Регион

Политичката школа на Тито-југословенско социјалистичко наследство на продажба

Политичката школа во Кумровец денес е во лоша состојба, но локалните жители се надеваат дека овој објект ќе биде купен и дека ќе му биде вратен стариот сјај

Многу архитекти и љубители на брутализмот, го ценат овој модерен објект, кој денес е обраснат со висока трева, чии прозорци се скршени, покривот оштетен, а некогаш импресивната внатрешност е исполнета со прав, нечистотија и смет. Тревата расте дури и во самата зграда.

Многу локални жители сметаат дека државата, која е нејзин сопственик, е виновна за ваквата состојба. Некои дури велат оти на државните функционери, овој симбол на југословенскиот социјализам, не им се допаѓа.

„Школата е во ваква состојба, пред сѐ, поради тоа што беше социјалистичка политичка школа, а државата се дистанцира од тоа. Тие веројатно не сакаат да имаат никаква врска со тоа, тоа е мое мислење”, вели Домогој Печник, 24-годишен студент од Кумровац.

Поранешен центар на марксистичката мисла

Политичката школа на Јосип Броз Тито е основана во 1975 година, како централна образовна институција за членовите на Сојузот на комунистите на Југославија (СКЈ). Првично била сместена во друг објект во Кумровец, кој сега е познат како Спомен-дом на борците на Народноослободителната војна (НОВ) и на младината на Југославија.

Тито велеше дека школата е потребна, со цел членовите на партијата да добијат поголемо теоретско знаење.

„Гледајте, ние имаме огромен број луѓе кои се добри комунисти, но теоретски слабо стојат. Тоа мора да се поправи, мора да се познаваат основите на марксизмот“, им рече Тито на раководителите на оваа школа, во јули 1976 година.

Бранко Пратенгразер, наставник во основното училиште во Кумровец, за БИРН изјави дека во 1976-1977, кога школата се наоѓала на својата првобитна  локација, тој бил нејзин ученик.

„Јас не научив ништо лошо таму. Братство и единство на сите народи и народности – дали е тоа лошо?“, праша тој.

Јосип Михаљевиќ, од Хрватскиот институт за историја, за БИРН нагласува дека во текот на 15-те години постоење на оваа школа, имало повеќе од 600 предавачи и над 1.500 ученици.

Михаљевиќ додава дека во Кумревец имало многу интересни имиња од областа на марксистичката филозофија, кои учествувале во меѓународните панели. „Милорад Пуповац (српскиот пратеник во Собранието на Хрватска)  беше еден од менторите во школата, како и (црногорскиот историчар) Сербо Растодер и многу други”, додава тој.

Последен претседател на политичката школа беше Ивица Рачан, кој од 2000 до 2003 година беше премиер на Хрватска.

По нејзиното затворање во 1990 година, школата прво ја зело Министерството за внатрешни работи, а подоцна Министерството за одбрана, за обука на хрватските војници.

Објектот се состои од зграда со четири ката, со вкупна површина од 5.901 метар квадратен, со училници, спортска сала  и 145 спални соби.

На крајот на 1991 година, во овој објект биле сместени раселените лица од Вуковар.

„Бегалците беа таму, и ни беше мило што дојдоа, што најдоа сместување, некаква безбедност во тешките времиња, воени времиња”, вели за БИРН, Ивица Храстовиќ, основач на Иницијативата за развој на општина Кумровец.

Бегалците од Вуковар оставиле дел од своите лични работи; во просториите во кои живееле на ѕидовите сè уште има детски цртежи и постери. Тука е и амбулантното возило за бегалците, со медицински пакети расфрлани по подот.

Видливи се и трагите од социјалистичките времиња; во поранешната библиотека полна со прав, се наоѓаат куп стари книги и марксистички дела.

Кога во 2012 година се прошири информација дека овие книги ќе се најдат во контејнер, група студенти и професори од Универзитетот во Загреб, заминаа за Кумровец и во Загреб донесоа дел од овие дела, кои ги донираа на универзитетската библиотека и на љубителите на книги.

Сепак, многу книги останаа во напуштената поранешна политичка школа.

Неуспешни обиди за продажба

Внатрешноста на поранешната политичка школа на Јосип Броз Тито. Фото: БИРН/Ања Владисављевиќ

Школата првпат беше понудена на продажба во 2003 година, за цена од 26 милиони куни (околу 3,5 милиони евра). Ова беше првиот од четирите неуспешни обиди за продавање на објектот.

Храстовиќ верува дека за ова се одговорни функционерите, нагласувајќи дека „сѐ уште постои одреден анимозитет кон Кумровец”, меѓу високите политичари.

За разлика од школата, Спомен-домот е во добра состојба. Овој огромен објект, со кино и базен, е чист и релативно добро зачуван.

Храстовиќ објаснува дека за ова се заслужни луѓето кои работат таму, бидејќи го чуваат и чистат овој простор. Иницијативата за развој на општина Кумровец, предложи државата да го стори истото и со школата, но досега тоа не се случило. „Ние веруваме дека ова е можеби намерно”, вели тој.

Организацијата дури сугерираше, државата да ја подари оваа зграда на општината, со цел да се заштити објектот од понатамошно руинирање. „Ќе најдевме некој (да го купи)”, нагласува Храстовиќ.

„Футуристичката” архитектура би можела да привлече туристи

Книгите оставени во поранешната школа. Фото: БИРН/Ања Владисављевиќ

Роберт Шплајт, градоначалник на општина Кумровец, за БИРН истакнува дека иако поранешната школа е во многу лоша состојба, нејзината конструкција е солидна.

„Но, се разбира, неопходно е да се смени целиот покрив, столаријата, да се модернизира целиот ентериер. Во основа, потребна е голема инвестиција“, вели Шплајт.

Зградата е внесена во базата на податоци на #SOSBrutalism, платформа за зачувување на „саканите бетонски чудовишта” ширум светот.

„И покрај високата политичка функција, дизајнот воопшто не е традиционален, реакционерски или носталгичен, туку футуристички и напреден”, вели за БИРН Феликс Торкар, историчар по архитектура од #SOSBrutalism.

Торкар забележува дека е тешко да се зачува архитектурата на социјалистичка Југославија, „едноставно затоа што во главите на луѓето таа го претставува поранешниот режим”, но оти важни примери од овој период треба да бидат зачувани, поради нивниот уникатен дизајн и место во историјата.

Секоја година на 25 мај, поранешниот Ден на младоста, кој се прославуваше во некогашна Југославија, во Кумровец доаѓаат неколку илјади луѓе, за да го прослават роденденот на Тито, кој е роден во 1892 година.

Шплајт верува дека обновувањето на школата ќе привлече уште повеќе туристи во ова село, и дека ќе овозможи создавање на нови работни места.

„Кумровец – најпознатото село во светот, како што го брендиравме – годишно го посетуваат 100.000 луѓе”, информира тој.

„Има потенцијал да го посетат до еден милион луѓе годишно”, додава Шплајт.

Храстовиќ објаснува дека неговото здружение предложило објектот да се претвори во еден вид конгресен центар за бизнис-конференции.

Тој истакнува дека од инвеститорите не треба да се крие врската меѓу Кумровец и југословенското социјалистичко минато.

„Впрочем, ако има луѓе (кои не ја сакаат сликата на Кумровец), тие нема да дојдат тука. Таквите луѓе и не треба да доаѓаат тука“, заклучува тој.