„Губи тревкарот ѕвегорски!“, викна еден од членовите на СДСМ кои ги следеа резултатите од вториот круг на изборите пред партискиот штаб во самиот центар на градот.
Не помина ни цел час од затворањето на гласачките места, кога дојде веста дека во неколку штипски села губи Илчо Захариев, актуелниот градоначалник кој е роден во делчевското село Ѕвегор и кој по професија е фармацевт.
Како што стигнуваа СМС-пораките од изборните места, на секои 15 минути прво ќе се израдуваа луѓето внатре во штабот, па радоста како преку жица се пренесуваше надвор, пред седиштето на партијата и се менуваа резултатите на екранот закачен на надворешната страна на еден од прозорците.
А, на мониторот полека растеше синиот дел од ексел-питата.
„За Илчо ќе остане само црвен четврт-бурек!“, се шегуваше еден повозрасен човек, обидувајќи се да го потисне задоволството, да не избаксузира, а неговиот пријател мудро предупреди дека треба се чекаат резултатите од селото Чардаклија.
Таму СДСМ секогаш губеле со голема разлика.
Голем пресврт
Не се чекаше долго. Првин стигна веста дека СДСМ води во избирачкото место во Ново Село, родното место на фамилијата Мијалкови, а брзо потоа излезе кандидатот Благој Бочварски и прогласи победа.
„Го ослободивме и Штип“, рече и ја подигна стиснатата тупаница во стилот на неговиот лидер Зоран Заев.
Луѓето веднаш тргнаа кон блискиот плоштад и на патот до таму масата се удвои. Пукнаа првите петарди и замириса на Нова година, а од некаде дојдоа и свирачите од блех-оркестарот и ја засвиреа „Месечина“.
Но, уште пред да зајде сонцето, можеше да се насети пресвртот.
Градоначалникот Захариев не беше достапен на својот телефон, ја уклучил говорната пошта, а Бочварски, пак, беше повеќе од расположен да ги предвиди резултатите.
На последната интерна анкета водел со два процентни поени на прашањето „За кого ќе гласате?“, додека разликата од Захариев била уште поголема, цели девет процентни поени на прашањето „Кој мислите дека ќе победи?“.
„На избори перцепцијата многу повеќе покажува, а сега и излезноста е нешто поголема“, изјави Бочварски за БИРН и предвиде победа од околу 1.000 гласа разлика.
Додека го пиевме кафето во центарот на Штип на секои две-три минути доаѓаа луѓе да го поздрават, некои и веќе му се обраќаа со она „градоначалниче“, а 32-годишниот Бочварски во манирот на искусен политичар на сите куртоазно им обрнуваше внимание.
Со оглед дека разликата во првиот круг беше 36 гласа во корист на Захариев, тој оптимизмот го темелеше на впечатокот што му го оставиле сограѓаните.
Многумина што биле за противникот, овој пат рекле дека ќе го заокружат неговото име и тоа најмногу зашто СДСМ го доби мнозинството во Советот, со образложение да не се кочела работата на општината.
Меѓутоа, неговите противници не мислат така.
„Многу избори наназад сум бил партиски набљудувач и сега на моето избирачко место дојдоа Роми што досега не сме ги виделе и сите гласаат со пасоши. Не знам од каде ги носат! Се зборуваше дека за првиот круг некаде меѓу 17 часот и 15 до 19 часот цената на еден глас рипнала на повеќе од 3.000 денари“, ни рече човекот што седеше пред еден од локалните штабови на ВМРО-ДПМНЕ во самиот центар на Штип.
Тој со уште двајца сопартијци пиеше кафе во пластични чашки и им дофрлаше шеги на луѓето од противничкиот табор, кои со ракија мезеа ајвар и сирење пред синиот штаб, сместен на другата страна од тесната улича.
„Од каде пари? Па, на власт се. Земаа кредит, Сорос им дава, вие новинарите знаете како оди тоа“, рече неговиот пријател.
Неколку дена претходно во телефонски разговор ни се пожали и Захариев. Испали цел рафал обвинувања, рече дека Штип е под полициска опсада и дека не се бори против Благој Бочварски, ами против целата Влада.
„Сакам ТВ-двобој со Заев, а не со некој друг!“
Дека имало обиди да се влијае врз Ромите, тврди и Раман Демиров, човекот којшто во првиот круг сметаше на гласовите од Ромите, меѓутоа не собра доволно за да стане советник.
„Сите играа ‘прљаво’. Имаше повеќе од 800 неважечки ливчиња на кои покрај мојот број 68, беа заокружени или 13 или 19, броевите на ВМРО и на СДСМ“, рече Демиров со уверување дека открил тешка изборна измама.
Имало, вели тој, различни методи за освојување гласови.
„Во зграда каде што живеат Роми, некој анонимно ја платил струјата за осветлувањето на влезот. Станарите собрале пари, отишле во ЕВН и им ги вратиле, им рекле – платено е“.
Полни кафулиња и обложувалници
Подалеку од изборните штабови ова беше веројатно последниот сончев викенд во Штип.
И покрај тоа што речиси секогаш е ветровито во Штип, младите ги окупираа кафулињата во трговскиот центар, мајките ги шетаа бебињата по кејот, а оние најстарите одвреме навреме застануваа пред таблите со некролози.
На крајот од бело варосаниот кеј стрчи нова зграда која потсетува на оние што никнаа во центарот на Скопје и ако се погледне отстрана ќе се забележи дека нејзиниот архитект се потрудил да личи на њујоршката „Пегла“ и да има барокни канделабри на тротоарот пред неа.
Во Штип продавниците не работаат попладне, отворени се кафулињата, по некој ресторан со лоша пица и со превкусна пастрмајлија и обложувалниците. Во градот турбо работат речиси сите брендови на обложувалници што ги знаете.
Внатре се типуваше на фудбалските натпревари и збунето се коментираше за актуелната политичка состојба од Каталонија, па сѐ до нашите избори.
„Тоа ти е како сега Штип да се отцепи“, му рече еден играч на спортска прогноза на својот пријател, додека во позадина свиреше песната „Либар“ од Џибони.
Неговиот другар еднакво збунет како претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер, ништо не искоментира.
„Ги гледам луѓево од текстилниве фабрики наутро кога одат на работа, седнати во автобусите. Нема да видите насмеан човек. Во мое време во Штип Господ одеше по земја, во „Македонка“ работеа 5.000 луѓе и по уште неколку илјади во „Астибо“ и во земјоделскиот комбинат „Црвена Ѕвезда“. Моите другари сите завршија факултет, а по работа секој ден јадевме скара“, ни одговри 55-годишниот Раде на прашањето како се живее денес во Штип и кој самиот ни пријде на кејот од реката Отиње, која во овој дел од годината пресушува.
На влезот од Штип, пак, го сретнавме и во нашиот автомобил го качивме 65-годишниот Атанас, за кого може да се каже дека е типичен штипјанец, баш онака според раширените стериотипи за луѓето од овој град.
По потекло е Влав, синот му работи во Англија, а ќерката во текстилен погон за 14.000 денари. Има нива со јачмен, му треба за да ги прехрани свињите и кокошките, а од субвенции годишно добива 7.000 денари.
„Има колку да се скрши по некое јајце за внуците“, вели за живеачката, а за изборите го добивме вообичаениот коментар дека не го интересира политика, оти сите биле исти и секој си гледал за својот џеб.
[cincopa AcOAeH-xxeC1]