Репортажи

Како СДСМ го дочека крајот на ерата на Груевски

Сите со широки насмевки, но никој не го крие шокот од резултатите. „Ова излезе подобро од сите наши предвидувања, просто страв да те фати.”

„Ова излезе подобро од сите наши предвидувања, просто страв да те фати”, беше еден од коментарите на присутните во штабот на СДСМ откако стана јасно дека „аирлијата“ со која ја отвори вечерта генералниот секретар на СДСМ, Кирацовски, имала ефект и дека изборните резултати ќе се пречекаат како огромна победа на партијата што десетина години наназад со кнедла во грлото излегуваше на постизборните пресови.

Речиси дваесет години поминаа пред СДСМ да го оствари она омразено, арогантно предизборно ветување за прегазување на ВМРО ДПМНЕ како „шлепер жаба“. По пат ја загубија ароганцијата и научија некои лекции.

Тоа беше видливо од победничкиот говор на Заев, кој недвосмислено им порача на своите да не се залажуваат дека ќе ги следат стапките на ВМРО-ДПМНЕ. „Ерата на локални шерифи заврши,” рече и ги повика да се однесуваат со понизност и почит, да ги слушаат граѓаните, да работат чесно и одговорно.

Беше тоа едноставен, но силен говор наменет и за сите оние загрижени дека големата победа може да доведе до големи искушенија за злоупотреби, како оние што изминатите години успешно ги патентираше неговиот политички противник.

Прес салата во седиштето на СДСМ / Фото: Роберт Атанасовски

Вечер за паметење

Се чини дека и најоптимистичните проценки во партијата не очекуваа ваков драматичен исход, впрочем, како ни многубројните анкети и предвидувања.

Почетокот на вечерта не навестуваше многу возбуда.

„Нека ни е арлија,” рече Кирацовски во полупразната сала во која
освен дваесетина новинари и камермани, имаше и десетина партиски членови, како и лидерот на Српската напредна странка во Македонија, Драгиша Милетиќ и поранешниот претседател на ДИК, Борис Кондарко.

Сите со широки насмевки, но никој не го крие шокот од резултатите. „Ова излезе подобро од сите наши предвидувања, просто страв да те фати.”

Пред седиштето на партијата беа присутни триесетина членови и симпатизери, кои како што пристигнуваа членовите на раководството веднаш ги ловеа за селфи, ги прегрнуваа и им посакуваа убедлива победа.

Истовремено со доаѓањето на Радмила Шекеринска, Оливер Спасовски, Роберт Поповски се шират вестите за победа во Босилово, Зелениково, Маврово, Крива Паланка. Од помошната просторија покрај влезот на седиштето некој извикува „И Прилеп е наш!“. Сите ракоплескаат.

„Чим је Прилеп пао, готово је”, задоволно констатира Милетиќ. Грми Распукала Шар планина на звучниците.

Пред седиштето, Оливер Спасовски возбудено набројува каде сѐ однеле победа во првиот круг: Арачиново, Куманово, Свети Николе, Берово, Пехчево и најголемото изненадување – Кратово. За Штип сѐ уште не се знае.

Секој нов брифинг за резултатите го поништува првичниот впечаток дека можеби станува збор за преурането прогласување победа, како она во декември 2016.

Веќе по 21 часот салата се полни со членови на СДСМ и нивните коалициски партнери. Директорката на Агенцијата за вработување Билјана Јовановска и Илија Николовски од Партијата на пензионери, си читаат резултати на мобилните телефони: „Убедливо водиме во Аеродром!” Тука е и Горан Милевски, претседателот на ЛДП, како и познатиот адвокат Мирослав Вуиќ.

Околу 22 часот се чека Ивана Туфегџиќ да ги соопшти најновите резултати. Два ката над прес-салата, раководството на СДСМ ги следи резултатите и на неколку минути низ отворените прозорци се слушаат гласни извици и ракоплескање, додека во салата долу ечи македонскиот евергрин Неправда.

Брат Љубе задоволен од резултатите на СДСМ / Фото: БИРН

На другата страна на истиот кат се наоѓа аналитичкиот центар каде што на четири големи екрани се менуваат резултати од различни општини. Пред екраните има два реда столчиња, но ретко кој седи. Повеќето стојат и како што пристигаат нови податоци, речиси на неколку секунди, тоа е проследено со Браво!, ракоплескање и прегратки. Стево Пендаровски, Мухамед Зекири и Марјан Забрчанец се меѓу присутните.

Неколку девојки од правничкиот тим користат шанса за фотографија со Радмила Шекеринска. Сите со широки насмевки, но никој не го крие шокот од резултатите.

Истовремено, во прес-центарот Туфегџиќ ги чита најновите резултати на општо воодушевување, веќе нема никаков сомнеж дека Социјалдемократите го прегазија ВМРО-ДПМНЕ и дека резултатите ќе ги пресликаат оние од изборите во 2013 кога соодносот беше 56 спроти 4, но овој пат во корист на СДСМ.

Од врвот на партијата негираат дека ваквиот исход сега ќе доведе до брзо одржување предвремени парламентарни избори. „Ќе има идеи од тој тип, но свесни сме дека мора да се искористи овој моментум и да се работи на реформите. Можеби подоцна следната година или со претседателските во 2019 година.”

Во салата група помлади членови се организираат за славење. „Идеме пред Влада, таму ќе дојде Зоки да се обрати, само Зечевиќ да заврши со пресот, таму веќе местат бина.”

Дојдоа и Љубе Бошковски, Едмонд Адеми, неколку функционери од МВР, Дане Талески, Влатко Васиљ. На екраните во салата каде што поголемиот дел од вечерта на црвена позадина стоеја пораки за Чиста вода и воздух за сите, почнаа да се прикажуваат податоците од различни општини.

Еуфоријата во партиското седиште доживува кулминација со појавувањето на Миле Зечевиќ на говорницата, додека на неколку чекори покрај него се редат Петре Шилегов, Шекеринска, Оливер Спасовски, Дамјан Манчевски и други.

Зечевиќ прогласи победа во повеќе од 40 општини и најави дека лидерот Зоран Заев ќе се обрати пред Владата, повикувајќи ги сите да се придружат на прославата на „Илинденска“, по што сите во салата почнаа да пеат Шутка не ти бега Никола, проследено со громогласни аплаузи и скандирања – Зоки, Зоки!

„Повеќе нема изговори. Засукување ракави и на работа,“ порача Заев

Зечевиќ мангупски му ја предаде говорницата на Шилегов со зборовите „Дозволете да ве запознам со идниот градоначалник на Скопје”.

„Ви ветив дека Скопје нема да биде вмровски град. Од вечерва Скопје го враќаме на граѓаните. Скопје, градот убав, повторно се раѓа, а Македонија тргнува со огромни чекори напред,” изјави новиот градоначалник на Скопје, пред сите да побрзаат кон Владата.

Булеварот „Климент Охридски“ во делот кон Владата беше блокиран од паркирани возила. Од сите страни пристигнуваа помали групи луѓе, некои со СДСМ, некои со македонски, некои со српски знамиња.

Неколку продавачи на пијалаци веќе беа наместени на тротоарот спроти Владата, додека од звучниците ечат македонски хитови.

Од врвот на партијата негираат дека ваквиот исход сега ќе доведе до брзо одржување предвремени парламентарни избори. „Ќе има идеи од тој тип, но свесни сме дека мора да се искористи моментот и да се работи на реформите.“

Павле Богоевски на секој чекор го застанува некој да го поздрави, да го прегрне, да направи селфи. Има многу познати фаци од Шарените, сите видно возбудени со коментари од типот „Каков крај, потоп, не ми се верува дека е конечно готов, режимот е мртов!”.

Десетици кренати раце низ насобраната маса го најавуваат доаѓањето на Заев, којшто на бината истрчува со триумфално крената рака и стисната тупаница.

И тука се случува вистинското крешендо на вечерта, додека Заев ги набројува општините каде што однеле убедлива победа.

Насред неговиот говор неколкумина покрај бината почнуваат да пеат Шутка не ти бега Никола, и набргу голем број од присутните им се придружуваат. Заев замолчува и со полунасмевка почекува да завршат. Мудро ја избегнува стапицата да реферира на Груевски и продолжувада говори дека ќе ги исполни ветувањата, дека ќе бидат сервис на граѓаните.

„Нема повеќе изговори. Засукување ракави и на работа”, поентираше Заев, по што над зградата на Владата блесна огномет.