Без никаква јавна дебата, а само врз основа на партиското изборно ветување, за помалку од 24 часа, во Собранието по скратена постапка беа изгласани измените на Законот за организација и работа на органите на државната управа. Со нив ќе се формираат нови министерства, а некои ќе се спојат.
На ваквиот брз потег на мандатарот Христијан Мицкоски, кој како пратеник e и предлагач на измените, веднаш реагираа од Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата.
Во писмо испратено до собранискиот спикер Африм Гаши, 18 граѓански организации наведуваат дека формирањето нови министерства и реорганизацијата на системот без претходна длабинска анализа за оправданоста е неприфатливо и дека влијае негативно врз соработката и довербата на граѓанското општество со креаторите на јавните политики.
Миша Поповиќ од Институтот за демократија Социетас цивилис, организација која е членка на платформата, за БИРН вели дека досегашните анализи не сугерирале дека токму вакви промени ѝ се потребни на државата.
БИРН: Законот со кој се зголеми бројот на министерствата беше изгласан само врз основа на тоа што е внесен во изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ и без никаква јавна дебата. Каква е вашата оценка за начинот на кој се донесе овој системски закон?
Поповиќ: Секоја промена, особено големите промени, потребно е да подлежат на анализа и консултации. Постојат три компоненти на добро управување при носење одлуки во политиката. Првото е политичката визија и рамка, која ја отсликува позицијата на политичарите. Тоа во случајов е она што е политичкото ветување на ВМРО-ДПМНЕ во програмата. Меѓутоа, не може да се заборават и другите два. Прво е потребата, политичките ветувања да се проверат и потврдат со анализа, и со тоа да се обезбеди дека политиките се креираат врз база на податоци, а не само на политичка идеја. Второто е консултации, во кои и малцинското мислење може да биде изразено и консултирано. Бидејќи зборувам за политики базирани на докази, некогаш малцинското мислење може да овозможи нова перспектива, која може да го надгради мислењето на повеќетемина.
Во случајов, не се испочитува потребата при носење закон да се овозможи анализа за да се информира јавноста, но и пратениците, ниту, пак, имаше јавна консултација за да може да се изрази и спротивставено (малцинско) мислење од поединци и групи во рамки на стручната јавност.
БИРН: Сега ќе има и министерства за енергетика, за дигитална трансформација, за спорт и за европски прашања, а некои министерства добија и нови ингеренции. Постојат ли анализи што сугерираат дека токму вакви промени се потребни за подобро функционирање и дали последнава измена ќе влијае врз досегашните веќе почнати процеси за реформи на администрацијата?
Поповиќ: Колку што ми е мене познато – нема. Фамозниот извештај за реорганизација на државната управа, кој владата го усвои во 2021 година, а за кој и тогаш немаше консултација, па имавме реакција, не предвидуваше вака усвоена реорганизација.
Не може да се знае дали ќе влијаат врз досегашните реформи бидејќи на крајот на денот суверено право на државите е како ќе го уредуваат системот на државна управа. Можеби на крајот ќе испадне дека промените се позитивни, но во овој момент, тоа што од ЕУ ќе го оценуваат, е токму поткрепеноста на промените во анализи и истражувања, долгорочните планови развиени со меѓународните партнери, и секако начинот на тоа како се стигна до измените на Законот.
БИРН: Во Законот се вели само дека ќе има финансиски импликации, без да се наведе колку пари точно се предвидува дека ќе бидат потребни. Важно ли е граѓаните да знаат колку пари би се потрошиле и зошто е важно тоа?
Поповиќ: Апсолутно е важно граѓаните да знаат колку „чинат“ законите и реформите. Меѓутоа, не е само за граѓаните, важно е и за Буџетот и за засегнатите институции. Токму затоа, во деловникот на Владата постои т.н. Проценка на влијание на регулативата, која е замислена како на структуриран начин, политичките идеи за промена да се потврдат или отфрлат базирано на анализи и консултација со засегнатите страни и стручната јавност. Во рамки на тоа, предвидено е и да се направи проценка на финансиските импликации. За жал, обврските за анализа на импликации не се обврска кога пратеници предлагаат закони, што беше користено досега за да се заобиколи потребата од анализа во повеќе клучни закони.