е висока за дел од семејствата, па ја намаливме двојно. Подоцна дознавме дека некои ученици, оние чии родители ја иницираа високата сума, донеле и посебни подароци“, ни кажа една родителка на ученик во основно училиште во Аеродром.

Срамежлива тема

За цвеќарниците, 8 Март е најпрометниот ден | Фото: БИРН

Денот на жената дури не е единствен повод за носење подароци во училиштата. Крајот на учебната година се одбележува на сличен начин, особено во пониските одделенија од основното образование, а се случувало да се даваат, дури и да се бараат роденденски подароци. Тоа барем ја удвојува осмомартовската сума.

Тука се и подароците што ги носат на професорите и на менторите, студентите што дипломираат, според статистиката, околу 6.000 годишно, магистрираат околу 2.000 или што докторираат околу 200. Според искуствата што ги споделиле дипломци или магистрите, просечната сума што се троши за овие поводи е од 50 до 100 евра, што ја турка вредноста на економијата на подароци и до два милиони евра секоја година.

Подарувањето во образованието е една од срамежливите теми во македонското општество, ако се разгледува од етички аспект. Одвреме-навреме некој ќе го спомене како пример за ситна корупција, како германската амбасадорка Анке Холштајн,  која на една свеченост во Министерството за внатрешни работи, во декември минатата година рече дека борбата против корупцијата, како клучен услов за да се постигне напредок кон интеграцијата во Европската Унија, е задача на целото општество.

„Тоа не се однесува само на политичарите, туку и на сите луѓе, кои треба да сфатат дека кога ќе заминат на лекар, не треба да остават некоја банкнота во неговиот мантил, или, пак, наставничката треба да знае дека не треба да добие подарок од ученикот за 8 Март за тој да има подобра оценка, и сите треба да научат, и најмалите и најголемите, како се води борбата против корупцијата“, рече тогаш Холштајн.

Но, тоа не е толку лесно да се постигне. Разговаравме со повеќемина ученици, родители, наставници и универзитетски професори, кои раскажаа различни искуства во врска со подарувањето. Разговорите за конкретни примери често се условуваат со анонимност, за да „не се доведе другата страна во непријатна ситуација“.

Целото педагошко искуство во функција на одбивање подароци

Нема одговор до каде е границата за симболичен подарок | Фото: БИРН

Иако ова подарување, особено кога поводот е Денот на жената или крајот на учебната година, не е директна форма на мито во која се дава нешто за конкретна противуслуга, сепак наставници раскажуваат за случаи во кои морале да одбијат, односно да вратат подарок од поединци, бидејќи вредноста му била нешто повеќе од симболична. Со искуството, за ова развиле цел протокол, за да се изведе со што помала непријатност за двете страни.

„Тоа е непријатен момент бидејќи подарокот го носи детето. Би се чувствувало понижено ако го одбијам пред целото одделение, а примањето на подарокот, пак, е лоша порака за другите деца, кои веќе дале групен подарок, а понекогаш и самото дете што носи посебен подарок учествувало во тоа. Вообичаената пракса е да го оставиме тој подарок настрана и да побараме да дојде родителот“, ни раскажа една наставничка од скопско основно училиште.

Но, и одбивањето не одело секогаш лесно. Родителите, вели таа, се чувствувале навредени, инсистирале дека не очекуваат ништо за возврат, туку само сакаат да покажат почит, па и тој разговор мора да се води внимателно.

„Целото педагошко искуство мораме да го искористиме дури и во такви ситуации. Не смееме да дозволиме ниту родителот да се почувствува како обвинет за подмитување. Треба само да објасниме дека примањето поскап подарок е против правилата“, додава наставничката.

Каде е границата до која еден подарок се смета за симболичен, пак, нема одговор. Дали родителите го сметаат подарувањето за искажување почит или за обврска, зависи од односот на наставникот. Некои наставници се задоволни со што било, а други имаат очекувања, велат.

„Наставничката на ќерка ми една година им кажа каков производ да ѝ купат од телешоп. Им рекла – и онака нешто ќе ми купите, барем донесете ми го тоа што ми е потребно. Сумата повторно беше во рамките на она што и онака ќе го дадевме, секој по околу 150-200 денари, но овојпат тоа го чувствувавме како наметната обврска“, раскажа еден родител.

Разговаравме со десетина родители од различни одделенија и тие споделија различни искуства – наставници што им рекле на децата дека не им се допаѓа подарокот, или што побарале подарок и за нивниот роденден, или што на друг начин наметнале очекување да добијат подарок. Но, никој од нив не помислил да го пријави тоа однесување, или затоа што сметале дека не е голема работа, или бидејќи биле загрижени како тоа ќе се одрази на односот кон нивните деца на училиште.

„Убедена сум дека тоа се ретки исклучоци. Најголемиот број колешки им велат на родителите, или да не носат ништо, или само симболичен подарок“, ни кажа наставничката со која разговаравме.

Од вино до „сваровски“ за одбрани на магистерски

И дипломата е повод за да се дават подароци | Фото: БИРН

Ако се отиде повисоко од основното и од средното образование, на интернет се наоѓаат цели форуми во кои луѓето разменуваат искуства за одбраната на дипломските, магистерските или докторските работи – какви подароци купиле, како го организирале чинот, дали донеле кетеринг, што содржел тој итн. Одбраната се врши во присуство на публика што ја поканува самиот кандидат, пред комисија од тројца професори – менторот и уште двајца.

Најчесто, кандидати на кои им претстои одбрана поставувале прашања како да постапат, а оние што поминале низ тоа, давале одговори.

Од искуствата што ги споделиле повеќе кандидати може да се види дека оние што сакале да поминат симболично или што сметале дека тоа е соодветно, купувале по едно шише вино од средна вредност (до 500 денари) за секој член на комисијата, а други се решавале и за поскапи подароци.

„Купивме накит од „сваровски“ за сите три професорки. Комплети од синџирче и обетки“, напишала една корисничка на интернет-форум.

Друга, пак, одговорила дека за секој член од комисијата купила вино, но за менторката имала и посебен подарок – чанта. Повеќемина напишале дека за менторите обезбедиле екстра подарок – парфем, накит, бомбониера…

„Кај мене на дипломската беше ептен весело. На професорите им подготвив пригодни пакети, нешто како бовчалоци. За професорот купив „чивас“, вратоврска „хуго бос“ и „кохиба“ пури во кожена футрола со запалка „данхил“, а за професорката шампањ, таа многу сака шампањ, комплет од „сваровски“ и аранжман од хавајски орхидеи“, раскажал еден корисник, на што добил повеќе шеговити коментари од другите учесници дека би посакале да му бидат професори.

Сепак, сите професори не се среќни со бовчалоци и со скапи подароци.

„Несоодветна пракса е да се дава подарок на одбрана на дипломската или на магистерската работа. Јас им нагласувам на сите кандидати дека не примам подароци. Одбраните се дел од моите обврски, за кои земам плата. Понижувачко е чувството кога носат бовчи“, ни рече една професорка од Природно-математичкиот факултет.

Таа додаде дека подароците ги чувствува како обид за поткуп, но дека на многу кандидати тоа е тешко да им се објасни. Кога вложиле труд да најдат и да подготват подарок, се чувствувале навредени ако се одбиени. Затоа, ги предупредувала однапред.

„Но, некои, и покрај тоа, носат подароци зашто сметаат дека е срамота да дојдат со празни раце, или така им рекле од дома. Не е воопшто срамота“, додаде професорката.

На ниеден од соговорниците или од учесниците на форумите не им беше познат пример во кој некој поминал лошо или имал проблеми во образовниот процес затоа што не донел подарок на некој повод. Сепак, повеќето рекоа дека не би си дозволиле да не однесат барем нешто симболично.