Анализи

Поткупот – неизлечена болест на здравството

Ниту граѓаните доволно пријавуваат, ниту судовите и фелата доволно казнуваат

Во докторската канцеларија, додека закажувал операција, докторот од болница во внатрешноста на земјава, ја кажал својата тарифа.

„100 евра… мора. За ножето“.

Неколку месеци подоцна, била потребна уште една хируршка интервенција. Tриејќи со трите прсти на раката, овојпат докторот побарал 150 евра, пари што завршиле директно во неговиот џеб.

Пациентот, кој со БИРН го сподели своето искуство, беше меѓу неколкуте стотици граѓани што одговорија на прашалникот за корупцијата во здравството, при што многумина признаа дека дале пари за да добијат здравствена услуга.

На повеќето им се барало мито, најчесто од доктори, но и од директори на здравствени установи или од персоналот во нив. Сумите се движеле од 1.000 денари, побарани за да се направат дополнителни анализи, па сѐ до 3.000 евра, кои биле дадени на вработени во болница, за болничко лекување во Скопје.

Нашиот соговорник од внатрешноста на земјава, побараното мито го давал по завршување на операцијата. Сведочел како и неговите цимери од болничката соба плаќале за истата здравствена услуга.

„Стојам во ходник и гледам, го тргна настрана (пациентот н.з.) и зеде 200 евра. Да,  операцијата е завршена, ама утре кај ќе одиш, кога има само еден ваков доктор во цел регион“, вели тој за БИРН.

До скоро биле двајца, но едниот заминал во пензија.

Ниту граѓаните пријавуваат, ниту судовите се „строги“

Клинички центар „Мајка Тереза“ во Скопје

Медицинари во кругот на Клиничкиот центар | Фото:БИРН

Кога вработен во здравството ќе побара пари од пациент надвор од пропишаното со закон, законот ова го препознава како кривично дело. Казните се од 1 до 5 години затвор, ако се бара мито како предуслов за да му се даде здравствената услуга на пациентот, или од 3 месеци до 3 години, кога се бара по „завршена работа“.

Бидејќи ваквото дело тешко се докажува, вообичаената постапка е пациентот да пријави, полицијата да му даде обележани пари, па да го фати „митаџијата“ со нив в џеб.

Проблемот е во тоа што ниту граѓаните пријавуваат од страв дека ќе нема кој да ги лекува, ниту судиите изрекуваат престроги казни, ниту, пак, Лекарската комора одзема лиценци за работа кога ќе се сретне со вакви случаи меѓу својата фела.

Во прилог на ова одат и анкетите, како последната на ИРИ, која покажа дека едвај половина од македонските граѓани имаат каква таква верба во полицијата, а само 17 проценти во судството. Таа покажа и дека корупцијата е многу сериозен проблем во македонското општество, констатација со која се согласуваат дури 72 проценти од граѓаните.

На прсти се бројат кривичните пријави за „примање поткуп“ во здравството во изминатата деценија. Лани полицијата не напишала ниту една. Преклани една, против фармацевт од Клиниката за онкологија, кој бил фатен со обележани 100 евра за да издаде терапија од аптеката на клиниката.

И во судскиот регистар може да се најдат само неколку пресуди поврзани со примање поткуп во здравството. Главно за доктори, кои претходно не биле осудувани, важат за угледни граѓани, па најчесто добиваат условни казни. Односно, осудениот треба да си ги плати судските трошоци, и ако не сака да лежи в затвор, треба да не стори ново кривично дело во рок од неколку години. Затоа, без поголеми реперкусии, докторите си продолжуваат со својата работа и кариера.

Кога познатиот неврохирург и поранешен директор на Клиниката за неврохирургија, Александар Чапароски беше уапсен за примање мито, тој го призна делото, па судот досуди условна затворска казна од една година и двегодишна забрана да биде избран за директор.

Со условна помина и Миле Николоски, хирург од Прилеп, бидејќи земал поткуп за лекување пациент во тамошната болница. Оштетените пријавиле во полиција, а тој бил фатен со обележани 100 евра, па пред судот се бранел дека ги носел за да му ги врати на пациентот.

Многу се ретки случаите во кои за примање поткуп се досудува затвор или забрана за вршење докторска дејност. Тоа се случи во 2011 година, кога за мито од 1.000 евра, трауматологот Ѓорѓи Велковски беше осуден на пет месеци затвор. Една година претходно, за исто дело беше приведен и гинекологот Марјан Стојовски. Случајот се „тегнеше“ со години и мина неколку судски инстанци, за во 2016-та, Апелација да ја потврди двегодишната затворска казна, надградена со една години забрана за вршење дејност.

Но, од Управата за извршување санкции, велат дека и двете лица, досега не биле во затвор.

„Во моментов во нашите установи не се наоѓаат такви лица на издржување казна затвор или мерка притвор, ниту досега биле во казнено-поправните установи“, стои во одговорот до БИРН.

Комората досега не одзела лиценца за поткуп

Лиценците за работа на докторите ги дава и ги одзема Лекарската комора. Забрана за работа може да одреди и судот, па штом во Комората добијат судско известување, треба да постапат по него и трајно или привремено да ја одземат лиценцата на осудениот доктор.

Тоа ретко се случува, и никогаш кога се работи за мито.

„Примањето, како и давањето мито се кривични дела по кои постапуваат соодветни истражни и судски органи. Доколку постои судска пресуда за примање мито и во неа е предвидена и забрана за вршење дејност, тогаш Комората ќе може да поведе постапка пред нејзините органи и тела. Досега ваков случај не е доставен во Комората“, посочуваат оттаму за БИРН.

„Лекарот не смее да прифаќа или да бара награди надвор од утврдените одредби за хонорари“, предвидува Кодексот на медицинската деонтологија, кој пред три децении беше усвоен од Комората.

И не само за поткуп, судски известувања ретко добиваат, па, според нивната статистика, во изминатите пет години, со судска одлука одзеле само две лиценци за стручен пропуст во работењето. И двете се од годинава.

Ним законот им дава можност и сами да одземаат лиценци, кога се кршат етичките кодекси на професијата, како кога лани експресно одзедоа лиценца на анестезиолог, кој објави тикток-видео од Интензивна нега во тетовската болница. Ова право комората не го користи во случаите за примање мито, каде што се потпира исклучиво на известувањата од судот.

Корупција во здравството меѓу најголемите проблеми на граѓаните

ЈЗУ Градска општа болница „8-ми септември „Скопје“

Сандаче за пофалби и поплаки во Градската болница „8-ми Септември“ | Фото:БИРН

Ако пациентот од внатрешноста на земјава ни кажа дека дал мито на докторот од страв дека ќе нема кој да го лекува, друг жител од главниот град, со барање да остане анонимен, за БИРН вели дека тоа го сторил поради долгата листа за чекање операција на една од скопските клиники.

Дијагнозата ја добил пред повеќе од две години, кога хирургот му соопштил дека операцијата ќе биде решение за долгогодишниот проблем, кој се влошувал, но и дека ќе мора да почека, бидејќи не се работи за животозагрижувачка состојба. Скопјанецот се согласил и чекал.

Не помогнале ни „врските“ кај друг доктор, кој се откажал да го земе како пациент штом слушнал дека веќе е на „листа на чекање“ кај негов колега.

„Мора да платиш“, го посоветувал еден познаник, од кој во случаен разговор дознал дека тој веќе се оперирал кај истиот хирург, а „работата“ ја забрзал со давање пари.

Поучен од него, скопјанецот договорил консултација во канцеларијата на хирургот, каде што самиот му дал мито, во надеж дека и за него ќе се најде термин за операција во јавното здравство.

Дел од ваквите проблеми се нотирани во студијата на Институтот за демократија (ИДСЦС), направена на крајот на 2022 година, која покажа дека пречките до пристап до здравствената нега може да резултираат со ризик од корупција, „бидејќи ги поттикнуваат пациентите да го најдат најбрзото и најевтино решение за да ги премостат.“

Поттик за студијата, била анкетата на Националниот демократски институт (НДИ) од 2021 година, во која здравствениот сектор бил посочен како најголем извор на „ситна корупција“ во земјава. Студијата покажа дека со корупција се соочиле четири проценти од испитаниците, кои побарале услуга во двете болници во кои се работело истражувањето, Градската општа болница „8-ми Септември“ во Скопје и Клиничкиот центар во Тетово.

Студијата, исто така, открива дека поголема е веројатноста да им биде побарано мито на посиромашните граѓани, кои се и најпогодени, бидејќи се барала сума што стигнува и до повеќе од половината на една просечна плата.

Директорот на Градската општа болница, Кристијан Костов, кој со неа раководи од 2017 година, вели дека досега до нив не стигнала поплака дека некому во нивната болница му било побарано мито. Објаснува дека нудат можност и за анонимно пријавување, во кутиите за „фалби и поплаки“ поставени на неколку места низ болницата.

„Колку што знам, досега за поткуп и мито пријави нема“, отсечно вели Костов.

Непосредно пред тој да дојде на директорското место, полицијата поднесе кривична пријава против болничар во „8-ми Септември“, кој побарал и примил 300 евра поткуп, за да стави 66-годишен пациент, прв на листата за операција. Случајот во полиција го пријавил неговиот син, па болничарот е фатен со обележаните банкноти, кои му биле предадени во угостителски објект.

Против мито со повисоки плати

Универзитетски клинички центар „Мајка Тереза“

Влез во Клиничкиот центар во Скопје | Фото:БИРН

Здравствените работници обично избегнуваат да зборуваат на оваа тема. Во ретките јавни излагања, нивните синдикални лидери признаваат дека корупцијата е присутна во секторот, а спасот го гледаат во повисоки плати.

На неодамнешната синдикална конференција, како што пренесе МИА, Предраг Серафимовски, претседател на Синдикатот на Клиничкиот центар, изјави дека корупцијата е општоприфатена норма во македонското општество.

„Во приватното здравство, каде што платите се далеку поголеми, постои тенденција граѓанинот, за да заврши работа за добро на своето или здравјето на фамилијата, сака да го почести докторот. Но, така е и во јавното здравство, тоа ни е веројатно во генот. Која било партија да е на власт, прво треба да се зголемат платите во здравството, инаку залудно е сѐ“, смета синдикалецот.

Во меѓувреме, граѓаните што немаат пари да се лекуваат на приватно, митото го гледаат како единствен излез. Не пријавуваат, затоа што не веруваат дека ќе се промени нешто. Исто како што не пријави и нашиот соговорник од внатрешноста на земјава, кој беше меѓу ретките што остави свој контакт на прашалникот на БИРН.

„Тие (докторите н.з.) се заштитени бели мечки. Нема кај да се жалиш, од нив зависиш. До кај ќе одиме вака, не знам, само тонеме надолу“, со недоверба вели тој.