Регион

Пониските судови во БиХ треба да преземат повеќе предмети за воени злосторства

Проблемот на процесирање на воените злосторства, сѐ уште е еден од најгорливите проблеми во правосудството, поради што постои потреба, поголем број предмети, од државно, да бидат префрлени на судовите на пониско ниво, беше истакнато на конференцијата на претседателите на судовите и на главните обвинители на Босна и Херцеговина.

Пишува: Адмир Муслимовиќ, Сараево

Во Сараево се одржува конференција на претседателите на судовите во БиХ и на главните обвинители. Фото: БИРН БиХ

Претседателот на Високиот судски и обвинителски совет (ВСОС) на БиХ, Милан Тегелтија, изјави дека проблемот на гонење на воените злосторства „се влече веќе 20 години“.

На конференцијата на претседателите на судовите и на главните обвинители, што се одржува во Сараево, тој истакна дека при имплементацијата на националната стратегија за гонење на воените злосторства, се соочуваат со големи проблеми, главно поради нерешените предмети и преоптовареноста.

„Клучниот проблем е недоволната дистрибуција и дисперзија на надлежностите на судовите во БиХ“, рече тој.

„Судот на БиХ се соочи со голем број на предмети, но во наредниот период, поголемата дисперзија ќе овозможи побрза работа и поефикасно процесирање на воените злосторства“, нагласи Тегелтија.

Истакна дека судството „е најдобриот дел од ова општество“, но и дел кој, во најголема мерка, е под лупата на јавноста.

Ова твдење тој го оправда со зголемената ефикасноста на судовите и обвинителствата во БиХ.

„Ги решаваме заостанатите предмети, немаме предмет постар од пет години. Намалено е времетраењето на сите постапки и тоа го сметаме за напредок“, објасни Тегелтија.

Рече дека е зголемен бројот на предмети, што во обвинителствата се водат за корупција, при што додаде дека во некои случаи, се обвинети и носители на највисоката извршна и законодавната власт.

„Во последните пет години, процесирани се 18 министри, 1 премиер и 13 градоначалници. Изречени се 39 пресуди, од кои над 80 проценти со осудителни пресуди“, рече тој.

Казнената политика во БиХ е една од најважните теми во судството, која, според претседателката на Врховниот суд на Република Српска, Весна Антониќ, се гледа од аспект на нејзината острина и изедначеност.

„На ниво на сите судови во БиХ, предметите на воените злосторства во, како едни од најкомплексните, често завршуваат со осудителни пресуди и со изрекување на казна затвор. Судовите имаат значително подобри резултати, што значи дека ние се движиме кон поефикасна казнена политика“, рече Антониќ.

Кога станува збор за довербата на јавноста во судските институции, таа, според параметрите прикажани на конференцијата на ВСОС, во 2016 година е зголемен за шест проценти во однос на годината претходно.