Актуелно

Познати имиња во трка за АВМУ и за МРТ

Членовите на Советот на АВМУ ќе се бираат слично како членовите на Антикорупциска | Фото: Роберт Атанасовски

Десетина познати новинари и медиумски работници, неколку професори и двајца поранешни лустратори се дел од вкупно 28 лица што се пријавиле на конкурсот за седумте места во новиот состав на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, дознава БИРН.

Овој состав на Советот, за првпат ќе се избира по нови правила пропишани со законските измени, за кои власта се надева дека ќе придонесат агенцијата да прерасне во вистински регулатор на медиумскиот бизнис.

Од новинарската фела, кандидати се поранешниот претседател на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Насер Селмани, уредничката на телевизија Телма, Сања Васиќ, новинарот Љубиша Николовски, уредникот на радиоемисијата Стадион на Канал 77 радио, Стојанче Наумов – Столе, како и уредникот на Алфа ТВ Љупчо Цветановски, некогашниот директор на ТВ Канал 5+ и претседател на поранешното еснафското здружение на национални телевизии АПЕММ, Виктор Грозданов, како и сопственикот на порталот Фактор, Александар Манев.

Меѓу листата од помалку познати правници и економисти, се наоѓаат имињата на двајца долгогодишни новинари, кои јавноста ги знае и како членови на некогашната Лустрациска комисија, Шпенд Винца и Даут Даути.

Актуелниот член на Советот на АМВУ, новинарот Зоран Фиданоски повторно се кандидирал, а од моменталниот состав пак се кандидирале и Лазо Петрушевски, електроинженер од Скопје и новинарот и уредник од Куманово, Селвер Ајдини.

Кандидати се и медиумските експерти Климе Бабунски, Снежана Трпевска и Сефер Тахири.

Најголемата новина што ја носат законските измени е начинот на кој се избираат седумте члена на Советот на агенцијата.

Ако досега кандидатите ги предлага посебни институции како мнозинското новинарско здружение, во случајов ЗНМ, Адвокатската комора, ЗЕЛС или Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), сега членовите самите може да се кандидираат на јавен конкурс откако ќе добијат писмена поддршка од некои од следниве организации:
ЗНМ, новинарскиот синдикат, две здруженија од медиумскиот сектор или од два факултета кои имаат студиски програми од областа на комуникологијата, новинарството, културата, економијата или правото.

Кандидатите ќе бидат подложени на јавна расправа за која има општ консензус во Собранието да биде изведена на сличен начин како што се избираа членовите на Антикорупциската комисија.

Овојпат, за разлика од претходно, членовите по јавната расправа ќе бидат избирани со двотретинско мнозинство во Парламентот.

Значајна промена е што сега членовите ќе бидат професионално ангажирани. Мандатот ќе им се намали од седум на пет години, но за разлика од претходно, сега ќе имаат шанса повторно да се кандидираат.

Надлежностите на Советот се големи во сферата на електронските медиуми.

Советот распишува конкурс за дозвола за телевизии и радија, ја продолжува дозволата и може да ја одземе доколку постојат услови за тоа, понатаму Советот е тој што дозволува промена на сопственичката структура на телевизиите или радијата, внимава дали се прекршуваат авторските и сродните права и меѓу другото го избира директорот на агенцијата.

Познати новинари заинтересирани и за Програмскиот совет на МРТ

Програмскиот совет на МРТ е најважното тело на јавниот сервис | Фото: БИРН

Познати новинари се кандидирале и за членови на Програмскиот совет на Македонската радио-телевизија (МРТ), кои треба да се изберат на идентичен начин и паралелно со членовите на Советот на АВМУ.

Има 19 претенденти за 13-те места во програмскиот совет.

Меѓу кандидатите се уредникот на порталот „Сакам да кажам“ и основач на весникот „Вест“, Горан Михајловски, новинарката и поранешна дописничка за Франс прес од државава, Јасмина Миронски, нивниот повозрасен колега од Охрид, Веле Митаноски, кој во еден период беше и пратеник во македонското Собрание, и Бране Стефановски, најпознат по својата работа како новинар токму во МРТ.

„Иако никогаш не сум работел во телевизија, сепак мислам дека искуството што го имам во новинарството може да придонесе да ја подобриме ситуацијата во Македонската радио-телевизија“, вели за БИРН, Горан Михајловски. 

Дури шестмина од актуелниот состав на советот повторно се кандидирале за членство во ова тело. Тоа се Смилка Јанеска Саркањац, Ведат Мемедали, Керим Селпин, Ристе Панов, Илир Рамадани и Гајур Рамадани.

Меѓу новите кандидати е и историчарот на уметноста, Златко Теодосиевски, кој во деведесеттите години беше и заменик-министер за култура.

„Срамота е колку на Македонската радио-телевизија и на другите електронски медиуми се потценети културата и образованието. Според тоа, излегува дека ние немаме култура. Мислам дека можам да помогнам да се смени таа ситуација, а сум работел за телевизија и имам искуство во таа сфера. Затоа и се кандидирав“, вели Теодосиевски за БИРН. 

Програмскиот совет на МРТ е најважното тело на јавниот сервис.

Тој ги избира и ги разрешува директорот на МРТ и неговиот заменик, дава согласност за именување или разрешување на уредникот на јавниот сервис, го избира Надзорниот одбор, ги следи коментарите и укажувањата на публиката и дури може писмено да побара прекинување на програмата доколку куќата не ги исполнува програмските обврски и стандарди.

Пробиени рокови

Роковите се пробиени при изборот на членовите и на двете тела. 

Законот предвидува јавната расправа да се организира еден месец по крајниот рок од конкурсот, кој помина на 15 февруари годинава. Тоа значи дека јавната расправа и изборот на членовите до сега требаше да бидат завршени, меѓутоа поради претседателските избори тие беа одложени.

Сепак, поминати се повеќе месеци и нема никаква најава зошто собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата не ја свикува јавната расправа. 

Нејзиниот претседател и пратеник Илија Димовски не беше достапен да го прашаме кога планира да го почне процесот за избор на луѓето што ќе ги сочинуваат Советот на АВМУ и Програмскиот совет на МРТ.

Неофицијално се дознава дека е планирано јавната расправа да наликува на онаа кога се избираше Антикорупциската комисија, со таа разлика што овојпат претставниците на невладините организации само ќе ја следат расправата, но нема да може да поставуваат прашања за кандидатите. Наводно само членовите на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата ќе можат да поставуваат прашања.

БИРН разговараше со неколку од кандидатите и никој од нив нема повратна информација кога би почнала јавната расправа, која е предуслов за изборот, и не знаат зошто целиот процес се одолжува.