Регион

520 километри пеш до Сребреница

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Дел од активистите, кои на својот пат од Дубровник до Сребреница, сопреа во Мостар. Фото: Нихад Алиќ

Младен Лакиќ | Сараево | БИРН

Група од 12 луѓе, повеќето хрватски државјани, пристигнаа вчера во Олово, мал град на 50 километри североисточно од Сараево, кој се наоѓа на нивниот пат, долг 520 километри, што тие од Дубровник, пеш ќе го поминат до Меморијалниот центар Поточари, за да присуствуваат на одбележувањето на годишнината од масакрите извршени во 1995 година.

„Сакаме да им оддадеме почит на убиените, но и да испратиме порака дека не смееме да дозволиме такво нешто повторно да се случи”, изјави за БИРН, Нихад Алиќ, еден од активистите.

Алиќ е дел од мировната група „Чекори на мирот“ од Оџак, град во северниот дел на БиХ. Тој истакнува дека за ова дело, биле инспирирани од маршот што во спомен на жртвите од Сребреница, се одржува секоја година во Дубровник.

„Заменикот градоначалник на Дубровник ја поддржа оваа идеја, како и исламската заедница во Дубровник, а и локалните заедници кои се наоѓаат на нашиот пат”, додаде тој.

Како што истакна, во текот на маршот,оваа група ќе посети разни места во кои за време на војната во БиХ, 1992-1995, биле извршени масовни убиства.

Денеска, уште една група од Зеница тргна на мировен марш кон Сребреница.

Според извештаите на медиумите, се работи за група од десет лица, главно поранешни припадници на Армијата на БиХ.

И двете групи на крајот ќе се им се приклучат на учесниците на тродневниот, 110 километри долг, Мировен марш, кој започнува на 8-ми јули, кон Меморијалниот центар Поточари кај Сребреница.

Учесниците на Мировниот марш ќе одат по патот по кој оделе 15.000 бошњачки мажи и момчиња, кои бегале од Сребреница, кога во јули 1995 година овој град паднал во рацете на Војската на Република Српска.

Според судските пресуди, откако Сребреница била освоена, силите на босанските Срби убиле повеќе од 7.000 мажи и момчиња, Бошњаци.

Институтот за исчезнати лица на БиХ, објави дека сè уште се трага по околу 1.000 жртви.

Поранешниот претседател на Република Српска, Радован Караџиќ, во март оваа година, за воени злосторства,меѓу кои и за геноцидот во Сребреница, беше осуден на казна доживотен затвор.

Сепак, властите на Република Српска и српската влада, не прифаќаат дека масакрите претставуваат геноцид, и покрај пресудите на меѓународните судови.