Истражувањa

Подели и освој: Како Романија ја изгуби војната против корупцијата

Лаура Ковеси, ексраководителка на Националната дирекција за борба против корупција | Фото: Октав Ганеа

Малку пред 22 часот една благопријатна летна вечер, Ливиу Драгнеа се појави на сцената на плоштадот „Победа“ во Букурешт, додека море од луѓе кои мавтаа со романски знамиња почнаа да скандираат.

Носејќи строга бела кошула без вратоврска, тој ја стави раката на колкот и чекаше толпата да замолчи, додека зборовите „терор”, „несигурност”, „жртва” и „страв” беа проектирани на огромен екран зад него.

Поголемиот дел од 150.000 луѓе на собирот одржан на 9 јуни 2018 година стоеја пред зградата на владата, уште од изутрина, донесени со автобуси од целата земја. Тие дојдоа да го видат човекот познат како најмоќната личност во романската политика.

Драгнеа, 56-годишниот лидер на владејачката Социјалдемократска партија (ПСД) почна да зборува со умерен тон прикривајќи го сензационализмот во неговиот говор.

Романската демократија, рече тој, беше нападната од сомнителната „длабока држава” чии „емисари” вклучуваат обвинители, агенти на тајната служба, новинари и невладини организации кои се финансираат од странски пари.

„Ние сме охрабрени, ни се закануваат, нѐ уценуваат да ги информираме за нашите роднини, нашите пријатели, нашите колеги, па дури и за луѓе што никогаш не сме ги сретнале”, рече тој, евоцирајќи ги спомените на тајната полиција на „Секуритате“, која ги тероризирала Романците за време на комунистичкото минато.

„Не е важно дали сте виновни или не”.

Додека на џиновскиот екран се прикажувала слика од стрелачка мета, Драгнеа ги насочил своите куршуми кон Националната дирекција за борба против корупцијата (ДНА).

Дирекцијата за борба против корупцијата на Романија зад себе има легендарен успех затоа што успеа да стави моќни луѓе зад решетки во една од најкорумпираните земји во Европа. Таа била омилена цел на пратениците од ПСД, кои ја обвинувале дирекцијата дека игра валкано за да дојде до обвиненија.

„Корумпираните обвинители сѐ уште се тука”, рече Драгнеа. „Сте ги виделе на ТВ како измислуваат случаи, фалсификуваат изјави. Сте ги слушнале како им се закануваат на сведоците. Раководителката на ДНА сѐ уште е тука. Слушнавте дека побара од обвинителите да и ги донесат големците [обвинети истакнати политичари]”.

Ливиу Драгнеа, лидер на романската владејачка Социјалдемократска партија, ја поздравува толпата на митингот во Букурешт во јуни 2018 | Фото: Георг Калин

Додека публиката се потсмеваше, Драгнеа не ги споменуваше сопствените проблеми со ДНА, вклучувајќи ја и судската битка во 2016 година, која заврши со двегодишна условна казна заради обидот за местење на референдумот. Во времето кога се одржуваше собирот, тој исто така беше на судење за злоупотреба на функцијата; обвинителите на ДНА барале затворска казна од седум и пол години.

Два дена подоцна, доцна во ноќта за време на една седница на парламентот, пратениците усвоија десетици измени во кривичниот законик на Романија, со што им се отежна на обвинителите да ги истражуваат случаите. Амандманите биле најновото нешто во низата правосудни реформи, кои ја поделија земјата.

Десет дена подоцна, највисокиот суд во Романија го прогласи Драгнеа за виновен.

Судиите му изрекоа пресуда од три години и шест месеци затвор, со можност за жалба. Тие пресудиле дека тој интервенирал за лажно да задржи на државниот платен список двајца секретари во локалната подружница на ПСД, кога бил лидер на локалниот совет.

Пресудата значело победа за ДНА, но малкумина во дирекцијата се радувале.

За две недели, харизматичната шефица, Лаура Кодрута Ковеси, останала без работа, отпуштена по налог на министерот за правда по петгодишен мандат за време на кој стана миленичка на глобалното движење за транспарентност.

Денес, активностите на ДНА се запрени. Дирекцијата работи само на неколку мали случаи. Уште нема директор, а инсајдерите се плашат дека следниот шеф ќе биде полтрон на владата.

Зад теориите на заговор на ПСД, многу аналитичари гледаат пресметан напор да ја претворат некогашната институција со многу врски во безгласна буква, ранлива на политичко мешање.

„Никој јавно не го кажува тоа, но се чини дека ПСД сака да ги спаси своите сопствени членови [од можноста да бидат предмет на истрага за корупција]”, вели Кодро Враби, експерт за борба против корупцијата и домаќин на еден подкаст за правни прашања, во изјава за Балканската мрежа за истражувачко новинарство (БИРН).

Други сметаат дека падот на ДНА е неизбежна последица од поширокиот напад врз независноста на судството, што предизвика невиден јавен протест и повика на споредби со нелибералните режими во Унгарија и Полска.

„Прво, го напаѓате правниот систем, така што нема да морате да одговарате за вашите дејствија подоцна”, вели Елена Калистру, основач на организацијата за следење на транспарентноста „Фанки граѓани“.

„Потоа ќе го искористите парламентарното мнозинство за да ја наметнете вашата законодавна агенда, без оглед што сите околу вас се против тоа. Потоа покажувате нативистички пристап кога европските институции реагираат … И ќе почнете да го напаѓате граѓанското општество, ќе ги преземете медиумите и тоа е тоа”.

 Ковеси имаше репутација на „контроверзна ѕвезда“ | Фото: Октав Ганеа

Крстоносец

Два часа откако беше отпуштена на 9 јули, Ковеси застана во мермерниот ходник на влезот од седиштето на ДНА во централниот дел од Букурешт, опкружена со околу 40 од нејзините обвинители.

„Имам порака за романските граѓани”, изјави таа за новинарите. „Корупцијата може да биде поразена. Не се откажувајте”.

Отпуштањето на Ковеси не беше изненадување. Во февруари министерот за правда, Тудорел Тоадер, го започнал процесот за нејзино отстранување, обвинувајќи ја меѓу другото дека го пречекорила нејзиниот мандат и ја уништила сликата за Романија во странство.

Претседателот Клаус Јоханис, поранешен лидер на опозициската Национал-либерална партија и обожавател на Ковеси, во почетокот одби да ја отпушти. Во мај, Уставниот суд одлучил дека претседателот немал овластување да ја отповика одлуката на министерот за правда. Неволно, Јоханис го потпишал налогот за отпуштање.

Ковеси, 45-годишна поранешна професионална кошаркарка, стана идол во очите на многу Романци, кои беа презаситени од ендемската корупција. Минатата година само Бугарија и Унгарија котираа полошо меѓу земјите на ЕУ во Индексот за перцепција на корупцијата на „Транспаренси интернешнл“.

Откако беше формирана во 2003 година до периодот пред пристапувањето на Романија во ЕУ во 2007 година, ДНА спроведе повеќе од 43.000 истраги и отвори истраги против повеќе од 12.300 лица, обвинувајќи 23 поранешни и сегашни министри и ставајќи го во затвор поранешниот премиер Адријан Настасе.

„Тоа е нешто што нема да го најдете во другите земји во транзиција како Украина, Молдавија или Бугарија”, рече Хартмут Ран, шеф на програмата за владеење на правото за Југоисточна Европа во рамки на Фондацијата Конрад Аденауер во Букурешт. „Бројот на случаи покажува дека работата е сериозно сфатена”.

Ковеси, која имаше 33 години кога стана најмладиот романски државен обвинител и 40 години, кога ја презеде ДНА во 2013 година, како раководителка на дирекцијата надгледуваше околу 4.000 обвиненија, со што нејзиниот мандат беше еден од најплодните од сите дотогашни раководители.

Големи очекувања
Националната дирекција за борба против корупцијата (ДНА) е нус-производ на аспирациите на Романија за влез во ЕУ. Кога земјата ги започна разговорите за пристапување во почетокот на 2000-те, тогаш премиерот Адријан Настасе доби домашна задача од Брисел: сериозно да се справи со корупцијата или државата да остане надвор од унијата.
Настасе ја основаше претходницата на ДНА речиси преку ноќ со итен декрет.
„Ова беше во 2002 година, кога Романија изобилуваше со закони и институции кои беа соодветно формирани, но не функционираа во пракса”, се присетува Лаура Стефан, директорка за антикорупциска политика во Министерството за правда помеѓу 2005 и 2007 година.
„Кога ја изградиле институцијата, мислеле дека никогаш нема да проработи. Она што треба да го сфатиме е дека борбата против корупцијата не е консензуална работа за политичарите. Тие ја гледаат како средство за постигнување на целта, обично во однос на пристапувањето кон ЕУ”.
Дури откако либералдемократот Трајан Башеску стана претседател во 2004 година, ДНА почна да станува опасна. За време на министерката за правда, Моника Маковеи, поранешен адвокат за човекови права, агенцијата доби мандат да ја истражува корупцијата на високо ниво и несоодветното искористување на европските фондови.
Во меѓувреме, независноста на обвинителите била зајакната преку три „закони за правда”, како што ги нарекуваа правните експерти. Маковеи јавно ја охрабри ДНА да не биде заплашена од страна на моќниците што ги истражуваше.
„ДНА започна со работа после тоа”, вели Роксана Брату, автор на „Корупцијата, неформалноста и претприемништвото во Романија“. „Таа стана исклучително моќна институција, со исклучително моќна политичка поддршка и многу пари”.
Лаура Кодрута Ковеси ја презеде функцијата шеф на ДНА во 2013 година, шест години откако Романија се приклучи кон Европската унија. Под нејзиното раководство бројот на обвиненија значително порасна.
„Институција како ДНА покажа дека никој не е над законот”, рече Елена Калистру, основач на организацијата за следење на транспарентноста „Фанки Граѓани”, додавајќи дека многу луѓе ја гледале Ковеси како еден вид суперхерој за уништување на корупцијата.
„Романците, и покрај сѐ што е речено за нив, сакаат правдата да биде задоволена. Тие бараат херои. Тоа е културата во која живееме, и тие треба да видат дека работите се движат”.
Откако смртоносниот пожар во ноќниот клуб во Букурешт ја шокираше нацијата во 2015 година, многу луѓе гледаа во ДНА за да се задоволи правдата. Обвинителите отворија случај за да видат дали е виновна административната корупција, но не беше донесен заклучок.
Во јануари 2017 година, повеќе од 500.000 луѓе протестираа против владата, откако вонреден декрет декриминализираше одредени видови злоупотреба на службената должност, извикувајќи: „ДНА треба да дојде по вас!”
Обвинителите отворија истрага за да видат дали официјални лица биле поткупени за усвојување на законодавството, но Уставниот суд пресудил дека не е работа на ДНА да истражува „политичка можност”.
„Тука на сцена треба да стапи граѓанското општество, за да не ги натера луѓето да размислуваат дека сè може да се реши со кривична постапка”, вели Стефан. „Имаше голем притисок врз ДНА да се обиде да го реши секој проблем таму. Чесен одговор од нив би бил: „Тоа не е наша работа”. Но, како тоа ќе биде примено од општеството кое очекува сè од кривичната правда?”

Таа имаше талент за драматичност. Во 2014 година, маскирана полиција влезе во ресторан во источниот град Констанца за да го уапси поранешниот градоначалник Раду Мазаре. Пред две години, полицајците ја прошетаа министерката за труд, Лија Олгута Василеску, со лисици пред штабот на ДНА, на задоволство на фотографите.

Мазаре бил осуден на шест и пол години затвор во мај поради обвиненија за злоупотреба на службената должност поврзани со продажба на државен имот на романското крајбрежје, иако поранешниот градоначалник побегнал на Мадагаскар.

Василеску била обвинета за земање мито и наметнување влијание, но судиите ја ослободиле и го вратиле случајот на ДНА за понатамошна истрага. Таа тврди дека ДНА има заговор да ја обвини по десетици обвиненија за корупција.

Ковеси одби да биде интервјуирана по нејзиното отпуштање, но таа разговараше за делокругот на нејзината работа во интервју за БИРН во мај.

„Ако погледнете во категоријата луѓе што ги истражувавме, имавме градоначалници, претседатели на окружни совети, пратеници, различни категории на професионалци”, изјави таа, седејќи во нејзината канцеларија украсена со икони и кошаркарска топка на стаклен држач како потсетник за нејзиното спортско минато.

„Имавме луѓе од различни партии. Дотогаш, секогаш се велело дека ДНА истражува само одредена партија. Истрагите на ДНА ги вклучуваат речиси сите државни институции”.

До 2015 година, анкетите за истражување на јавното мислење покажаа дека Романците повеќе и верувале на Ковеси отколку на поглаварот на православната црква – и значително повеќе отколку на нивните избраници во законодавниот дом.

Истата година, телефонската анкета на „Евробарометер Флеш“ спроведена на 300 лица од страна на Европската комисија во врска со бизнисот и корупцијата, укажа на тоа дека иако Романците биле попесимистички отколку нивните сограѓани во ЕУ, верувајќи дека корупцијата е широко распространета, тие биле позадоволни за тоа како државата се справува со неа.

Меѓународниот печат ја разгали Ковеси. „Економист“ во 2016 година напиша дека ја „чисти” романската политика. „Гардијан“ ја нарече „крстоносец” во борбата против корупцијата. За Би-би-си, таа беше „контроверзна ѕвезда”, која ја стекна довербата на јавноста и можеби премногу моќ.

Ковеси им се обраќа на новинарите кратко откако беше отпуштена | Фото: Октав Ганеа

Удрете на масата’

Не е изненадување што Ковеси стекна непријатели. Многумина дојдоа на власт на парламентарните избори во 2016 година, кога ПСД го доби своето прво убедливо мнозинство од 2004 година како постар партнер во коалиционата влада.

„Последиците од [војната против корупцијата] се што налутија многу политички и економски интереси во земјата”, изјави Марк Гитенштајн, амбасадорот на САД во Романија помеѓу 2009 и 2012 година.

„Некои од обвинетите имаат пристап до ПР фирми и лоби групи, сопствени телевизиски станици, а нивната основна цел е да се обидат да го дискредитираат интегритетот на системот”.

Гитенштајн, дипломиран правник, продолжи: „Имавме поговорка на Правниот факултет: кога фактите се против тебе, удрете по законот; кога законот е против вас, удрете по фактите; кога и законот и фактите се против вас, удрете на масата. Тоа е она што обвинетите го прават сега”.

На почетокот од 2017 година, владата предводена од ПСД почнала да ги турка контроверзните реформи во правосудството преку парламентот, предизвикувајќи големи антивладини протести и меѓународна осуда.

Владата ги оправдала реформите велејќи дека Романија треба да се усогласи со директивите на ЕУ за пресумпција на невиност на обвинетите, како и да ги порази силите на „заговарачката држава”, за која се велело дека ја поткопува демократијата.

Критичарите велат дека тие ја поткопале судската независност и се заканувале на владеењето на правото.

Во јануари 2017 година, кабинетот се обиде да го заобиколи парламентот со донесување на вонреден декрет со кој декриминализираа одредени прекршоци за корупција на пониско ниво. Повеќе од половина милион луѓе лути излегоа на улица, принудувајќи ја владата да го укине декретот.

„Кога видоа дека тоа не помина, си помислија – Ајде да го симнеме шефот – полесно е”, и ги насочија своите куршуми кон Ковеси”, вели домаќинот на подкастот Враби.

Заговарачи на ова беа Драгнеа и други истакнати пратеници на ПСД, вклучувајќи го и поранешниот министер за правда, Флорин Јордаче, кој воведе декрет за вонредни состојби што ги вознемири Романците и Ливиу Плесоану, пратеник во долниот дом.

Минатата година, Плесоану организираше протест пред седиштето на ДНА, потсмевајќи се на „храмот против корупцијата” и барајќи отпуштање на Ковеси, која ја обвини за плагијат на докторската дисертација и злоупотреба на нејзината моќ.

„Корупцијата може да биде поразена. Не се откажувајте“, Лаура Кодрута Ковеси, кратко откако беше отпуштена од позицијата раководител на дирекцијата за борба против корупција

Каталин Радулеску, пратеничка од ПСД, која добила условна казна од една и пол година во 2016 година по истрагата отворена од ДНА за примање мито, исто така, жестоко ја критикуваше дирекцијата. (Кривичното обвинение не е пречка да се биде пратеник во Романија, иако не може да се биде министер.)

Драгнеа, Јордаче, Плесоану и Радулеску не одговорија на барањата за интервјуа ниту на е-маил прашањата.

Непријателите на Ковеси се повикаа на бројните истраги што ги отпочна таа за време на нејзините два мандати – многу од нив насочени против политичарите на ПСД – како доказ дека дирекцијата служи за лов на вештерки.

„Тоа е како мечка што бара тегла мед”, рече Калистру од „Фанки граѓанин“, опишувајќи ја насладата на пратениците од ПСД додека се подготвуваа за борба.

Додека клеветниците на Ковеси почнале да ја портретираат како извршител што ќе направи сѐ за да ги собере скалповите на истакнати лица, на помош им стигнале снимки од редовните состаноци на ДНА, во кои се слушало како таа ги кара обвинителите заради премногу бавното работење.

„Сакам да го добиеме премиерот, кој ги потпиша овие договори”, се слуша како вика во една снимка што ја емитуваше Антена 3, телевизиски канал про-ПСД ориентиран, иако Ковеси рече дека снимката е монтирана и нејзините зборови се извадени надвор од контекстот.

Другите откриени снимки објавени од страна на телевизијата неколку месеци подоцна, покажаа дека двајца обвинители на ДНА очигледно вршат притисок врз сведокот да им помогне да ги фалсификуваат доказите и да кажат дека Ковеси знаела за тоа. Обвинителите оттогаш биле обвинети за фалсификување докази.

Потоа, имаше откритие дека Ковеси потпишала таен протокол со разузнавачките служби во 2009 година, кога била генерален обвинител, овозможувајќи им на обвинителите во борбата против корупција да ја искористат експертизата на тајната служба, вклучувајќи и прислушување.

„Тие ја мешаа тајната служба со правниот систем, иако луѓето велеа да не го прават тоа, тоа е огромен идиотизам”, рече Овидиу Будусан, кој бил назначен за прв романски антикорупциски обвинител во 2000 година, во единица што претходела на ДНА.

Критичарите, исто така, ја обвиниле Ковеси дека ја „злоупотребила службената должност” за да подигне групно обвинение и да ги испрати сите случаи на суд.

Во 2015 година, 25 проценти од обвиненијата на ДНА биле за злоупотреба на функцијата – 601 од над 2.374 случаи, покажале статистичките податоци од агенцијата. Процентот паднал за 16 отсто во 2016 година и 13 отсто минатата година.

„Интерпретацијата на злоупотреба на функцијата од страна на ДНА беше премногу широка, според мое мислење”, вели Лаура Стефан, поранешна директорка во Министерството за правда, која го истражува правосудниот систем за групацијата „Експертски форум“.

Амблемот на романската дирекција за борба против корупцијата | Фото: Октав Ганеа

Премногу случаи и неуспех

Сугестиите дека Ковеси била неодговорна во спроведувањето на правдата биле дополнети со случаи на истакнати лица што биле ослободени, вклучувајќи го и гонењето на големецот од ПСД и поранешниот премиер Виктор Понта, кој оваа пролет бил ослободен од земање мито и даночно затајување.

Два месеци пред Ковеси да биде отпуштена, поранешниот пратеник на ПСД и партискиот финансиер, Себастијан Гита, бил ослободен во отсуство, за купување влијание, уцена, возење без дозвола и профитирање од доверливи информации. Во претходниот судски процес, во септември 2017 година, тој бил ослободен од обвинението за земање мито и перење пари.

Гита бил соочен со пет истраги за корупција, од кои две се во тек, по истрагата на ДНА заради наводите дека добивал мито во замена за државни договори и незаконски финансираната претседателска кампања на Понта од 2014 година. Гита побегнал во Србија во 2016 година и се бори против барањето за екстрадиција. Тој ги негира обвинувањата.

Исто така, ослободени од обвиненијата за корупција за време на владеењето на Ковеси, биле и Калин Попеску Таричеану, лидер на Алијансата на либерали и демократи (АЛДЕ) помладиот партнер во коалицијата предводена од ПСД; поранешниот претседател на Уставниот суд Тони Гребла; и Сорин Блејнер, поранешен шеф на фискалната власт на Романија.

„Преголемиот број случи не е здрав”, вели Стефан. „А јас гледам премногу неуспешни случаи”.

Денес, бројот на случаи на ДНА воопшто не е голем.

Агенцијата објавила дека отворила три нови случаи во септември, сите релативно мали.

Тоа во споредба со 32 од истиот месец во 2016 година, кога започнала истрагата за Понта, Гита, заменикот на премиерот Габриел Опреа, министерот за внатрешни работи Петре Тоба и четворица градоначалници, сите осомничени за разни форми на корупција. Освен случајот на Понта, кој заврши со ослободување и е во очекување на жалба, и Опреа кој бил обвинет, сите други истраги се во тек. Сите тврдат дека се невини.

Привремениот шеф на ДНА, Анча Јурма, поранешниот советник на Ковеси за меѓународни односи, не се истакнуваше премногу додека агенцијата го чекаше новиот директор.

Министерот Тоадер ги предводеше правосудните реформи кои предизвикаа осуда на меѓународно ниво | Фото: Георге Калин

Во јули министерот за правда Тоадер ги отфрли шесте кандидати номинирани за таа работа, меѓу кои и заменикот на Ковеси, Мариус Јакоб, и шефот на единицата на ДНА која ја испитува судската корупција, Флорентина Мирица.

Оттогаш, уште шестмина влегле во трката. Само еден од нив работел за ДНА.

Меѓу новите номинации е личниот избор на Тоадер, Адина Флореа, 52-годишна обвинителка од градот Констанца покрај Црното Море, ќерка на член на локалниот совет на ПСД.

Тоадер изјавил дека ќе му го испрати на претседателот Јоханис неговиот предлог да ја именува Флореа за следен шеф на ДНА, дури и ако Врховниот совет на судии (ЦСМ) независното тело кое ги регулира судиите и обвинителите, не ја одобри.

На 19-ти октомври, ЦСМ ја отфрлила номинацијата на Флореа, која неодамна сведочела како сведок во тековен случај во врска со уште еден декласифициран протокол помеѓу канцеларијата на јавниот обвинител и тајната служба, кој се појавил есенва.

Како што најави, Тоадер, сепак, ја предложил. Тој не одговори на барањата за коментар.

Во своја одбрана зошто треба да биде назначена, Флореа поднела извештај преполн со критики кон ДНА, достапен на веб-страницата на Министерството за правда.

Во голем дел од документот се повторуваат негативните зборови напишани од Тоадер во оценката за работата на Ковеси дадена во февруари, кога тој повикал за нејзино отпуштање.

Српската Ковеси
Романија доби членство во ЕУ со усвојување на антикорупциска стратегија што зависеше од работата на обвинителството кое се занимава со корупцијата на високо ниво и злоупотреба на фондовите на ЕУ. Овој модел беше инспириран од слични институции во Шпанија, Белгија и Норвешка.
Соседна Србија, која исто така има аспирации за ЕУ, презеде поинаков пристап, создавајќи две тела за борба против корупцијата без овластувања за гонење: Агенцијата за борба против корупцијата (АСА) и Советот за борба против корупцијата.
Експертите велат дека во една земја оптоварена со „ендемична корупција”, како што објави „Транспаренси интернешнл”, двете српски институции имаат малку алатки за да преземат акција.
На пример, Агенцијата е задолжена да осигура дека јавните службеници се транспарентни во врска со она што го поседуваат. Сепак, таа нема санкции на располагање, освен издавањето предупредувања или препораки за  функционерите дека ќе бидат отпуштени.
Застапниците за транспарентност велат дека политичкото мешање од владејачката Српска прогресивна партија е уште една пречка. Директорот на агенцијата е поранешен член на партијата и донатор.
Ниту прогресивците, ниту агенцијата не одговорија на доставените прашања.
Немања Ненадиќ, програмски директор на „Транспаренси Србија“, вели дека Антикорупцискиот совет нема „никакви овластувања”.
„Тоа е чудна институција, речиси уникатна во светот”, вели тој. „Тие имаат добра репутација, бидејќи беа проактивни и самостојно истражуваа некои случаи, но тоа изгледа како нешто што и добар новинар би го направил – собирање и анализа на податоци”.
Советот треба да има 13 членови, вклучувајќи и раководител, но во моментов има седум. Членовите не се нужно правни експерти иако тие се „луѓе со добра положба во општеството кои немаат политички врски и немаат агенда”, рече заменик-претседателот Мирослав Миличевиќ, пензиониран хирург.
Преку своето истражување, Советот откри повеќе од 20 случаи на нелегални приватизации во Србија и фрла светлина врз политичкото влијание преку медиумската сопственост, велат експертите.
Но, многумина ги припишуваат овие успеси на едно лице: Верица Бараќ, која беше претседавач на советот од 2003 до 2012 година, кога почина од рак.
„Таа беше многу храбар борец за човекови права, која протестираше против војната и [српскиот моќник] Слободан Милошевиќ и против магнатите”, рече Миличевиќ, кој беше нејзин пријател и доктор.
Многу луѓе ја гледаа Бараќ како српски еквивалент на Лаура Кодрута Ковеси, поранешен шеф на романската Национална антикорупциска дирекција. Двете имаа репутација за агресивно следење на високи владини претставници.
Сликата на Бараќ стои на малата маса во канцеларијата на Миличевиќ во Советот, а до неа има букет од темни рози.
„Таа беше личност која може да ги инспирира другите”, рече тој. „Ја потроши целата нејзина енергија, целото нејзино здравје на ова. И тоа е она што нѐ повредува денес: вложивме толку многу, но кои се резултатите?”

Тука спаѓаат тврдењата дека Ковеси постапувала дискреционо и ги надминала нејзините овластувања; дека не успеала да дејствува кога обвинителите биле обвинети за етички прекршоци; дека ги фаворизирала ѕвездените обвинители кои работеле на случаи од висок профил; и дека таа водела истраги од одмазда наместо темелни истраги.

„Дури и на највисоко ниво, видовме еден вид однесување кое не беше балансирано и со професионален пристап”, напиша Флореа.

За време на интервјуто со Антена 3 во септември, Тоадер рече дека начинот на кој Флореа „го открила доброто и помалку доброто во ДНА” во нејзиниот извештај ја убедила комисијата во Министерството за правда дека таа е вистинската личност за оваа работа.

Претседателот Јоханис ја отфрлил Флореа како шеф на ДНА кон крајот на ноември, користејќи се техничка формалност. Тој рече дека сé уште не ги поминала проверките дали некогаш соработувала со тајната полиција на „Секуритате“ во деновите на комунизмот – услов за сите обвинители и судии кои бараат врвни позиции.

Тоадер се спротивставил, велејќи дека Јоханис не требал да се повика на таквата техничка формалност, велејќи дека ЦСМ, а не претседателот, требало да ги истражат обвинителите. Директор на агенцијата сѐ уште не е назначен.

Што и да се случи со номинацијата на Флореа, изгледите за нејзино вработување се сигурни.

Во средината на октомври, таа добила работа како заменик-шеф во новата специјална единица на Канцеларијата на јавниот обвинител, формирана за да ги истражува обвинителите и судиите.

Одделот бил формиран како дел од правните реформи воведени од коалицијата ПСД-АЛДЕ. Претходно, привилегијата за истражување на судиите и обвинителите и припаѓала на ДНА.

Флореа и шефот на одделот, Флорена Естер Стерши, се обидуваат да ја претворат единицата во дирекција, како ДНА, независна од генералниот обвинител.

Адина Флореа одби да коментира, но бројни локални медиуми ја цитираа како вели дека ќе ја прифати работата на шеф на ДНА ако претседателот и ја понуди.

Адина Флореа, личниот избор на министерот за правда за следен раководител на агенцијата за борба против корупцијата |Фото: Октав Ганеа

 ‘Проблем на независност’

Застапничката за транспарентност, Калистру, го опиша процесот на селекција за замена на Ковеси како „еден вид на претстава изведена од Тудорел Тоадер, за да покаже дека министерот за правда е шеф на сите обвинители”.

„Имаме голем проблем во врска со независноста на обвинителите”, рече таа. „Ако ја погледнеме Унгарија, каде што [Премиерот Виктор] Орбан, исто така, го реформираше судството, најголемиот проблем таму е што бројот на случаи кои стигнуваат до судиите е намален.

„Можете да ги имате најнезависните, компетентни судии во целиот свет. Сѐ додека не можете да ги истражувате случаите, сте заглавени. Затоа обвинителите имаат фундаментална улога”.

Во истражувањето на „Евробарометар Флеш“ спроведено на 201 лице во јануари за перцепциите за правните системи, Романија имаше понизок резултат од просекот на ЕУ по сите индикатори. Романците веќе не мислат дека судиите имаат доволно гаранции за независност и сметаат дека се под притисок на владата, политичарите и интересни групи, покажа истражувањето.

На неговиот митинг во јуни силникот на ПСД Драгнеа ги увери поддржувачите дека владините правосудни реформи ќе продолжат според планираното, без оглед на тоа што мислат „корисниците на нелегалниот систем на моќ”.

Во меѓувреме, критичарите на владата сметаат дека сега на мета е поранешниот шеф и сојузник на Ковеси, генералниот обвинител Августин Лазар, кого некои го гледаат како последниот човек кој стои меѓу парламентот предводен од ПСД и правосудниот систем кој е под опсада.

Лазар (63) е познат по покренувањето обвиненија против поранешниот претседател Јон Илиеску и поранешниот премиер Петре Роман за злосторства против човештвото за време на романското антикомунистичко востание во 1989 година, во кое загинаа повеќе од 1.000 луѓе.

Неговата канцеларија, исто така, ги испитува активностите на полицијата за спречување нереди, откако властите одговорија на анти-владините протести на 10 август 2018 година со солзавец и водени топови. Едно лице почина неколку дена подоцна, а 400 беа повредени.

Министерот за правда, Тоадер, на крајот на август на Фејсбук објави дека испраќа комисија за оценување за да го разгледа мандатот на Лазар како генерален обвинител – истиот процес што доведе до отпуштање на Ковеси.

Првично, Тоадер го цитираше откривањето на протоколот, очигледно потпишан од Лазар во 2016 година, помеѓу канцеларијата на јавниот обвинител и разузнавачките служби што им овозможи на обвинителите пристап до податоците од тајниот надзор за истрагите.

Сепак, на 24 октомври, Тоадер објавил дека официјално ја започнал постапката за отпуштање на Лазар врз основа на тоа дека не поминал низ лична проценка пред да влезе во канцеларијата на јавниот обвинител. Укажувајќи дека Лазар ја добил работата лажно, Тоадер побарал од претседателот Јоханис да го отпушти.

„Како можеме да отвораме случаи кога сѐ на што работиме се уништува?“,  Генералниот обвинител Августин Лазар

На емотивната конференција за печат истата вечер, Лазар изјавил дека министерството се обидува да го дестабилизира правниот систем.

„Како можеме да отвораме случаи кога на неколку месеци сѐ она на што работиме ние како тим од професионалци, се уништува?”, запраша Лазар.

„Ве молам простете ми за мојата емоционална состојба, но она што сега ви го кажувам не ме остава рамнодушен и чувствувам дека преживувам многу посебен момент, не само за мојата кариера, туку и за Романија”.

Неколку дена подоцна, Лазар објави дека ќе го тужи Тоадер за неправедно разрешување.

Лазар одби да даде интервју, велејќи дека распоредот му е полн.

Европската комисија жестоко ги критикуваше нападите предводени од ПСД на правниот систем.

Во извештајот објавен во ноември, комисијата ја повика Романија „веднаш да го прекине” спроведувањето на новите закони за правда, измените во кривичниот законик и итните декрети што го сочинуваат пакетот реформи на владејачката партија.

Комисијата, исто така, повика на прекин на отпуштањата или назначувањето на главни обвинители и побара од Министерството за правда да ја обнови постапката за именување нов шеф на ДНА.

Заменик-претседателот на Европската комисија, Франс Тимерманс, на прес-конференција рече дека притисоците врз правниот систем во целина „и особено врз ДНА, како и низата други мерки кои ги поткопуваат напорите за борба против корупцијата, за жал резултирале со назадување”.

Канцеларијата на јавниот обвинител ја искористи можноста да објави соопштение во кое се обврзува дека ќе се обиде да ги исполни препораките на комисијата.

Аналитичарите велат дека таквите зборови можеби не значат многу овие денови.

„Замислете го судството како зимска јакна”, вели правниот експерт Враби. „Има малку пократки ракави, но наместо да го решат тоа, романските политичари одлучија да го заменат патентот со копчиња. Копчињата не се соодветни, па сега јакната не се закопчува, а надвор е студено, а ракавите и понатаму се премногу кратки”.

Јоана Буртеа е романски новинар која покрива прашања од областа на судството за тримесечното списание ДоР. Уредник Тимоти Ларџ. Оваа статија е изработена како дел од Балканската стипендија за новинарска извонредност, поддржана од Фондацијата ЕРСТЕ и Фондациите Отворено општество, во соработка со Балканската мрежа за истражувачко новинарство.