Истражувањa

Погребување на вистината

Поради смрт на сведоците, масакрите во Косово остануваат непроцесирани

„Живееше и умре со желбата да сведочи“, раскажува неговата снаа, Ѓуле Делиу, за БИРН, додека разговараме со неа во нејзиниот дом во Резала.

„Постојано велеше: ‘Ќе им кажам сѐ што се случи“, вели таа.

Мисин Делиу е еден од десетиците луѓе што ги преживеале масакрите извршени од страна на српските сили во Косово, кои починале без да добијат можност да сведочат. Сторителите на овие масакри, до денес не се процесирани.

Ѓуле Делиу (50) раскажува дека на 5 април 1999 година, српските сили пристигнале со тенкови и ги собрале селаните во центарот на селото.

„Мажите беа ставени на едната, а жените и децата на другата страна. Ни наредија да го напуштиме селото, додека мажите, повеќето од нив постари, останаа“, ни вели таа.

Селаните кои го напуштиле селото, не стигнале далеку, кога слушнале истрели. „Не видовме, но слушнавме кога беа убиени“, вели Ѓуле.

Откако побегнал, Мисин два дена се криел во блиската шума, од каде можел да види како телата на убиените селани се товарат во камион. Тој се сомневал дека некои од нив се сè уште живи, вели Ѓуле.

Таа додава дека најтежок момент му бил кога 13-годишно момче со плачење молело за помош, додека умирало покрај него, лежејќи на купот мртви тела.

По војната, тој страдал од анксиозност и траума. „Но, тој живееше со надеж во правдата“, истакнува таа.

За многу семејства на жртвите на масакрот, смртта на Мисин Делиу е крај на можноста да се фрли светло на настаните од тој трагичен ден во Резала.

„Никој не можеше подобро да ја раскаже приказната од него“, додава неговата снаа.

Неистражени масовни убиства

Мисин Делиу, кој преживеа масакр, почина минатата година. Фотографија на семејството Делиу.

Масакрот во Резала е едно од неколкуте масовни убиства извршени за време на војната во Косово од страна на српските сили, кои сè уште не се истражени.

Директорот на Меѓународниот центар за транзициска правда, Дејвид Толберт, заменик обвинител на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ) од 2004 до 2008 година, потенцира дека е тешко да се докаже еден случај, кога сведоците се недостапни.

„Сепак, може да има сведоци кои можат да дадат помалку директни докази, што можат да помогнат да се докаже случајот. Во зависност од правилата за релевантност на доказите, судијата може да дозволи, изјавите дадени во врска со наводните злосторства, да бидат признаени“, вели Толберт за БИРН.

Тој објаснува дека наредбите, дадени писмено или снимени со пресретнување, можат да бидат силен доказ, како поддршка на обвинителството.

„Можеби не е можно да се покрене успешно процесирање, но вреди да се преврти секој камен“, додава тој.

Во селото Полац, кај Србица, Кумрије Велиу организира документи, интервјуа и искуства снимени од нејзиниот покоен сопруг Џафер.

Таа, на 25 јануари, ќе ја одбележи втората годишнина од неговата смрт. Меѓу тие документи се и некои фотографии од нејзиниот син Шиќири, кој имал 13 години кога бил убиен од српските сили во 1999 година.

Нејзиниот сопруг, Џафер, бил еден од двајцата преживеани на масакрот во Старо Чикатово, село кај Глоговац, каде на 30 април 1999 година, од страна на српските сили биле убиени 130 луѓе, вклучувајќи го и нејзиниот син.

Џафер Велиу починал во 2018 година, на 62-годишна возраст. Никогаш не бил повикан да сведочи.

Неговата вдовица се сеќава дека бил сончев ден кога српските сили започнале да го опколуваат селото Врбовац, каде се наоѓало нејзиното семејство, заедно со илјадници други луѓе кои веќе биле раселени од своите домови од други села.

„Мојот син Шиќири сакаше да оди кај својот татко, кој беше на другата страна. Не можев да го запрам“, вели таа за БИРН, додека седиме во нејзината куќа во Полац.

„Мажите беа во друг дел од селото. Тие потоа ги собраа мажите, вклучително и момчињата и ги испратија кон селото Ќирез“, потенцира Кумрије.

Српските сили собрале повеќе од 100 цивили во џамијата во Ќирез, ноќта меѓу 29 и 30 април 1999 година.

„Џафер ми раскажа дека до утрото го држел нашиот син близу до себе. Тој ни раскажа дека додека ги тепале мажите, еден припадник на српските сили, што го викале Босанец, го помилувал Шиќири по глава и му дал бисквит“, вели таа.

Следното утро, Џафер бил меѓу првите што го качиле во камион, со кој биле однесени на егзекуција. Тој последен пат го видел својот син, Шиќири, во дворот на џамијата, заедно со 30 други исплашени деца, кои останале покрај српските тенкови.

Кога се слушнале првите куршуми, Џафер се стркалал во една дупка, ранет, но сепак жив. Но, тој починал пред две години, без да добие можност да сведочи за овие убиства.

Посмртните останки на неговиот син Шиќири, биле пронајдени во масовна гробница во селото Старо Чикатово во 2005 година, додека останките на дел од другите жртви, биле пронајдени во Рудница, во Србија.

Сведоците умираат, а сторителите молчат

Кумрије Велиу со фотографии од нејзиниот син и сопруг. Фото: Сербезе Хаџиај/БИРН.

Времето минува и само неколку косовски обвинители работат на воените злосторства, во морето предмети што им ги оставија меѓународните мисии како УНМИК и ЕУЛЕКС.

„Кога сведоците или преживеаните умираат, потешко е да се докаже злосторството, особено ако тие не биле сослушани претходно“, вели, Дрита Хајдари, прв човек на одделот за воени злосторства при Специјалното обвинителство на Косово, за БИРН.

Беким Блакај, директор на Фондот за хуманитарно право Косово, организација вклучена во документирање на воените злосторства, изразува слична загриженост.

„Малку е веројатно дека судовите ќе се занимаваат со овие масакри, кога сведоците починале, затоа што по 20 години е тешко да се најдат дополнителни докази“, нагласува Блакај за БИРН.

„Исто така, тешко дека, кога сведоците умираат, некои од оние што ги извршиле злосторствата, ќе бидат подготвени да зборуваат и да сведочат за овие злосторства“, додава тој.

Максин Маркус, директорка на американската организација Клиника на транзициската правда, и поранешен обвинител на Хашкиот трибунал, потенцира дека е многу потешко да се гонат сторителите на некој масакр, кога нема живи сведоци.

„Доказите на починатите сведоци сигурно нема да бидат искористени за да се докаже одговорноста за злосторството, заради правото на обвинетиот на вкрстено испрашување. Тие евентуално можат да се користат како бекграунд“, потенцира таа.

Маркус сугерира дека доказите на починатите сведоци сепак можат да се искористат за да се докажат околностите на случајот.

„Може да има доволно докази за кривичната одговорност на лицата кои им биле надредени на директните сторители, во комбинација со други достапни докази. Сведоците кои биле сторители со помалку директна одговорност, исто така, би можеле да дадат доволно докази“, додава таа.

„Почина со скршено срце“

Салих Морина, син на починатиот Нуредин, на кого не му била дадена можност да сведочи за масакрот во 1999 година. Фото: Сербезе Хаџиај/БИРН.

Кога Нуредин Морина, единствениот што го преживеал масакрот во Исток, општина Малишево, починал на 85-годишна возраст во 2018 година, надежта дека ќе се појави на суд за да сведочи за тоа што се случило, умрела заедно со него.

Тој и неговиот брат Хасан, биле меѓу 42 лица, меѓу кои имало и жени и деца, кои на 31 март 1999 година биле однесени на егзекуција.

Кога, по првите истрали, жртвите паднале на земја, стрелачкиот вод повторно отворил оган, за да се увери дека никој не останал жив. Но, Нуредин не бил погоден и тој успеал да избега на блиската планина.

Неговото семејство вели дека обвинителите никогаш не го сослушале и дека за овој масакр не е покрената истрага.

„Тој имаше надеж во Хашкиот трибунал. Кога започнаа судењата во Србија, таа надеж дека ќе биде повикан да сведочи, спласна. Тој не можеше да прифати дека се игнорира она што го преживеал“, вели неговиот син, Салих Морина, за БИРН.

Косовските власти размислуваат да формираат комисија за вистинита, за да се утврдат фактите од војната.

„Ова би било начин да се обелоденот злосторствата и сторителите. Овие наоди би им помогнале и на семејствата да ја откријат вистината и да извршат притисок врз властите да преземат дополнителни чекори, како што се, на пример, репарациите, или можеби да иницираат граѓански активности“, вели Толберт.

Салих Морина, нагласува дека неговиот татко не можел да го прифати фактот, дека тој никогаш не бил повикан да сведочи.

„Тој почина со скршено срце. Кога станува збор за правдата, и тој беше меѓу убиените, бидејќи тие години, речиси 20 колку што живееше по масакрот, не сменија ништо“, истакна тој.

Кумрије Велиу смета дека сега е премногу доцна, за да се надеваат на правда.

„Џафер живееше за да сведочи, но тој почина без да му се исполни оваа желба“, додава таа, криејќи ги солзите.

„Тој секогаш велеше: ‘Нема да почивам во мир, ако не сведочам’“.