Речиси е осум часот наутро, еден вторник во јуни кога се отвораат пазарот и ресторанот на една фарма во североисточна Варшава. На полињата зад фармата, работниците уште од изгрејсонце собираат зеленчук и почнуваат да го носат на тезгите на пазарот. Како отчукува 8 часот, пристигнуваат автомобилите со муштерии подготвени за купување.
Во исто време, доаѓа и група од околу 20 велосипедисти, сите облечени во исти црни шорцеви од ликра и дресови, со името на нивниот тим „Групето Варшава“, испишано со разигран фонт подвлечен со жолта и црвена боја, боите на главниот град во Полска.
Групата е претежно составена од фит мажи во нивните 40-ти и 50-ти години, полни со енергија по завршувањето на 60-километарското напорно утринско возење, кое почнало неколку часа пред тоа. Ќе испијат брзо кафе, а потоа сите тргнуваат назад на работните места.
Основан пред седум години со околу шеесетина членови, „Групето“ сега е една од најпознатите аматерски велосипедски групи во полскиот главен град.
„Во професионалниот велосипедизам, ‘групето’ се викаат оние што возат заедно на задниот дел [на пелотонот], чија главна цел е само да ја завршат трката“, објаснува за БИРН, Кшиштоф Груџински, 56-годишен директор на компанија.
„За разлика од другите групи, кои повеќе се фокусираат на брзината и трките, ние го правиме ова само заради задоволство и пријателство. Нашето мото е дека никого не оставаме: ако нечиј велосипед се расипе, ќе застанеме и ќе го поправиме. Исто така, сакаме да застануваме и на кафе-паузи“, додава тој.
Низ Полска, „Групето Варшава“ и други слични групи собираат илјадници велосипедисти-аматери заедно за да тренираат, организираат возење или тркање. Тие разменуваат информации за најновата опрема, а се залагаат и за безбедност на патиштата.
Со оглед на тоа што некои членови поминуваат од 15.000 до 20.000 километри годишно, нивното ниво може да се опише како полупрофесионално, а членството во групите, во голема мера, зависи од велосипедските вештини и физичката кондиција.
И жени можат да се придружат во групата, нешто што претставува голема гордост на „Групето Варшава“. „Тие се толку добри велосипедисти, што дури ги лекуваат мажите од нивниот шовинизам“, вели Кшиштоф. Но, жените се дефинитивно малцинство.
Организираните групи се само дел од овој тренд: повеќето полски велосипедисти што се движат по патиштата не се поврзани, но црпат инспирација од групи како „Групето“.
Особено еден вид аматерски велосипедизам стана сè попопуларен во Полска, во последните пет години: трки на долги патеки со помош на друмски велосипеди со тенки гуми, во кои сè почесто учествуваат неатлетски мажи на возраст меѓу 35 и 50 години. Хумористично ги нарекуваат „мамили“ (MAMIL-middle-aged men in lycra), односно „средовечни мажи во ликра“.
Средовечни мажи…
Овој тренд почнува на Запад пред повеќе од една деценија, а терминот беше измислен во 2010 година од британската компанија за маркетинг-истражување „Минтел“. Но, со зголемување на нивото на просечните приходи, овој тренд полека почна да се појавува и во Источна Европа, во последните пет години.
„Бев во лоша физичка форма пред да почнам да возам велосипед“, раскажува за БИРН, 46-годишниот Михал Касак, ИТ експерт. „Откако ми се родија децата, достигнав 100 килограми и ми стана тешко дури и качувањето по скали. Сега возам по 15.000 километри секоја година и понекогаш мислам дека сум дури и премногу слаб“.
„Има момент во животот кога ќе наполните 40 години, ќе се погледнете во огледало и ќе си речете: ‘Уфф, каков ми е стомакот, колку ми побелела косата’ и ќе одлучите да направи нешто во врска со тоа“, објаснува Кшиштоф. „Не можете да направите ништо за побелената коса, но можете да направите за стомакот!
А овие заеднички возења не се одвиваат само за време на раните утрински часови, туку и во текот на викендите или понекогаш во форма на подолги патувања низ Полска или во странство.
Ова упатува на уште една голема привлечност на хобито: бегање од работните и семејните обврски, но и патување каде што велосипедистите може да се дружат со момците.
Повеќето мажи почнале да се расправаат со своите партнерки откога почнале поинтензивно да се занимаваат со ова хоби, што ги натерало на одредени компромиси: да ги завршат домашните обврски пред да излезат на утрински возења или да посветат еден ден од викендот на семејството.
„Дојдовме до такво ниво на посветеност и ангажман за оваа страст што не знам што би направил ако жена ми ме замоли да изберам помеѓу неа и возењето велосипед“, се шегуваше Сезари Урзичин, 53-годишен учител, додека другите велосипедисти се смеат и климаат потврдно.
… но и од средна класа
Сепак, повеќето се согласуваат дека „фалењето“ е, исто така, дел од ова хоби. Велосипедистите меѓусебно си ги споредуваат резултатите од тренингот, но и километрите што задолжително ги бројат на апликацијата Страва. Проверуваат какви велосипеди и опрема имаат нивните пријатели, но и оние што сакаат да се приклучат на нивната група.
„Мислам дека ова хоби е и демонстрација на материјален статус“, објаснува 40-годишниот Михал, менаџер од Варшава, кој не е поврзан со ниту една група, но на социјалните мрежи ги следи „Групето“ и други слични групи, кои му служат како инспирација.
„Потребни ви се 20.000 злоти (околу 4.500 евра) за да купите добар друмски велосипед и тоа мора да ви биде втор велосипед – не можете да го користите за редовно возење низ градот кога со вас имате торби и деца. Штом ќе земете ваков велосипед, потребна ви е и опрема од ликра, бидејќи е премногу болно да се вози без неа, а ќе ви требаат и штипки“, вели тој.
Павел Станкиевич, вработен во невладина организација, објаснува: „Штом посериозно се зафатив со друмски велосипедизам, навистина почнав да чувствувам притисок да купам поскап велосипед што изгледа добро“. Вели дека почнал со многу евтин користен велосипед, но на крајот купил нов, кој чинел 20.000 злоти (околу 4.500 евра) од задруга во Шпанија, што било многу над неговиот буџет.
Членовите на „Групето“ имаат велосипеди, чии цени се движат од 7.000 злоти (околу 1.600 евра) до 70.000 злоти (16.000 евра). Велосипедистите често се шегуваат кога ќе се отвори темата: некој ќе рече „цените не се важни“, а друг ќе му врати, „оние што велат дека цените не се важни, се оние што имаат евтини велосипеди“.
„Ова хоби стана популарно во Полска со зголемувањето на нивото на богатство овде“, резимира Кшиштоф. „Постојат и други фактори, се разбира, како што се подобрувањата во патната инфраструктура или улогата на пандемијата, кога велосипедизмот стана привлечен за многумина, но нивото на просперитет овде е клучно“.
Членовите на „Групето“, како и другите велосипедисти што не се поврзани со нив, кои ги интервјуираше БИРН, во најголем дел се попросперитетни работници, кои потекнуваат од средната или од високо-средната класа во Полска. Тие се менаџери, ИТ работници, адвокати, наставници, луѓе од невладини организации, а понекогаш дури и директори на големи компании.
Интересно е што не е невообичаено да се слушне како „обични“ велосипедисти или пешаци се жалат на овие групи облечени во ликра, кои неретко ги караат другите ако се премногу бавни или не се придржуваат строго до сообраќајните правила.
Тешко е да се каже од каде доаѓа ваквиот однос кон другите, но потенцијално може да се поврзе со одредена мешавина на класен статус, физичка моќ и род. Од друга страна, многумина сметаат дека несовршените инфраструктурни услови на патиштата во Полска, всушност, доведуваат до тензии на сите нивоа, почнувајќи од возачите и моторџиите, па сè до велосипедистите и пешаците.
Членовите на „Групето“, сепак, ги осудуваат агресивните велосипедисти – „тие не се професионални“ е вообичаената критика, додавајќи дека тие секогаш ќе забавуваат и ќе се прилагодат на градските услови во нивниот секојдневен живот.
Од алтернативно хоби до голем бизнис
Тадеуш Барановски, 43-годишен член на „Групето Варшава“, полупрофесионално вози велосипед, откако станал возрасен. Почнал со планински и ноќен велосипедизам во студентска група. Потоа продолжил со неодобрени трки на курири низ улички кога бил во неговите 30-ти, па се до друмски велосипедизам во 40-тите.
Како уредник во издавачка куќа, Барановски не е сигурен дали тој е дел од средната класа, бидејќи мисли дека неговиот приход е премногу низок за тоа. Но, вели дека возењето велосипед е тоа што ги спојува него и неговите колеги, и покрај тоа што имаат различни животни стилови а, понекогаш, и вредности.
Барановски не смета дека тој е „идеалниот мамил“, иако одговара на тој опис. „За мене, вистинските мамили се оние што повеќе се грижат за стилот отколку за возењето велосипед, важно им е да имаат скап велосипед, добра облека, да се појават во специјализираното кафуле во недела – дури и ако ги носат своите велосипеди во нивните скапи автомобили.”
Интересно е тоа што Барановски вели дека трките низ улички се случуваат сè поретко сега во Полска, а дека возењето велосипед на патиштата е доминантниот тренд.
„Денешната велосипедска култура, веќе нема толку алтернативен вкус “, вели тој. „Но, исто така, не е мејнстрим, бидејќи автомобилите сè уште се она што денес е мејнстрим во Полска. Но, за да влезете во оваа култура, треба да ви се покриени вашите основни потреби – односно треба да имате слободно време и доволно приходи“.
„Капитализмот голта сè, таква е неговата природа“, додава Барановски, размислувајќи за тоа како се променила велосипедската култура откога преминала од алтернативна активност во нешто што е мода.
Сепак, генерално, вели дека ефектите од возењето друмски велосипеди, кои станале популарни во Полска во последните неколку години, се исклучително позитивни.
„Се чувствувам многу добро со моето тело, во многу добра форма сум за 40-годишен маж, особено ако се споредувам со други мажи на моја возраст“, вели тој. „Возењето велосипед ми помага да го претркам времето што минува“.