Репортажи

Молкот кај ВМРО, погласен од зурлите пред СДСМ

Во штабот имаше повеќе луѓе на партиските фотографии закачени во ходникот, а таму, на ѕидовите и меѓу рамките, остана и славјето

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

„Македонија посине“, активист на ВМРО-ДПМНЕ го прочита овој наслов и му го покажа мобилниот на својот сопартиец, самиот да се увери во мапата на ДИК поделена по општини. Неколку часа по изборите не можеше да се слушне друг коментар во бифето сместено на приземјето од барокното седиште на партијата.

Останатите ги беа оставиле „моторолите“ исправени на масите и втренчено гледаа во екранот, каде што лицата им ги осветлуваше дебатна емисија на Кочановата „ТВ Нова“.

„Можете сами да си направите кафе“, љубезно нѐ покани едно момче и со поглед ни го покажа кафематот зад празниот шанк.

Единствено познато лице во бифето беше она на поранешниот министер за правда, Михајло Маневски, тој полека се проби низ столовите и внимателно, небаре на грб да го носеше целиот партиски пораз, се смести сам во првите редови пред телевизорот.

Беше 22 часот.

Атмоферата не беше поинаква ниту еден кат погоре, во прес-центарот на ВМРО-ДПМНЕ.

Cincopa WordPress plugin

Славјето остана на фотографиите

На секои избори во прес-центарот на ВМРО-ДПМНЕ имало џагор и гужва, оттаму и тргнувале прославите што завршуваа на скопскиот плоштад и по улиците со свирежи и знамиња од автомобилите.

Прво ќе дојдеше по некој ситен коалициски партнер од рангот на Амди Бајрам, а потоа ќе се појавеше и некој градоначалник од скопските општини во придружба на познат вмровски лик од маштабот на Филип Петровски, додека минутите пред конечната победа обично беа резервирани за на сцената да дојдат министри, пратеници, директори и по некој експониран ТВ-аналитичар.

На крајот доаѓаше масата од членови и симпатизери.

Во тие времиња новинарите постојано ги анимираше и брифираше Илија Димовски, пробувајќи да го скрие задоволството во изразот, улога што малку подоцна му ја презеде Иво Котевски.

Меѓутоа, вчера немаше речиси никој.

Повеќе луѓе избројавме на партиските фотографии закачени во ходникот по скалите, коишто формираа една хронолошка галерија за десетгодишното владеење. Таму, на ѕидовите и меѓу рамките, остана и славјето.

Со новинарите се мешаа само неколку млади партиски членови, носеа вода и кафе, а ја немаше ниту трпезата со апетисани и „Краш“-чоколатца од декемвриските избори.

За новинарите овој пат не беше атрактивна ни салата со црвен килим и кристални лустери.

Обично, партијата што прва ќе одржи прес-конференција е победничката, а ВМРО-ДПМНЕ вчера се јави цел час подоцна од СДСМ.

„Штом Никола Србов ќе го држи пресот, а не некој повисок партиски функционер, јасно е. Доживеале дебакл!“, коментираа дел од колегите, алудирајќи на тоа дека ако сѐ одеше според планот, на бината веќе требаше да е Влатко Ѓорчев и да се расфрла со победи од Чешиново и Облешево, па сѐ до Маврово и Ростуше сосе Конче и Новаци.

Ѓорчев во седиштето на партијата пристигна дури во 23 часот.

Се поздрави со новинарите и почна да ги бодри десетината партиски активисти пред седиштето на партијата, ги гушкаше и ги удираше по рамената во стилот на Жозе Мурињо, кога неговиот тим ќе изгуби важен натпревар.

Во тој стил се поздрави и со синот на Сашо Мијалков, Јордан, кој беше еден од ретките што се појавија во штабот. Неговиот татко вчера беше присутен само на грбот од јакната на познатиот Бате Геле, кој неуморно ги проверуваше резултатите на мобилниот.

„Се повторува 2013 година, ама во корист на СДСМ“, рекол некој партиски член некаде, а потоа новинарите прераскажуваа.

СДСМ со „Деспасито“ славеше пред ВМРО

Пред Никола Груевски со полунаведната глава да каже дека изборниот ден поминал во крајно недемократска атмосфера, дека имало поткупи, притисоци и прекршувања на Изборниот законик, кај новинарите се појави градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски, облечен во црна јакна и фармерки, вжештен како да излегол од испит, со згрчена насмевка што одвај ја одржуваше на лицето.

На самото место финалниот прес го слушаа уште генералниот секретар Христијан Мицковски, Богдан Илиевски, познат по интернет-прекарот Бетмен велит и Оливер Андонов.

И додека во прес-центарот се анализираше дали Груевски суптилно најави оставка или нема да ги признае изборите, во далечината се слушаа зурлите и тапаните што ги викнаа симпатизерите на СДСМ од општинската организација на Центар, тргнати да слават пред Владата.

Тие ги следеа резултатите од нивниот штаб сместен во трошната зграда, која се наоѓа на дваесетина метри од спротива.

Половина час претходно со блех-музиката се забавуваа на работ од плоштадот пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ. Прво срамежливо ѕиркаа од прозорецот на нивниот штаб, како доаѓаа вестите за победа, така сѐ погласно ги исвиркуваа ликовите од Кочановата „ТВ Нова“ што дефилираа на големиот надворешен екран, а најжестокото „Уа“ се слушна кога на телевизорот се појави Стевче Јакимовски.

Бргу потоа пристига „жива“ музика, па се сликаа со свирачите, го вееја партиското знаме и правеа селфија со нивниот кандидат, Саша Богдановиќ. Летааа и провокации од типот „Шутка, не ти бега Никола“, меѓутоа благодарејќи на присебноста на луѓето од двата штаба, тоа бргу престана.

„Журката“ со зурли на која ја слушнавме и „Деспасито“ ја следеа одвај петмина полицајци од редовниот состав.