Истражувањa

Пост-мортем: Кога серискиот насилник е популарен урбан лик

Убиството на Росица суров потсетник дека фемицидот е присутен во сите слоеви на општеството

Човекот што ги уби Росица Коцева и нејзиниот татко бил сериски насилник, кој, за разлика од стереотипот за ваквите злосторници, бил навидум интегриран во скопскиот урбан живот, со имиџ што ја маскирал неговата деструктивна природа.

Нашето истражување го наметнува овој заклучок. Разговаравме и интервјуиравме 15 луѓе што имале директен или посреден контакт со 39-годишниот Илија Стефановски, но и со жртвите на неговото насилство.

Стефановски имал пријатели, соработници, бројни следбеници на социјалните мрежи и бил на некој начин полујавна личност – познат по претприемачките обиди и по неговата пасија – скејтбордингот.

По двојното убиство во Велес, според првичните сознанија на МВР, тој си го одзеде и својот живот. Следуваа протести, жестоки дебати во јавноста и прозивки за одговорност.

Партнерската агресија врз Росица, која заврши трагично, ги разбива стереотипите дека насилството врз жените најчесто се случува во помалите, конзервативни средини и дека феноменот е и тоа како присутен во урбаните средини, ноќните клубови и во комуникацијата на социјалните мрежи.

Дополнително, информациите околу двојното убиство во Велес, уште еднаш и по којзнае кој пат потврдија дека без брза и решителна системска заштита на жртвите, попусто е и кога ризичното однесување рано се препознава и се пријавува.

За разлика од бројните случаи на родово базирано насилство, кои поради стигмата остануваат во „четири ѕида“, барем четири негови поранешни партнерки, пред Росица, го пријавувале во полиција.

Скопјанец, кој познава две од нив, за БИРН потврди дел од бруталните епизоди и раскажува за сосема друга девојка што не го пријавила малтретирањето.

„Не го пријави зашто имаше слушнато како завршиле другите.“

Жртвите ги споделувале искуствата и со пријателите, кои подоцна предупредувале други луѓе. Некои од нив дури здружено реагирале на социјалните мрежи, повикувајќи да се бојкотира модниот бренд на Стефановски.

Сепак, разговорите со луѓе од неговото опкружување покажуваат дека без вистински институционален одговор, тој континуирано стигнувал до нови жртви и на различни начини малтретирал барем осум лица, партнерки и/или соработници, во последните 12 години.

Шармантна „фасада“

Фотографија од скејтборд од „ерор оф хармони“

Фотографија од скејтборд од брендот на Стефановски „0.10 Eрор оф хармони“ | Фото: Социјални мрежи

Илија Стефановски, на прв поглед не изгледал како „типичен“ насилник.

Студирал архитектура и работел во филмско студио. Го знаеле како „алтернативец“ со тетоважи, кој сакал животни и затоа чувал четири кучиња, мачки и змија. Некои го опишуваат како шармантен и талентиран млад човек, додека други велат дека бил „претерано културен и тивок.“

Бил претприемач, кој прво ја отворил таканаречената концепт-продавница „Ерор колектив“ во Дебар Маало, каде што тој и две други дизајнерки продавале скејтборди, облека и други производи од нивните брендови. Неколку години подоцна го отворил скејтшоп-кафулето „Платформ“ спроти Соборниот храм.

На овие места организирал настани со проминентни диџеи, бил дел од локалната модна сцена и излегувал со манекенки.

Ги поддржувал скејтерите, менторски и финансиски. Објавувал професионални видеа, во кои млади ентузијасти изведуваат импресивни скејтерски трикови низ Скопје. Медиумите го барале и најмалку петпати дал интервјуа за скејтерството и за неговите бизнис-потфати.

Еднаш дури држел скејтерска работилница на феминистички настан.

По убиството, сите промотивни медиумски објави поврзани со Стефановски се избришани.

„Често снимаше видеа и фотографираше бесплатно, правеше услуги за луѓето со кои се дружеше“, раскажа пријателка на една од жртвите.

Негов поранешен другар-скејтер, момче од дваесетина години, се присетува дека Стефановски со него главно бил фин.

„Беше кул, најдругарски се однесуваше. На помлади скејтери им купуваше бордови, им даваше бесплатна облека и еднаш дури нè однесе во Берлин.“

Во меѓувреме, додека Росица ги пријавувала неговите насилни инциденти во институциите, на социјалните мрежи прикажувал тотално различен гламурозен живот.

„Фотографираше модни ревии во Берлин и објавуваше слики со скапи, дизајнерски патики, а ние се прашувавме од кај му се парите“, додаде скејтерот, кој знаел дека само неколку години претходно Стефановски имал големи долгови.

Насилнички шаблон

Фотографија од Росица Коцева

Трагичната жртва Росица Коцева | Фото: Социјални мрежи

Повеќето луѓе што формално го познавале и следбениците на социјалните мрежи не биле свесни за неговиот карактер во интимните релации.

Сведоштвата што ги чувме цртаат одреден образец во неговите романтични врски. Неочекувано го менувал расположението, бурно реагирал на несогласувања, а насилството ескалирало по раскинувањата на врските.

Ги демнел девојките, пишувал навредливи графити за нив и им се заканувал. Им ја нарушувал приватноста, хакирајќи им ги профилите на социјалните мрежи.

Неколку соговорници ни раскажаа дека испраќал интимни содржини од поранешни девојки на машки членови од нивните семејства и на нивни професори.

БИРН имаше можност да зборува со девојка што била во куса, неколкумесечна врска со Стефановски. Тој на Инстаграм ја иницирал комуникацијата со 12 години помладата девојка, која работела како модел.

Првиот предупредувачки знак, вели таа, била една негова контроверзна идеја.

„Зборуваше дека сака да направи голем терариум, да ме затвори внатре со неговата змија, што ја чуваше како милениче. И да ме фотографира.“

Од денешна перспектива, девојката вознемирено се присетува и на инцидентот кога го претепал едно од миленичињата.

„Го давеше кучето како со човек да се бори.“

Луѓе што го познаваат, ја предупредиле за неговото поведение по што бргу престанале да се гледаат. Сепак, Илија неколкупати ненајавено се појавувал пред нејзината зграда и опсесивно ѝ ѕвонел.

Подоцна, кога се сретнале, вели, ја гледал „крвнички.“

„Ми беше многу страв и ги избегнував местата каде што се движи. Потоа изгледа фати нова девојка, најде нова фиксација и олабави за мене.“

Таа, за злосторството на Стефановски во Велес разбрала од социјалните мрежи, кога луѓе ја споделувале неговата фотографија.

„Помислив дека нешто друго лошо се случило, можеби ги убил кучињата. Кога дознав за убиствата, си помислив дека тоа можев да бидам јас.“

Често излегувал со девојки многу помлади од него.

„На барем четири мои другарки им има пишувано кога биле малолетни, најчесто им реагирал на инстаграм-сториња“, ни кажа девојка што работела за него.

Проблеми со соработниците и со пријателите

Илутраија на која има две дланки, пари и црвени штикли

Покрај со партнерките, Стефановски насилен бил и кон соработниците и пријателите | Фото: Илустрација БИРН

Сведоштвата што ги слушнавме го портретираат Стефановски како човек што лесно склопувал пријателства и врски и кој подоцна, покрај со партнерките, ризично се однесувал и со соработниците и со пријателите.

Во една од неговите брутални епизоди, тој нападнал и соработничка.

Илустраторката и дизајнерка Емилија Мишева, со колешка и со Стефановски, ја отвориле скејтерската концепт-продавница „Ерор колектив.“ Не го познавала претходно и сега соработката ја опишува во духот на називот на продавницата – како „голема грешка“.

Една седмица пред отворањето била предупредена за неговото поведение. Се шокирала и се почувствувала наивно, но веќе немало назад – вложила многу пари и дала отказ на работа.

Вечерта пред отворањето, Стефановски не можел да оправда одредени трошоци и кога дизајнерките го конфронтирале, тој ѝ се дерел на Мишева и ја фатил за вратот.

„‘Ајде, знам дека тепаш девојчиња, по тоа си познат. Да видам што ќе направиш’ му реков и тој се повлече“, раскажува Мишева.

Според нејзината приказна, Стефановски постојано влегувал во конфликти и должел насекаде. А кога не бил во Скопје, праќал „шпиони.“

„Го информираа кога на десетина минути ја затворив продавницата за да ја земам ќерка ми од градинка и потоа тој ми пишуваше заканувачки пораки.“

По помалку од година, решила веќе да не „тоне“ и ја затвориле продавницата во 2019.

Деструктивното работење продолжило во „Платформ“, амбициозното скејтшоп-кафуле на два ката, кое го отвориле Стефановски и неговата подоцнежна жртва Росица Коцева во 2022 година.

Повеќе поранешни вработени сведочат за непријатни искуства, а посебно отскокнува една случка.

Последната вечер кога една девојка работела таму, му рекла на Стефановски дека се сомнева дека еден од гостите се предозирал. Но, тој само се грижел човекот да не поврати во кафулето и не му помогнал. Рекол дека ако умре, ќе го однесат надвор од локалот.

Таа го ставила човекот во такси и го однела во болница, каде што се потврдило дека станува збор за предозирање.

„Кога му се спротивставив на тоа негово однесување, Илија ме отпушти и ми викаше дека сум била пијана на смена.“

Друг повозрасен скејтер, со кој разговаравме, го портретира Стефановски како човек што станувал агресивен секогаш кога се соочувал со несогласување. Тој одамна ги прекинал контактите со него.

Различни луѓе од скејтерската сцена сведочат за други ситуации кога Стефановски ги провоцирал пријателите, кои често биле многу помлади од него, со тоа што една таква случка завршила со физичка пресметка.

Додека сè уште бил тинејџер и се дружел со многу повозрасниот Стефановски, трет скејтер раскажува дека тој повеќепати се расправал и дури ја тепал тогашната партнерка пред него.

Обид за интервенција

Фотографија од црвена штикла

Црвени чевли како симбол за жртвите на фемицид | Фото: БИРН

Според нашите соговорници, повеќе негови скејтери-пријатели и познајници, пред неколку години дознале дека Стефановски дистрибуира интимни содржини од поранешни девојки.

„Зборувавме за тоа во друштво и решивме дека веќе не сакаме да имаме контакт со него бидејќи не е нормално ова“, вели еден од помладите скејтери со кои разговаравме.

Додека тоа натерало група помлади луѓе да се оддалечат од Стефановски, за луѓе од малку постари генерации, овие скандалозни постапки им биле мотивација здружено да реагираат.

Во 2019 година, некои од нив се обиделе јавно да предупредат, повик, кој, за жал, не стигнал до сите релевантни страни.

Кога „Ерор колектив“ требало да учествува на базар во локал што важел за попрогресивен, бидејќи лично ги видела мејловите со интимни содржини, ди-џејката Ивана Драгшиќ била меѓу луѓето што јавно го отворила прашањето за давање платформа на насилници.

По неа, повеќе луѓе реагирале на Инстаграм, пишувајќи „Ако грешката е малтретирање девојки, задолжително биди без грешка! Купувај облека од одговорни брендови“, алудирајќи на името на неговите бизниси.

Иван Менкиноски, пријател на една од жртвите, го објавил истиот статус и на Фејсбук, кој стана повторно актуелен по убиството на Росица.

Во коментарите има луѓе што им веруваат на жртвите, но и неколку луѓе што жестоко го бранат скејтерот. Коментар има и од самиот Стефановски, кој се исмева со напишаното.

Повторно потфрлање на институциите

Фотографија од 2023 од некрологот кој информира за смртта на Танкица од Кочани

Танкица беше свирепо убинеа во близина на нејзиниот дом | Фото: БИРН

„До некоја нова Танкица“, вака ја завршивме репортажата за жената од Кочани, која беше свирепо убиена од нејзиниот демнач Усеин Рашидов во септември, 2023 година.

Речиси две години подоцна, Росица од Велес беше убиена од нејзиниот демнач.

Ако ги споредиме двете жртви, нивните животи изгледаат дијаметрално спротивни. Росица Коцева била 31-годишна, едуцирана претприемачка, која се движела во креативните, скопски кругови и повремено работела во Бугарија.

Танкица Младеновска била 46-годишна шивачка со мали приходи и три деца, била разведена и живеела со нов партнер во конзервативна средина, која речиси никогаш не ја напуштала.

Речиси сè околу овие две жртви е различно, освен фактот дека се убиени откако повеќепати ги пријавувале насилниците.

Доказите се наоѓаат во фактите дека полицијата и обвинителството не ја препознаа можноста за физичка опасност за Танкица, но и во дисциплинските постапки за дури 11 полициски службеници по убиството на Росица.

Доколку сте жртва на семејно или родово базирано насилство, можете да побарате помош тука.